fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
zhivotnite vo zima 2 featured

Животните во зима (2)

Животот на дивиот свет активно продолжува и во текот на долгите, студени зимски месеци. Дел од животните мигрираат кон потоплите делови на планетата, дел од нив влегуваат во хибернација и деновите ги минуваат во мирување, но значен број на видови на животни се активни во текот на целата година, вклучувајќи ја и зимата. Во продолжение ќе ве запознаеме со животот и екологијата на неколку животни дел од нашата фауна и што прават тие во текот на зимата.

Полско врапче (Passer montanus)

Полско врапче на гранкаПолското врапче е само еден од петте вида на врапци кои се среќаваат во Македонија. Мажјаците лесно се распознаваат по црната црта на образот и јасната костенлива боја на „круната“.  Ареалот на распространување се протега од Шпанија и Португалија на запад, па се до Источна Азија како и некои делови од Океанија. Во речиси сите делови каде што се јавува, ова пиле останува преку целата година освен во Сибир каде што за време на зимските месеци се сели на југ. Иако во Азија полското врапче се јавува во урбаните средини како доминантен вид на врапче, кај нас овој вид е истиснат од страна на домашното врапче во централните гратски подрчја и потребно му е малку повеќе зеленило за да просперира. Се храни претежно со семенки и плодови меѓутоа и со без’рбетници во потоплите месеци. Во зима, полските врапци се збираат во релативно мали јата кои често пати можат да бидат и мешани со други видови птици. Полските врапци како и многу други мали птици служат како плен за многу други видови птици како јастребот врапчар, различни видови на соколи, кукумјавки и ушести утки, додека нивните млади додека се во гнездо често пати се нападнати од сојки, страчки, куни, утки, змии, стаорци и др. На многу места врапчињата бележат пад во нивната бројност, а во Европа овој пад е доста драстичен. Најголемата закана со која се соочуваат врапчињата е прекумерната урбанизација и пестицидите. Сепак, глобалната популација сѐ уште нема достигнато брзина на опаѓање на популацијата за да може да се категоризираат полските врапчиња како загрозен вид.

Гавран (Corvus corax)

Три гаврани на гранкаГавранот е најраспространетиот и најголемиот претставник на фамилијата Corvidae која ги сочинува и враните, страчките и сојките. Се работи за голема црна птица која достигнува димензии и до 150 cm распон на крилја. Гавранот е широко распространет низ речиси целата Северна Хемисфера. Во Македонија, гавраните се среќаваат речиси насекаде со исклучок на урбаните градски средини. Често се случува недоразбирање кога граѓани мислат дека големите црни или пак црно-сиви птици низ парковите во град се гаврани меѓутоа тоа се речиси секогаш сиви или полски врани. Гавраните се разликуваат од враните по огласувањето, димензиите, исто така имаат подебел клун со пердуви на горната страна како и опашка во вид на клин. Во лет гавраните лесно се распознаваат од враните по формата на опашката и димензиите но исто така и многу постабилен лет со помалку замавнувања со крилјата и карактеристично огласување кое со букви би се опишало како „кррр кррр“. Што се однесува до исхраната гавраните се омнивори и опортунисти, односно се хранат со сѐ што ќе успеат да најдат а често пати се собираат во огромни јата на депонии каде што има храна во изобилство. Нивната диета се состои од остатоци од животински остатоци, крупни инсекти кои се развиваат во мрша, ситни влекачи и водоземци, ситни цицачи и плодови, но исто така напаѓаат и гнезда на други птици каде што се хранат со младите. Поради тоа што се социјални птици како и нивните големи димензии речиси да немаат природни непријатели. Најчесто други предатори како бувови, златни орли или јастреби ги напаѓаат нивните јајца или млади додека се уште во гнездо. Сепак гавраните се мошне територијални и агресивно го бранат нивното гнездо најчесто доста успешно. Гавраните остануваат на исто место долж целата година иако преку зима поминуваат поголеми растојанија во потрага по храна. Гнездечката сезона започнува во доцна зима или рана пролет кога женките несат јајца.

Рибарче (Alcedo attis)

Рибарче стои на гранкаРибарчето е едно од најубавите и најшарените пилиња во Европа и е доста чест жител поред реките и езерата во Македонија со исклучок на високопланинските леднички езера. Како што кажува и името, оваа птица се храни исклучиво со мали риби кои ги лови така што се огромна брзина влетува во водата и ги фаќа со клун. Рибарчето може лесно да се забележи во лет поради бујната сина боја која сјае додека птицата лета праволиниски веднаш над површината на водата. Рибарчињата не се преселни птици во вистинска смисла на зборот меѓутоа кога водата ќе замрзне мигрираат до друго место каде што ќе можат да ловат риби. Што се однесува до територијалноста, рибарчињата доста агресивно ја бранат својата територија. Имајќи на ум дека мора да јадат дури 60% од својата тежина дневно, не смеат да дозволат други птици да ловат риби во нивната територија која најчесто е од 1 до 3 километри долж брегот на реките или езерата. Паровите се формираат на есен меѓутоа нивните територии не се преклопуваат сѐ до пролет кога започнува гнездечката сезона. Гнездат во дупки во почва на вертикален брег поред вода кои самите ги копаат и имаат форма на тунели со димензии од 60-90 сантиметри кои завршуваат со проширување.

Езерски галеб (Chroicocephalus ridibundus)

Езерски галеби собрани на брегЕзерскиот галеб е најчестиот вид на галеб во Македонија. Ги населува природните, но и некои вештачки езера кај нас, а редовно се среќава и поред реки каде што има доволно храна, како на пример кејот на Вардар во Скопје. Се работи за релативно мал вид на галеб со распон на крилја од околу еден метар што е доста малку за галеб. Интересно за овој вид на птица е што за време на гнездечката сезона бојата на главата од бела преминува во темно кафена која од далечина наликува на црна и оваа шара има ворма на качулка. Со надоаѓањето на есен ова обојување се губи и остануваат само две темни точки на главата. Езерскиот галеб е опортунист и се храни со риби, инсекти, црви, семки, плодови, отпад или мрша. За време на зимските месеци овие птици формираат јата кои некогаш бројат и стотици птици. Кога доаѓа време за гнездење езерските галеби имаат навика да несат јајца во туѓи гнезда на истиот вид со цел на си ја олеснат родителската грижа за своите млади и да си ја зголемат шансата за преживување на младите кои ќе се испилат во сопственото гнездо.

Див зајак (Lepus europaeus)

див зајакДивиот зајак е еден од најголемите видови на зајаци и единствен вид кој природно се среќава во Македонија. Зајакот е доста често животно особено во пониските делови од државата меѓутоа се среќава во изобилство и на планините. Преферира рамничарски отворени предели со грмушки кои служат за криење од предатори меѓутоа се среќава често и на површини каде се одвива традиционално земјоделство. Дивиот зајак се храни со тревести и зелјести растенија за време на потоплите месеци додека во зима јаде гранчиња, фиданки,  паднати плодови, кора и семенки. Зајакот е претежно активен навечер и поминува две третини од времето во потрага по храна додека преку ден се крие во вдлабнатини на земја. Има извонредно развиени задни нозе кои служат за бегање од предатори го голема агилност и брзина дури и до 70 километри на час. Зајаците не се територијални и често пати повеќе фамилии делат исто пространство. Мажјаците покажуваат агресија кон други мажјаци само пред да започне сезоната за парење во јануари. Дивиот зајак претставува многу важен извор на храна за волци, лисици, шакали, диви мачки, различни видови на орли и бувови. Сезоната за парење трае од јануари до август и женките можат Сда забременат во било кое време во тој период додека мажјаците се неплодни во октомври и ноември по што половите хормони повторно почнуваат да се лачат и силниот нагон за парење се враќа. Женките раѓаат три легла во годината и нормален е фактот дека голем дел од младите не преживуваат долго пред да бидат уловени од некој предатор. Нивната стратегија за опстанок на видот е живеј брзо, умри млад.

Лисеста полјанка – Myodes glareolus

Лисеста полјанка стои на карпаЛисестата полјанка е мал вид на полјанка со кафено или црвенкасто крзно со сиви дамки и опашка долга колку половина од должината на телото.  Младите единки наликуваат на глувци и се со потемна боја и поизразени сиви дамки на стомачниот дел. Кога созреваат нивното тело веќе добива форма на полјанка и достига должина од околу 10 сантиметри. Лисестата полјанка го населува поголемиот дел од Европа, Мала Азија и Западен Сибир. Најчесто се среќава во листопадни шуми со богата шумска простирка и тревеста вегетација меѓутоа може да се сретне и во мешани шуми, меѓи, мочуришта и паркови. Не може да живее на гола почва туку мора да има богата тревеста вегетација или паднати лисја и гранки. Лисестата полјанка е активна дење и ноќе и не хибернира во зима. Гради долги и плитки тунели кои се разгрануваат и имаат повеќе излези. Тунелите на некои места прераснуваат во галерии кои служат за складирање храна и засолниште за младите. Гнездата ги градат од мов и трева обично доста плитко во почвата. Ова мало животинче по однесувањето е обично доста смело меѓутоа и знае да препознае аларми за тревога кои ги оддаваат птиците и да се сокрие. Исхраната е најчесто од растително потекло и обожава семенки, трева, гранчиња, кора од дрво а многу ретко и инсекти, пајаци и црви. Во зима најстабилен извор на храна е кората од дрво и умее да се качува понекогаш и неколку метри во височина за да се храни. При преголема намноженост лисестата полјанка се смета за шумски штетник поради тоа што јаде семе од дрвјата и со тоа ја успорува регенерацијата на шумите. Сепак, во здравите екосистеми не претставува проблем затоа што има голем број на природни непријатели кои се хранат со нив и ја одржуваат нивната популација во нормала.

Прочитајте го и претходниот текст Животните во зима (1).

Автор: Ненад Петровски, биолог
Фотограф: Андреј Михајлов

Сподели