Вевчански извори – зона на сифонски врела и природни реткости
Споменикот на природата „Вевчански Извори“ е едно од најзнаменитите, најзачуваните и најавтентичните природни споменици на подрачјето на Македонија. Иако првата асоцијација за селото е Вевчанскиот карневал, но и нивниот „пасош“ и „држава во држава“, сепак со активниот и одржлив туризам кој се одвива тука, но и со бујната и девствена околна природа, Вевчани претставува едно од најатрактивните подрачја во нашата земја во кое владее висок степен на заштита и грижа за природата. Споменик на природата во буквална смисла.
Вевчанските извори се главниот поттик за прогласување на овој предел за заштитено подрачје, но целиот простор на паркот кој се простира на источните падини на планината Јабланица е оплеменет со природни вредности и убавини кои пленат и восхитуваат. Воздушна бања која лекува со својот прекрасен амбиент и девствена чистина. Она што е реткост во Македонија, а е од исклучително значење, е тоа што целата заедница Вевчани, со својата рустикална архитектура и живописна традиција, живее во една силна кохезија и хармонија со природата, која и покрај присуството на човечки фактор, останува речиси недопрена.
01/15
Споменикот на природата „Вевчански извори“ е лоциран на источните падини на планината Јабланица, западно од селото Вевчани, на површина од 1370 хектари и во најголем дел го зафаќа горното сливно подрачје на Вевчанска река. Најниската точка на овој заштитен предел лежи на коритото на водотекот Дупни Дол на надморска височина од 885 метри, а највисоката на Ќушков Врв на надморска височина од 2078 метри. Ова подрачје претставува исклучително значаен хидролошки, односно хидрогеолошки локалитет, кој според своите карактеристики е од посебен интерес за научно – истражувачката работа.
02/15
Локалитетот Вевчански Извори за првпат е прогласен за заштитено подрачје од страна на Советот на Општина Вевчани во 1999 година. Според Законот за заштита на природата, во 2012 година Собранието на Република Македонија го донесе Законот за прогласување на Вевчански Извори за Споменик на природата. Согласно истиот закон, во рамките на програмата за подобрување на управувањето на заштитените подрачја, спроведувана од страна на УНДП, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и со Центарот за истражување и информирање „Екосвест“ и финансиски поддржана од ЕУ, Општината Вевчани изготви План за управување со подрачјето за периодот 2019-2029 година.
03/15
Основата за прогласување на овој предел за заштитено подрачје се Вевчанските извори кои се наоѓаат веднаш над самото село, на надморска височина од 950 метри. Природниот механизам на нивното функционирање е врзан за нивната таканаречена псевдопериодска сифонска функција која претставува природна реткост во Македонија, а од друга страна, како хидрогеолошка појава, тие претставуваат типично контактно извориште чии води се дренираат од варовници со тријаска старост.
04/15
Овој тип на извори се карактеристични за карстните подрачја каде што во време на полноводие сите подземни канали и пукнатини се исполнети со вода и на површината се јавуваат како прелив кој е условен со непропустливоста на филитските шкрилци во долните слоеви. Нивото на преливот е во зависност од котата на подземната акумулација, која опаѓа или се подига во зависност од хидролошкиот период. Нивната издашност во периодот на хидролошкиот максимум изнесува 1.500 литри во секунда.
05/15
Главниот извор се наоѓа во отворот на една пештера и во текот на летниот период тој привидно пресушува. На десетина метри подолу, водата се појавува во неколку постојани извори, кои подземно комуницираат со главниот извор. Целиот локалитет околу изворите претставува уникатна природна реткост која плени со својата амбиентална убавина.
06/15
Речната мрежа на подрачјето на СП „Вевчански извори“ е густа и составена од дваесетина водотеци со вкупна должина од 23,5 километри. Најголем водотек е Есејнца, односно изворишниот дел на Вевчанска Река, чија должина во рамките на заштитеното подрачје е 4,5 километри. Есејнца има две позначајни притоки и тоа Подолга од десната страна и Иљков Поток кој е со повремен карактер, од левата страна. Непосредно во Вевчани, во Вевчанска Река (Матица) се влева Дупни Дол (2,3 km) кој ги прима и водите од Вевчанските извори. Останатите водотеци се мали и со повремен карактер.
07/15
Шумските екосистеми кои се протегаат по источните падини на планината Јабланица претставуваат значаен дел од подрачјето, а делови од нив претставуваат вистинска природна реткост. Во високите предели на заштитеното подрачје се протега појас на природна субалпска букова шума составена од карактеристични и ретки растителни видови. Под овој појас се надоврзува горската и подгорската букова шума. Во буковиот шумски појас се јавуваат поединечно и во мали групи иглолисни видови дрвја, особено елата и балканскиот ендемит и терциерен реликт – моликата.
08/15
На планината Јабланица се среќаваат шуми кои имаат исклучително високи конзервациски вредности и кои се одликуваат по своето биоеколошко, културно-историско, социо-економско и научно значење. Како шума со посебно висока конзервациска вредност е старата шума во
околината на манастирот Св. Спас, над Вевчани. Составена е од поголем број стари вековни дрвја од бука, даб горун и горски јавор и зафаќа површини од околу 20ha. Поседува природен автохтон амбиент и се одликува со висока количина на стоечка и падната дрвна маса. Претставува досега нечепната енклава на стара вакафска шума со прашумски карактер.
09/15
Особена реткост и специфичност на тукашниот шумски систем преставува појасот на питомиот костен, кој му дава посебен белег на ова подрачје. Ваков шумски појас од костенови дрва претставува посебно природно богаство, бидејќи во Македонија, а и пошироко на Балканот, ретко се застапени вакви квалитетни и компактно изградени костенови заедници кои формираат посебен височински појас богат со ретки и значајни флористички елементи.
10/15
Шумските комплекси во заштитеното подрачје имаат многу важна улога, значајна за целиот тукашен екосистем. Меѓудругото, благодарение на нив Вевчанските извори имаат вода преку целата година, па дури и во годините со минимални количини на врнежи. Но, несоодветните активности во шумскиот појас имаат негативни влијанија и претставуваат закани врз шумите. Неконтролираните и нелегалните сечи во дабовиот, подгорскиот и горскиот буков појас, придонесуваат за нарушување на структурата на шумата, намалување на незиниот обновувачки потенцијал, како и за загрозување на биодиверзитетот.
11/15
По горната граница на локалитетот се простираат високопланински пасишта над кои се лоцирани две езера, Вевчанската Локва или Вевчанско Езеро, кои, иако не се во границите на споменикот на природата, имаат големо хидролошко значење за подрачјето. Во Споменикот на природата „Вевчански Извори“ се регистрирани голем број растителни и животински видови кои се наоѓаат на повеќе домашни и меѓународни листи за заштита.
12/15
Дел од заштитеното подрачје е и месноста Јанков Камен, која важи за интересна и атрактивна зона за одмор и рекреација. На самото место постои ловџиска куќа, која е во надлежност на општината и им е на располагање на љубителите на природата. Со преградување на водотекот Дупни Дол формирана е миниакумулација, поставени се клупи, а во план е да се постават и нови летниковци со што оваа локација ќе ги има сите услови за излет, кампување, и рекреација.
13/15
На одредени места во подрачјето, поради градежни активности и зафати во шумите, се забележуваат ерозивни процеси и појава на свлечишта кои го нарушуваат природниот пејсаж.
Но, генерално, Споменикот на природата „Вевчански Извори“ може да се вброи меѓу ретките македонски заштитени подрачја во кои општата слика на подрачјето е добра.
14/15
Локалните власти очигледно се потрудиле да ги спроведат обврските кои им се наложени со Законот за прогласување на Вевчански Извори за Споменик на природата и со Законот за заштита на природата. Имаат изготвено План за управување со подрачјето за периодот 2019-2029 година кој очигледно не е само мртво слово на хартија, затоа што природниот амбиент во СП „Вевчански Извори“ во голема мера е зачуван во својата изворна форма, а на местата наменети за посетителите на паркот постои убаво уредена инфраструктура за таа намена.
15/15
Според Планот за управување, а со цел зачувување на локалитетот СП Вевчански извори во природна состојба, потребни се повеќе активности меѓу кои заштита на дивите растителни и животински видови, заштита на хидролошките карактеристики, спречување на дејства кои можат да предизвикаат деградација на природните вредности на Споменикот, одржливо користење на природните ресурси… Примарната цел на визијата е да се обезбеди заштита и зачувување на природното наследство, односно хидрилошките, геоморфолошките, и биолошките карактеристики на Споменикот на природата „Вевчански Извори“, преку соодветно управување со природните вредности, почитувајќи го притоа воспоставениот режим на заштита (зонирање) на заштитеното подрачје. Истовремено, предвидено е и овозможување услови за развој на одржлив туризам во функција на локален економски развој и едукација.
Извори:
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски