Вардар – валкан, токсичен и заборавен
Вардар, нашата најголема река е пред нејзината биолошка смрт. Сликата на Вардар, кој некогаш беше симбол што ја краси Македонија, од година во година е се погрда и погрда. Низ Вардар тече загадена вода, коритото е уништено, на неговите брегови виреат депонии, а жив свет во реката речиси и да нема. Од најголема река, која во своето корито собира повеќе од 70% од сите протечни води во Македонија, Вардар се претвори во една голема канализациска цевка. Се што „не чини“ завршува во Вардар. Во Вардар завршуваат фекалиите од градовите и селата, индустриските отпадни води, во Вардар се фрла ѓубре од секаков вид, градежен шут, неговото корито се уништува со легален и нелегален ископ на песок и камен, но и со разни налудничави градежни проекти. Ако некогаш се пееше „од Вардар па до Триглав“, денес со жалење можеме да констатираме дека Триглав и понатаму е симбол на една од најеколошките земји во Европа, а Вардар стана симбол на нашиот прмитивен и неодговорен однос кон природата.
01/17
Реката Вардар е најдолгата река во Македонија. Според најновите мерења Вардар во Македонија има вкупна должина од 299.5 километри, а заедно со делот во Грција 385,7 km. Ако низ трите сливни подрачја на Македонија просечно протекуваат околу 6,63 милијарди метри кубни вода годишно, само низ Вардар протекуваат повеќе од четири и пол милијари. Годишниот просечен проток на реката Вардар во Скопје изнесува 57,7 метри кубни во секунда, додека во Гевгелија, на грчката граница протокот е 145 метри кубни во секунда.
02/17
Постарите граѓани паметат времиња кога до пред педесетина години на Вардар се ловеле пастрамки, кои денес веќе речиси и ги нема, а се фаќале и ракови, кои се индикатор за најчистите води. Сите ги знаеме градските легенди за популарната градска скопска плажа на која скопјани безбедно рекреирале и се бањале. Вардар некогаш бил дом на разнолика флора и фауна, која денес е сведена на минимум, а голем дел од видовите одамна се исчезнати.
03/17
Денешните генерации, за жал, го знаат и ќе го паметат само како река од која се шири реа, река која носи пластични шишиња, по некои патики или влечки, канти и се што е „вишок и непотребно“, но и како река во која е строго забрането капење. Вардар е бистар и чист само во изворишниот дел, во селото Вруток, а веќе на следната точка на која се вршат мерења, кај гостиварското село Форино, водата е високо загадена и според последните мерења спаѓа во води од четврта класа, при што треба да се земе предвид дека највиск степен на загадување е петта класа.
04/17
Континуираното загадување на реката Вардар со фекалии и непречистени индустриски води го менува физичко-хемискиот состав на водата. Мерењата покажуваат надминување на дозволените вредности во однос на присуството на бактерии и тешки метали. УХМР го следи сливот на Вардар на 17 водни тела и со тоа се покрива едвај 19 отсто од целото подрачје на сливот.
05/17
Загадувањата се од атмосферски, комунални и индустриски испусти. Истражувањата покажуваат дека освен фекалии и комунална вода од домаќинства, непречистени отпадни води се испуштаат и од субјекти со различни производни дејности, како млекарници, погони за сувомесни производи, производство на јајца, кожарска индустрија, металургија и други. При анализа во која се опфатени само поголемите загадувачи резултатите покажуваат надминување на дозволените вредности на азот, амониум, фосфор, суспендирани материи, како и цинк, олово, никел, железо и манган.
06/17
Повеќегодишното континуирано загадување на реката Вардар со испуштање на непречистени отпадни комунални и индустриски води негативно влијае врз животинскиот и растителниот свет во реката. Се забележува целосно исчезнување на одредени видови животни од реката или од некои нејзините делови, како и менување на структурата на фауната. Доколку неконтролираното загадување продолжи и во иднина може да предизвика драстично нарушување на екосистемот на Вардар и губење на ендемични видови кои опстојуваат единствено во нашата најголема река.
07/17
Загрижувачки е фактот што голем дел од земјоделските површини покрај Вардар се наводнуваат со вака загадената вода, па оттаму прашање е со каков квалитет е зеленчукот, овошјето и сѐ друго што се одгледува, и на каква се опасност се изложени и лицата што ги произведуваат и оние кои ги конзумираат производите.
08/17
Во најголемата река во Македонија според последните проценки живеат триесетина видови риби, од кои некои се ендемични. Истражувањата на Природно-математичкиот факултет регистрираа отсуство на полжави, школки, водни црви, пијавици, ракови и инсекти поради нарушувања во физичко-хемиските својства на водата, што доведува до губење на живеалиштата на овие видови. Исто така, во одреден период, пред целосно исчезнување е доведена македонската пастрмка (Salmo macedonicus).
09/17
Низ годините на повеќе места по течението на Вардар е направен голем упад во неговото корито. Се прават нелегални ископи на песок, како и сепарации кои го менуваат водостојот на реката, со што привремено или трајно се нарушува нејзиниот екосистем, но и природниот амбиент.
10/17
Голема штета е направена со изградбата на објекти на самото корито на реката, како што се галиите кои всушност се цврста градба, фундирани дирекно на малото корито на Вардар. Мостовите „Око“ и „Мостот на уметноста“ се премногу ниски, па во случај на висок водостој, тие би претставувале своевидни брани и места на кои би се излевал Вардар. Иако се смета дека со изградбата на ХЕЦ Козјак опасноста од поплави е намалена, сепак вака редуцираното корито на Вардар го става во опасност градот.
11/17
Своевремено, заради заштита од поплави, е проширено големото корито на Вардар, а пракса било новоизградените мостови да немаат фундаменти кои би го попречувале протокот на водата. Таков позитивен пример е мостот „Гоце Делчев“ кој нема столбови во малото корито. Оваа пракса е занемарена при изведбите на објектите лоцирани по течението на Вардар од проектот „Скопје 1914“.
12/17
Столбовите и сите објекти кои се сместени дирекно во коритото на Вардар собираат ѓубре, градежен шут, кој се таложи и го успорува текот на реката. Пример за тоа се и фамозните галии на Вардар. Во рок од една деценија успеаја да пропаднат и да се претворат во депонија токму во централното градско подрачје. Собираат сѐ што се движи по реката, притоа загадувајќи ја водата но и целиот амбиент.
13/17
Она што е составен дел од течението и загадувањето на Вардар се и бројните диви депонии, кои никнуваат секаде кај што ќе се најде простор. Градежен шут, кеси ѓубре, мебел, облека се складираат по бреговите на реката и спонтано се создаваат диви депонии за кои потоа никој не се јавува надлежен да ги исчисти.
14/17
Кулминацијата на депониите покрај Вардар е Вардариште, на која со децении се таложи отпад од секаков вид и која претставува опасност со највисок ризик. Со години се алармира да се изврши нејзина ремедијација или да биде затворена поради директното загадување на површинските води. Анализите на подземна вода и добиените резултати од соодветни концентрации на загадувачи и вредности на други параметри тука укажуваат на високозагадена и контаминирана средина.
15/17
Месноста Острово во атарот на селото Трубарево е локацијата каде што е планирано да се изгради пречистителна станица за водите на Вардар. Иако безброј пати се отвора и актуализира прашањето за пречистителна станица, по течението на Вардар сѐ уште не постои ваков капацитет кој е од есенцијално значење. Реализацијата на овој проект би требало да се одвива во две фази. Првата фаза (до 2030 година) предвидува обезбедување на пред-третман и биолошки третман на отпадните води, а втората фаза (до 2045 година) предвидува отстранување на азотот и фосфорот од отпадните води. Вкупната вредност на проектот е 136 милиони евра.
16/17
Целиот штетен, опасен и животозагрозувачки состав на Вардар влегува во грчка територија и се влева во Егејско море, што ја прави Македонија и еден вид „извозник“ на штетни материи. Вардар низ грчката територија тече како река Аксиос низ еден од најплодните региони на нашиот јужен сосед, кој во голем дел се наводнува токму со водите од Вардар. Дополнително, реката во Грција има високо значење бидејќи формира еколошко устие кое всушност е заштитено RAMSAR подрачје, непосредно пред нејзиното истекување во Солунскиот Залив. Со тоа Македонија прекршува конвенции кои ги има ратификувано, а се однесуваат на заштита и употреба на прекугранични водотеци и меѓународни езера.
17/17
Неверојатно е како најголемата река во Македонија – националниот симбол и избор на живот за повеќе региони, постојано останува заборавен, скриен и оставен на негрижата на граѓаните и индустријата. Речиси и да нема активна локална, регионална или пак национална стратегија за справување со загадувањето на реката, нејзин мониторинг и обновување на околните екосистеми. Вардар останува симбол на нашиот колективен примитивизам кон јавните природни добра.
Користена литература:
Студија за финансирање, изградба и работа на станицата за третман на отпадни води во Град Скопје. Оценка на влијание врз животната средина и социјалните аспекти
Закон за водите
Студија за оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС)
https://igeoportal.net/ (Авторство: проф.д-р Ивица Милевски, ПМФ)
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски