За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Владата сака да го легализира криминалот во заштитените подрачја

Владата до Собранието достави предлог-закон за регулирање на статусот на бесправно изградените објекти, со којшто одново се „погребува“ правната држава. Имено, наместо казни за они коишто ги прекршуваат законите и градат на диво се предвидува своевидна амнестија на криминалот.

Наместо кривични пријави, легализација на дивоградбите

Измина повеќе од една деценија од носењето на првото законско решение за легализација на дивоградби, а актуелната власт со новата регулатива признава дека  проблемот останал нерешен. Ако порано образложението беше дека дивоградбите се на лица со ниски примања или корисници на социјална помош, сега станува евидентно дека политичарите на власт во Македонија континуирано носат закони коишто го поттикнуваат криминалот односно продуцираат нови дивоградби.

Ќе се легализираат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година

„Законот за постапување со бесправно изградени објекти ги опфати бесправните објекти изградени заклучно со 3 март 2011 година. Еден дел од објектите, предмет на овој закон и понатаму останаа со нерегулиран статус од причини што барателите не ја доставија потребната документација во законски утврдени рокови. Исто така, од страна на ЗЕЛС е укажано дека во поголем дел од единиците на локалната самоуправа евидентирани се бесправни градби кои се изградени после 3 март 2011 година и истите треба да бидат отстранети што ќе предизвика дополнителни административни постапки и трошоци“, пишува во новиот предлог-закон, со којшто е предвидено да се легализираат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година.

Илјадници објекти сè уште се надвор од законската рамка, а општините немаат капацитет да се справат со проблемот. Очигледно е дека повеќе и не се работи за социјалниот момент, туку за луѓе коишто градат на диво во надеж дека ќе влезат во идно законско решение, бидејќи изминативе години никнаа и хотели, сместувачки капацитети, ресторани, платформи, изградени спротивно на законот.

Се подрива правниот систем

И покрај бурните реакции коишто резултираа со повлекување на претходното решение, и со новиот предлог-закон е предвидено да се легализираат дивоградби во заштитени подрачја. Иако со членот 4 се изземаат бесправно изградените објекти коишто се наоѓаат во зона на строга заштита и зона на активно управување се остава простор за легализација на дивоградби во зоните за одржливо користење или во заштитени појаси, какви што се на пример дивите куќи и викендички на Попова Шапка или во Мавровскиот регион.

Ова за еко-активистите е показател дека заштитата е само про-форма и оти државата наместо да го санкционира, го наградува градежното дивеење.

„На огромни површини во заштитени подрачја, национални паркови, Водно, Осоговски планини, може да се легализираат дивоградби. Тоа се тие зони за одржливо користење и зони на заштитен појас. Може и во подрачје на заштитено недвижно културно наследство (споменичка целина), освен во старото градско јадро на Охрид. И сето тоа експресно, сè е во рок од 30, 60 дена, подзаконски акти се носат за 30 дена, додека за други закони чекаме по две години. На крај уште и ќе си го откупиш државното земјиште на кое си ја легализирал дивоградбата. Легален башибозук. Која е пораката? Ние про-форма ќе заштитиме, вие само градете без никакви ограничувања, зошто сето ваше дивеење, ние ќе го наградиме еден ден. До следниот закон за легализација. Системско и континуирано рушење на правен систем. Сите закони да си ги фрлиме низ прозор. Тоа е пораката. Дивеење се исплати и се наградува одозгора“, оценуваат од „О2 Иницијатива“.

Поврзано  Хроничен недостиг од инспектори во животната средина

Со законот се дозволува легализација на дивоизградени објакети на огромни површини во Маврово, Шар Планина, Пелистер, Галичица, Осогово… Извор: „О2 Иницијатива“

На тоа предупредува и пратеничката и претседателка на ДОМ, Маја Морачанин.

„Заштитените подрачја имаат соодветни зони и Планови за управување со подрачјето со кои се прецизира кои дејности, активности и градби се дозволени во секоја зона. Доколку тоа не се почитува, се уништуваат природните вредности на подрачјето и заштитата станува беспредметна“, вели Морачанин.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, пак, тврди дека станува збор за објекти коишто се веќе изградени во подножјата на планините, а коишто сега само се ставаат во легална рамка.

Со предложениот закон не се дозволува легализација на дивоградби во старото градско јадро на Охрид, но за поширокиот охридски регион којшто е ставен под заштита на УНЕСКО тоа важи само ако дивоградбите не се во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство.

И покрај најавите досега нема уривање на дивоградбите на брегот на Охридското езеро

Ова отвора простор за легализација ако дивиот објект е во согласност со Планот, иако е изграден незаконски.

На граѓаните им се праќа порака дека криминалот се исплати

И еко-активистите и Морачанин сметаат дека е спорна пораката којашто им се испраќа на граѓаните, а таа е дека криминалот се исплати. Пратеничката побара Комисијата за транспорт, врски и екологија да спроведе надзорна расправа за спроведувањето на Законот, затоа што и по повеќе од 10 години, дивоградбите остануваат, а државата нема податоци за нивниот точен број, вид и локација.  Сè уште се чека одлука по ова барање.

Пребројувањето на дивоградбите невозможна мисија

„Носењето Закон со кој се легализираат дивоградби индиректно упатува порака до граѓаните дека можат да градат без одобрение за градење, а потоа ќе им биде овозможено да го легализираат бесправно изградениот објект. А всушност, бесправното градење согласно Кривичниот законик претставува кривично дело и се казнува со казна затвор. Легализацијата на дивоградби ги дискриминира граѓаните кои граделе согласно законските прописи и платиле комуналии и данок на имот, во однос на оние кои бесправно граделе, не платиле комуналии, ниту данок на имот. Легализацијата на дивоградби го минимизира значењето на урбанистичкото планирање“, вели Морачанин.

Според „О2 Иницијатива“, ова е закон кој ги урива сите други закони.

„Апсолутно не е во ред повторно да се прави легализација на објекти кои кога се граделе не се почитувале никакви закони, ни на чие земјиште градат, може државно или на друг сопственик, ниту пак испочитувале урбанистички план, градежна дозвола, ниту дали се работи за национален парк, УНЕСКО заштитен регион, ништо. Апсолутно ништо. И за тоа ќе бидат наградени и дел од нив нема ни денар да платат, како на пример тие што градат на диво џамии и цркви каде ќе им текне или ако си држава/општина. Може да си имаш земјиште на кое некој си дигнал куќа на диво која ќе си ја легализира и никој ништо не му може. Некој си добил решение за денационализација/приватизација на земјиште, а друг си тера легализација на дивоградба на негово земјиште и пак никому ништо. Сè си е согласно закон, но во овој случај закон кој ги руши сите други закони“, предупредуваат од „О2 Иницијатива“.

Поврзано  Сомнителна пренамена на државно земјиште во Долно Лисиче

Но, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски е со став дека Владата со законот не стимулира нови дивоградби. Тој прстот го вперува кон општинските инспектори коишто треба да контролираат, санкционираат и да не дозволуваат да се градат дивоградби, иако локалните самоуправи ни оддалеку го немаат потребниот кадар.

Почнаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, продолжуваат СДСМ и ДУИ

Законот за легализација на дивоградби го донесе Владата на Никола Груевски во 2011 година. Тогаш се проценуваше дека во земјава има околу 300.000 бесправно изградени објекти.

Рокот до кога можеше да се поднесуваат документи беше трипати продолжуван, за на крајот, на средината од 2018 година да биде кажано дека се легализирале 202.110 објекти.

На крајот на 2019 година, во приказната влезе и Владата предводена од СДСМ, кога тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески го образложуваше новиот предлог-закон донесен на владина седница за периодот до 1 октомври 2019 година. Тогаш проценките беа дека останале околу 100.000 дивоградби. Собранието кон средината минатата година дури успеа и да го донесе новиот закон, но по бурните реакции од експертската јавност која препозна многу контроверзни елементи во него, претседателот Стево Пендаровски донесе одлука да не го потпише указот, по што Владата го повлече од процедура и одлучи да го преработи решението.

Претседателот Стево Пендаровски има право повторно да не го потпише указот за новиот закон

Новиот предлог-закон предвидува барање за утврдување на правен статус на објект да може да поднесат и домашни и странски државјани во првите шест месеци од денот на стапување на законот во сила, само за еден објект. Нема да може да се легализираат згради и доградби на згради, помошни објекти, базени, гаражи, како и различни видови урбана опрема, но, дивите верски објекти ќе се легализираат бесплатно.

Новата џамија во Охрид е дивоградба, а новиот закон доколку стапи на сила би овоможил бесплатна легализација

Надоместокот за легализација за објекти до 80 квадрати се зголемува за 50% од основниот комунален трошок, а за поголеми објекти е 100%.

Надлежните најавуваат јавна расправа во Собранието, но останува впечатокот дека овој закон повторно ја става правната држава на тест, затоа што несанкционирањето и неспроведувањето на постојните закони креира нови и нови проблеми, а државата на крајот може и самата да стане дивоградба, иако тоа ќе биде „во согласност со законот“.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Ристе Душковски

Сподели

samo-prasaj_gif-3