Иницијативата да се заштити македонската сивка, најзагрозената пеперутка во Европа од меѓународна трговија не успеа. Планот да се постави овој вид на листата на заштитени видови при Меѓународната конвенција за заштита на видовите од трговија (CITES) не се оствари. Институтот за комуникациски студии, во соработка со меѓународната организација за заштита на диви видови од трговија Pro Wildlife речиси десет месеци се обидуваа да ги презентираат сите факти и научни материјали пред Министерството за животна средина и просторно планирање кое требаше да биде главен подносител на апликацијата кон Конвенцијата во името на државата. Сите обиди за соработка беа безуспешни. Иницијативата не наиде на интерес во Министерството, со што се пропушти рокот за поднесување на официјална апликација кон Собранието на CITES конвенцијата, оваа есен во Узбекистан.
Ваква форма на меѓународна заштита од илегална трговија е единствен начин на кој може, барем некако, да се заштити овој вид од целосно истребување. Во меѓувреме, оваа ретка пеперутка останува незаштитена од илегална трговија, но и поради постојаното уништување на нејзините живеалишта.
За да дознаете како се одвиваше целиот процес, погледнете го видеото во продолжение.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Автор: Кирил Арсовски Пржо
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Ристо Душковски


