Радовишкиот платан – мост помеѓу минатото и иднината

26 август 2025

Во богатството на заштитени подрачја на Македонија, свое посебно и карактеристично место имаат поединечните стебла на…
Радовишкиот платан – мост помеѓу минатото и иднината

Во богатството на заштитени подрачја на Македонија, свое посебно и карактеристично место имаат поединечните стебла на стари и ретки дрвја, какви што ги има ширум нашата земја. Станува збор за извонредни примероци кои со својата старост, големина, форма како и историја поврзана со нивното постоење, претставуваат уникатни споменици кои сведочат за дамнешни времиња, во себе кријат приказни за животот низ вековите, служат како природни симболи на одредени градови и села или се тесно испреплетени со локалната културна меморија. Во нивните сенки се случувале народни собири, пазари, веселби и дружења, а нивното постоење во многу случаи било тесно поврзано со идентитетот на заедницата. Овие дрвја имаат повеќекратно значење, научно – бидејќи се носители на еден уникатен генетски потенцијал, но и непроценливи примери на долговечност и отпорност на одреден вид; еколошко – претставуваат засолништа за птици, инсекти и бројни микроорганизми, создавајќи мали екосистеми што опстојуваат дури и во срцето на градовите; естетско – бидејќи нивната силуета е препознатлив белег на просторот, но и културно-историско – зашто се вплетени во меморијата на заедницата, во преданијата и во секојдневниот живот на генерациите кои минале покрај нив.

Сепак, токму поради нивната старост и положба, најчесто во урбана или рурална средина, тие се изложени на бројни закани. Неконтролираното кастрење, нарушувањето на околниот простор поради урбанистички зафати, загадувањето на почвата и воздухот, како и климатските промени, биле и се сериозна опасност за нивната долговечност. Она што е карактеристично за нив е тоа што, за разлика од заштитените подрачја кои опфаќаат поголеми пространства, во нивниот случај е доволен само еден удар со секира, или пак едно запалено чкорче, за да се уништи нешто што природата го содавала со векови. Поради тоа потребен е посебен однос од страна на заедницата, па покрај формалната заштита неопходна е континуирана нега и грижа за ова наше природно и културно богатство.

Еден од впечатливите примероци на стари дрвја кои претставуваат природно наследство на Македонија и кои се заштитени со закон е стариот платан (чинар) во Радовиш, кој со векови му пркоси на времето и многуте премрежја, но и на разни непогоди предизвикани од природата или човекот.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 1

Старото платаново дрво во Радовиш претставува исклучителен природен и културен споменик со повеќеслојна вредност, длабоко вкоренета во историјата и идентитетот на градот. Сместено е на раскрсницата на улиците „Гоце Делчев” и „Јавор”, на самиот почеток на историското Варош Маало, дрвото доминира со својата импозантна појава. Со проценета старост од над шест века, тоа сведочи за бурната историја на градот, преживувајќи разни промени на режими и владетели, природни непогоди, како и притисок на урбаниот развој. 

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 2

Проценетата старост на радовишкиот чинар, утврдена во 2022 година при научната валоризација на неговите карактеристики, била 635 години, што историски кореспондира со периодот на ширењето на Отоманското Царство на овие простори. Иако не постои точен податок кој точно го засадил ова дрво, тоа се случило во еден историски контекст во кој Турците имале обичај да садат платанови дрвја, познати по својата долговечност, како симбол на вековната империја. Ова садење често го вршеле членови на повисоката класа, како паша, бег или ага. Поради тоа, дрвото се смета за жив споменик на почетоците на овој период и симбол на ширењето на моќта на царството и на неговата владејачка елита на овие простори.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 3

Низ вековите, радовишкиот чинар станал многу повеќе од само ботанички примерок. Неговата импозантна големина и централна локација го претвориле во значајно обележје на урбаниот простор на градот. Дрвото било вообичаено место за собирање, закажување состаноци и служело како лесен патоказ во просторот. Неговата локација на самиот почеток на Варош Маало го позиционирала како своевидна „порта“ на историското градско јадро, обележувајќи го влезот во еден од најстарите делови на градот.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 4

Еден од најдраматичните моменти во историјата на дрвото, кој ја нагласува неговата симболична трансформација, се случил на 14 март 1905 година. На тој ден турскиот аскер извршил терор врз мирното население во Варош Маало, опожарувајќи ги сите христијански куќи во населбата. И покрај големиот пожар и уништувањето, стариот чинар успеал да преживее. Првично засаден како симбол на една империја, со текот на времето тој се интегрира во локалниот идентитет, а со преживувањето на пожарот се претвора во моќен симбол на издржливост, отпорност и континуитет на локалната заедница.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 5

И после повеќе од шест века од неговото засадување, радовишкиот чинар сѐ уште е во одлична морфолошка и физиолошка кондиција. Во изминатите дваесетина години врз него се направени две санации, при што е вршена соодветна заштита, отстранување на суви гранки, како и поставување на заштитен камен ѕид. Дури во мај 2023 година, со решение на МЖСПП, а по претходно извршена научна валоризација на неговите карактеристики, чинарот е прогласен за природна реткост, а грижата за него е доделена на Општина Радовиш.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 6

Според податоците од елаборатот за валоризација на платановото стебло во Радовиш, висината на ова дрво изнесува 24 м., од кои на стеблото отпаѓаат 5 м., а на крошната 19 м. И покрај возраста, крошната на платанот е сè уште широка и раскошна. Дел од гранките се суви, но повеќето сè уште носат зеленило што создава сенка над целиот плоштад. Летно време, токму оваа сенка е едно од најпосакуваните места за одмор. Формата на крошната е полутопчеста, подеднакво распоредена во сите правци со обем од 102,6 м., при што гранките се протегаат кон север во должина од 18, кон исток 18,5, кон југ 12,3 и кон запад 16,6 м.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 7

Кога ќе се застане покрај дрвото, прво што паѓа в очи е неговото масивно стебло. Во основата тоа има обем од 7,9 м., а на градната висина од 6,0 м.  Кората по стеблото е длабоко браздесто испукана со јасно испактнати полигонални плочки со делтоидна форма во кои како да се впила сета тежина на вековите. Ваквата кора посебно е изразена на северната и јужната страна. По гранките, карактеристично за платаните,  кората е мазна, сивопепеласта и маскирно прошарана.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 8

И покрај големата старост ова дрво има извонредни фенолошки карактеристики, односно правилно одвивање на фазите на развој во текот на една календарска година. Крошната изобилува со зелена маса, со карактеристични листови кои кај чинарот се со широчина до 20 cм. длабоко всечени на 5-7 делови со клиновидна форма. Листовите на чинаровото дрво, кое е од видот платани (Platanus orientalis), се слични на листовите на јаворот, па затоа локалните жители радовишкиот чинар го нарекуваат и препознаваат како јавор, така што многу лесно може да се случи, доколку прашате некој радовишанец каде се наоѓа старото чинарово или платаново стебло во Радовиш, да ве гледа зачудено, сѐ додека не му објасните дека се интересирате за стариот јавор.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 9

Цветањето, кое се одвива едновремено со пролистувањето е, исто така, обилно што значи дека и потенцијалот за размножување на ова дрво е висок и покрај големата старост. Цветовите се собрани во топчести соцветија, наредени по оски, при што оските со машки и женски соцветија се одвоени. По цветањето машките соцветија се сушат и опаѓаат, а женските се развиваат во топчести соплодија, кои зреат во есен.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 10

По добивањето на заштитениот статус од страна на општината е направена метална ограда околу дрвото, која го штити од намерно или ненамерно оштетување, а спречена е и појавата на закачување на некролози и друг огласен материјал, што било случај во минатото кога стеблото личело на огласна табла. Генерален впечаток е дека дрвото е добро заштитено, иако во основата на неговото стебло можат да се забележат повеќе изданоци, кои покрај тоа што непотребно одземаат хранливи материи и го нагрдуваат ликот на дрвото. Она што е забележително е и тоа што преку крошната има голема испреплетеност на телефонски и електрични кабли кои го нагрдуваат амбиентот околку ова репрезентативно дрво.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 11

Во непосредна близина на чинарот постојат и информативни табли од кои може да се добијат кратки информации за неговата поставеност во урбаниот простор на Радовиш, за неговото значење, како и за историјатот на ова дрво.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 12

Радовишкиот чинар е само едно од многуте примероци на стари, значајни и репрезентативни дрва кои се среќаваат во Македонија. Најголемиот дел од нив се наоѓаат во урбани или рурални населби, или пак во дворови на верски објекти, но има и такви кои можат да се сретнат во недопрена природна средина. Заштитата на секој еден примерок од овие дрва треба да биде императив за државата и институциите надлежни за грижа за природното наследство, затоа што со нивно евентуално исчезнување, ние не би изгубиле само дрво, туку и вреден научен ресурс, дел од колективната меморија, дел од приказната за одреден простор и за неговиот идентитет.

radoviskiot platan most megju minatoto i idninata 13

Заштитените дрвја се како живи архиви на минатото, архиви кои се длабоко врежани во браздите на нивната кора. Тие нè потсетуваат дека човекот е само минлив патник покрај нешто што е многу потрајно, долговечно, постојано. Затоа е неопходна нивна систематска заштита. Кога едно дрво ќе биде заштитено, тоа добива статус на културен или природен споменик кој бара посебна грижа, надзор и почит. Нивното зачувување не е само прашање на нивната биологија или пак на некаков напишан закон, туку и на нашата свест и одговорност кон идните генерации. Зашто секое вакво дрво е незаменлив мост помеѓу минатото и иднината – живо сведоштво дека природата и времето создаваат дела што заслужуваат вечност.

ИЗВОРИ:

Елаборат за валоризација на Платаново стебло (Platanus orientalis L.) Радовиш, општина Радовиш – Друштво за еколошки консалтинг „ДЕКОНС-ЕМА“

Службен В. на Р.М. бр: 100/2023 од 15.05.2023

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски

    Поврзани приказни