Природно од Преспа

Сончевите зраци штотуку ги покрија овошните насади во Преспа, а Пере и Рахела Транталовски веќе беа…

Сончевите зраци штотуку ги покрија овошните насади во Преспа, а Пере и Рахела Транталовски веќе беа навлезени меѓу редовите со јаболкници.

Звукот на ножиците за кроење и кршењето на гранките беа знак дека сезоната е почната. Пред да пристигне пролетта и да расцветаат, земјоделците мора да ги подготват овошките. Работа има, но многу повеќе кога производството е органско.

Да, ова е органски насад, се познава, тука не се користи хемикалија, хербициди за трева, горе нормално, користиме органски препарати“, вели Пере Транталовски.

Семејството Транталовски веќе 15 години имаат органски насади со лешници, пред четири години одлучиле и петте хектари јаболка да ги одгледуваат исклучиво на природен начин, без употреба на какви било хемикалии. Имаат и сливи, праски и круши, а во органското производство вклучиле и цреши и малини.

Со органското најбитно е прво да ја заштитиме околината, подземните води, па после нас, значи храната, производот. Најбитно ја штитиме прво средината. Затоа органските се поскапи. Ние гледаме да има баланс во природата. Штетниците да ги јадат предаторите.  Прво, од здравствена гледна точка органското е здрава храна, конвенционално може да има остатоци од пестициди, сè зависи од начинот. Од економска, органското мора да е поскапо, бидејќи има поголем ризик, а после имаме помал приход“, раскажува Транталовски.

Помал принос, но со многу поголем квалитет. Природните сокови и финалните производи од овој овоштарник имаат посебно место.

Ние сме во рурална средина и одиме во поголемите градови, како на пример Скопје, тоа ни е центар и имаме повеќе саеми каде се промовираме.  Надвор од државата имаме пробано ама доволно е тука да се испромовира нашето производство и да не увезуваме сомнителна храна“, објаснува Пере Транталовски.

Кирил Прцуловски во 2007 година го напуштил животот во Скопје и одлучил да се врати во родниот крај. Во Царев Двор ги обновил насадите на неговиот татко и станал еден од првите органски производители. Повеќе од една деценија се обидува да ја заштити природата во Преспа, но и да добие здрав и еколошки производ.

prirodno od prespa 1

„Сè уште постои големо непознавање. Многу често ме прашувале во минатото колку пати ги прскаш, ми викаат дека не можело без прскање. Без прскање не може, прашањето е што се прска.

Во еден органски плод, содржината на нутриенти на микро и макро елементи е за три пати поголема од конвенционално производство. За да добиеш содржина на еден плод, треба да изедеш три, произведени по конвенционален пат “, вели Прцуловски.

Недостигот на органски препарати за третман на овошките низ годините, Кирил се обидел да го покрие со домашно производство на природни ѓубрива. Најголем успех, вели дека постигнал со последователна ферментација на смеса на база од лук, пиперка и кромид. Копривата е многу познат „помошник“ на органските производители, а Прцуловски го откри и неговиот проверен рецепт.

Во 10 литри вода мериме еден килограм сечкана коприва, процесот на ферментација трае минимум две недели или кога површината ќе добие една застакленост и потоа таа содржина, тој фермент, го мешаме со 100 литри вода. Тоа е како да добиваме еден инсектицид, кажува Кирил Прцуловски.

Реков дека светот е понапред, имаат сопствено производство на органски препарати и цената е поевтина. Кај нас и понудата е помала и се многу скапи. Од искуство, лично, од препарати нема што не сум пробал“, објаснува Кирил.

Предизвиците што ги носи органското производство е причината поради која земјоделците не лесно се одлучуваат да направат преод од конвенционалниот начин.

Официјалните статистички податоци на Државната статистика, од јавно достапните податоци, покажуваат дека најголем раст на органското производство на овошки имало во 2022 година кога бил пресметан раст од 30,2%, во споредба со една година претходно. Растот во 2023 година бил 16,4% а во 2024 година, само 4,8% во однос на органското производство на овошки.

prirodno od prespa 7

Државната статистика пресметала дека во 2024 година, со земјоделско органско производство се занимавале 873 производители. Во истиот период се регистрирани 4.130 хектари обработлива површина, од кои 1.477 хектари се површини на органско производство во преод.

prirodno od prespa 6

Работата на земјоделците, со надеж дека ќе се зголеми бројот на оние кои произведуваат здрава храна, а во исто време ја чуваат и животната средина и богатствата на Преспа, ги следи и Здружението за заштита на животната средина Еко Герила Преспа.

Би рекла дека сме на многу ран почеток или во зародиш за органско производство, што не звучи надежно, но познавајќи го менталитетот и од претходно, тоа е светла точка и што луѓето се охрабруваат и почнуваат да работат. Интерес има претежно кај помладите, но предизвиците се тој временски период кој е потребен, тоа е стресен шок-период, бидејки тогаш се намалуваат приносите и квалитетот и недостапноста на квалитетни природни препарати на пазарот кои се дозволени. Сепак, имаме и добри примери кои сами си прават ѓубрива за заштита“, вели Марија Евтимовска од Еко Герила Преспа.

Од ова еко-здружение веруваат дека земјоделците со помош на државата може да го вратат сјајот на Преспа.

„Треба да се работи доста на добро едукативно информирање, обучување и да има мотив на некоја поддршка, како дел од национална стратегија за еколошко производство што ќе им даде мотив да се преориентираат кон органско производство“, вели Евтимовска од Еко Герила Преспа.

Природните убавини во Преспа ги има во изобилие. Регион помеѓу два национални паркови и со заштитени подрачја. Сè што природата дала, жителите научиле да го искористат. Најпознатиот меѓу нив е Науме Петковски, овде го викаат и „Треварот“ од Ресен. Преку семејната компанија „Роза Канина“ го усовршиле начинот, природата да ја направат многу подостапна за сите нас. Најпознат од нивните производи е преспанската горчица.

Ова се е практично екстрахирање на тревки од преспанскиот регион со висок квалитет. И почвени услови и микроклиматски од над 2.000 метри надморска височина и се прави екстрахирање со домашна мастика и чиста вода, изворска вода, со PH – 8 и процесот трае осум дена“, раскажува Науме.

Нивните производи помагаат за голем број здравствени проблеми. Но, не само на луѓето, во „Роза Канина“ внимаваат и на природата. Тревките на планина ги сечат а не ги корнат, за да има и за догодина, а финалниот производ го пакуваат во еко-амбалажа за и нивните клиенти, дури и по грешка, да не и наштетат на природата.

Во Преспа, сите на свој начин се обидуваат да ја заштита животната средина и богатството да го зачуваат за следните генерации. Во центарот на градот, во познатиот „Млад Турист“ ја запознав средношколката Александра Фузевска. Има 18 години и е лидер на младите, еко-активист и со голема желба да ја заштити Преспа.

prirodno od prespa 5

„Мислам дека ние младите правиме сè што е во наша можност за Преспа да остане едно значајно богатство кое ние ќе го чуваме. Целта нѝ е да останеме и да живееме овде затоа што е посебно од другите градови“, објаснува Александра.

Додека разговаравме со Александра разбравме дека и во кафулето „Млад Турист“ стартуваат важен процес на еко-практики.

Наместо да завршува на ѓубриштата или депониите, одлучиле талогот од кафето да го преработуваат во компост.

„Талогот од кафето што го користиме нема да го фрламе, туку ќе го претвораме во природен компост, природно грубриво-компост, кој ќе го користиме за нашите градини. Од една страна, го намалуваме отпадот, талогот, а од друга страна придонесуваме за почиста средина. Талогот е супер хранливо ѓубриво и би било штета да оди како отпад на нашите депонии. Сакаме до крај да го искористиме и да имаме добар ефект, вели Елена Митаноски, сопственичка на „Млад Турист“. 

Позитивните еко-приказни од Ресен ги завршуваме со финалните производи, а нив ги има на познатите еко-саеми за органска храна.

Од нивата во Преспа, со готовите проиозводи, Пере и Рахела стигна во Скопје. На саемот за органски производи.

ПРИРОДНО ОД ПРЕСПА

Локалците од Преспа знаат и можат, а со мала поддршка од државата богатството кое го создаваат на нивите може да обезбеди добра иднина за сите: Органските производители да ја сочуваат убавината на Преспа, а нивните производи нашето здравје. Документарниот филм го изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со ТВ Сител во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската унија. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

    Поврзани приказни