fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Пилав Тепе

Пилав Тепе – вулкански рид што сведочи за бурно геолошко минато

Иако мала, според својата површина Македонија се одликува со многу разновиден релјеф, а според процентот на покриеност на нејзината територија со ридови и планини е во самиот врв на земјите во светот. Богатиот релјефен диверзитет, покрај тоа што го детерминира амбиентот на нашето поднебје, истовремено претставува и ресурс од кој може да се добијат многубројни информации за геолошката еволуција на овие простори, што пак меѓудругото ни помага и подобро да го разбереме развојот на несомнено богатиот и разновиден жив свет. Секоја наша планина, рид, долина, кањон или котлина претставува микроризница на податоци за бурното геолошко минато и процесите на менување на релјефната структура на територијата на Македонија, изразени пред сè низ тектонски поместувања и вулкански активности.

Вулканска активност во гранците на Македонија денес не постои и е комплетно згасната, но има многу остатоци кои сведочат дека се одвивала пред повеќе милиони години. Еден од тие остатоци е локалитетот Пилав Тепе – вулканска купа во клисурата на Маденска Река, во источниот дел на нашата држава. Сместен на околу 12 километри западно од Радовиш, Пилав Тепе претставува дел од Дамјанско-бучимската палеовулканска област, која зафаќа површина од 26 квадратни киометри. Пилав Тепе не е подрачје заштитено со закон, но се спомнува во многу документи и национални стратегии како локалитет за потенцијална заштита поради неговото геолошко и истражувачко значење. Заедно со уште многу локалитети значајни за македонското геолошко наследство чека на ред да биде препознаен, соодветно вреднуван и зачуван.

01/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 01Релјефот на Македонија не бил отсекогаш ваков каков што е денес, туку се менувал од една доба во друга, а со текот на времето се менувала и климата и живиот свет што го населувал ова подрачје. До пред триесетина милиони години, македонските планини кои денес се издгаат и над 2.500 метри надморска височина биле многу пониски и имале сосема поинаков правец на протегање, но во периодот познат како горен олигоцен, на ова парче од земјината топка почнале да се случуваат силни тектонски движења, земјината кора почнала да се распукува, а последователно на тоа се појавиле и вулкански активности кои во различни временски периоди ги имало на повеќе локации.

02/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 05На подрачјето на нашата земја се маркирани седум области во кои во различни периоди од геолошката еволуција се одвивала вулканска активност. Една од нив е Бучимско-боровдолско-дамјанската вулканска област која просторно е сместена помеѓу градовите Штип и Радовиш. На овој потег како морфолошки облици се забележани неколку вулкански купи и кратери, меѓу кои најпрепознатлив е Пилав Тепе.

03/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 03Пилав Тепе се наоѓа на околу 1,2 километри југоисточно од раселеното село Шопур, покрај патот Штип – Радовиш, на десната страна на Маденска Река. Претставува возвишение со конусест изглед кое има истакнатост од околу 100 до 120 метри над околниот амбиент и апсолутна надморска височина од 566 метри.

04/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 04Возвишението е составено е од мошне цврсти, компактни андезитни карпи, што укажува дека тука се одвивал експлозивен вулканизам.

05/11

pilav tepe nova petkaНа еден километар јужно од Пилав Тепе се наоѓа втората карактеристична вулканска купа позната како Плоча. Релативната височина и е околу 150-200 метри, а апсолутната е 658 метри. По состав е иста како Пилав Тепе, односно составена е од компактни андезитски карпи.

06/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 06Речиси од сите страни околу Пилав Тепе и Плоча, а посебно на југоисточната страна кон село Дамјан се наоѓаат напласти од пирокластичен материјал – вулкански бречи и туфови, кои зафаќаат површина од околу 12 километри квадратни. Староста на овој вулканизам екпертите ја дефинираат како раномиоценска и се одвивала пред околу 20 милиони години.

07/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 07Двете купи се пресечени со долината односно клисурата на Маденска Река, поради што нивната истакнатост и релативна височина во квартерниот период е зголемена. Поради селективната ерозија, на локалитетот Плоча има вертикални карпести отсеци, кои повремено алпинистите ги користат за тренинзи и искачување. Самиот врв, пак, на двете купи е релативно зарамнет, особено за локалитетот Плоча, откаде најверојатно потекнува и името.

08/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 08Според анализата на ова, но и на останатите шест вулкански подрачја, може да се констатира дека квартерната вулканска активност во Македонија била доста жива. Таа започнала кон крајот на еоцен или во олигоцен, а завршила во плиоцен. Вулканските ерупции се претпоставува дека на почетокот биле помирни, односно имало само исфрлање на лавичен материјал, а со текот на годините кон крајот на миоценот ерупциите се засилиле и станувале со сè посилен интензитет.

09/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 09Дел од пирокластичниот материјал кој сведочи за силен еруптивен вулканизам се и таканаречените вулкански бомби, кои претставуваат остатоци од исфрени парчиња магма кои летале и по неколку километри пред да паднат на тлото. Се смета дека во активната фаза на вулканите на територијата на Македонија купите биле многу повисоки, а кратерите, многу појасно изразени. Поради големата старост на вулканскиот релјеф и долготрајната изложеност на ерозија истиот е значително изменет и уништен.

10/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 10Покрај од геолошки аспект Пилав Тепе е и значајно археолошко наоѓалиште. На неколку локации од овој рид се вршени археолошки истражувања при што се пронајдени остатоци од неолитска населба, како и од градиште од римско време. При последните истражувања на овој локалитет беа пронајдени остатоци од доцноантичката некропола, како и базилика која датира од периодот помеѓу четврти и шести век.

11/11

pilav tepe vulkanski rid sto svedoci za burno geolosko minato 11

Како дел од Националната стратегија за заштита на природата во 2016 година, направена е Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределска разновидност) каде на предлог листа се ставени 11 новоидентификувани подрачја за заштита како природни реткости. И меѓу нив се споменуваат и мали локалитети со геоморфолошко значење како што е Пилав Тепе. Иако од тогаш помина доста време, локалитетот сѐ уште нема добиено статус на заштита. Оставен е на влијанието на природата и времето и речиси е комплетно непознат за јавноста.

Фасцинантните вулкански пејсажи се сведоштво на едно бурно минато гоеолошко време, ни даваат важни податоци за геоеволутивните процеси на нашиве простори и прекрасно е да можат да се видат и доживеат. А секако и соодветно да се заштитат пред да исчезнат и онака малите и оскудни траги од нив.

 

Извори:

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски