Колку чини Преспанското јаболко?

16 јули 2026

Кога станува збор за преспанското јаболко, речиси никогаш не се мисли само на еден обичен земјоделски…

Кога станува збор за преспанското јаболко, речиси никогаш не се мисли само на еден обичен земјоделски производ. Преспанското јаболко е нешто многу повеќе, тоа е симбол на еден цел регион, име кое се препознава и надвор од границите на Македонија.  А од 2022 година и заштитена географска ознака.

За локалното население, јаболкото е основен или дополнителен извор на егзистенција. Воедно, тоа е и еден од најпрепознатливите белези на Преспа. Огромните пространства под јаболкови насади го обликуваат пејзажот на Преспанската Котлина, простирајќи се од бреговите на езерото сè до подножјето на околните планини.

Јаболка се одгледуваат насекаде низ светот, но ретко каде го достигнуваат квалитетот по кој е препознатливо Преспанското јаболко. Тајната лежи во специфичната микроклима на регионот, создадена од близината на езерото, релјефот и надморската височина. Токму оваа ретка природна предност, која малку региони ја имаат, генерации преспански овоштари ја преточиле во свој начин на живот.

Но, токму во оваа нераскинлива поврзаност меѓу природата и човековата активност се крие и најголемиот предизвик за иднината на преспанското јаболко. Условите што го создаваат неговиот особен квалитет не се дадени еднаш засекогаш, туку зависат од чувствителен природен систем со кој мора внимателно и одржливо да се управува. Езерото, почвата и подземните води се кревок природен капитал што може лесно да се исцрпи и деградира доколку не се користи одговорно. А нивната состојба директно влијае врз условите од кои зависи производството и квалитетот на преспанското јаболко.

За жал, овие природни ресурси денес се под сè поголем притисок. Интензивната употреба на агрохемикалии, прекумерното наводнување, несоодветното управување со земјоделскиот отпад и насадите во близина на еколошки чувствителни зони влијаат врз почвата, подземните води и Преспанското Езеро. Во последните шеесетина години површините под јаболкови насади повеќекратно се зголемиле, а климатските промени и намалувањето на нивото на езерото дополнително ги засилуваат последиците од неодржливите практики.

Она што дава надеж е фактот дека овие практики не се неизбежни. Тие во најголем дел се резултат на воспоставени навики што можат, но и мораат да се променат. Уште поважно, таквата промена е реално остварлива. Во светот, а сè повеќе и кај нас, веќе постојат докажани и достапни методи на производство што овозможуваат значително помало влијание врз природата.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 1

Земјоделството, во кое доминира јаболкопроизводството, игра клучна улога во економската одржливост на Преспанскиот регион. Околу 60% од населението во Општина Ресен директно зависи од оваа дејност. Иако не постои општоприфатен податок, според некои извори површините под јаболкови насади достигнуваат до 5.100 хектари, што ја прави Преспа водечки овоштарски регион во државата, особено во производството на јаболка. Оваа економска основа обезбедува егзистенција за илјадници семејства и го прави преспанското јаболко култура од стратешко значење, а не само уште еден земјоделски производ.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 2

Идеалните услови за одгледување јаболко во Преспанскиот регион се резултат на повеќе природни фактори: топлата умереноконтинентална клима, релјефот, надморската височина, влијанието на Медитеранот, а особено на Преспанското Езеро. Сето ова создава совршен амбиент за одгледување на овој овошен вид. Но, природата само го создава потенцијалот, а останатото е резултат на напорен човечки труд кој трае преку целата година.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 3

Зад секој килограм произведено јаболко стои цела сезона посветена и непрекината работа. Кроењето, обработката на почвата, проредувањето на плодовите, заштитата од болести и штетници, наводнувањето и одржувањето на производната инфраструктура се само дел од низата активности што бараат знаење, постојано присуство и навремено донесување правилни одлуки. Преспанските овоштари ова знаење, искуство и посветеност ги пренесуваат и надградуваат од генерација на генерација. Токму затоа, вложениот труд, долгогодишното практично искуство и акумулираното знаење се нераскинлив дел од вредноста на секое јаболко што потекнува од Преспа.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 4

Високите приноси и квалитетот на плодот покрај тоа што зависат од климатските фактори и добрата агротехника, зависат  од поширокиот екосистем и сложените природни процеси што се одвиваат во него. Еден од најважните меѓу нив е опрашувањето, процес во кој клучна улога имаат пчелите, но и останатите инсекти од корисната ентомофауна, како што се дивите пчели, бумбарите, осоликите муви и останатите природни опрашувачи.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 5

Кога природните услови во Преспа ќе се надополнат со знаењето, трудот и правилно применетата агротехника, јаболковите насади го добиваат својот полн сјај, станувајќи составен дел од пејзажот на регионот и еден од неговите најпрепознатливи визуелни белези. Во летните месеци, кога плодовите се оформуваат, а потенцијалниот принос станува сè поизвесен, започнува и периодот на проценка на очекуваната берба, но и на вредноста на секое произведено јаболко.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 6

Еден од позитивните трендови во последните децении е воведувањето на системот за наводнување „капка по капка“, кој денес се користи кај речиси 96% од насадите во регионот. Сепак, потрошувачката на вода и понатаму е повеќе од двојно поголема од количината што научните проценки ја утврдуваат како потребна за оптимално производство. Со соодветна едукација и примена на технологии за прецизно определување на нормата на наводнување, потрошувачката може да се намали во просек за речиси 60%, со што значително би се намалил притисокот врз езерото и би се придонело кон зачувување на неговиот природен баланс.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 7

Агресивната експанзија на земјоделските површини доаѓа со висока цена за природата. Земјоделските активности континуирано го зголемуваат притисокот врз водните екосистеми, а особено силно влијаат врз природните водотеци и мочурливите подрачја. Узурпацијата на овие чувствителни крајбрежни зони ги нарушува природните функции на езерото, го намалува неговиот капацитет за природна филтрација и го нарушува циклусот на размена на хранливи материи.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 8

Секоја сезона врз преспанските јаболкови насади се аплицираат околу 64 тони пестициди. Прецизни податоци за нивната вкупна употреба не постојат, бидејќи значителен дел од препаратите се увезуваат нерегистрирано од соседните земји, надвор од контрола на надлежните институции. Недостатокот на надзор отвора прашања не само за нивниот квалитет, туку и за нивното потенцијално влијание врз целиот екосистем, особено врз пчелите и другите инсекти кои имаат клучна улога во одржувањето на природната рамнотежа.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 9

Особен притисок врз почвата и водниот екосистем создава интензивната употреба на вештачки ѓубрива.  Дел од нив не се искористуваат од растенијата, туку преку процесот на инфилтрација навлегуваат во подземните води и постепено стигнуваат до Преспанското Езеро. Зголемените количини на овие материи ја нарушуваат природната рамнотежа на езерскиот екосистем, поттикнувајќи прекумерен развој на алги и промени во водниот жив свет. Дополнителен проблем е и несоодветното отстранување на амбалажата од земјоделските препарати, која останува долготраен извор на загадување.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 10

Отпадното јаболко и остатоците од чистењето на овоштарниците создаваат значителни количини биоразградлив материјал кој, наместо да се компостира и да се врати во почвата, често завршува во природната средина. Тоа е истовремено еколошки проблем и изгубена агротехничка можност, бидејќи органската материја што може да ја збогати почвата ги оптоварува водотеците и подземните води. Дополнително, оставеното отпадно јаболко може да стане жариште за болести и штетници во наредната сезона.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 11

Значителен дел од амбалажата од агрохемикалии завршува во природната средина, најчесто покрај патиштата, водотеците и во близина на насадите. Покрај тоа што го нарушува изгледот на пределот, остатоците од активните супстанции можат да навлезат длабоко во порозната почва и да ги загадат подземните води и езерото, предизвикувајќи директна штета врз екосистемот.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 12

Кога ќе се согледаат сите аспекти на производството на јаболка во Преспа, сосема оправдано се поставува прашањето: дали цената на производството навистина е онаа што вообичаено се пресметува? Навидум, таа е позната и се пресметува  во денари по килограм, во трошоци за репроматеријали, работни часови и амортизација на механизацијата. Тоа е цената што земјоделецот добро ја познава, но која пазарот не секогаш целосно ја признава.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 13

Постои, меѓутоа, и друга сметка, онаа што никој формално не ја составил, но која природата одамна ја води. Во неа се вклучени нитратите и фосфатите што се акумулираат во подземните води, пестицидите што ја нарушуваат рамнотежата на езерскиот екосистем, органскиот отпад расфрлан во природата, губењето на природните поплавни зони и прекумерното користење на водните ресурси. Овие трошоци не се видливи на ниту една сметка. Нив не ги плаќа ниту земјоделецот, ниту купувачот. Ги плаќа природата, а пред сè езерото, бавно и незабележливо, преку постепените промени во сопствениот екосистем. И вистинското прашање не е дали природата некогаш ќе ја покаже цената, туку дали ние ќе ја препознаеме навреме.

kolku cini prespanskoto jabolko doma 14

Промената на воспоставените навики и неодржливите практики не е прашање на жртва, туку на долгорочна логика и одговорно управување. Земјоделецот што го губи езерото, го губи и природниот амбиент што го овозможува неговото производство како водата, умерените температури, плодната почва и рамнотежата на живиот свет. Затоа, вистинската инвестиција во иднината на преспанското јаболко не е само во поголем принос денес, туку во зачувување на природниот систем што ќе го овозможи неговото производство и утре.

Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.

Фотографија и текст: Дарко Андоновски

    Поврзани приказни