fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
mrtva reka tece niz pelagonija featured

Мртва река тече низ Пелагонија

Црна Река е најголемата десна притока на Вардар и трета најдолга река во Македонија.  Извира кај селото Железнец, демирхисарско, а во Вардар се влива кај археолошкиот локалитет Стоби. Со должина од 207 километри и слив кој зафаќа површина од 5.775 километри квадратни, Црна е најзначајниот водотек во југозападниот дел на нашата земја.  Тече низ најголемата македонска котлина, Пелагониската, поминува низ Скочивирската Клисура, најдолгата и една од најживописните клисури во Македонија, но и низ Тиквеш, еден од двата наши строги природни резервати. Но, според сите истражувања, Црна Река е и една од најзагадените реки во Македонија, и тоа долж целиот нејзин тек. Долг е списокот на загадувачи и неодговорни активности кои го нарушуваат квалитетот на нејзината вода и го уништуваат нејзиното природно корито.  Црна Река акумулира отпадни води од повеќе притоки, но пред се од Драгор и Блато кои пак во себе ги собираат фекалиите и индустриските отпадни води од битолскиот и прилепскиот регион. Попатно,  преку диви депонии собира сè што на несовесните граѓани ќе им се најде за непотребно, од домашен отпад, до пестицити, градежен шут, разни хемикалии… Тешка реа и смрдеа ја карактеризира Црна Река на повеќе точки од нејзиното течение, а тоа најдобро може да се почувствува во околината на селото Скочивир.  Опасен е составот на нејзината вода и покрај тоа што еден дел од нејзиното корито е вкопан дирекно во строго заштитено подрачје – резерватот Тиквеш, а условите за опстанок на живиот свет во и крај реката се на граница на нивниот опстанок.

01/14

mrtva reka tece niz pelagonija 01Црна Река извира кај селото Железнец, демирхисарско, на надморска височина од 760 метри. Нејзиното извориште го сочинуваат пет поголеми карстни извори, од кои најзначајни се Црна Дупка и Под Куќа, но и два помали планински потоци со непостојан водотек. Црна Река тече низ 13 македонски општини, а нејзиниот слив зафаќа територија од 4.869,72 километри квадратни во Македонија, како и 905,27 километри квадратни во соседна Грција.

02/14

mrtva reka tece niz pelagonija 02Уште во самото село Железнец, кое поради автентичната архитектура е прогласено за Споменик на културата, започнува негрижата за реката Црна. Покрај отпадните води од малиот број населени куќи во селото кои се слеваат во реката, проблем е и деценискиот криволов на речната пастрмка која во минатото ја имало во изобилство, а денес речиси е исчезната.

03/14

mrtva reka tece niz pelagonija 03Долж течението честа појава е излевањето на Црна Река од своето корито и поплавување на околните површини, пред се во пелагоноскиот регион. Врбите и скршените гранки, ѓубриштето, талогот со текот на времето создаваат вештачки брани кои го запираат протокот на водата, па при обилни дождови таа се излева по нивите, но и по населените места. Локалните власти ретко го чистат коритото од мил, ѓубриште, талог, со што би се избегнале поплавите кои носат огромни земјоделски и метаријални штети.

04/14

mrtva reka tece niz pelagonija 04Реката Драгор, се влива во Црна во близина на селото Новаци. Драгор, кој е претворен во природна канализација и според сите параметри е „мртва река“, е еден од најголемите  загадувачи на Црна Река. Отпадните води, целото ѓубриште кое реката го прибира по своето течение се влива дирекно во Црна. Без прочистување целата отпадна канализациска и индустриска вода од Битола завршува во Драгор, а квалитетот на неговата вода, особено на излез од Битола, достигнува до четврта и петта класа, што ја прави највисоко загадена вода. Со оваа вода се наводнуваат голем дел од земјоделските површини во Пелагонија.

05/14

mrtva reka tece niz pelagonija 05Скочивирската клисура е најголема и една од најатрактивните клисури во Македонија. Се карактеризира со стрмни и високи брегови кои создаваат прекрасен пејсаж и импресивен релјеф. Долга е околу 80 километри и минува низ 2 национални подрачја со биолошко значење, Мариово и Тиквеш. Според Националната еколошка мрежа, Мариово и Тиквеш претставуваат важни области за птици ( Important Bird Area- IBA) и области важни за растенијата ( Important Plant Area – IPA) и двете со светско значење. И покрај тоа што ова е восхитувачки предел и природен раритет, она што силно доминира низ пределот е застрашувачката смрдеа од водите на Црна Река.

06/14

mrtva reka tece niz pelagonija 06Интензивниот мирис на хемикалии се забележува уште на самиот почеток на клисурата, кај селото Скочивир. Според податоци од УХМР на овој потег еколошкиот статус на реката е значително слаб. Во овој предел освен отпадните води од индустриската и канализационата мрежа, големо загадување е забележано и од кадмиумот од РЕК Битола, а рудникот за јаглен Суводол е еден од најголемите загадувачи иако во студијата за оценка на влијанието врз животната средина на јагленокопот Суводол стои дека „не се очекува поголемо влијание на отпадните руднички води на загадување на водите на Црна Река поради тоа што отпадните води од рудникот се со подобар квалитет од водата во самата река“!?

07/14

mrtva reka tece niz pelagonija 07Загадените води на Црна Река се составен дел од Строгиот природен резерват Тиквеш. Иако Тиквеш веќе одамна не ги исполнува условите на овој степен на заштита и чека репрогласување според новите законски норми, сепак високозагадената вода на Црна претставува сериозна закана за исклучително богатиот и разновиден жив свет во ова наше заштитено подрачје.

08/14

mrtva reka tece niz pelagonija 08Дополнителен удар врз екосистемот на Црна река ќе претставува и потенцијалната изградба на двете фамозни хидроцентрали „Чебрен“ и „Галиште“, особено во периодот на градежни активности. Битките за изградба на акумулациите „Галиште“ и „Чебрен“ сѐ уште се водат, а при евентуална изградба трајно ќе се наруши екосистемот во еден од најнедопрените делови на нашата земја.

09/14

mrtva reka tece niz pelagonija 09Значаен извор на загадување на водите на Црна се и околните лозови насади во околината на Тиквешкото езеро. Остатоците од сите пестициди и вештачки ѓубрива кои се употребуваат на овие површини се дренираат и завршуваат во водите на езерото.

10/14

mrtva reka tece niz pelagonija 10Слично како и кај најголемиот број реки во Македонија и покрај течението на Црна можат да се забележат бројни диви депонии. Несовесните граѓани фрлаат сè што ќе им е вишок по дома, а застрашувачки е моментот што тоа неретко се и разни хемикалии, пестициди и остатоци од високотоксични препарати.

11/14

mrtva reka tece niz pelagonija 11Она што сериозно го нарушува ликот, екосистемот и природното корито на реката се сепарациите и дивите ископи на песок и камен од реката, кои ги има на повеќе места, а особено во околината на Росоман. Иако жителите во овој реон и екологистите апелираат сопствениците на нерегуларно изградените индустриски објекти да бидат санкционирани, а нивната незаконска дејност да биде прекината, нивниот глас не се слуша. Непрекинлива е борбата со песочната мафија, а додека таа трае штетите и понатаму најмногу ги трпи Црна Река.

12/14

mrtva reka tece niz pelagonija 12Асфалтна база кај селото Трстеник е уште еден пример за неодговорниот однос кон природата и фактор кој придонесува за уништувањена реката. Она што загрижува е тоа што праксата на издавање дозволи за градба на вакви и слични објекти со години не се менува, а при донесување одлуки надлежните власти речиси секогаш се раководат од лукративни мотиви, додека грижата за прироните вредности секогаш е во втор план.

13/14

mrtva reka tece niz pelagonija 13И така минувајќи околу 200 километри, реката акумулира секакви грдотии, загадени води, смет, пестициди, тешки метали, хемикалии… Во Тиквешката Котлина, кај археолошкиот локалитет Стоби, на надморска височина од 129 метри целиот тој „високобогат“ состав Црна го предава на Вардар. А гледано според површината на нејзиниот слив и количеството на вода што ја внесува во Вардар, Црна Река е негова најголема притока. И така, синџирот на загадување продолжува и продолжува…

14/14

mrtva reka tece niz pelagonija 14Деградирањето на квалитетот на водата на Црна Река е долгогодишен процес кој не запира, и што е уште позагрижувачки ретко кого го засега. Еколошкиот статус на одредени критични точки на реката е на најниско ниво. На одредени делови од нејзиното течение Црна Река е посочена за мртва река – река без жив свет. Потребно е властите посеризоно да се познимаваат со ова прашање, додека исходот по целото течение не станал фатален, и за природата и за човекот.

 

Извори:

Национална стратегија за заштита на природата (2022-2027) – МЖСПП
Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје Строг природен резерват „Тиквеш“
Риболовна основа за риболовна вода „Слив на Црна Река„ за период 2016 – 2022 – Институт за сточарство при УКИМ
Слив на Црна Река – географско картографско моделирање, диференцијација и функционален развој на одделните регионални целини – Цане Котески
Студија за оцена врз животната средина на проектот ПК Подинска јагленова серија – Суводол – МЖСПП

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фотографии: Дарко Андоновски