
Ѓаволски Ѕид е дело на природата, а не на ѓаволот
Ѓаволски Ѕид е една импозантна геоморфолошка структура, сместена на мошне непристапен терен на јужните падини на планината Богословец и изолирана од окото на случајните минувачи. За неговото настанување постојат повеќе народни верувања и легенди, а гледано од научен аспект, може да се каже дека бил многу малку проучуван. Според народните преданија ѕидот е дело на ѓаволот, или пак е градба создадена од човечка рака, а постојат и приказни дека е создаден од вонземјани. Од научен аспект, ѕидот не крие никаква мистерија, туку е резултат на чиста природна појава, односно настанал со ерозија на околното земјиште. И, додека за преданијата не постои никаква здравологичка поткрепа, за научните тврдења постојат издржани елаборации од страна на професори, геолози, археолози, а единствената сериозна студија која опфаќа повеќе аспекти за настанувањето и постоењето на ѕидот е изработена од проф. д-р Ивица Милевски.
01/13
Ѓаволски Ѕид е структура од карпести изданоци изградени од еоцени варовници која во вид на ленти јасно се издвојува во околниот релјеф во должина од неколку стотици метри. Се наоѓа на петнаесетина километри јужно од Свети Николе, на јужната страна од ниската планина Богословец и во близина на десниот брег на реката Брегалница. До него може да се стигне од два правци – едниот е преку селото Богословец, а другиот преку селото Делисинци и напуштеното село Аџибегово. И во двата случаи потребно е со возило да се совлада прилично лош макадамски пат, но и еден дел од делницата да се изоди пеш.
02/13
За настанувањето на ѕидот меѓу народот кружат повеќе легенди и преданија. Онаа која најмногу е во оптек е таа дека ѕидот е дело на ѓаволот. Според неа, некогаш во дамнешни времиња, ѓаволот се обложил со Бог дека за една ноќ ќе изгради ѕид и ќе ја пренасочи Брегалница преку ридот кон Овче Поле и ќе го поплави. Речиси и ќе успеел во намерата ако Господ не го разбудил петелот кој пропеал и го спречил ѓаволот во намерата. Оваа приказна и ден денес може да се слушне од некои повозрасни жители од околните села, а впрочем од неа и потекнува името на ѕидот.
03/13
Други преданија говорат дека ѕидот е мегалитска градба, изграден од човечка рака. Во прилог на ваквите теории оди податокот што југословенскиот археолог Милутин Грашанин, во 1970 година открил траги од некакво црвенкасто врзивно ткиво меѓу карпите што алудира дека се работи за градба, а не за природна појава, при што како непознаница останува прашањето: Како на таков тешко пристапен терен се донесени и поставени камени блокови, меѓу кои има и такви кои се тешки и по неколу тони?
04/13
Едно од верувањата е дека овој ѕид е дело на вонземјани и дека наводно во последните пет децении над овој него во повеќе наврати биле забележани непознати летечки објекти кои кружеле над подрачјето. Дури и во денешно време некои риболовци се спремни да се заколнат дека ноќе, особено во летните месеци, може да се забележат вакви летала како кружат над ѕидот, испуштаат необична сина светлина, па дури и слетуваат крај него.
05/13
Науката, пак, од своја страна дава објаснување за овој феномен, според кое неговото настанување е последица на ерозија на земјиштето, која во континуитет се одвива не само во реонот каде што е лоциран ѕидот, туку и во поширокото подрачје на јужните падини на планината Богословец.
06/13
Богословец претставува ридско до нископланинско возвишение, лоцирано на јужниот дел на Овчеполската Котлина, на околу 15 км западно од Штип и на 20 км источно од Велес, кое од својата јужна страна е ограничено од реката Брегалница. Составено е од цврсти палеозојски и мезозојски карпи и како такво се издвојува во однос на околните еоцени седименти. Денес падините на Богословец се доста еродирани, расчленети, покрај останатото и како после-дица на рецентната ерозија, директно или индиректно засилена од страна на човекот. Ваквата ерозија со текот на годините придонела за создавање на појавата Ѓаволски Ѕид.
07/13
Посебна погодност за ваквиот ерозивен процес претставува променливиот геолошки состав на возвишението, јужните присојни експозиции со изразити температурни промени, малата влажност, оскудната вегетација, како и силното површинско оттекнување на водите. Појави на вертикални слоеви од поцврсти карпи кои се издвојуваат во однос на околниот релјеф, каков што е случајот со Ѓаволски Ѕид, има на неколку подрачја низ Македонија. Но, тука карпестата лента има значителни димензии и интересна морфологија па токму поради тоа претставува раритетна појава.
08/13
Феноменот Ѓаволски Ѕид всушност претставува појава на карпести изданоци т.е. карпести ленти изградени од еоцени варовници кои јасно се забележливи во релјефот, а се протегаат во правец исток-запад-северозапад, во должина од неколку стотици метри. Ѕидот почнува од југозападното подножје на Тиски Врв (747 м), кај месноста Грлиште, потоа продолжува околу 260 м кон запад, до месноста Плавиште и свртува кон северозапад и го следи западното подножје на планината Богословец. Овие карпести формации најдобро се изразени од двете страни на Грлишки дол кој завршува во реката Брегалница.
09/13
На источната страна од долот, „ѕидот“ е долг околу 100 m, при што на средината (на водоразделот) речиси целосно е еродиран до подлогата. Височината му варира во зависност од сочуваноста или еродираноста и во просек изнесува околу 2-5 m, а максимално до 11 m. Широчината на ѕидот е доста изедначена, со тоа што сепак поради селективната ерозија варира од 2,5 m до помалку од 1 m. На места каде се јавуваат поцврсти карпи, од „ѕидот“ штрчат остенци или `ртови со интересна форма исто така резултат на различниот ефект на ерозија врз карпи со нееднаква отпорност.
10/13
Според научните истражувања Ѓаволски Ѕид е чисто природна појава, настаната со побрза ерозија на меките, неотпорни речни и езерски седименти (песоци, глини, чакали), во однос на поцврстите ленти од еоцени варовници, кои како такви останале да штрчат во релјефот. Поради влијанието на водното, механичко и биогено распаѓање, „ѕидот“ добил интересен изглед на испресечени и наредени блокови, остенци, порти и по тоа претставува раритетна појава во Македонија.
11/13
Иако не постојат прецизни мерења на староста на појавата, претпоставка е дека почетокот на нејзиното настанување е некаде пред околу 10 илјади години, кога со климатското затоплување започнуваат поинтензивни природни ерозивни процеси на овој простор. Создавањето било уште поинтензивно во последните неколку векови со уништувањето на природната вегетација на јужните падини на Богословец и целосното оголување на теренот. Се смета дека во овој период просечната ерозија тука изнесувала околу 3-4 мм годишно или 3-4 м за 1000 години. Според ваквите пресметки, Ѓаволски Ѕид не може да е постар од неколку илјади години, а неговото оформување и еволуција продолжува и денес.
12/13
Во однос на натамошната еволуција, според составот на карпестите маси и поволните ерозивни фактори, јасно е дека Ѓаволски Ѕид морфолошки брзо ќе се менува, еродира и уништува. Издржана претпоставка е дека денешниот изглед на појавата, за релативно краток период од неколку стотици години, значително ќе се промени, а брзината на промените ќе зависи од промената и динамиката на ерозивните фактори. Одредени делови и остенци, целосно ќе бидат уништени, а можно е да се појават нови со слична или поинаква форма. Како резултат на природниот процес на еволуција на релјефот, за одреден временски период, со сигурност може да се тврди дека целата појава ќе биде сосема уништена.
13/13
Според професорот Милевски, појавата Ѓаволски Ѕид би требало да се заштити поради своите уникатни карактеристики и подложноста на несоодветни антропогени влијанија. Вертикални ленти од карпи кои штрчат во релјефот има на повеќе локалитети во Македонија, но никаде не се толку јасно изразени, со такви димензии и со таков интересен изглед како што е Ѓаволски Ѕид. Како појава е интересен за набљудување, истражување, посета. Но, за овој феномен и раритет да остане таков и за да се спречи неговото уништување од страна на човекот, потребно е да се спроведат соодветни заштитни мерки.
Извори:
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски