Кога природата станува бизнис, активистите се прва мета на напад

26 ноември 2025

Еко-активистите сè почесто се соочуваат со координирани кампањи за нивна дискредитација, поткопување на легитимноста и нарушување на јавната доверба.

Содржина

Во последните години, еколошкиот активизам прерасна во една од најгласните форми на граѓански отпор во земјите од Западниот Балкан. Преку протестите за загаден воздух, изградба на хидроцентрали, отворање рудници и уништување на реките, активистите станаа видливи актери во јавната дебата за заштита на природата. Но, паралелно, како се зголемуваше доверба во нивната работа, растеше и отпорот од одредени центри на моќ. Еко-активистите сè почесто се соочуваат со координирани кампањи за нивна дискредитација, поткопување на легитимноста и нарушување на јавната доверба.

Нападите доаѓаат од различни извори, но постојат неколку клучни заеднички точки: секогаш се оркестрирани со поддршка од локални медиуми, секогаш се директно или индиректно поддржани од властите и секогаш се насочени лично кон еко-активистите, а не кон нивните идеолошки пораки. На социјалните мрежи и во дел од медиумите, еко-активистите се прикажуваат како „странски платеници“ или „агенти на западни интереси“, наративи што ги шират политички или корпоративни структури. Често се тврди дека се и против националните интереси, а заштитата на животната средина се претставува како пречка за развојот на државата. Како последица на ова, критичките гласови замолчуваат, а проблемите со кои се соочува животната средина остануваат во сенка.


Класичен пример се последните напади врз активистите кои протестираа против изградбата на мали хидроцентрали на реката Дошница во Македонија. Особено по посетата на активистката Грета Тунберг која ги поддржа протестите, тие беа нарекувани странски извршители, а протестите за заштита на реката и природата – дека се нарачани од странство.

  • Еко-активизмот во Западен Балкан се разви како облик на граѓански отпор против проекти што ја загрозуваат животната средина.
  • Активистите се дискредитираат како „странски платеници“ преку медиуми, социјални мрежи и закани.
  • Зад нападите стојат политички и економски интереси, особено кога се блокираат штетни проекти.
  • Недоволната реакција на институциите создава амбиент на страв и неказнивост.
  • Поддршката од граѓаните, независните медиуми и регионалните активисти е клучна за продолжување на борбата.
koga prirodata stanuva biznis aktivistite se prva meta na napad 1
Посетата на активистката Грета Тунберг летово иницираше етикетирање на еко-активистите како странски платеници

Слични наративи се шират и во Србија и во Црна Гора каде се води агресивната кампања  против еко-активистите дека „одработуваат за западната агенда“. Тие се третирани како „непријатели на државата“, се приведуваа, во нивните домови се вршеа претреси, се  следеа и се заплашуваа.

Овие тактики на замолчување на активистите следат „ист шаблон“: прво се напаѓа кредибилитетот на активистите, се пласира приказната дека тие се против националниот интерес, а на крај се активираат медиуми и јавни говорници кои го шират истиот наратив.

Еколошките активисти како мета

Кампањата која се водеше против еко активистите во Црна Гора дека се промотори на „туѓи интереси“  неодамна кулуминираше во повик за брутална пресметка со нив. Претседател на една од партиите на власт, Демократската народна партија, Милан Кнежевиќ од јавен собир повика да се истурат фекалии пред домот на познатиот еколошки активист Александар Драгичевиќ ако тој и натаму ја поддржува изградбата на колектор за пречистување на отпадни води, проект кој во најголем дел е финансиран од ЕУ.

„И ќе ги истуриме, па нека дише ако е здраво и нека ги преработува ако е тоа здраво“, изјави политичарот. На истиот настан, Кнежевиќ го навредуваше Драгичевиќ, нарекувајќи го платеник и обвинувајќи го дека работи против националните интереси. „Во таа прилика ме нарекуваше со погрдни имиња, ме обвинуваше дека земам пари од некои имагинарни ентитети, никогаш не кажувајќи од кого, од која држава, кој инвеститор, и така нè изложуваат на постојани напади. Оваа кампања која тие многу неуспешно ја водат последниве неколку години има за цел, она што е здраворазумско, да го претворат во нешто спротивно, да нè исклучат од општеството, да ни нацртаат мета и да ни стават етикета дека сме непријатели и некои кои зборуваат невистини“, вели Драгичевиќ.

За дискредитирање на активистите се користат најразлични тактики и методи чија цел е да го поткопаат нивниот кредибилитет и да го отежнат нивното делување. Активистите се соочуваат со ширење дезинформации, полициски притисоци, заплашување, па дури и хакерски напади. Не ретко, на протестите кои ги организираат еколошките групи, се појавуваат инфилтрирани лица чија задача е да предизвикаат инициденти и да креираат слика дека протестите се насилни или неконтролирани. Голем дел од овие притисоци, како што сведочи, лично ги почувствувал еко-активистот Горјан Јовановски, кој пред десетина години ја лансираше апликацијата „Мој воздух“ – алатка која го прикажува квалитетот на воздухот во реално време и која значително ја подигна свеста за загадувањето на воздухот. Јовановски  постојано се соочувал со обвинувања дека работи во интерес на„странски држави  или локални бизнисмени“, кои наводно го финансираат за да предизвика дестабилизиција. При тоа, како што вели, бил поврзуван со различни земји – еден ден со Америка, друг ден со Кина, Русија или Јужна Африка.

„Кога првпат ја креирав апликацијата Мој воздух и откако ја објавив, кога обелоденивме колку навистина е загаден воздухот во Скопје, веќе се случи првиот координиран напад што дојде од страна на Владата, од страна на тогашните министри кои излегоа на телевизија и велеа: ‘Не му верувајте на Горјан, не ѝ верувајте на апликацијата’,  а сите информации беа директно од самото министерство. Имавме дури и хибридни напади, каде и ‘Мој воздух’ беше нападната од страна на ИТ- професионалци или луѓе што се разбираат. Така што, нападите доаѓаат од сите страни, бидејќи на нас како еко- активисти се гледа како на некоја закана, како на некој непријател кој нешто пробува да измислува“, го раскажува Јовановски своето искуство.

foto 2
Протестите против загадувањето од Вардариште годинава беа причина за говор на омраза на социјалните мрежи против еко-активистите 

Формите на притисок врз еко-активистите се различни, но најчесто зад нив стојат јасни интереси – било политички или економски. Кога активистите блокираат спорни урбанистички планови или ги спречуваат проектите што можат да му наштетат на јавниот простор, нападите обично се интензивираат и добиваат организиран карактер.

Ние кога влегуваме во конфликт со одредени политички напади, тоа е бидејќи попречуваме некој кој сака да оствари некаков економски интерес. Ние како Зелен Хуман Град спречивме градење на висококатници во Влае каде што поништивме еден регулациски план во Град Скопје и не дозволивме да се уништи зеленило, да се уништи парк, да се уништи дел од школски двор за да се издигнат висококатници. Нормално дека и во тој период имавме напади, дури и на еден од протестите на локална екоорганизација беа испратени луѓе да прават проблеми, да викаат, да се караат, да се закануваат на присутните, што значи дека прејде од дигитално насилство кон дури и физичко насилство на таа тема“, вели Јовановски. 

Колку ваквите навреди и да се бесмислени, тие се шират и тоа посeбно кога има еко- протести. Тоа се случи и на последните демонстрации и блокади против изградбата на две мини хидроцентрали на реката Дошница. Граѓаните кои не дозволуваа уништување на реката и природата, беа нарекувани со погрдни зборови, имаше говор на омраза, стереотипи и дезинформации.

Ваквите навреди се проширија особено по посетата на шведската еко-активистка Грета Тунберг која дојде да даде поддшка на демонстрантите. На социјалните мрежи особено на Фејсбук, Инстаграм и Икс се појавија бројни коментари, дека активистите биле платени од странски држави пред сè од САД, за да протестираат, дека се„странски платеници“, „безработници кои денгубат“ или дека се „неизбањати секташи“. Истиот шаблон претходно се примени и врз активистите кои протестираа против отворање на рудникот Иловица-Штука.Тие беа нарекувани лажни активисти и манипуланти, кои, ширејќи лажен страв по здравјето на граѓаните одработувале за интересите на Русија. И додека активистите тврдеа дека рудникот засекогаш ќе ја контаминира плодната земја во струмичко, дел од медиумите ширеа тврдења и ги обвинуваа дека се кочничари на развојот на државата зашто не дозволувале отворање на рудникот.


Освен навреди и омаловажување на социјалните мрежи, активистите на О2 Иницијативата сведочат и за други форми на притисок. Тие добивале директни закани по електронска пошта, телефонски повици, дури биле и следени на јавни настани. Во некои случаи, непознати лица ги фотографирале на протести или ги следеле до домовите, што кај многумина предизвикало чувство на страв.

„Имало ситуации кога наши членки биле изложени на поинаков тип на тортура и телефонски, со следење и со закани. Буквално сите варијанти сме ги виделе, за жал сме ги искусиле, класични закани што ги гледаме по филмовите. И не завршуваат со некакво позитивно решение, едноставно сами од себе како што тргнуваат, така и прекинуваат“, вели Ели Пешева, од О2 Иницијативата.

На активистка на О2 телефонски и се заканувале дека ќе и ја силуваат ќерката ако не престане со протестите против изградбата на зградата кај Воената болница во Скопје.

Заканите биле пријавени во полиција, но јавувачот останал непознат, а случајот не доби разрешница. Како и во најголемиот број случаи поврзани со говор на омраза, ширење лаги, навреди и клевети, институциите остануваат неми.

koga prirodata stanuva biznis aktivistite se prva meta na napad 3
Најголемите закани, активистките на О2 Иницијатива ги добиле по протестите за изградбата на џиновското здание кај Воена болница

Ваквата неказнивост создава амбиент во кој говорот на омраза станува секојдневие, а навредите и прогонот против активистите често не остануваат само на Интернет. Ова ги демотивира и самите активисти кои не ги пријавуваат сите напади во полиција, туку само кога навистина ќе се почувствуваат загрозено.

„Кога ја преминува границата и сметаме дека ни е загрозена и безбедноста, во тој случај сме пријавувале и во МВР, безуспешно, бидејќи со сајбер криминалот и со справувањето со него не сме баш многу на јасно каде стоиме. Но, сме имале ситуација каде навистина било оркестрирано и било многу интензивно. Нѐ повикаа во некои од клучните амбасади кои се во нашата држава за да ни ддадат пооддршка, па претпоставувам дека притисокот од амбасадите кон институциите бил исто така прилично силен, бидејќи после тие средби тој тип на напади прекина, вели Пешева.

И Јовановски смета дека без соодветна реакција  од полицијата и правосудните органи заканите ќе станат нормална работа.

„Доколку не се вклучат органите за прогон, доколку не се вклучи обвинителството и МВР во заштита на секој што добива закани, без разлика дали е активист, тогаш дозволуваме да имаме општество каде што заканите ќе станат нормална работа, каде што секој ќе може да каже што сака и да прави што сака, за да создаде притисок врз одредена група, што ќе нè врати назад во времето каде што не сакаме да бидеме“, вели тој.

Пропаганда и филмско оцрнување на српските активисти

Кога заканите насочени кон еко-активистите не се расчистуваат и не се санкционираат, праксата покажува дека притисокот може многу брзо да прерасне во реален ризик по нивната  безбедност, но и по безбедноста на ѓраѓаните кои јавно зборуваат за проблемите со животната средина. 

Токму ваков развој на настаните имаше во Србија, каде по масовните протести против отворање на рудникот за литиум на компанијата „Рио Тинто“ еруптираше говорот на омраза насочен кон активистите. Активистите, граѓаните и експертите кои предупредуваа дека последиците од отворањето на рудникот би можеле да бидат катастрофални, беа нарекувани „распадната банда“ кукавици и лажговци, усташи и странски платеници. Во различни моменти беа обвинувани дека работат за Русија, а другпат дека се соработници на косовскиот премиер Албин Курти. Меѓутоа, хајката против активистите не заврши само со онлајн напади и медиумски етикетирања. Тие беа апсени и приведувани, нивните домови беа претресувани, им беа одземени телефоните и компјутерите. Беа употребени сите можни методи на заплашување.

koga prirodata stanuva biznis aktivistite se prva meta na napad 4
Протестите против отворање на рудникот Јадар поттикнаа бран говор на омраза кон еко-активистите (Извор фото: nova.rs)

Адвокатката Сара ел-Сараг, која често ги застапува активистите, објаснува дека голем дел од тужбите кои биле најавени против активистите се средство за заплашување, а не служат за вистинско решавање на судски спорови.

„Во изминатите години имавме протести и повици преку социјалните мрежи за јавни собири поврзани со ‘Рио Тинто’. Меѓутоа се случуваше, на администраторите на тие групи, односно профилите кои повикуваа на јавни собири, а што е уставно-загарантирано право да им бидат вршени претреси во домовите, им беа одземани телефоните и лап топ компјутерите, и потоа беа повикувани во БИА на „пријателски разговори“. До сега нема епилог, нема подигнати обвиненија, нема ништо. Мислам дека тоа беше обид за застрашување на активистите“, вели адвокатката ел-Сараг.

Но, притисоците не успеаја. Додека властите и провладините медиуми ширеа омраза и лаги за активистите, нивните протести стануваа помасовни – се организираа блокади наавтопатиштата, спиеја под ведро небо во знак на отпор, а се покренаа и петиции со десетици илјади потписи.

Тогаш се премина на друг метод за нивна дискфалификација – тие да се оцрнат и на филмското платно и да се прикажат за неуки и платеници.

Филмот „Not in my country: Serbia’s lithium dilemma“ („Не во мојата земја: Литиумската дилема на Србија“) во режија на Петер Том Џонс од истражувачкиот институт KU Leuven  предизвика големи контроверзи, зашто според активистите тој се фокусира само на аргументи што му одат во прилог на „Рио Тинто“, додека загриженоста за животната средина, здравјето и населението е минимизирана или игнорирана. Филмот беше прикажан  и во Европскиот парламент, што предизвика исто така негодување , особено поради ставот што го делат голем број на граѓани дека ЕУ по секоја цена го сака литиумот од Србија.

Со години наназад, еколошките активисти, граѓаните и експертите заедно се борат против изградбата на рудникот за литиум во долината на реката Јадар, во близина на Лозница, каде што е  откриена руда – јадарит, која содржи бор и литиум и по тоа е единствена во светот. Рудникот планира да го отвори компанијата „Рио Тинто“, светски познат гигант – не само по рударството, туку и по бројни скандали.

koga prirodata stanuva biznis aktivistite se prva meta na napad 5

Група од осум српски научници и универзитетски професори минатата година објавија истражување во престижното списание на групата „Nature“, за штетноста од отворањето на рудникот за литиум. Истражувањето покажа дека илјадници земјоделци би останале без работа, а  повеќе од 800 хектари земјиште би било уништено уште на самиот почеток на рударските активности. Плодната земја, по која е познат овој крај, би била целосно уништена, а би било загрозено и водоснабдувањето за 2,5 милиони граѓани. Високото ниво на штетни материи би предизвикало сериозни заболувања на желудникот, црниот дроб, бубрезите и мозокот, кои би можеле да имаат фатални последици за локалното население.

Еколошкиот активист Небојша Петковиќ кој неколупати беше приведуван и апсен како предводник на протестите, вели дека тој и неговите соборци се прикажани како необразовани луѓе, русофили и дивјаци. Најконтроверзна сцена во филмот е средбата на режисерот на филмот со наводно „случајна минувачка“, која вели дека општо е познат  дека активистите се добро платени за да се спротистават на проектот „Јадар“. Истата жена веќе еднаш е тужена за изнесени лаги. Познатиот еко-активист Златко Кокановиќ, ја тужел за ширење лаги за него и добил пресуда во негова корист.

Во филмот речиси и да нема српски експерти, освен д-р Драгана Ѓорѓевиќ, научна соработничка на Институтот за хемија, која во филмот ја има со едвај неколку реченици.

Притисокот не попушта ниту со промена на владеачките гарнитури. Дарко Савељиќ кој е водач на еколошкиот активизам во Црна Гора и предводеше бројни протести против загадувањето, неконтролираното градење и распродажбата на ресурсите за време на тридецениското владеење на Демократската партија на социјалистите (ДПС), судски е гонет најмалку 20 пати, но ниту по воспоставувањето на новата власт во 2020 година, ситуацијата во тој поглед не се промени.

Наративот кој се шири против активистите е дека се против националните интереси, а заштитата на животната средина се претставува како пречка во развојот, иако всушност се работи за лукративни интереси на поединци блиски до власта кои сакаат да профитираат на штета на природата. Единствена надеж тој гледа во зачленувањето во ЕУ.


Нападите и дезинформациите кон еко-активистите се шират во најразлични форми на социјалните мрежи, најчесто од анонимни профили на Икс, но нивниот извор речиси секогаш може да се поврзе со власта – директно преку владини функционери, анононимни партиски ботови, поддржувачи, но и преку инвеститори со политички врски или медиуми кои се мегафони на власта. Нападот почнува веднаш кога јавно ќе сее каже дека одговорните потфрлиле, дека не си ја завршиле работата, велат активистите.

Тие се исклучиво политички кругови кај нас кои што во моментот кога ќе им кажеш дека не си ја вршат работата како што треба, кога ќе оспориш некоја одлука која што ја направиле во тој прв момент затоа што ние не знаеме како луѓе да прифатиме критика. Посебно кога јас решив да се кандидирам за локални избори и да станам независен советник во Град Скопје. Еве до денденес се обидуваат да најдат патерн, па да ја докажат таа коалиција која упорно зборат дека некогаш постоела“, вели Јовановски. 

Заплашувањата и притисоците значително се интензивираат во клучни моменти: пред одржување на јавни расправи, избори или протести, а посебно кога активистите ќе успеат да „изјаловат некој план“.

„Нападите почнуваат тогаш кога сме многу блиску до правење сериозни промени. Значи, кога им се пореметува некаков план или некакви проекти или нешто што е зацртано, па ќе предизвика бранови, а тоа нема да одговара на имиџот на оние кои се на власт во тој момент. Бидеќи, она што ние го работиме, најчесто се однесува на законски измени, амандмани, работа во Собрание, спроведување или неспроведување на законската регулатива. И кога ќе укажеме на тоа,  а секојпат го правиме со факти и со анализи, и нема што тука да се спротистави како контра анализа, почнува најчесто тајфун од навреди за да нè омаловажат нас лично, но и нашата работа“, вели Пешева.

Разобличувањето на нарачателите на нападите во Црна Гора води до проруски и просрпски медиуми кои го шират наративот на политичарите дека активистите делуваат против интересите на државата, религијата и конзервативните вредности. Драгичевиќ вели дека по војната во Украина, се засилиле координираните акции за замолчување на критичките гласови.

„Војната во Украина промени сè. Одеднаш имаме голема кампања на дезинформации со руски и проруски наративи кога станува збор за еколошките и сите други активисти во Црна Гора — а тоа е дека ја промовираат западната агенда, дека се платени од странски служби или корпорации, се борат против интересите на државата, религијата и конзервативните вредности. Целата таа кампања која дојде од исток амплифицирана е и засилена од мрежа на ботови, мемиња, провладини и проруски, просрпски медиуми во Црна Гора, а потоа и со изјави на политичари кои нè обвинуваа дека сме непријатели, дека работиме против државата, дека сме тука за странски интереси, а потоа предложија и закони кои се инспирирани од Русија и Унгарија — закони за агенти на странско влијание, со кои сакаа целосно да ја задушат слободата на говорот и граѓанското општество, а некои од главните мети бевме ние, еколошките активисти“, вели црногорскиот активист Драгичевиќ.

Клучна е поддршката од локалното население, медиумите и од соборците од регионот

Во борбата против дезинформациите и обидите за дискредитација на еко-активистите, поддршката од локалното население и независните медиуми се покажаа како најсилниот штит од напади. Кога заедницата стои зад нив, солидарноста и отпорот се поголеми. Во многу градови низ земјава – Гевгелија, Валандово, Струмица, Тетово, Скопје – токму граѓаните беа тие што застанаа на првата линија на одбрана, организирајќи собири, јавни расправи и враќајќи ја довербата во локалниот активизам. Слични примери гледаме и во Србија и Црна Гора, каде проблемите со животната средина станаа приоритетни токму кога добија широка јавна поддршка. Во судирот со политичко-бизнис интересите, единството и регионалната солидарност меѓу активистите се покажуваат како клучни.

koga prirodata stanuva biznis aktivistite se prva meta na napad 6
Со денови граѓаните протестираа заедно со еко-активистите за загадувањето од Вардариште (Извор фото: ЗХГ)

Тоа заедништво е важно и затоа што, и покрај притисоците, заканите и дезинформациите, стратегиите на заплашување и обиди за замолчување насочени кон еко-активистите не смеат да бидат причина борбата да запре. Напротив, битката за заштита на природата и за одржливо живеење е уште поважна во општества каде министерствата и институциите задолжени за животна средина се нефункционални или неспособни да го заштитат природното богатство.

„Не смееме да се откажеме, бидејќи, на некој начин, ние сме последен фронт. Гледаме комплетна нефукционалност на државните институции. Граѓаните како волонтери се обидуваат да го одбранат тоа што може да се одбрани од нашево природно богатство со кое цело време се фалиме дека го имаме, а во исто време сакаме да го уништуваме. Мора да продолжи борбата, мора да има нови сили, но во исто време мора да има системска промена“, истакнува Јовановски. 

Но, и покрај пропагандата која остава длабоки последици – го поткопува кредибилитетот на овие движења и ја збунува јавноста, еко-активистите забележуваат промена на свеста на граѓаните за загадениот воздух, водата, почвата. Тоа ги охрабрува да продолжат наспроти сите обиди за заплашување.

Можам да кажам од лично искуство дека многу работи се менуваат, се менуваат на подобро. Се менуваат многу побавно од тоа што сме очекувале или од тоа што го посакуваме, но тоа не значи дека е недостижно“, вели Пешева.

Примерите од Македонија, Србија и Црна Гора во оваа анализа на ДОМА покажуваат дека еколошките активисти стануваат една од главните мети на координирани кампањи за дискредитација и притисок, наместо нивните предупредувања за уништување на природата да бидат сфатени како јавен интерес. Ваквите наративи создаваат опасна атмосфера на страв, а неказнивоста ги охрабрува напаѓачите. Но, исто така, искуствата од регионот покажуваат дека и покрај притисоците, активистите продолжуваат да се борат, но нивната безбедност и слобода на изразување зависат од тоа дали институциите ќе почнат навремено и одлучно да реагираат. Во спротивно, ризикот критичките гласови да бидат замолчени, а штетните проекти да поминат незабележано, станува сериозен и реален.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Соња Петрушевска Поповска, Бјанка Станковиќ, Александра Мудреша, Дуња Мариќ

Сниматели: Наке Батев, Слаѓан Фатиќ

Фотографии: Наке Батев, nova.rs

Поврзани стории

Илузија на чист воздух: Како политичарите манипулираат со загадувањето

    Поврзани приказни