Туризмот во Преспа помеѓу потенцијалот и реалноста

15 септември 2026

Туризмот е значајна стопанска гранка која преку директни приходи и нови работни места може да биде…

Туризмот е значајна стопанска гранка која преку директни приходи и нови работни места може да биде еден од двигателите на локалната економија. Истовремено, тој поттикнува и развој на поврзани услужни дејности, овозможувајќи одржлив економски раст и задржување на населението во локалните заедници.

Преспанскиот регион има исклучителни предиспозиции за развојот на туризмот, кој покрај земјоделството, претставува реална алтернатива за локалната економија. Сместен на тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција, тој е еден од највредните природни и културни предели во земјата и пошироко. Недопрените пејзажи, ретките видови птици, старите манастири и автентичните рурални средини создаваат одлична основа Преспа да се профилира како културна и еко-дестинација, со понуда што станува сè поретка во услови на масовен туризам.

Сепак, туристичкиот развој на Преспа со години речиси целосно се поврзуваше со езерото, плажите и летната сезона. Флуктуациите и долгорочното опаѓање на нивото на езерото често се користат како објаснување за застојот. Со повлекувањето на водата како да се повлекоа и амбициите за развој, иако регионот располага со многу поширок и сè уште недоволно искористен потенцијал за одржлив рурален, културен, научен, авантуристички и други форми на алтернативен туризам.

Во реалноста не е само езерото тоа што ги намалува шансите за напредок, туку многу повеќе човекот, кој со своите негативни влијанија и негрижата кон просторот систематски ги одвраќа потенцијалните посетители. На терен, огромната предност на регионот секојдневно се деградира, па така лошото управување со цврстиот отпад, дивите депонии покрај патиштата, урбанистичкиот хаос како и загадувањето од земјоделството и индустријата, создаваат слика која драстично отстапува од онаа што потенцијалниот турист би сакал да ја доживее.

Излезот од оваа состојба не бара чудо, туку суштинска промена во пристапот. Потребно е будење од сонот за масовни плажи и истовремено воспоставување јасен еколошки ред. Само така Преспа може да се развива како дестинација за одговорен туризам, во согласност со принципите на одржливост и заштита на животната средина.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 1

За природните вредности на Преспа не е потребно да се трошат многу зборови. Доволно е да се погледнат домашните и меѓународните механизми за заштита за да се разбере за каков природен бисер станува збор. Преспанското Езеро е споменик на природата и светски важно водно живеалиште, опкружено со два национални паркови, а во регионот се наоѓаат и островот Голем Град и Паркот на природата „Езерани“. Преспа е светски важно подрачје за птици и растенија,  но и дел од прекуграничниот резерват на биосферата „Преспа“.  Одделни делови се заштитени и со Бернската конвенција, а регионот е и потенцијално Натура 2000 подрачје. Ваквата концентрација на природни вредности на едно релативно мало подрачје создала уникатен туристички производ кој тешко може да се имитира. А кој на посетителот му нуди непосреден контакт со дивата природа во заштитено подрачје со глобално еколошко значење.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 2

Во преспанскиот регион се регистрирани 130 археолошки локалитети и 95 цркви и манастири, меѓу кои и споменици од исклучително значење. Еден од нив е црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, чиј фрескоживопис од 12 век се вбројува меѓу највредните достигнувања на средновековната сакрална уметност на Балканот. Островот Голем Град покрај својата природна вредност, крие остатоци од населби, сакрални објекти и некрополи кои сведочат за човечко присуство од антиката до средновековието. Ова богато културно и историско наследство е значаен ресурс кој туристичката понуда на Преспа сè уште не го користи во полна мера.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 3

Преспанските села како Брајчино, Љубојно, Долно Дупени и други имаат значителен потенцијал за развој на рурален и одржлив туризам. Нивната вредност е во зачуваната традиционална архитектура, автентичниот рурален амбиент и можноста за квалитетна туристичка понуда по конкурентни цени. Глобалните туристички трендови укажуваат на зголемена побарувачка за мали, автентични и ненатрупани дестинации кои овозможуваат контакт со локалната култура, природата и традиционалниот начин на живот. Во тој погле, Преспа има значајна предност бидејќи нејзината автентичност не е создадена за туристички цели, туку е природно зачувана како дел од локалниот идентитет.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 4

Циронките се дел од автентичната гастрономска понуда на преспанскиот регион. Нивното сушење во дворовите на преспанските куќи е дел од живата традиција на регионот и сведоштво за вековната поврзаност на луѓето со езерото и неговите ресурси. Токму ваквите автентични практики претставуваат значаен туристички потенцијал, бидејќи современите посетители сè повеќе сакаат да се запознаат со локалните традиционални знаења и искуства, кои не можат да се реплицираат во дестинациите со масовен туризам.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 5

Набљудувањето птици (birdwatching/орнитолошки туризам) е еден од најбрзорастечките сегменти на природниот и специјализираниот туризам. Тој привлекува високомотивирана целна група со надпросечна потрошувачка, подолг престој и специфичен интерес, особено за дестинации со богата биолошка разновидност, потврдена орнитолошка вредност и добро зачувана природа. Со повеќе од 260 регистрирани видови птици, од кои околу 160 се размножуваат во подрачјето, Преспа има исклучителни услови за развој на овој вид туризам, кој не бара големи вложувања во современа угостителска инфраструктура.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 6

Централниот туристички ресурс на Преспа, езерото, останува еден од најзначајните потенцијали за развој на туризмот во регионот. Неговите плажи нудат можност за квалитетен и мирен езерски одмор во зачуван природен амбиент, различен од оној на масовните туристички дестинации. Чистата вода, пространиот пејзаж и непосредната поврзаност со природата се неговите главни вредности. Истовремено, релативно нискиот степен на развиеност на туристичката инфраструктура може да се гледа и како ограничување и како предност. Тој е ограничување за развој на класичен масовен туризам, но и значајна предност за привлекување посетители кои бараат мир, автентичност и непосреден контакт со природата.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 7

Градот Ресен со Сарајот и градските куќи од крајот на XIX и почетокот на XX век, со нивната автентична архитектура, украсни фасади и традиционални градителски елементи, претставува значаен дел од културниот идентитет на Преспа. Но, за развојот на туризмот не помалку е значаен и односот кон современите урбанистички решенија, кон новоизградените објекти, уредувањето на дворовите, јавните површини, градската хигиена, управување со отпадот итн. Во таа насока, подигнувањето на свеста за културата на урбаното живеење кај локалното население е од исклучително значење за впечатокот со кој туристите си заминуваат од преспанскиот регион.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 8

За жал, во Македонија тешко може да се зборува за природните убавини и вредностите на едно подрачје без во еден момент да се употреби токму синтагмата „за жал“. Така е и во Преспа, каде среде нејзините исклучителни природни и туристички вредности се одвиваат процеси кои не само што се косат со принципите на рационално управување со просторот, туку сериозно ѝ пркосат и на логиката на здравиот разум. Еден од најочигледните примери е лошото управување со отпадот.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 9

Селата Љубојно и Брајчино важат за едни од најрепрезентативните точки на руралниот туризам во преспанскиот регион. Покрај домашните, ги посетуваат и бројни странски туристи, а речиси се и задолжителна дестинација за странските дипломати на служба во Македонија. Сепак, покрај патот што води до овие две села, но и кон планинските предели на Националниот парк „Пелистер“, на огромен простор е распослана дива депонија на која може да се најде сѐ и сешто, од предмети за секојдневна употреба и градежен шут, до угинати животни, мебел и бела техника. Без разлика на амбиентот и гостопримството, тешко е да се очекува сериозен развој на руралниот туризам онаму каде што посетителот уште на самиот пристап е пречекан со ваква слика.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 10

Планинските масиви Галичица и Пелистер нудат услови за параглајдинг, зимски спортови, планинарење и велосипедизам, а околината на Преспанската Котлина располага со маркирани патеки и рути со потенцијал да поврзат повеќе туристички локалитети во регионот. За жал, ни овие предели, особено пониските падини кон котлината и населените места, не се поштедени од несфатливото однесување на дел од населението. Мали депонии со градежен шут и друг отпад се појавуваат дури и таму каде што природата би требало да биде најчиста. Кога вакви појави би се случувале во некои поразвиени делови од светот, веројатно би биле предмет на сериозна анализа, не само на експерти за животна средина и просторно планирање, туку и од стручни лица од областа на психологијата, социологијата, а можеби и психијатријата.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 11

Проблемот со отпадот во Преспа не завршува на местото каде што е фрлен. Со дождовите и површинските води, тој се пренесува кон водотеците, крајбрежниот појас и езерото, а дел од него директно или индиректно завршува во водниот екосистем. Така, локалниот проблем со нечистотијата станува проблем за целиот природен систем. Еднаш фрлен, отпадот не исчезнува затоа што повеќе не го гледаме. Еднаш фрлен, отпадот не исчезнува само затоа што повеќе не го гледаме. Напротив, порано или подоцна повторно ќе се појави пред очите на оние кои дошле токму тука да ја почувствуваат убавината на природата.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 12

Дел од крајбрежниот појас е оптоварен со остатоци од напуштени или недовршени објекти, бетонски темели, арматура, урнатини и градби кои никогаш не биле целосно реализирани или одржувани. Наместо да биде природен простор за уживање и рекреација, на одделни места крајбрежјето изгледа како напуштено градилиште. Овие остатоци не само што ја нарушуваат визуелната слика, туку го отежнуваат и природниот пристап до брегот и го нарушуваат чувствителниот крајбрежен екосистем.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 13

На туристите Преспа им ги нуди езерото, птиците, планините, селата, манастирите и историјата. Тоа е убавината што редовно ја гледаме на промотивните фотографии и видеа. Но, во реалноста, туристот ја доживува Преспа многу понепосредно и ја гледа целата слика. Ги гледа и езерото и депонијата покрај патот, и старата камена куќа и отпадот пред неа, и пеликаните и пластиката во трската. Го памети и убавото и грдото.

Не постои промотивна кампања која може трајно да ја сокрие реалноста на терен. Ниту една брошура не може да го избрише разочарувањето кое го доживеал туристот кое во време на глобална поврзаност речиси сигурно ќе биде споделено и со други.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 14

Лошото управување со отпадот не е само еколошки и естетски, туку и директен економски проблем. Туризмот се темели на целокупното искуство на посетителот, а тоа во голема мера го создава амбиентот низ кој тој се движи и престојува.

Туристот кој бара чиста природа и автентична средина, можеби не очекува совршенство, но очекува елементарна грижа за околината. Кога наместо тоа ќе наиде на диви депонии, преполни контејнери и запуштени простори, цената на негрижата ја плаќаат сите, од сопствениците на сместувачките капацитети и угостителите, до производителите и сите оние што зависат од туристичката потрошувачка. На крајот, цената ја плаќа целата локална економија.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 15

Она што ѝ недостасува на Преспа не е туристичкиот потенцијал, кој го има во изобилство едостасуваат систематско управување со отпадот, одржување на јавните простори и заштита на крајбрежјето, а во помала мера и подобра туристичка инфраструктура и промоција.

Поголемиот дел од овие проблеми не бараат милионски инвестиции, туку координација, волја и доследност. Ако туризмот е стратешки правец на развој, тогаш земјоделството, урбанизмот,  инфраструктурата и заштитата на природата мора да се приспособат кон него.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 16

Преспа не мора да стане масовна туристичка дестинација за да биде успешна. Напротив, нејзината најголема шанса е да остане различна, чиста, автентична, природна и препознатлива. Но тоа нема да се случи само од себе. Вистинската инвестиција во туризмот на Преспа не започнува со нов хотел, нова брошура или нова туристичка кампања. Таа започнува со исчистен двор, уреден јавен простор, заштитено езеро и почит кон природата која сакаме да ја претвориме во туристичка вредност.

foto prikazna turizmot vo prespa pomegju potencijalot i realnosta 17
charset=Ascii

Сеќавањата на едно поинакво Преспанско Езеро, со повисоко ниво на водата и поинаков изглед на крајбрежјето, не треба да бидат причина за разочарување, туку мотив за сериозно размислување за иднината. ешенијата за спас на езерото, управувањето со отпадот, зачувувањето на природата и развојот на туризмот не смеат да бидат задача само на една институција или општина. Потребен е заеднички и усогласен пристап на целата заедница, институциите и централната власт.

Во земјите со развиен систем на планирање, управувањето со вакви природни и економски ресурси се планира со децении однапред, а плановите потоа и се реализираат. Кај нас, за жал, ентузијазмот често трае додека траат средствата за некое истражување, студија или проект, најчесто финансирани од странство. Потоа, повторно се продолжува по старо.

Но, да се надеваме дека досега нешто сме научиле и дека сме стигнале до точката од која работите можат да тргнат само во подобра насока.

Фотографија и текст: Дарко Андоновски

    Поврзани приказни