За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Еколошко востание во Србија: Прва победа во битката против рудник на литиум

Во Србија во изминатиов месец се случи вистинско мало еколошко востание кое, засега, доведе до позитивен исход за жителите на неколку села на западот од земјата, покрај границата со Босна и Херцеговина. Токму тука, во еден од најплодните делови на Србија, мултинационалната компанија „Рио Тинто“ има намера да гради рудник на литиум.

Фотографија од илјадници граѓани насобрани на булеварите во Белград. Дел од нив се качуваат на високи сообраќајни знаци.

Илјадници граѓани ги преплавија улиците на Белград со барање да се стопира отварање рудник на литиум / Автор: Марко Рисовиќ

Долгогодишната борба против овој проект што ја започна локалното население, а го поддржаа еколошките активисти, кулминираше кон крајот на ноември. Тогаш во Собранието на Србија беше донесен Законот за експропријација и измена на законот за референдум и народна иницијатива, и покрај противењето на активистите. Спорните одредби на законот многумина го поврзуваат со интересите на компанијата „Рио Тинто“.

Граѓани протестираат на улиците во Белград, држат транспаренти против изградбата на рудник за литиум

Со различни транспаренти граѓани од повеќе краишта на Србија учествуваа во големите протести / Извор: „Крени-промени“

Саво Манојловиќ од иницијативата „Крени – промени“ („Почни – промени“) вели дека кај првиот закон проблематичен е неверојатно краткиот рок од пет дена за изјаснувањето за недвижнините, како и тоа што како основа за експропријација се воведува меѓудржавен договор.

„Така може да се заклучи, да кажеме, дека договорот со Обединетите Арапски Емирати, основа таму некаква фирма за перење пари и на луѓето им ги одзема имотите, со цел да град некаков инвестициски центар зашто тоа некој го прогласил за јавен интерес“, тврди Манојловиќ.

Кај вториот закон за референдум и за народна иницијатива, покрај останатото се оспорува воведувањето такса на потписите за народната иницијатива што, тврди, повеќе им одговара на богатите, а го намалува влијанието на граѓаните.

Поради тоа на 27 ноември беа организирани протести ширум Србија и едночасовни блокади на клучните сообраќајници во неколку десетина градови – Белград, Нови Сад, Ниш, Шабац… Од сите нив се слушаше „НЕ за Рио Тинто“ и две конкретни барања: до претседателот на државата да не го потпише усвоениот Закон за експропријација, а оној за референдум и народна иницијатива, кој веќе е потпишан, да се измени.

Фотографија од граѓанин на протестите, со маска на лицето

„Не може“ за рудник на литиум беше главна порака на протестите / Извор: „Крени-промени“

Притисокот даде резултати

Слично сценарио беше повторено и следната сабота на 4 декември со помасовен собир и со двострана блокада на сообраќајниците.

Поврзано  Климатска миграција

Истиот ден претседателот Александар Вучиќ се упати во делот од Србија во кој постои загриженост поради истражувањата на компанијата „Рио Тинто“.

Граѓаните кои сакаа да разговараат со него се пожалија на плановите на оваа компанија да направат депонија за јаловина на подрачјето ја реката Јадар, кое би можело да се поплавува, но и да загади 22 села на ова подрачје. Исто така рекоа дека „Рио Тинто“ работи нетранспарентно, поради што ги немаат потребните информации.

Им беше ветено дека ќе се побара од компанијата јаловиштето да биде дислоцирано, но најавена е и можност да се измени спорниот Закон за експропријација.

Четири дена по оваа посета и по масовниот протест претседателот на државата го соопшти она што сакаа да го слушнат и загрозените мештани и организаторите на протестот.

Фотографија од Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ попушти под притисок на јавноста / Извор: Инстаграм @buducnostsrbijeav

Рече дека има недостатоци и на Народното собрание му го врати Законот за експропријација и ѝ предложи на Владата да не донесува нов без претходна најширока јавна расправа. Од Владата беше побарано да предложат измени и на другиот спорен закон за референдум и народна иницијатива.

Исполнувањето на двете барања значеше и крај на протестите за инцијативата „Почни-промени“, но дел од активистите продолжија да го искажуваат своето незадоволство на улица со цел „Рио Тинто“ да се протера од Србија и да се измени просторниот план на градот Лозница.

Не се чекаше долго за исполнувањето на уште едно барање, па на крајот од оваа недела собранието на општината Лозница по итна постапка ги стави надвор од сила планот на градот кој предвидуваше изградба на рудник за литиум во долината на Јадра.

Актуелен, сепак, останува оној на републичко ниво што Владата на Србија го донесе во март 2020 година. Станува збор за Просторниот план на подрачјата за посебна намена за реализација на проектот за експлоатација и преработка на јадарит.

Поврзано  Борбата за урбаното зеленило се сведе на политички виц

Што велат од компанијата?

Компанијата „Рио Тинто“ во Србија е присутна од 2001 година кога доби лиценца за изведување геолошки истражувања. Три години подоцна, беше откриено наоѓалиште на нов минерал јадарит кој, како што велат од компанија, содржи висококвалитетен состав на бор и литиум кои можат да се користат за изработка на батерии за електрични автомобили и за опрема за обновливи извори на енергија како што се соларните панели и ветерните турбини.

За реализација на проектот беа определени 2.4 милијарди американски долари, а компанијата ветува дека за него ќе бидат ангажирани 90 отсто кадар од Србија и долгорочно ќе обезбеди илјада работни места.

Фотографија од девојче што држи транспарент „не сакаме да дишеме загаден воздух“

Граѓаните не сакаат ново загадување / Извор: „Крени-промени“

Неколку пати одговараа на критиките на еколошките здруженија, наведувајќи дека се посветени на почитувањето на највисоките еколошки стандарди и заинтересираните можат за сè да се информираат на нивниот сајт во разделот „прашања и одговори“. Во последното соопштение за јавноста по повлекувањето на просторниот план на Лозница наведоа:

„Уверени сме дека преку дијалог во кој со аргументи и со факти ќе се расправа за проектот „Јадар“ ќе може да се дојде до разбирање со сите заинтересирани страни за реалните и за долгорочните придобивки што Јадар може да му ги донесе на нашиот народ, на локалната заедница и на економијата на Србија, како и за ризите и за планот со кој ќе се обезбеди сигурност на проектот и безбеден живот на граѓаните со целосна заштита на животната средина“.

Претходни иницијативи против изградбата на рудникот за литиум

Еколошките здруженија уште пред неколку години започнаа сеопфатна кампања под називот „Рио Тинто – Марш од Дрина“. Во петицијата со истоимен назив, која досега ја имаат потпишани повеќе од 290 илјади граѓани се бара забрана на проектот за рудник за литиум.

Покрај другото, се наведува дека процесот на раздвојување хемиски стабилен литиум од јадрит вклучува употреба на концентрирана сулфурна киселина. „Процесот би се одвивал на 20 километри од Дрина и би користел 300 кубни метри вода секој час, додека загадената вода би се враќала во реката Јадар. Излевањето неизбежно загадена вода, како и подземните текови вода со присуство на арсен, жива и олово би контаминирале цели речни сливови и би го продолжиле патот преку Јадар во Дрина и Сава, загадувајќи ја не само Србија, ами и други земји“, се наведува во петицијата.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Тихана Бајиќ

Сподели

samo-prasaj_gif-3