fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
zhivotnata sredina e plodna pochva za korupcija

Животната средина е плодна почва за корупција

  • Извештај од 2020 година поддржан од ОБСЕ и ДКСК, како слаби точки ги посочува издавањето дозволи за експлоатација, инспекциските контроли и вклученоста на јавноста, во однос прашањата за аерозагадувањето, искористувањето на водните ресурси, управувањето со шумите и заштитените подрачја.
  • И покрај тоа што земјава вложува напори за усогласување на нашето законодавство со европското, сепак, има многу „фалинки“ кои отвораат простор за коруптивни активности.
  • Онаму каде што не се запазува јавниот интерес има некои други интереси најчесто бизнис-интерес на некој поединец или на интересни групи.

Секој човек има право на здрава животна средина и секој е должен да ја унапредува и штити природата – нашиот Устав гарантира дека државава ќе обезбеди услови, граѓаните да живеат во здрава животна средина. Арно ама, едно е што стои на хартија, а каква е всушност реалноста, во која дишеме загаден воздух, јадеме храна од загадена почва и се задушуваме во смет што се одразува на нашето здравје. Постои очигледен расчекор помеѓу она што стои во законите и јавно декларираните заложби на претставници на власта и реалноста, од друга страна.

Но, реалноста крие и други ризици – од корупција. Извештај поддржан од ОБСЕ и Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) потврди дека и покрај тоа што земјава вложува напори за усогласување на нашето законодавство со европското, сепак, постојат многу „фалинки“ и слаби точки кои отвораат простор за коруптивни активности.

Во секторот заштита на животната средина ризикот од корупција е многу силен

Во извештајот се детектирани повеќе слаби точки, кои оставаат простор за заобиколување на „правилата на игра“:

  • Широка правна рамка и многу потсектори кои се различно усогласени со европското законодавство што остава простор да се „замижи“ пред целосната примена на еколошките стандарди;
  • Недоволна имплементација на законската регулатива;
  • Неказнивоста за коруптивното однесување, кога воопшто и не се применува законската регулатива;
  • Различно толкување на условите и потребните документи;
  • Одложена примена на еколошките мерки за одредени фирми;
  • Политичко влијание и притисоци од приватниот сектор за одложена примена на еколошките дозволи и други документи за заштита на животната средина.

Ова значи дека ем правната рамка е недоречена, ем институциите честопати имаат испреплетени надлежности, ем се остава простор за различни толкувања, па кога „факторот- човек“ влегува во игра, тогаш ризикот од корупција е значително голем.

Приватниот пред јавниот интерес

„При издавањето на еколошки дозволи и други документи во секторот/ресорот заштита на животната средина има ризик од корупција заради недоречености во правната регулатива и заостанување во имплементацијата на законите. Оттаму, интегритетот на човечките ресурси во јавните институции за имплементација на законската регулатива, заедно со праксата на (не)казнивост во општеството има клучна улога дали ќе дојде до корупција или не“, се констатира во Извештајот изработен 2020 година.

А кога на сето ова ќе се додаде и неефикасниот судски систем, тогаш е јасно дека имаме сериозен проблем.Авторката на извештајот, долгогодишната новинарка Југослава Дуковска вели дека онаму каде што ја нема јавноста, таму јавниот му го отстапува местото на приватниот интерес.

„Каде што јавноста не е прашана што да се прави, каде што се забошотува принципот на јавност и каде што не се гледа јавниот интерес, односно интересот на граѓаните – тоа би било најкусо што е клучниот проблем со корупцијата во животната средина, бидејќи онаму каде што не се запазува јавниот интерес, таму очигледно има некои други интереси коишто се во позадина и коишто треба да се запазат. И, тоа е најчесто бизнис-интерес на некој поединец или на интересни групи. Она што моето истражување ми го укажа, а исто така и мојата работа како новинар е дека принципот на нетранспарентност во однесувањето на институциите кон нивните ингеренции, непостоењето на контрола, односно слабото изведување на контрола преку инспекциите и инспекциските служби, или, пак, кога нивните наоди не се почитуваат и не се процесуираат во рамките на правосудниот систем, доведуваат до тоа да се воспостави непишано правило на принцип на неказнивост, којшто понатаму доведува до тоа, многу полесно да се газат тие начела и тие законски основи кои се релативно добри во државава“, вели Дуковска.

Извештајот јасно ги детектира слабите точки, односно каде „јажето најлесно се кине“. Тоа се издавањето дозволи за експлоатација, инспекциските контроли и вклученоста на јавноста, кога на дневен ред се прашањата за аерозагадувањето, искористувањето на водните ресурси, управувањето со шумите и заштитените подрачја.

zivotnata sredina e plodna pocva za korupcija 1

Управувањето со заштитените подрачја е една од слабите точки (Водно)

Еколошки дозволи А или Б се издаваат без да се води сметка дали се запазуваат најдобрите достапни технологии и постапките за субјектите да не загадуваат. Јавна тајна е дека ниту на централно, ниту на локално ниво нема доволно инспектори. Оттука, инспекцискиот надзор е нередовен и нецелосен, недостига координација, па затоа и не се утврдуваат вистинските причини за загадувањето. Иако грижата за животната средина во најголем дел е оставена на институциите на централно ниво, сепак, надлежности имаат и локалните самоуправи.

Но, општините се „тенки“ со пари, па нивната лоша финансиска состојба се одразува на мерките кои ги преземаат за обезбедување чиста и здрава животна средина. И Државниот завод за ревизија констатираше дека таму имаме голем проблем – слабата кадровска екипираност, непознавањето на техничко-технолошките процеси на инсталациите и техничката неопременост резултира со неквалитетни надзори, конфликт на интереси и неефикасност.

„Човек да се праша дали е тоа случајно или е можеби намерно да има еден таков ‘систем’, каде што сè уште не е доекипирана инспекциската служба, и на државно ниво, а да не зборувам на локално ниво каде што во некои општини сè уште и нема инспектори за животна средина и тоа е состојба којашто трае со години. Потоа, има преклопување на нивните надлежности и на крај има непостапување или постапување само формално за да дојдеме до тоа повеќекратно да се намалуваат казните и да на крај, тие не се ни процесуираат. Личи како да постои тенденција да не се дооформи тој систем на заштита на животната средина и во таа ‘матна’ средина најверојатно најубаво се ‘ловат’ тие бизнис-поени“, објаснува авторката на извештајот.

Извештајот нотира и дека се толерираат сиви зони на нелегален третман на отпад, односно диви депонии и диви населби каде што се гори отпад за загревање, па за социјален „мир во куќа“ во прашање се доведува здравјето на сите граѓани. Проблем имаме и со водните ресурси. Извештајот го потврди она што долго време го зборуваат еко активистите, дека кај малите хидроцентрали не се почитува биолошкиот минимум.

„Ризикот се детектира во доменот на издавање дозволи за изградба на мали хидроцентрали врз база на недоследно спроведени законски процедури за учество на јавноста, во примена на обврската за спроведување на оцена на влијание врз животна средина.“

pcinja edna reka dve prikazni 07

Извештајот го потврди и она што го пишуваше Институтот за комуникациски студии за проблемите со ископот на песок и чакал (Пчиња)

Извештајот го потврди и она што го пишуваше Институтот за комуникациски студии за проблемите со ископот на песок и чакал. Дозволите се издаваат во нетранспарентна постапка и се толерираат зафати на речните корита  со коишто се нарушува речниот брег, подземните води и живеалишта на живиот свет на крајбрежниот појас.

На компании им се „прогледува низ прсти“ дури и кога неконтролирано испуштаат отрови во водите, па завршуваат со симболични казни. На удар е и шумското богатство на Македонија, кое се уништува и деградира. Нема доволна институционална контрола на дрвокрадството, ниту на сечата од страна на субјекти кои се ангажирани како концесионери од страна на ЈП „Национални шуми“. Стандардот на населението паѓа, побарувачката за огревно дрво како најевтин начин на греење расте, па ова отвора и пазар на црно и креира можности за корупција, особено во услови кога институциите затајуваат.

zivotnata sredina e plodna pocva za korupcija 3

Нема доволна институционална контрола на дрвокрадството, ниту на сечата на шумите (Скопска Црна Гора)

„Од 2001 година до денес државата има загубено околу пет проценти од шумите со кои располагала преку бесправна сеча, а трендот продолжува поради недоволниот ангажман на надлежниите институции за справување со тој феномен и покрај укажувањата на можна корупција.“

Корупцијата е посочена како главна причина и за постоењето дивоградби во строго заштитени подрачја кои не можат „глава да кренат“ од урбанизација, за опструкциите за репрогласување на национални паркови или за исполнувањата на препораките на УНЕСКО за Охридскиот регион.

Кадија те тужи, кадија те суди!

Надлежностите во институциите се толку испреплетени и недоречени што Извештајот открива дека во дел од нив буквално се одвива народната „кадија те тужи, кадија те суди.“ А, кога надлежностите се концентрираат на едно место, тогаш ризикот од корупција е огромен!

„Еден ист орган, односно едни исти вработени во две одделенија – прво подготвуваат правилници и други подзаконски акти кои ги донесува самото Министерство, кои ги уредуваат постапките и условите под кои се издаваат концесии за водни права, а потоа учествуваат во самата постапка за издавање на водни права, на концесии и на крајот издаваат и дозволи за црпење песок, односно имаат надлежност да издаваат дозволи на комерцијални корисници на водно право, а тоа се деловни субјекти кои се регистрирани за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали и фирми кои добиваат концесии за црпење на песок“, стои во Извештајот.

zivotnata sredina e plodna pocva za korupcija 4

Недоследна примена на законите има и при издавањето концесии за мали хидроцентрали

„Имаше неколку такви случаи. Јас го детектирав Секторот за води во Министерството за животна средина каде што дефинитивно се преклопуваат надлежностите, а тоа го гледаме и од примерите кои се на терен. Значи, се донесуваат стратегии, се имплементираат и се аплицира за водни дозволи и се дава мислење за концесии за употреба на водни ресурси, и понатаму принципот на консултација на јавноста е или формален или воопшто не е запазен. Имаше и такви случаи кога на локално население во село во источна Македонија му дојдат булдожери пред врата и тогаш да дознае дека неговата рекичка ќе биде избетонирана и ќе се користи за производство на електрична енергија. Значи, такви недоследни примени на законите, односно на одредбите коишто се таму за да ги заштитат интересите на граѓаните, тие се потенцијал за корупција“, вели Дуковска.

Слабите перформанси на институциите беа забележани и од Брисел. Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава е нотирано дека во животната средина имаме само ограничен напредок и одредено ниво на подготвеност, што значи дека сѐ уште сме далеку од европските стандарди.

„Недостигот на специјализиран кадар и слабите институционални и административни капацитети ги поткопуваат контролата на квалитетот и перформансите на процените за влијанието врз животната средина“, се контатира во Извештајот.

Сето ова упатува на заклучок дека мора да се прават длабоки реформи и длабоки резови, и да се има нулта толеранција за корупцијата зашто не смее да се дозволи некој да прави профит на сметка на здравјето на граѓаните.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Наке Батев
Фото: Дарко Андоновски
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

 

Поврзани стории: