СРЦ „Сарај“ – зелениот џеб на градот
Спортско-рекреативниот центар „Сарај“ е заборавено катче на Скопје. Изграден уште во далечната 1948 година, неколку пати надградуван и дополнуван со нови содржини, центарот речиси половина век претставувал катче во кое генерации скопјани рекреирале, спортувале и дружеле. За жал, во последните децении оваа преубава зелена оаза сместена крај вливот на Треска во Вардар е заборавена и сосема неискористена за намената за која е создадена. Во време на масовна бетонизација на градот, во време кога површините под зеленило се сè помали, вистинска штета е што еден ваков центар, намерно или ненамерно, зјае празен. И, ако во некои поранешни времиња „Сарај“ вриел од народ, денеска е речси празен и мал е бројот на оние кои го реметат мирот и тишината кои владеат тука.
01/12
Центарот кој денес се простира на површина од 240 000 метри квадратни, уште со првите повоени урбанистички планови бил предвиден како дел од регионот Сарај – Матка исполнет со соодветни содржини. Во 1955 година биле изградени фудбалски игралишта, базен и други рекреативни објекти.
02/12
Со урбанистичкиот план од 1964 година биле испланирани површини под јавно заленило и спортско-рекреативни реони, додека во 1971 година, од страна на тогашното комунално производствено претпријатие „Паркови и зеленило“ е направен проект за СРЦ „Сарај“, со кој се дефинирани градското и вонградското зеленило, со паркови, плоштади и други зелени површини.
03/12
Низ годините во Матка се вложува и инвестира, додека сè оди во спротивна насока со Спортско-рекреативниот центар „Сарај“. Постепено тој пропаѓа, го губи својот сјај, се запоставува, дури и уништува. Останува на работ на грижата на надлежните.
04/12
Повозрасните скопјани памтат времиња кога во време на викендите и државните празници овој центар вриеше од народ, кога на спортските терени се организираа масовни турнири, кога тукашниот базен беше претесен да ги прими сите посетители. Но, тоа беше така во некои други времиња, кога и без некакви специјални едукативни кампањи граѓаните спортуваа, рекреираа и се дружеа со природата.
05/12
Она што особено го правел Центарот атрактивен за посетителите е Олимпискиот базен во „Сарај“ кој зазема голем дел од комплексот, а бил прочуен по скокалницата. Изграден е во 1948 година и е врежан во меморијата на многу скопјани кои во летните месеци се разладувале тука и првиот скок во вода го направиле токму во базенот „Сарај“.
06/12
Денес базенот е претворен во вештачко мучуриште обраснато со треви, соблекувалните се сосема руинирани и целиот амбиент го нагрдува изгледот на паркот. Во состојбата во каква е денес единствената функција му е да ги потсетува скопјани на некои други, поубави времиња.
07/12
Долги години СРЦ „Сарај“ беше целосно запуштен и заборавен од сите надлежни институции. Некаде кон крајот на минатата декада ЈП „Паркови и зеленило“ започна со негова реконструкција и обнова на парковските содржини. Поставени се нови летниковци и клупи, обновено е осветлувањето, а патеките за прошетки и трчање се средени. Изградено е и место за миленици, а засадени се и нови 350 садници од дрвја.
08/12
Денеска паркот е солидно среден и рехабилитиран. Екипи на „Паркови и Зеленило“ редовно го чуваат паркот уреден и чист. Зеленилото е негувано, секогаш тазе искосено и наводнувано.
09/12
Во 2022 година екипи на Градот Скопје започнаа со реконструкција на шест спортски игралишта во паркот и дополнителни четири спортско рекреативни содржини со што постепено се врати спортската компонента на ова познато излетничко место. Екипи на Градот работат и на оформување на нови пристапни патеки до спортските терени и на реконструкција на останатите содржини во паркот.
10/12
Кале, Гази Баба, Зајчев Рид, Сарај и Градскиот Парк се најзначајните комплекси на градското урбано зеленило во Скопје. Од нив само Кале и Гази Баба се со закон заштитени подрачја, додека останатите се дефинирани согласно урбанистичката документација. Според испитувањата, Кале и СРЦ „Сарај“ се најретко посетувани зелени локалитети.
11/12
И покрај сериозните зафати за рехабилитација на центарот, „Сарај“ и понатаму е заборавен и речиси пуст. Освен жителите од непосредната околина, останатите граѓани на Скопје речиси и не знаат, или пак заборавиле, дека на само 7 километри од центарот на градот постои оваа зелена оаза.
12/12
Иако пред 4 години постоеше проект за зголемување на туристичката посетеност на Сарај и Матка, финансиран со пари од ЕУ и Светска Банка, ефекти од тој проект на терен не се забележуваат, а се чини дека и никој сериозно не се ангажирал таквата состојба да се смени. Во меѓувреме Спортско-рекреативниот центар „Сарај“ зјае неискористен и останува само да не потсетува на некои времиња кога грижата за благосостојбата на граѓанинот била еден од врвните приоритети на државата.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски
ИЗВОРИ:
Град Скопје – Студија за озеленување и пошумување на подрачјето на град Скопје