fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina featured

Скопска Црна Гора од планина се претвора во опасна голина

Скопска Црна Гора важи за едно од најобесшумените подрачја во скопскиот регион, па и пошироко, со огромни пространства на кои земјиштето е ерозивно и оголено, па често пати при обилни дождови тука настануваат сериозни последици. Освен што оголеното земјиште не успева да ги апсорбира водите, во ситуации при поројни дождови дополнителен проблем прават и несредените речни корита на тукашните водотеци кои немаат капацитет да ги прифатат надојдените води. Со децении, подрачјето на оваа наша планина се деградира, уништува, запоставува. Данокот од негрижата еднаш го плативме со 22 животи, а останува да видиме во кој размер ќе расте проблемот, до кога нема да се преземат соодветни мерки за заштита и какви последици ќе доживее Скопска Црна Гора, селата во нејзината околина и граѓаните кои живеат таму.

Во изминатите години, по кастатрофата во 2016 година која ги зафати селата во подножјето на Скопска Црна Гора, од страна на надлежни одделенија и сектори на градот Скопје и општината Гази Баба, се направени неколку студии и проекти кои ги обработуваат темите за потенцијалот и интензитетот на ерозијата, со препорачани  мерки и решенија за нивно намалување и санација, како и за уредување на водотеците и изградба на ободен канал до селото Таор преку кој вишокот на вода би се евакуирал и би се влевал во реката Вардар.

Но, состојбата на терен се нема поместено кон подобро, а како и во многу случаи овие студии остануваат само мртво слово на хартија. Во меѓувреме, прашање на време е кога Скопска Црна Гора повторно ќе ѝ го возврати ударот на општата негрижа на заедницата.

01/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 01Скопска Црна Гора е средно висока планина, со највисок врв Рамно, 1651 мнв. Се наоѓа во северниот дел на Македонија, а помал дел од неа продолжува на територијата на Косово на северозапад и Србија на североисток. Геолошката структура на Скопска Црна Гора е доста сложена, така што според досегашните сознанија, овде се јавуваат 22 видови на карпи кои имаат палеозојска, мезозојска и кенозојска старост.

02/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 02Климата на Скопска Црна Гора е умерено континентална во пониските, до планинска во повисоките делови. Планината се одликува со голем број извори, најчесто со мала издашност, а најголемиот дел од нив се јавуваат во шумскиот дел на планината. Скопска Црна Гора е извонредно богата со водотеци, а претставува и многу значаен водораздел помеѓу Егејскиот и Црноморскиот слив. Планинските водотеци главно се притоки на Липковска Река на исток, Радишанска Река на југ и на Лепенец на запад.

03/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 03Поради природните карактеристики, како што се стрмните наклони на теренот, слабо отпорниот геолошки состав и климатските одлики, како и поради негативното влијание на човекот, Скопска Црна Гора е изложена на силни ерозивни процеси. Голем дел од планината е обесшумен, со што претходно формираната ровка шумска почва е изложена на интензивно плакнење за време на врнежи.

04/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 04Шумската вегетација е значајна, бидејќи впива значителен дел од атмосферските врнежи, а од друга страна служи како тампон зона, штитејќи ја почвата од директните удари на дождовните капки. Таа го забавува површинското истекување и ја зголемува инфилтрацијата на водата во почвата. Шумите имаат круцијално влијание врз количината на површинската вода, како и на почвата и подземните води. Само дел од врнежите од дожд стигаат до површината на почвата во шума, бидејќи дел од нив се задржуваат во крошните на дрвјата. Воедно, и испарувањето и транспирацијата се одвиваат преку дрвјата. Колку е поголема шумската покривка, толку повеќе вода се задржува.

05/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 05Значителната обесшуменост на планината предизвикала нормалните сливни подрачја да преминат во поројни. Во поројните сливови, водата од врнежите речиси воопшто не се задржува и формира пороен водотек. Поради силната ерозија врз оголената подлога, водата е измешана со еродираниот наносен материјал, а заради кинетичката енергија што ја има, оваа маса со себе носи и поголеми парчиња и блокови на карпи. Интензитетот на ерозија на Скопска Црна Гора е значителен и условува формирање на бројни бразди, долчиња, јаруги, долови кон подножјето, свлечишта, потоа оголени карпести терени каде почвата е однесена.

06/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 06Освен големите природни и економски штети од однесувањето на почвите, оголувањето на карпите, деградацијата на пределите и слично, претераната ерозија условува и чести поројни поплави. Една од најкатастрофалните поројни поплави се случи во 2016 година. Освен огромна материјална штета, оваа поплава предизвика 22 човечки жртви, што претставува ненадоместлива загуба.

07/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 07По оваа катастрофа, изработени се повеќе студии и проекти со кои се определени мерки и решенија за борба со ерозијата и уредување на поројните водотеци на Скопска Црна Гора. За оваа цел предвидено е регулирање на поројните текови на Смилковска Река, Булачанска Река, Страчинска Река, Раштански Порој и другите помали порои, регулација на коритата на поројните водотеци низ населените места, реконструкција и чистење на коритата на реките. како и изградба на ободен канал за евакуација на водите во насока на селото Таор и нивно влевање во Вардар.

08/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 08Особено опасни се коритата на водотеците во урбаните средини каде поради негрижа на локалното население и фрлање на секаков отпад доаѓа до намалување на пропусниот капацитет на коритата, кои претставуваат критични точки за излевање на поројните води и поплавување на околните подрачја.

09/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 09За да се намали натамошната деградација на почвите и на целиот планински простор од аспект на ерозија, неопходно е да се запре нелегалната сеча и да се започне со пошумување на најризичните голини. Но. со оглед на фактот дека голем дел од локалното население заработува од продажба на огревно дрво тешко се спровредува дисциплина на терен. Проблем претставуваат и шумските патишта, а за намалување на ерозијата на патиштата потребно е изградба на дренажни канали и пондови и пренасочување на водата при порој од патиштата, а од помош е и покривање на патот со чакал или со биолошки материјал.

10/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 10За заштита на почвата на земјоделските површини предвидено е да се посвети внимание на начинот на обработување на земјиштето, промовирање на добри земјоделски практики, но и ограничување на обработливото земјиште, со цел да се намали површината која би била подложна на ерозивните процеси. Воедно, за таа цел е предвидено и одржливо користење на пасиштата.

11/11

skopska crna gora od planina se pretvora vo opasna golina 11Решение за Скопска Црна Гора постои. Проблемите се лоцирани, постојат студии за решавање на проблемот, но сѐ уште сето тоа е само документ, без никаква интервенција на терен. Освен делумно пошумување во околината на селото Раштак друго ништо не е направено. Скопска Црна Гора и понатаму е изложена на процесите на ерозија, критичните места не се санираат, потенцијалните свлечишта и понатаму претставуваат опасност. Ако не се смени нешто во нашата колективна свест, веројатно така и ќе остане. До некој нов порој кој ќе однесе човечки животи во неврат, за повторно да се реактуелизира прашањето.

 

Извори:

Д-р Ивица Милевски – Валоризација на геовредностите на Скопска Црна Гора
Студија за ерозија и акциoнен план за градот Скопје UNDP – 15/2017
Отпорно Скопје – стратегија за климатски промени
Стратегија за локален економски развој на Општина Гази Баба 2020 – 2025 година
Благодарност до Проф. Д-р  Александар Трендафилов, експерт за ерозија

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски