fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Фотографија од патоказ на кој пишува Мечкуевци. ЕУ ќе ги повлече парите ако до 2026 не го изградиме регионалниот центар за управување со отпад

ЕУ ќе ги повлече парите ако до 2026 не го изградиме регионалниот центар за управување со отпад

  • Целата инвестиција, со изградбата на прифатните центри за собирање на сметот и со регионалниот центар чини 40 милиони евра, а рокот за изведба е 2026 година.
  • Уште се чека Министерството за финансии да ја одобри тендерската документацијата, по што ќе може да се објави меѓународен тендер.
  • Со изградбата на регионалните центри ќе започне долгоочекуваниот хиерархиски и интегриран пристап за управување со отпадот на локално, односно регионално ниво на регуларна депонија според сите стандарди.
  • Во земјите од ЕУ ваквиот процес траел пократко, поради добрата администрација, инспекцискиот надзор и владеењето на правото.
  • Доколку парите од ИПА фондовите се повлечат назад тоа ќе значи губење на довербата од страна на инвеститорите и надежта дека чистењето на отпадот и сметот е воопшто можно.

Тапкаат во место плановите за изградба на Регионален центар за управување со отпад. Очекувањата дека до крајот на јануари ќе се објави тендерот за изградба на првиот центар во земјата, не се исполнија, а сега нема ниту конкретен датум кога тоа може да се случи. Министерството за животна средина чека да се одобри тендерската документацијата од централната финансиска единица во Министерството за финансии (ЦФСД), а потоа во Делегацијата на ЕУ, за да може да се објави меѓународен тендер за изградба на регионален центар и претоварни станици за Источниот и Североисточниот регион.

„Има коментари на тендерската документација и заради тоа не успеавме целиот процес да го завршиме во јануари, сега ќе одговориме на коментарите и очекуваме дека ќе добиеме финално одобрение за да можеме да ја објавиме документацијата“, вели за Дома министерката за животна средина Каја Шукова.

Одбројувањето на времето за искористување на средствата е започнато. Парите од ИПА фондовите за изградба на првиот регионален центар за управување со отпад се одобрени, но рокот за да бидат искористени трае до 2026 година. Ако дотогаш не се изгради регионалниот центар, Македонија ризикува да ги изгуби финансиските средства од ЕУ. Во меѓувреме треба да се завршат и останатите обврски за кои роковите и досега многупати беа пробивани, најчесто поради партиските разлики, несогласувања меѓу градоначалниците на различни општините, локалните самоуправи и Министерството за животна средина.

Фотографија на која се гледа расфрлано ѓубре на дива депонија.

Леснотијата на фрлање ѓубре насекаде и без никаква санкција или одговорност за жал стана сликата по која се препознава Македонија

На терен, стотици депонии во општините во Источниот и Североисточниот регион се исчистија, но дел од нив повторно се затрупани со смет и со најразличен отпад. Бесконечните игранки со отпадот траат со години, а пристојните граѓани се немоќни пред нивните несовесни сограѓани, а и локалните моќници кои камионите полни со ѓубре ги исфрлаат на штотуку исчистените локации. Леснотијата на фрлање ѓубре насекаде и без никаква санкција или одговорност за жал стана сликата по која се препознава Македонија.

Регионален центар за отпад до 2026 или повлекување на парите

Првиот регионален центар за управување со отпад кој се планира да биде изграден во светиниколско Мечкуевци, по цела една деценија се чини дека ќе влезе во фаза на реализација. Идејата е финансиски да им се помогне на општините да селектираат еден дел од отпадот, а останатото да го депонираат во регионалниот центар. За таа цел, општините добија камиони за собирање смет и 4.000 контејнери за селектирање на отпадот. Целата инвестиција, со изградбата на прифатните центри за собирање на сметот и со регионалниот центар чини 40 милиони евра, а рокот за изведба е 2026 година – ако дотогаш парите не се искористат, ЕУ ќе повлече. Министерката Шукова се надева дека има шанса за две години да профункционира европскиот начин на собирање и на обработка на отпадот.

„Одиме сега со нови модерни системи кои ќе подразбираат опрема која веќе е поделена на општините нови канти и контејнери, нови камиони, нови претоварни станици и нова централна депонија, значи малку е комплексен системот затоа и тешко се спроведува, меѓутоа јас се надевам дека овој процес ќе заврши во наредните неколку години. Согласно планираното она што го има во ИПА рамката средствата треба да се потрошат до 2026 година тоа значи дека имаме време, немаме стравување дека ќе имаме губење на средствата народно речено така што продолжуваме со процесот“, вели Шукова за Дома.

На нашето прашање, дали навистина верува дека за две години ќе имаме прв регионален центар за управување со отпад, таа надежта ја гледа во одлуката од Министерството за финансии.

„Јас се надевам дека ние, ако успееме заклучно со овој месец да ја затвориме документацијата со Министерство за финансии и со Европската делегација и го распишеме тендерот во април и процедурата за избор на компанија којашто ќе го работи е долга и е бирократска, ние можеме да очекуваме дека во почетокот на 2025 можеме да почнеме да го градиме системот. Од кога ќе почнеме, работите одат побрзо. Многу често повеќе го губиме времето на административни процедури на самата градба. Тоа го видовме и со другите тендери и со набавките и со расчистувањето на депониите навистина повеќе време губиме административно отколку понатаму на реализација на проектите“, одговара Шукова.

Јадранка Иванова, експертка која со проблематиката со животна средина се занимава повеќе од 20 години нагласува дека за да успеат вака комплексни проекти неопходно е добра координација и посветеност од сите страни, што во наши услови тешко се постигнува, како и силно водство од страната на МЖСПП.

Самите процедури за реализирање на проектите кои се финансираат со странска помош или кредити, особено на оние финансирани од ЕУ се долги и бараат посветеност и добра координираност на повеќе органи (Министерството за животна средина, Министерството за финансии, општинските администрации), но за да успеат клучна е континуираната поддршка на властите, вели Иванова.

Според неа, речиси сите сегашни земји членки на ЕУ во однос на управувањето отпадот се соочувале со истите проблеми како и ние, но кај нив овој процес траел пократко.

Зошто во земјите од ЕУ ова се одвива побрзо?

Процедурата за изградба на регионалниот центар се пролонгира повеќе од десет години – во меѓувреме се креираа илјадници страници документи, стратегии и планови. Но, додека тие се пишуваа, на терен се создаваа нови и нови депонии. Причините за бавните постапки и одолговлекување на целиот процес низ годините беа различни – од недоволна информираност на јавноста, политички разидувања во меѓуопштинските одбори, немање законска регулатива па сè до отсуство на казнена политика и санкции за неправилното одлагање на отпадот.

Иванова нагласува по што овој процес е специфичен кај нас и зошто во другите земји завршил многу побрзо.

Фотографија од Јадранка Иванова„Речиси сите сегашни земји членки на ЕУ во однос на управувањето отпадот се соочувале со истите проблеми како и ние. И имале потешкотии при формирањето на првата соодветна депонија или при примената на селектирањето на отпадот. Она што е различно од нас е што кај нив тој процес траел пократко, поради добрата администрација, инспекцискиот надзор и владеењето на правото. Како најефикасни се покажале пред сè мерките на казнување, односно секој кој не ги почитувал законските обврски бил казнет без исклучок. Потоа, важна улога имале примената на мерки на поддржување на добрите примери, односно одобрување на помали цени за домаќинствата кои селектирале отпад, или пак добивање на попуст при купување на нов, доколку се врати стариот производ. Ние имаме донесено добри плански документи за управување со отпадот кои ги адресираат нашите особености и затоа истите треба да ги применуваме, само е потребна поголема поддршка и посветеност од одговорните структури во државата за нивна примена“, вели Иванова.

Но, таа потенцира дека клучно во сето ова е управувањето со отпад да стане еден од приоритетите на Владата, бидејќи тогаш и ќе се најде начин да се обезбедат ресурси и потребната поддршка за реализација на потребните инвестиции и воведување на потребните промени. Исто така, и локалните власти мора да соработуваат со централните власти и да го исполнат својот удел во управувањето со отпадот.

Фотографија од Свети Николе на која се гледаат полиња.

Процедурата за изградба на регионалниот центар кај Свети Николе се пролонгира повеќе од десет години

На прашањето за институционалните капацитети во органите кои имаат надлежност за животната средина, Иванова оценува дека особено се слаби и недоволни капацитетите на локално ниво во споредба со обемот на законските обврски кои локалните власти ги имаат во однос на заштита на животната средина.

„За мене овој податок е уште еден доказ дека заштитата на животната средина сè уште не е приоритет, како на централно, така и на локално ниво. Исто така, доколку ги погледнете и ги споредите буџетите што се одвојуваат за овој сектор на централно и на локално ниво, ќе видите дека тие се секогаш некаде на дното на списокот. Наспроти тоа, во медиумите сè повеќе простор се издвојува за теми поврзани со животната средина воопшто, но и за управувањето со отпадот. Ова е доказ дека желбите и приоритетите на луѓето не кореспондираат со приоритетите на властите од двете нивоа. Оттука, би заклучила дека успешното спроведување на една политика зависи од капацитетот на администрација да ја спроведе, од расположливите финансиски средства заради обезбедување на нејзиното финансирање, како и истото е правопропорционално со поддршката што се добива од актуелната политичка структура“, вели Иванова.

На десет години, секој жител создава по 100 килограми ѓубре повеќе

И додека целиот процес за изградба на регионалниот центар, се опструираше од различни актери низ годините, количината на ѓубре која го произведуваше секој жител во Македонија се зголемуваше, за во 2022 година, секој жител да создаде по 467 килограми отпад. Само пред десет години, количините на отпад беа драстично пониски, односно според податоците на Државниот завод за статистика, на секои 10 години, количината на ѓубре што ја произведува секој жител во државата се зголемува за околу 100 килограми.

На државно ниво, секој година се произведува по речиси 900.000 тони ѓубре, од кои околу 200.000 тони остануваат несобрани. И во источниот и североисточниот регион не се собира целото отпад – од 165.000 тони отпад, се собираат околу 120.000 тони.

Податоци за количество отпад поделено по плански региони за 2022 година

Во Источниот и Североисточниот регион од вкупно 165.000 тони отпад, се собираат околу 120.000 тони (Извор: Државен завод за статистика, податоци за 2022 година)

Расфрланите ѓубришта создаваат диви депонии кои се штетни и по здравјето на граѓаните и за животната средина.

Фотографија од Александра Каракашова Сачкарска„Општинските депонии во државата се нестандардни и повеќе наликуваат на ѓубришта и претставуваат ‘жешки точки’ за животната средина. Овие локации немаат огради, нити пак пристапни порти за регистрација и влез на возилата; не се обезбедени соодветно, немаат заштитна противпожарна бариера и често доаѓа до самозапалување кое е на штета на здравјето на луѓето и околината. На депониите нема вграден систем за собирање на исцедок, нити пак дренажа за атмосферската отпадна вода“, вели Александра Каракашова Сачкарска, дипломиран инженер по животна средина од ЗОР „Милиеуконтакт Македонија“.

„Несоодветното третирање и депонирање на отпадот предизвикува здравствени и еколошки проблеми како што се загадување на почвата, загадување на воздухот при запалување на депониите, визуелно загадување, непријатен мирис, емисии на гасови од групата на стаклена градина и контаминација на подземните води. Некои од локациите за депонирање или „ѓубриштата“ се наоѓаат покрај патишта или во близина на реки кои дополнително ги влошуваат пределските карактеристики. За време на дождови големи количини на отпад може да доспеат во реките и да предизвикаат штета врз акватичниот биодиверзитет, а доколку истата таа вода се користи за наводнување на земјоделски површини може да предизвика и влошување на квалитетот на храната. Многу често овие „ѓубришта“ се самозапалуваат и создаваат токсични материи кои се испуштаат во околината и го загадуваат воздухот и влошуваат здравјето на граѓаните“, вели Каракашова Сачкарска.

И општинската депонија во Свети Николе не ги исполнува основните стандарди од националната и ЕУ регулативата за нејзино нормално функционирање. Во конечниот извештај на ревизорите беа констатирани многу пропусти при работењето на ЈКП „Комуналец“ од Свети Николе – создадениот отпад не се селектира, не се врши мерење на изнесениот отпад и не е воспоставена соодветна евиденција, од пет населени места на општинско ниво не е организирано собирање и транспортирање на отпадот, што пак има влијание врз создавањето диви депонии.

„Извршивме увид на депонијата и констатиравме дека планираните активности согласно годишната програма не се реализирани. Исто така, при теренски увид на депонијата воочивме активен пожар што има лошо влијание на животната средина и здравјето на луѓето што не е во согласност со член 70 од Законот за управување со отпад“, се вели во конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година на јавно комунално претпријатие „Комуналец“ Свети Николе.

Бројот на депонии во државата се движи и до 1.000, но во планот на Министерството за животна средина на списокот на депонии кои се приоритетни за затворање се 54.

Според категоризацијата во сите плански региони има депонии со висок ризик. Во Полошкиот плански регион има 1 депонија со висок ризик; во Југозападниот регион има 8 депонии (3 со висок ризик, 1 со среден и 4 со низок ризик); во Пелагонискиот регион има 9 депонии (3 со висок ризик, 2 со среден и 4 со низок ризик); во Југоисточниот регион има 10 депонии (5 со висок ризик, 1 со среден и 4 со низок ризик); во Вардарскиот регион има 5 депонии (1 со висок ризик, 1 со среден и 3 со низок ризик); во Источниот Регион има 18 депонии (3 со висок ризик, 8 со среден и 7 со низок ризик); и во Североисточниот регион има 4 депонии (1 со висок ризик, 2 со среден и 1 со низок ризик).

Фотографија од табла во близина на Село Блаце, на која пишува: „Голема молба од с. Блаце да не фрлате било какво ѓубре!“

Во Македонија има 54 комунални и стотици диви депонии кои се со висок ризик за животната средина

Каракашова Сачкарска посочува дека со исклучок на Дрисла, Скопје и Ново Коњско, Гевгелија, сите други општински локации на кои моментално се врши одлагање на отпад, не се во согласност со минималните технички услови кои треба да ги исполнуваат за да може да се класифицираат како контролирани или санитарни депонии.

Со тоа тие имаат значителни негативни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето и биолошката разновидност со загадување на почвата и акумулирање на токсични материи во синџирот на исхрана, во природната флора и фауна и слично.

Со отворањето на регионалниот центар, се очекува целото ѓубре да се собере, да се селектира, но и да се затворат сите нестандардни депонии.

Како регионалните центри ќе ги намалат количините на отпад

И Каракашова Сачкарска и Иванова се согласуваат дека со изградбата и ставањето во функција на регионалните центри за управување со отпад ќе започне долгоочекуваниот хиерархиски и интегриран пристап за управување со отпадот на локално, односно регионално ниво на регуларна депонија според сите стандарди за ваков тип на инфраструктура. Она што го потенцираат е дека со обработка на отпадот ќе се намали и самата количина.

„Општините и комуналните претпријатија ќе треба да обезбедат инфраструктура за примарна селекција на отпадот (пластика, стакло и хартија), биоразградлив отпад и сл., со цел да се искористат употребливите состојки од отпадот, но и да се намали количината отпад која ќе носи до регионалните центри за отпад, што би значело и намалување на трошоците за депонирање. Целта на концептот врз кој се заснова законодавството и политиката во управувањето со отпадот во ЕУ, а кои се транспонира и во нашето законодавство е потребата од воспоставување на современи депонии да се сведе на минимум и целиот отпад кој се произведува да се рециклира т.е. искористи. Од тие причини, секое спротивставување што го попречува воспоставувањето на регионалните интегрирани системи за управување со отпад е во најмала рака неоправдано, ако не и неразумно“, вели Иванова.

Моменталната ситуација со рециклирање на отпадот во земјава е на почетно ниво, а проекциите само се коригираат. Потврда за ова се и наводите во Планот за управување со отпад за период од десет години 2021-2031 во кој се ревидирани неостварените амбициозни прогнози од претходните вакви документи кои се оценети како „тешко достапни“. Коригираните проекции предвидуваат 25% од отпадот да се рециклира до 2025, наместо првичните кои прогнозираа 50% од отпадот да се рециклира до 2020 година. Понатаму, до 2035 треба да се рециклира 45% и 65% до 2045 година. Следствено на овие предвидувања, намалени се и количините на комуналниот отпад кој би завршувал во регионалните центри за управување со отпад.

За функционирањето на регионалниот центар за отпад, ова значи дека селектираниот отпад ќе оди директно за преработка кај правни лица кои имаат дозвола за вршење на ваква дејност, а само она што ќе заврши како мешан отпад ќе оди на централната постројка, каде што ќе има и линија за секундарна селекција.

Казни за прекршителите за промена на навиките

Истата слика на смет и нестандардни депонии како во Источниот и Североисточниот регион е и во останатите региони во Македонија. За изградба на регионалните центри за управување со отпад во овие региони е земен кредит од Европската банка за обнова и развој но овој процес е речиси на самиот почеток – Министерството за животна средина распиша тендер за набавка на камиони и контејнери и треба да започне процесот на селекција на отпадот. Понатаму, следува изработка на стратегии за влијанието врз животната средина, формирање на претпријатие па обработка и депонирање на отпад во стандардни центри.

Фотографија од камион кој истура ѓубре во нелегална депонија близу Визбегово.

Смет и нестандардни депонии се карактериистика за сите региони во Македонија

За овој процес да успее потребно е да започне и менување на навиките кај граѓаните и компаниите. Освен едукација да не се фрла ѓубре насекаде, ќе треба да се изрекуваат и казни за прекршителите, кои се покажале дека позитивно влијаат на подигање на свеста за чиста околина. Исто така, се предлага и промена на начинот на плаќање, што ќе треба да го стимулира рециклирањето.

„Изградбата на инфраструктура нема да значи ништо ако не се постигне паралелно подобрување на одговорноста и однесувањето на граѓаните и на компаниите. Иако искуството покажало дека вторите полесно се приспособуваат, сепак општата перцепција е дека сме сè уште далеку од она што значи одговорно постапување со отпадот. За да ја подобриме оваа ситуација потребно е да се спроведат сеопфатни мерки на едукација и поттикнување/поддржување и спроведување на законодавството препратено со соодветна казнена политика. Кампањите за подигнување на јавната свест треба да бидат јасно таргетирани и да се спроведуваат паралелно со спроведувањето на инфраструктурните проекти. Притоа, потребно е спроведување на мерки со кои ќе поттикнат најдобрите, а ќе се казнат прекршителите“, објаснува Иванова.

Исто така, треба да се отстрани и сегашниот начин на одредување на цената на услугите за управување со отпад, каде што површината претставува пресметковна основа за утврдување на цената, со тоа што цената ќе се пресметува исклучиво согласно видот и количината на создадениот отпад.

„Застарениот начин на пресметка овозможува да се продолжи со досегашните практики на негрижа во постапување со отпад од домаќинствата кои се штетни, како за животната средина, така и за здравјето на луѓето. На овој начин големи количини на отпад кои имаат вредност поради потенцијалот за рециклирање ги губиме неповратно, така што, покрај финансиската загуба, имаме значителни загуби и на природните ресурси. Веќе еднаш реков, дека ние не сме толку богата држава за да можеме да си дозволиме да го фрламе ѓубрето“, вели Иванова.

Изградбата на регионалните центри е скап процес, но покрај користа по здравјето и животната средина, управувањето со отпад е дел од Поглавјето со ЕУ за „Животна средина и климатски промени“. И ако земјата сака да напредува по европскиот пат, обработката и собирањето на отпадот е услов за тоа.

Шукова очекува овој процес да заврши, и политичките влијанија да не ја спречат резилацијата на проектот во дадениот рок.

„Секогаш постои ризик на загрозување на процесот од политичко влијание што е жално. И не треба да биде така. Јас секогаш велам животната средина не треба да препознава политика бидејќи секако се прави за граѓаните пред сè заради здравјето на граѓаните. Јас само се надевам дека политичко влијание нема да има во овие процеси дека општините ќе сфатат конечно дека ова е нивна надлежност, а дека државата им помага во овој процес, дека ќе поразговараат со граѓаните што значи користа од спроведување на овие процеси а не оној систем којшто го имаме во моментов кој не ни е од корист на сите“, вели Шукова.

Но, ако се има предвид досегашната динимика – повеќе од еден деценија за да се стигне до овде, речиси нереално  е да се очекува центарот да биде изграден до 2026 година. Повлекувањето на парите ќе биде пораз, кој ќе значи губење на довербата од страна на инвеститорите, враќање на депониите и губење на надежта дека чистењето на отпадот и сметот е воопшто можно.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Снимател: Зоран Догов
Фото: Дарко Андоновски
Монтажа: Ристо Душковски

Поврзани стории:

Регионалните депонии – ризик за здравјето

Депониите во Македонија

Депониите го трујат Скопје, ќе се чистат со нов закон

Стружани бараат регионална депонија во Дебрца, дебрани не сакаат ни да чујат

Првиот центар за управување со отпад ќе се гради во Свети Николе

Ѓубрето во Скопје политичарите го гледаат само во предизборни кампањи

Илјадници тони отпад не се селектира бидејќи дел од фирмите не го пријавуваат

Не треба да ја чуваме природата само за атер на ЕУ

Ѓубре насекаде, акција само некаде

Еколошки пресврт или научна фантастика

Странци упорно ни плаќаат стратегии, ние уште поупорно не ги спроведуваме