- Во 2008 година за само половина час, Радовиш беше опустошен од силна поплава што однесе човечки животи и предизвика огромна материјална штета.
- На падините на Коџалија и Аликоч, за прв пат беа применети мерки за обновување на шумските предели, намалување на ризик од катастрофи и адаптација на климатските промени.
- Решенијата базирани на природа ја штитат животната средина без да го попречат социоекономскиот развој.
- Проектите АДАПТ 1 и АДАПТ 2, со поддршка од IUCN, се обидуваат да го зацврстат овој концепт во земјата.
- Во рамки на проектот ЕКО-НРК беа пошумени 15 хектари, поставени прегради и габиони за контрола на ерозија, обновени земјишта и речни брегови, со вклучување на локалните заедници.
- Соочена со климатски промени и богата со биодиверзитет, Македонија има потенцијал да стане пример за успешно користење на природата за намалување на ризици и одржлив развој.
Жителите на Радовиш и денес се сеќаваат големата поплава во 2008 година, кога само за половина час сè се претвори во пустош. Надојдената вода однесе сè што ѝ се најде на патот – поплави ниви, куќи, дворови, превртуваше возила. Две лица загинаа, материјалната штета беше огромна, а траумите доживеани тогаш, се повторуваат за време на секој посилен дожд. За да се спречат ризици од идни слични природни катастрофи, се презедоа низа активности за превенција на последиците од се понагласените климатски промени.
Селото Коџалија е на југозападната страна на Плачковица, сместено е на 870 метри надморска висина и од Радовиш е оддалечено помалку од 9 километри. Се граничи со селото Аликоч. Токму на падините на овие две села кои беа уништени и деградирани од поплавите за прв пат во Македонија се имплементираа решенија базирани на природа со кои се обновија шумските предели, се подобри отпорноста на локалната заедница од природни катастрофи и адаптацијата на климатските промени.
На падините на Коџалија и Аликоч за првпат во Македонија се имплементираа решенија базирани на природа со кои се обновија шумските предели
„Принципот на заштита на решенијата базирани на природа е релативно нов, започнат е во 2000 година од Меѓународната унија за заштита на природата IUCN и од Светската банка, и подразбира заштита на природата без при тоа да биде запрен односно да не се оневозможи социоекономскиот развој на луѓето. Оттука, решенијата базирани на природа се наметнаа како концепт на заштита на природата – да се штитат природните добра, а од друга страна да се поттикне и охрабри социоекономскиот развој на локалните заедници“, објаснува Богољуб Стеријоски, независен експерт за решенија базирани на природа.
Стеријоски додава дека овој концепт кај нас е сè уште во зародиш – со поддршка на канцеларија на IUCN во Белград во изминатите неколку години се спроведоа две иницијативи преку проектот АДАПТ 1 и сега во поново време АДАПТ 2 коишто во суштина промовираат решенијата базирани на природа во нашата земја.
Како Радовиш ја „користи“ природата за заштита од катастрофи
Процесот на обнова на природата и зајакнување на отпорноста на заедницата од природни катастрофи траеше подолг временски период. Најпрво се подготви комплексна анализа на климатските карактеристики, се идентификуваа опасностите кои би можеле да предизвикаат значителна штета и нарушувања, а потоа преку примена на научни методологии се промовираа мерки за ублажување на ризиците, заштита, враќање на еколошкиот интегритет и подобрување на човековата благосостојба во деградираните предели.

„Проектните активности беа приспособени за потребите на општината, локалните заедници, чинители за управување со земјиштето и беа поврзани со: обнова на шумските предели за превенција од поплави, обнова на земјоделските површини и развој на агрошумарски системи, еколошко обновување на деградираните земјишта и речните брегови за да се спречи ерозијата на почвата, поплавите и лизгањето на земјиштето, одржливо управување со шумите за да се спречи шумски пожар и да се ублажат резидуалните ефекти“, вели Игор Петков, кој беше локален координатор на активностите на ЕКО-НРК кои се презедоа во Радовиш по серијата природни катастрофи.
Радовиш, природно се наметнал како подрачје податливо за решенијата базирани на природа, пред сè поради континуираниот притисок од климатските промени и изложеноста на поплави и шумски пожари но исто така на овој терен веќе се реализирал и Проектот за Екосистемски-базирано намалување на ризици од катастрофи со финансиска поддршка од Агенцијата за меѓународна соработка на Јапонија (JICA).
Радовиш како фокусна точка за климатска отпорност
Радовиш беше избрано подрајче за да се аплицираат решенија базирани на природа бидејќи беше изложено на влијанието на различни климатски видови и катастрофи. Подрачјето на општина Радовиш се карактеризира со профил на опасности како што се: поплави, пожари (шумски пожари), екстремни временски појави (невреме, град), високи температури, суши и друго. Конкретни примери вклучуваат катастрофални настани кои се случија во минатото, како што се поплави (2004, 2008, 2013, 2015, 2018 година), шумски пожари (2008, 2011, 2012, 2013, 2024 година) и бури проследени со град кои се карактеристични за секоја летна сезона. Дополнително во шумско стопанска единица на планината Плачковица, која се протега на северниот дел од општина Радовиш, т.е. по горниот тек на Радовишка река, во моментот на утврдување на макро локација за проектна активност, паралелно се одвиваше и реализација на Проект за градење на капацитети за Екосистемски-базирано намалување на ризици од катастрофи преку одржливо управување со шумите во Република Македонија (ЕКО-НРК) и тоа во голема мера придонесе овој проект да претставува надополнување односно продолжување со активностите.
Дијагнозата на теренот покажа дека настанатата штета во урбаниот дел на Радовиш е пред сè поради состојбата на левиот брег од сливното подрачје на Радовишка река, а штетите се огромни – големи површина на шума била уништена и деградирана. Следувало не само пошумување, туку се поставиле и прегради за заштита од ерозија и покривки од јута за да се овозможи повторна вегетација.
„По извршените снимања со дрон на поширок опфат на Плачковица, констатирани се деградирани површини, појави на ерозија и уништена шума во големи размери поради пожари, дива сеча итн. Покрај традиционалното пошумување со користење на садници карактеристични за локалитетот, беа изведени и габионски и прегради како едноставни конструкции за контрола на ерозијата во долините каде што седиментите и наносите се разлеваат при поројните дождови. На стрмните падини каде што имаше значителна ерозија на површинската почва во форма на изо-линии се изведени терасирачки работи. Дополнително кај терасирачките работи е поставен соодветен материјал, извршено пошумување и со тек на време се очекува стабилизација на падината. Кај ерозивните и нестабилни косини се извршија и покривачки работи со примена на јута и смета со семенски и земјен материјал во форма на малтер за армирање на површинскиот слој и да се овозможи повторна вегетација на голините“, вели Петков.
Била опфатена површина од 15 хектари, на која се презеле следниве активности:
- Пошумување со околу 40.000 садници (јасен, багрем, црн бор и даб)
- Поставување на 6 габиони со зафатнина од 315 m3 и на 5 прегради со зафатнина од 90 m3,
- Терасовидни работи за спречување на ерозија во должина од 3.000 m‘, покривачки работи на површина од 5.000 m2.

Решенијата базирани на природа кои се применија во Радовиш беа дел од проектот АДАПТ 1 – промоција на екосистемите во функција на заштита од природни катастрофи и адаптација на климатските промени – и според Стеријоски, се покажаа како идеално решение затоа што ги остварија задачите кон кон целат – да има процес на обновување на биодиверзитетот и процес на реставрација во случајов на природните живеалишта, со што обезбедија и заштита на природата и поддршка на локалниот развој.
Македонија – погодно тло за решенија базирани на природата
Како земја која има богат биодиверзитет на мала територија и со природни богатства кои имаат потреба да бидат заштитени, а од друга страна соочена со климатските промени поради кои се повеќе ќе бидат изразени поплавите, пожарите и сушите – Македонија е погодно тло за имплементација на решенија базирани на природа.
Во аплицирањето на решенија базирани на природата потребни се финансии, човечки ресурси за да го спроведат но она што е многу поважно е да се промени перцепцијата и свеста на луѓето кон природата – како да ја користат, а да не и наштетат, односно да имаат долгорочен бенефит од природата, преку активна заштита и одржливо користење.
Природата како одговор на ризиците
Решенијата засновани на природата се активности за заштита, зачувување, обновување и одржливо користење и управување со екосистемите на начин кој ќе одговори на социјалните, економските и еколошките предизвици, а истовремено корист ќе има и за човековата благосостојба и за биодиверзитетот. Со други зборови, тоа се интервенции кои ја користат природата и природните функции на здравите екосистеми за да се справат со некои од најитните предизвици на нашето време.

Решенија засновани на природата за отпорни заедници во Западен Балкан е проект финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA) и имплементирана од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) со седиште во Швајцарија. Како проект од регионален карактер опфати работи во шест држави од Западен Балкан, кои се реализирани преку следните стратегии: зголемување на знаењето и подигање на свеста за решенија за намалување на ризикот од катастрофи базирани на природата, интеграција на решенија базирани на природата и планирање на климатските промени со адаптација на политиките за намалување на катастрофи и имплементација на решенија базирани на природата за намалување на ризикот од катастрофи.
Освен во Радовиш, решенијата базирани на природа се применуваат и за подобрување на квалитетот на шумите во западниот дел од државата. Очекувањата на експертите се дека овие решенијата базирани на природата ќе бидат модел како во иднина ќе се постапува во заштита на природата.
Меѓународната унија за зачувување на природата, минатиот месец во Скопје ги промовираше проектите АДАПТ 2 и „Позеленување н Западен Балкан“ за поддршка на посветеноста на регионот за зачувување на биолошката разновидност и за ублажување на последиците од климатските промени преку регионалната соработка на Западниот Балкан.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Ристо Душковски
Фото: Приватна архива