За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Полицискиот час ги скрати и онака ретките теренски истражувања во државата

Светската пандемија од вирусот Ковид 19 наметна воведување на вонредна состојба во многу земји во светот па и кај нас. Тоа придонесе многу сектори во општеството да го сменат начинот на функционирање. Истражувачките и теренски проекти не беа ни малку имуни на овие промени. Поради полицискиот час се намали работниот ден, а забраната за движење по шумите подоцна дополнително ги ограничи можностите за работа. Ова многу влијаеше и врз работата на членовите на тимот на Македонското еколошко друштво (МЕД), чиишто работни обрвски налагаат активна работа на терен, која никако не може да се замени со работа од дома или на далечина.

Бидејќи веќе се извесни олабавувањата превентивните мерки во борба со вирусот, редакцијата на ДОМА реши да помине еден ден со истражувачкиот тим на МЕД на еден од нивните терени и да ги праша како вонредната состојба влијаеше врз истражувачката работа.

Ненад Петровски и Славе Накев се орнитолози, кои спроведуваат теренски истражувања за повеќе научни проекти, а денес го истражуваат регионот на Долна Брегалница, како дел од проектот „Нова надеж за египетскиот мршојадец LIFE16 NAT/BG/000874”. Ова е регионално истражување, кое ја прати состојбата на оваа загрозена миграторна птица и има за цел преку различни активности да ја подобри и зголеми нејзината популација. Целта е да се спаси овој вид од исчезнување.

Се движевме низ густата, крајречна вегетација покрај бреговите на Брегалница. Ова е подрачјето каде е сниман и познатиот документарен филм „Медена Земја“. По пат, Ненад и Славе беа внимателни и го следеа секое придвижување на животните околу нас. Час со главите нагоре, кон небото и крошните на дрвјата гледајќи кон птиците, час со главите надолу забележувајќи го пролетното цветање на растенијата или средба со некој водоземец или влекач. Не пропуштаат прилика секој забележан вид да го внесат во базата со податоци или да го мапираат. Денот на терен треба максимално да се искористи. „Сега од кога е до 19 ч. полицискиот час е добро… Имаме време“, вели Ненад, додека се обидуваше да ја фотографира водната змија за потребите на друго истражување на МЕД.

Најстрогите мерки за вонредната состојба беа воводени токму кога требаше на терен да се набљудува колку пара на кањи мигрирале од Африка и се вратиле во Македонија, од Африка. „Тогаш птиците се најактивни, парот лета па може и да се види како се парат на гнездото“ ни објаснува Ненад, додека преку телескопот не го трга погледот од гнездото. Поради полицискиот час, теренската сезона оваа година доцнеше, но тимот даде напори да се поминат  сите териотории и гнезда што ги покрива кањаната, но тоа секако ја одолговлечи работата и динамиката. Во нормални услови, тимот за еден ден би можел да посети дури и четири територии каде живее кањата, но со полицискиот час, не повеќе од две. Покрај, проектот за кањата и многу други истражувања поврзани со птици, се скратени или со недоволни информации поради вонредната состојба. „Многу е важно да се фати гнездовиот период на птиците, а тоа трае од март до јуни, а баш во овој период има најстроги правила за движење, па затоа многу од истражувања за птиците ќе се одложат за следната година – вели Славе.

Крајната цел беше да се стигне до точка од каде најдобро може да се набљудува гнездото на египетскиот мршојадец или „кања“ како преферираат да ја именуваат. Кањата е вид на мршојадец што гнезди во големи гнезда, високо меѓу карпи. За јајцата во гнездото се грижат и мажјакот и женката. За ова истражување, тимот мора внимателно да го набљува секое гнездо на овој вид во државата,  да го прати нивниот живот како и колку млади ќе се испилат во сезоната.

Но, теренските истражувања се само дел од работата на тимот. Тие, за да ги заштитат птиците мораа да имаат постојана соработка со институциите и локалното население. Речисите сите состаноци се откажани или пак се одржуваат со интернет средби, за разлика од средбите со локалците кои се целосно откажани. Тимот на МЕД смета дека не е одговорно да се движат низ малите рурални заедници, каде се уште нема ниту еден заболен со цел остварување на средби.

Во Македонија речиси да не постојат државни институции кои постојано го истражуваат и мониторитаат биодиверзитетот, па целата работа е оставена на проекти како што ги раководи МЕД. Поради ова, нивната теренска истражувачка работа има и големо национално значење.

Оваа пандемија укажа на тоа дека постојат многу процеси, ангажмани и настани кои може да се одложат или откажат. Но, за разлика од други работи во општеството, со одложување или откажување на  проектите за истражување и зачувување на природата не се влијае само врз работниот однос и квалитетот на животот на луѓето, туку директно се влијае врз животот и можноста за преживување и на многу други видови на животни.

Сподели