- Водата е толку загадена што последиците се видливи и со голо око. Промените личат на измет, а алармот е вклучен уште лани од ДОМА.
- Од ЈП водостопанство „Лисиче“ велат дека езерото е полно со органски и неоргански материи што создаваат наслаги во водата и по крајбрежјето, а редовните анализи потврдуваат дека состојбата не се подобрува.
- По притисокот од медиумите и граѓаните, Општина Велес формираше комисија со 14 члена – меѓу нив и претставници од Владата, министерства, инспекторати и јавни претпријатија за да се следи состојбата и да се предложат решенија.
- Иако извештајот од Хидробиолошкиот завод – Охрид беше испратен уште во јули лани, дури сега институциите почнуваат со реализација.
- Владата одобри 10 милиони денари за санација на езерото – 6 милиони од Буџетот и 4 преку Програмата за води за вистинско чистење и обнова на Младост.
Дождлив мајски ден. Две патки пливаат во езерото Младост, без да насетуваат дека можеби се во животна опасност. Загаденоста на водата во акумулацијата е видлива и со голо око, но и се чувствува. ДОМА уште во август минатата година преку серија прилози алармира за промените на езерото кои наликуваат на измет.

Ниту сезонските снегови не успејаа да го разложат, а ниту пролетниот дожд не може да го скрие она што во Младост го оставаат луѓето.
Владата донесе одлука со која Јавното претпријатие за водостопанство, „Лисиче“ е задолжено за управување на браната Отовица и Езерото Младост. Со Антоанета Стојанова се сретнавме втор пат за неколку месеци. Иако глетката говори доволно, ја прашавме што покажуваат редовните месечни анализи за квалитетот на водата во езерото Младост.
„Акумулацијата се наоѓа во една висока еутрофна состојба, што значи висока концентрација на органски и неоргански материи, кои што за жал како краен ефект го имаат појавувањето на овие наслаги кои што сте ги забележале и вие, присутни во средишниот дел и во крајбрежниот дел на акумулацијата, меѓутоа и во вид на суви наслаги на крајниот дел во акумулацијата. Така што, да, акумулацијата е во состојба во којашто ја евидентиравме и изминатиот период кога бевте тука присутни“, објаснува Стојанова.
Езерото е полно со органски и неоргански материи што создаваат наслаги во водата и по крајбрежјето, а редовните анализи потврдуваат дека состојбата не се подобрува
По минатите стории во кои баравме одговори и од општинските власти и од инспекторските служби, кон крајот на минатата година, Советот на општина Велес покренал иницијатива за формирање комисија чија главна цел би била следење на состојбата во акумулацијата Младост.
Комисијата е формирана и има 14 члена, а Стојанова е претседателка. Освен неа, членови во таа комисија се претставници од Владата, вицепремиерот Љупчо Димовски, претставник од МЖСП, претставници од Јавно комунално претпријатие, претставници од општинските инспекторски служби, државниот санитарен и здравствен инспекторат и координаторите на советничките групи од политичките партии.
Ова работно тело до сега остварило две средби, на првата не присуствувале сите членови, но на втората од 16 мај присуствувале сите, дури и градоначалникот на Велес, Марко Колевски.
Комисијата донела заклучоци, а тие се всушност препораките на Хидробиолошкиот завод од Охрид кој со фрапантните податоци во извештајот за квалитетот на водата во Младост ги испрати уште во јули лани. Државата изгуби безмалку цела година во бирократија и меѓусебни одобрувања за да донесе одлука да почне да работи. Стојанова вели, почнуваме со реализација на заклучоците.
Сегашните заклучоци на Комисијата се всушност препораките на Хидробиолошкиот завод од Охрид кој уште во јули лани излезе со фрапантните податоци за квалитетот на водата во Младост.
„Утврдување на состојбата на колекторскиот систем, приклучување на сите неприклучени корисници кое што веќе е во тек. Изминатите месеци активно се спроведуваше од страна на службите на Јавното комунално претпријатие. Отстранување на мртвата органска материја од акумулацијата Младост, мртвата дрвна маса, изумрени дрвја кои што се наоѓаат во крајниот северен дел и се потопени во водата. Доведување на свежа вода, кое што како долгорочно решение секако дека изведбата е на поврзувачкиот цевковод на двете акумулации со кој што би се обезбедил континуиран доток на свежа вода и би се обезбедила аерираност на акумулацијата. Во игра, во смисла на довод на свежа вода е ископ на бушотини кое што се разгледува како решение, локациски, хидробиолошки, од повеќе аспекти, значи како би било најповолно да се изведе“, вели Стојанова.
За исполнување на задачите ќе се вклучи и Владата и Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство. Парите се веќе обезбедени. Владата на седница одлучила да префрли шест милиони денари, а четири милиони ќе бидат обезбедени преку Програмата за води. Со вкупно 10 милиони денари, Стојановска е оптимист дека ќе се реализира најголемиот број од задачите, а Младост ќе почне да се ослободува од сето она што го задушува. Само да не биде предоцна.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Топалова Дејановска
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Поврзани стории:
Поради корупција и неказнивост сите ќе го плаќаме спасот на езерото Младост
Тажната приказна за езерото „Младост“: Наместо смарт, стана смрт