За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Со ова темпо сто години ни се малку за спас на животната средина

Административните капацитети на сите нивоа остануваат ниски и финансиските  ресурси сè уште не се доволни за да се имплементира постоечката регулатива.  Административниот капацитет за спроведување и извршување на законодавството во областа на животната средина е несоодветен и на централно и на локално ниво, а инвестициите во секторот сè уште се многу ниски во споредба со потребите.

Овие две реченици се напишани во временска рамка од десет години. Првата е од поглавјето за животна средина и климатски промени во извештајот на Европската комисија за Македонија во 2020 година, а втората од истото поглавје во извештајот за земјава од 2010 година.

Споредбата на забелешките од двата извештаи покажува дека во Македонија времето е застанато кога е во прашање борбата за животната средина.

Иако се бележат одредени поместувања, во изминатава деценија надлежните институции не демонстрираат решителност во определбата да се заштити животната средина, ниту пак способност за координирано спроведување активности и подготвуваат закони и стратегии коишто не се имплементираат бидејќи не се поткрепени со пари од државниот буџет.

Забелешки во извештаите на ЕК за напредокот на Македонија за 2010 и 2020 година во поглавјето за животната средина
област 2010 година 2020 година
управување со отпад Започна процесот на воспоставување интегриран систем за управување со отпад на локално ниво. Инвестициите во оваа област се‘ уште се далеку од доволни. Процесот на воспоставување на интегриран регионален систем за управување со отпад продолжува да се соочува со доцнења поради недоволни административни и финансиски ресурси и недостиг на ангажираност.
квалитет на воздух Административниот капацитет е се уште недоволен, особено на локално ниво. Системот за мониторинг на квалитетот на воздухот се уште е во рана фаза на неговиот развој. Националната мрежа за следење на квалитетот на воздухот е обновена со замена на неколку анализатори, но сепак е потребно значително засилување. Недоволната координација помеѓу централните и локалните власти и слабата меѓусекторска соработка го ограничува спроведувањето на мерките за намалување на загадувањето на воздухот.
квалитет на води Забележан е многу мал напредок во адресирањето на важните недостатоци кај системот за мониторинг на води. Заостанува планирањето и подготвувањето на инвестиции во инфраструктурата, а финансирањето е премногу ниско во споредба со потребите на секторот. Потребно е да се воспостави систем за мониторинг на квалитетот и квантитетот на површинските и подземните води. Потребно е зајакнување на административните капацитети и меѓуинституционалната координација.
заштита на природата Може да се извести за одреден напредок во развивањето и спроведувањето на некои планови за управување со заштитени подрачја. Финансирањето за управување со заштитените подрачја е недоволно. Подготвени се студии за валоризација и управување за неколку заштитени подрачја, но недостасуваа долгорочно финансирање.
индустриско загадување Административниот капацитет треба значително да се зајакне, осебно во делот на инспекциите. Подготовките во оваа област се бавни. Недостигот од  утврдување одговорност кај загадувачите оневозможува да се направи систем за спречување на индустриските и хемиски несреќи.
Забелешки во извештаите на ЕК за напредокот на Македонија за 2010 и 2020 година во поглавјето за животната средина

Јавноста да се вклучи во одлучувањето

Во новиот извештај на Европската комисија се вели дека во земјава има континуиран дијалог со граѓанското општество, но се потенцира дека се потребни понатамошни напори за олеснување на пристапот до информации и учество односно консултации со  јавноста во процесот на одлучување.

Истовремено, се укажува дека е потребно да се подобри квалитетот на студиите и јавните дебати посебно за проекти поврзани со хидроенергијата,  рударството и инфраструктурата. Во однос на управувањето со отпад се забележува дека потребните закони сè уште не се донесени.

Недоволни се економските стимулации за промовирање на рециклирање и спречување на создавање отпад.

Во извештајот се потенцира и дека не постои систематски пристап за санација на жариштата во животната средина.

„Ова ги зголемува ризиците по здравјето на луѓето и животната средина, како што е илустрирано со неконтролирано истекување на депониран метил акрилат на поранешната индустриска локација ОХИС“, пишува во извештајот.

Европската комисија бележи ограничен прогрес во земјава во областа – квалитет на водата и укажува дека државата мора да вложи сериозни напори да ја имплементира европската регулатива во оваа област.

Во однос на климатските промени се бара да се спроведе Парискиот договор, да се развие сеопфатна климатска стратегија, да усвои закон во согласност со рамката на ЕУ 2030 година и да се развие Национален план за енергетика и клима, во согласност со обврските на Енергетската заедница.

Тужбата за аерозагадувањето по една година без епилог

Во однос на квалитетот на воздухот во новиот извештај на Европската комисија се констатира дека напредокот на програмата за намалување на загадувањето на воздухот е бавен.

„Бројот на надминување на загадувачите останува далеку над границите на ЕУ и загадувањето на воздухот е големо во поголемите градови во текот на зимата. Малку градови имаат подготвено план за квалитет на воздухот, но темпото на нивно спроведување треба да се зголеми. Постои зголемена побарувачка од јавноста за итни и построги мерки против загадувањето на воздухот“, пишува во извештајот.

Европската комисија нотира дека е поднесена првата тужба до Граѓанскиот суд за загадувањето на воздухот и неуспехот да се заштитатат граѓаните од негативните ефекти на загадувачите.

Станува збор за тужба што лани ја поднесе Македонското здружение на млади правници. Оттаму велат дека се‘ уште се чека на одлука дали судот ќе ја прифати тужбата.

„Македонското здружение на млади правници тужбата за аерозагадувањето во Скопје со која бараме утврдување повреда на конкретни права и непреземање мерки од страна на надлежните државни органи, ја достави до Основниот граѓански суд во јули 2019 година. До сега беа закажани 4 подготвителни рочишта, односно првото рочиште беше закажано во декември 2019, второто во февруари 2020, третото во април 2020, кое се одложи поради Ковид-19, додека четвртото рочиште се одржа во септември 2020 година. Во моментот ја чекаме одлуката на судијата кој со формално решение треба да се изјасни за надлежноста, односно дали Основниот граѓански суд е надлежен да расправа и одлучува во ваквите работи или ќе ја отфрли тужбата поради ненадлежност“, велат од здружението.

Бавноста на судската власт во однос на ова прашање само ја надополнува сликата за македонските институции кои очигледно имаат игнорантски однос кон проблемите во животната средина и полесно им е да го завртат грбот отколку да преземат акција.

Без промени, ваквата прaктика утре може да стане сериозна пречка за евроинтегративниот процес на земјава. Имено, прифаќањето на европската регулатива носи обврски во однос на климатските промени, квалитетот на воздухот и на водата, управувањето со отпадот, заштитата на природата, индустриското загадување, хемикалиите, бучавата и цивилната заштита. Ако сакаме во ЕУ, мора да најдеме начин да ги имплементираме европските закони бидејќи во спротивно тешко ќе оди процесот на зачленување на земјава во Унијата.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски
Фотограф: Томислав Георгиев

Сподели
samo-prasaj_gif-3