- Поради сечењето шуми, ширењето на урбаните средини, климатските промени и недостигот од природна храна, дивите животни сè почесто навлегуваат во рурални и урбани зони.
- Неправилното складирање на отпад, особено во руралните средини, создава хранилишта за дивите животни, што ги привлекува поблиску до населените места.
- Мечката, која е заштитен вид уште од 1996, бележи тројно зголемување на популацијата и најчесто е во конфликт со луѓето, а во експанзија е и чакалот кој е нов предатор во фауната.
- Поради штетите предизвикани од мечки државата има трошоци од 2 до 3 милиони евра годишно.
- Решението е ДНК регистрација на мечките, регулација на отпадот, современи компензациони шеми, јавна едукација, контролирано сточарство и соработка меѓу институциите и локалните заедници.
Комплексна и повеќеслојна е ситуацијата со средбите и конфликтите помеѓу човекот и дивиот свет во Македонија. Иако со милениуми овие две страни коегзистираат, повеќе фактори како урбанизацијата, климатските промени, регионалните депонии, неконтролираниот нелегален лов ја менуваат на природата на нивните средби. Не секој контакт со дивиот свет може да води до конфликт, но тоа не значи дека државата не треба да вложи силни напори во градење систем кој ги заштити и луѓето и животните.
Зачестеноста на конфликтите во последните декади расте, а стопанските активности, развојот на туризмот и останатите дејности заедно со сточарството, оставаат најголем простор за таквите судири.
„На подрачјето на Македонија постои широк простор за судири со интересите на човекот, од причина што, сразмерно на површината, егзистираат релативно бројни популации на крупните карнивори (волк и мечка), како и релативно голем број на други карниворни видови со мала и средна големина. Спречувањето на ваквите конфликти со мерки за превенција, механизми за компензација, унапредување на управувањето со ловните видови, можат да овозможат коегзистенција на сите цицачи и човекот на овие простори“, вели Владимир Малетиќ, редовен професор на катедрата за Ловство при Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектира и екоинженеринг „Ханс Ем“.

Зависи од кој агол се гледа ова прашање. И ловот претставува интеракција на човекот со дивите животни, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво.
„Но, доколку прашувате за интеракција кога диви животни се причинители, тогаш тоа зависи од нашата присутност во природа: планинарење, земјоделие, пчеларство итн. Узурпацијата секако е фактор, ама тешко е да се процени квантитативно бидејќи се случува постојано, постепено и неплански“, додава тој.

Како човекот со урбанизацијата навлегува во шумите, така се зголемува заканата за биодиверзитетот, но и мирниот соживот што го има со дивиот свет.
„Сечењето на шумата за изградба на било какви објекти, ги уништува животинските живеалишта, принудувајќи ги да се преселат или да исчезнат. Исто така, урбаните структури ги делат шумите на помали делови со што се намалува и ловнопродуктивната површина и се изолира животинската популација со што се намалува генетската разновидност и ресурсите потребни за живот. Како што шумите се намалуваат, животните како волци, мечки, лисици, чакали влегуваат во урбаните области во потрага по храна, што доведува до зголемени интеракции помеѓу лугето и дивиот свет“, истакнуваат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Мечките во Македонија – заштитени, но сè почесто се во контакт со луѓето
Во Македонија, најчесто мечката има конфлит со човекот. Во законската регулатива таа е дефинирана како дивеч под заштита и за истата согласно член 14 од Законот за дивечот и ловството е предвидена трајна забрана за ловење.

„Конкретно конфликтите со мечката кои беа во фокусот во 2023 главно се должеа на екстремно сиромашната продукција на шумски плодови. Дивите цреши, сливи, круши, дренки и јаболка во истата таа година немаа плод, што е ретко, а тоа доведе мечките да бараат чаре по ѓубриштата во планинските села“, објаснува Меловски, од Македонско еколошко друштво.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како главна причина за зголемениот број на пријавени случаи на настани во кои мечката причинила штета врз имотот и добрата на граѓаните го смета двојното зголемување на популацијата на мечката, каде во одделни региони истата е и тројно зголемена во однос на 1996 година.
Во 1996 година, според податокот од Општата ловностопанска основа за Република Македонија, на територијата на државата (ареалот на мечката во државата е само западно од реката Вардар) имало 160 единки од мечка, додека проценката е дека денес тој број изнесува повеќе од 400 единки.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и воостопанство.
„Дополнителната причина се климатските промени кои влијаат на уродот на дивите шумски овошки, поради што мечката храната ја бара во близина на населените места, главно во руралните средини. Исто така, проблем претставува и немањето на соодветни депонии во руралните средини па така што отпадот се депонира на отворено во шумските комплекси, кои претставуваат еден вид хранилишта за мечката“, посочуваат за Министерството.
Оттаму велат дека во изминатитиот период (1996-2023 година), поради заштитата која овој вид дивеч ја има и причинетата штета која мечката ја прави врз имотот и добрата на граѓаните, од буџетот на земјава се одливаа голем број финансиски средства по претходно покренатите и завршените судски постапки каде како тужениот се јавува државата.
Истражувањето на БИРН, покажува дека пред македонските судови за 5 години (од 2013 до 2017 година) биле поднесени над 700 тужби за штета што ја направиле мечките во Македонија, а државата за штетата од мечките за судски и адвокатски трошоци исплатила над 3 милиони евра.
За зголемените трошоци кои ги сноси државата по овој основ, потврдува и директорот на Ловната федерација на Македонија, Влатко Алексовски.
„Во Македонија, на годишно ниво, државата по основ на штети од дивеч, пред се од мечка, исплаќа 2-3 милиони евра штети. Тука спаѓаат напади на добиток, оштетување, уништување на пчелни семејства, налети на возила, на пат на дивеч, штети во земјоделието на земјоделски посеви, земјоделски култури“, вели Алексовски.
Тој објаснува дека откако мечката е заштитена со Законот за ловство во 1996 година, денес, 30 години подоцна, повеќекратно е зголемена нејзината популација и е во голема експанзија, што резултира со сè почести појави на навлегување на мечките во урбани средини, каде што не им е природно живеалиште.
Според планските документи на ресорното Министерство за земједолство, шумарство и водоспопанство, додава тој, популациите на мечки во Македонија е над 500.
Чакалот – предатор во експанзија
Чакалот како диво животно се адаптира на различни живеалишта, од шумски предели до отворени полиња и урбани зони, па токму затоа лесно се прилагодил и во Македонија. Како предатор се храни со мали цицачи, птици, инсекти, овошје и лешини и лови во чопор.

Чакалот нема природни непријатели во многу региони. Се смета дека поради неговата адаптабилност и висока стапка на размножување, негово целосно искоренување е речиси невозможно.
„Чакалот во Македонија се појави во последната деценија и е во страшна експанзија. Предатор кој нема природни непријатели, кој е територијално животно и лови во чопор и на територијата каде што живее, буквално прави хемиско чистење на секоја популација од еребица, фазан, зајак, срни, добиток – овци, дури може да убиe и теле. Значи, тој е страшен предатор. Првпат кај нас со новиот закон за дивеч и ловство пред 2 години е дозволен за застрел и се застрелува 365 дена“, појаснува Влатко Алексовски, директор на Ловна федерација на Македонија.
Професорот Малетиќ истакнува дека покрај двата најинвазивни вида цицачи во фауната на Македонија, бизамскиот стаорец и нутријата, голема улога игра и чакалот.
„Чакалот (Canis aureus), како сосема нов вид во фауната на Македонија, има потенцијално големо негативно влијание врз останатите членови во биоценозата. Следењето на неговото ширење и спречување на појавата на овој вид би требала да биде една од приоритетните мерки за заштита“, потенцира професорот Малетиќ.
Од ресорното министерство велат дека причините за конфиклите со чакалот се повторно урбанизацијата, миграцијата на дивиот свет и потрагата по храна.
„Чакалот во стариот Закон за ловството беше заштитен вид, но поради трендот на зголемување на неговата популација кај нас а и во цела Европа, се појави потреба од изменување на законот и вметнување на чакалот од вид под заштита, во вид без заштита за кој се доделува награда за извршен отстрел, пред се поради неговиот реон на движење, како позастапен во урбани средини“, велат од Министерството.

Кога станува збор за останатите животни, директорот на Ловната федерација на Македонија, Влатко Алексовски додава дека во Македонија, популацијата на волк изнесува од 800 до 1.200 единки.
„Интеракција со човек за среќа, во последно време, ја барем како памтам, јас сум шест години претседател на Ловна федерација, немаме таков случај. Ако имаат МВР или министерството или инспекторатот тоа е друга работа. Значи немаме напад врз човек, но напади на волк на сточен фонд имаме масовно.“ истакнува Алексовски.
Во системот на МВР имаме сто илјади граѓани што имаат легално ловечко оружје, а од нив 25-26.000 се активни ловци. Околу 70 правни субјекти корисници на дивеч во ловиште што стопанисуваат со територија на цела Македонија, а на територија на цела Македонија има 266 ловишта од кои 256 се на користење со договори, а 10 се за посебна намена (национални паркови, научно истражувачки центри, факултетот за шумарски има едно ловиште), вели директорот на Ловната федерација на Македонија, Влатко Алексовски.
Во врска со конфликтите со посевите и дивите свињи пак, Диме Меловски од МЕД вели дека се намалени поради афричката чума која драстично ја намали нивната популација.
Според професорот Малетиќ, загрозувањето и намалувањето на биодиверзитетот е глобален процес кој во последните 100 години добива загрижувачки размери. Проблемот лежи во два, често спротивставени и меѓусебно исклучиви става: искористувањето од една и заштитата на биолошката разновидност од друга страна. Новата концепција во суштина се обидува и тежнее да ги „смири“ спротивставените ставови со идејата за одржливо користење и зачувување на изворниот генетички, специски и екосистемски диверзитет.
„Се проценува дека поради антропогениот притисок, брзината на исчезнувањето на живиот свет е за околу 1000 пати поголема од природната, односно еволутивната.“ додава тој.
Неопходна е долгорочна системска стратегија за намалување на конфликтите
За регулација на конфликтите помеѓу човекот и дивиот свет во Македонија неопходна е системска активна соработка меѓу државните институции, екологистите, истражувачите и локалните заедници. Ова прашање на средби и конфликти е комплексно и кое произлегува од повеќе фактори, вклучително зголемената популација на некои од единките, недостатокот на храна во природата поради урбанизацијата и климатските промени, како и несоодветното управување со отпадот, особено во руралните средини.
Од Македонското еколошко друштво велат дека за намалување на контактите, клучна улога игра отпадот.
„Регулирање на отпадот, особено во селските средини и особено органскиот отпад. Кога тоа ќе се реши, многу работи ќе заземат правилен тек. Сите држави во западна Европа се добар или подобар пример од нас“, истакнува Меловски од МЕД.
Кога се споменуваат Европските држави, директорот на Ловната федерација, Алексовски ги посочува Хрватска и Словенија.
„Кога би дале контролиран легален застрел на одредена квота, ловечките друштва коишто ќе стопанисуваат и државата, ќе имаат финансиски бенефит. Второ, штом ќе имаат финансиски бенефит, ќе имаат интерес останатите мечки да ги заштитуваат преку ловочуварските служби. Затоа треба да се направи ДНК регистрација на мечките преку измет. Значи, по современи методи да се направи апроксимација колку точно мечки имаме, за да знаеме колку од нив ќе бидат дерогирани“, појаснува Алексовски.
Професорот Малетиќ пак се осврнува на придонесот кој го има традиционалниот начин на сточарење, како и подигнување на свеста кај сточарите и примена на современи компензациони шеми претставуваат најдобар начин за намалувањето на антагонизмот на релација сточар – предатор, при што прихраната може да биде една од најефикасните методи.
„Ваквиот тип на конфликти по правило води кон зголемување на отстрелот на предаторите. Тоа се случува од една страна како последица на зголемениот притисок на локалното население врз државните авторитети во смисол на зголемување на отстрелните квоти, или, што е многу почесто, со илегален лов. Во оваа група на негативни реакции можат да се истакнат и труењата, кои и покрај законската забрана, и понатаму се користат под изговор дека со тоа се намалуваат и превенираат можните штети, особено врз домашниот добиток“ појаснува професорот Малетиќ.
Тој вели, гледано во целина, намалувањето на тензиите помеѓу одредени видови дивеч и локалната заедница, придонесува кон помал антропоген притисок кон нив. Во таа смисла, мерките за протекција, превенција и компензационите шеми, во иднина мораат да се развиваат и применуваат на целата територија на државата, како една од конзервациони мерки за зачувување и заштита на цицачите.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографии: МЕД
Поврзани стории:
Луѓето исплашени, мечките набркани
Маврово меѓу урбанизација и заштита: Борба за иднината на националниот парк