- Околу 30% од обработливото земјиште во Македонија стои неискористено, а дел од него се користи за недозволени цели – депонии, магацини, градежни парцели – наместо за земјоделие.
- Во последните 10 години се склучени над 6.900 договори за закуп, а во изминатите 11 месеци државата вратила под свое 3.000 хектари поради злоупотреби.
- Необработената почва страда од ерозија, губење хумус, појава на инвазивна вегетација и деградација на водниот режим, што води до трајна загуба на агроеколошкиот потенцијал и потреба од скапи интервенции за обнова.
- Постои спрега меѓу злоупотреби и неефикасни институции, а некои земјишта добиваат статус на земјоделски само на хартија, додека во реалност се користат за урбани или деловни цели.
- Министерството најавува нов закон и програми со приоритет за млади земјоделци, со цел да се искористи неискористеното земјиште и да се внесе нова енергија во руралните средини.
Додека македонските граѓани плаќаат сè поскапа храна на пазарите, илјадници хектари државно земјиште мируваат – или уште полошо, се користат за цели што немаат врска со земјоделство. Во последните години, државата сè почесто е сведок на сценарија каде што „земјоделци“ добиваат нива, земаат субвенции, а потоа местото го претвораат во депонија, градежна парцела или – едноставно – го препродаваат под маса.
Земјата која треба да го храни населението – храни нечии бизнис – апетити.
Инспекција со врзани раце
Одржливото управување со природните ресурси е клучно за заштита на животната средина, економска стабилност и праведна распределба, бидејќи овозможува нивна долгорочна употреба, ја зголемува отпорноста на климатските промени и спречува деградација и злоупотреба што носат еколошки и социјални последици. Земјиштето е еден од најважните ресурси, но и најзагрозени во Македонија. Додека климатските промени се закануваат однадвор, внатрешните злоупотреби и институционалната неефикасност ја сушат македонската почва – но не од суша, туку од негрижа, интерес и кратковидост.

Во последните 10 години, државата има дадено околу 32.000 хектари земјоделско земјиште под закуп, со повеќе од 6.900 договори. На прв поглед – охрабрувачка бројка. Но, реалноста зад дел од тие договори открива друга слика: празни ниви, поставени камиони, импровизирани магацини, дури и викенд-куќи.
Проблемот не е во бројот на доделени парцели, туку во начинот на кој тие се користат“, вели за ДОМА проф. д-р Миле Маркоски, експерт по педологија. „Почвата има своја логика – ако не е обработувана, таа умира. Но, во Македонија, почвата не умира само од заборав, туку и од лага“.
Запоставените почви ја губат плодноста
Обработливата почва која подолг временски период не се користи, постепено го губи својот агроеколошки квалитет, вели проф д-р Миле Маркоски, редовен професор -педолог на Катедрата за почви при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.
Главните негативни последици од тоа се:
• Губење на структурата и плодноста – без обработка и растителен покрив, почвата станува збиена, тешка за работа и слабо пропустлива;
• Намалување на содржина на хумус – органската материја во почвата опаѓа поради недостаток на биомаса и микроорганизми;
• Ерозија – особено на падински терени, каде без растителна покривка доаѓа до однесување на горниот плоден слој;
• Инвазивна вегетација – со време се развиваат треви и грмушки кои го комплицираат идното ставање на почвата во функција;
• Проблеми со воден режим – може да дојде до заблатување или засолување, особено ако земјиштето има лоша дренажа.
Без редовна агротехничка грижа, земјиштето или почвата ја губи продуктивноста и бара дополнителни вложувања за повторна активација.
Во последните 11 месеци, според Министерството за земјоделство, биле идентификувани договори кои никогаш не довеле до обработка. Земјиштето стои неискористено, а субвенциите се користеле – некои легално, некои со лажни извештаи.
„Постојат случаи каде земјата е дадена на луѓе без никаква земјоделска намера“, признава министерот Цветан Трипуновски. Тој во разговор за ДОМА вели дека иако се пријавувало дека земјата се обработува, сопствениците немале посадено ниту тревка.
Во повеќе случаи биле покренати постапки за раскинување на договори. Но, системот е бавен, судовите натрупани, а инспекторите – малку на број.
Кој профитира од „необработеното“?
Злоупотребите не секогаш се очигледни. Некои закупци добиваат државна земја по симболични цени – па ја препродаваат на „пријатели“ или компании кои ја користат за нешто сосема друго. Други поднесуваат документи за добивање субвенции, но не обработуваат ниту метар.

Се случува и спрега со локалните власти. Земјиште се дава под земјоделска намена, а потоа тивко се трансформира во градежно. Во игра се и имоти во близина на урбани зони, кои на хартија се ниви, а на терен се складишта, бази за механизација или оградени терени, без ниту една обработена бразда.
Професорот Маркоски нагласува дека деградацијата на необработено земјиште е сериозен еколошки проблем. „Почвата без растителна покривка еродира. Ако таа површина не се активира навреме, ќе станеме сведоци на пустеење што не може да се врати со еден трактор и неколку тони ѓубриво“.
Околу 30% од потенцијалното земјоделско земјиште не се обработува
Професорот Маркоски вели дека Македонија располага со значителни површини обработливо земјиште кое не се користи. Тоа се:
• Државно земјиште – голем дел не е издадено под закуп или стои неискористен;
• Приватни површини – земјиште чии сопственици се отселени, починати или не се занимаваат со земјоделство;
• Запуштени ниви во рурални средини – напуштени поради демографски и економски причини.
Истражувањата покажуваат дека околу 30% од потенцијалното земјоделско земјиште е неактивно, односно не се обработува. Ова претставува сериозен ресурс кој може да се мобилизира со соодветни политики.
Има ли власта стратегија за спречување на злоупотребите?
Министерот за земјоделство Трипуновски вели дека сето ова е причина за поинаква стратегија.
„Она што како прв чекор го правиме е тоа што во секој од повиците кои што ги објавуваме како Министерство, независно дали е тоа за распределба на земјоделско земјиште, дали е за повикот за млад земјоделец, дали е за повик за механизација во делот на земјоделските задруги, секаде еден од критериумите кој што носи дополнителни бодови и некаква стимулација за младите луѓе е да имаат предност при добивањето на овие бенефиции и овие програми кои што ги нудиме, тоа значи сакаме да ги стимулираме младите да влезат во процесот, да останат во руралните средини, со тоа практично долгорочно го решаваме проблемот на старосната граница кој што во моментот го имаме на македонскиот земјоделец, сакаме да внесеме нова енергија“, вели министерот Трипуновски.
Тој гледа надеж и во наредниот период преку носењето на новиот закон за земјоделство и рурален развој, во кој исто така ќе има приоритет во делот на млада сила, млади луѓе кои што ќе влезат во земјоделскиот процес.
Професорот Марковски апелира -Стратегијата треба да ги спои младите, неискористеното земјиште и развојната поддршка во функционален систем.
Но, клучното прашање останува: Ќе има ли волја да се прекине со злоупотребите или ќе продолжи „културата на нивата на хартија“?
Зашто, колку и да ни е плодна почвата, таа не раѓа ако на неа не стапне чесна нога, ниту пак фати земјоделска рака.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Снимател: Давид Милошевски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Фотографии: Дарко Андоновски
Поврзани стории:
На Владата ѝ се поважни ветерниците и фотоволтаиците од храната
Македонија, Србија, БиХ – колку е валкана „чистата енергија“?

