Сместен во крајниот југозападен дел на Македонија, Преспанскиот регион најчесто се доживува како живописно подрачје во кое доминира убавото Преспанско Езеро. Околу него се распослани непрегледни јаболкови расади, кои во најголема мера ја обезбедуваат егзистенција за локалното население.
Сепак, научната и еколошката реалност што се кријат зад овие пејзажи кријат една многу покомплексна приказна. Преспа, всушност, претставува еден од најзначајните епицентри на биодиверзитетот чие значење далеку ги надминува националните граници. Биолошките истражувања континуирано потврдуваат дека овој басен е критично важно прибежиште за флората и фауната на европскиот континент, кое се одликува со исклучително висок степен на ендемизам. Оваа особеност е резултат на повеќе фактори: големата геолошка старост на езерскиот басен, која овозможила долготрајна еволуција и појава на ендемични видови; изразената географска и климатска разновидност, која создала различни типови живеалишта; како и на неговата долгорочна улога на рефугиум, кој за време на плеистоценските глацијации претставувал природно засолниште за бројни растителни и животински видови, овозможувајќи им континуитет во опстанокот во период кога голем дел од Европа бил покриен со мраз или изложен на екстремно студена клима.
Токму поради овие особености, како ретко каде на друго место, Преспа ужива висок статус на заштитено подрачје од повеќе различни аспекти, регулиран со домашното законодавство, но и со бројни меѓународни конвеции, договори и инцијативи.
Сепак, и покрај воспоставените механизми за заштита, податоците од терен укажуваат дека екосистемот се соочува со сериозни закани предизвикани од климатските промени и негативната улога на човекот. Неодржливото користење на водата за земјоделски потреби, загадувањето со агрохемикалии и несоодветното управување со сливот, делуваат како катализатори кои го забрзуваат намалувањето на водостојот и придонесуваат за деградација на природните живеалишта.

Преспанското Езеро, едно од трите природни езера во Македонија, има тектонско потекло, а целата Преспанската Котлина е дел од Западно-македонската тектонска зона. Според глобалните лимнолошки и географски истражувања, се смета дека помалку од 0,1% од вкупниот број на езера во светот имаат тектонско потекло, додека останатите се глацијални, речни, вулкански, кратерски и друг тип. Но, во науката овие езера се сметаат за најкапитални водни ресурси, како поради количеството вода што во себе го акумулираат, така и поради нивната старост и долг еволутивен процес. Нивната старост се мери со милиони години, а Преспанското езеро, според бројните научни класификации, се вбројува меѓу десетте најстари езера во светот со богат и уникатен биодиверзитет, како резултат на милиони години непречена еволуција.

Високата транспарентност на водата кај селото Коњско е показател за здрава, природна состојба на езерото. Кристалната бистрина овозможува сончевата светлина да продре до поголеми длабочини, создавајќи услови за непречено одвивањето на фотосинтезата кај подводната флора. Во вакви, еколошки избалансирани услови, водата одржува оптимално ниво на растворен кислород, неопходен за опстанокот и развој на флората и фауната во Преспанското Езеро.

Под површината на Преспанското Езеро се крие вистинска ихтиолошка ризница со 23 евидентирани видови риби. Од нив, 11 се автохтони, а 9 се строго ендемични, односно не живеат никаде на друго место во светот. Оваа биолошка уникатност ја надополнуваат бројни други ендемични претставници на флората и фауната, меѓу кои слатководни мекотели, вклучително и повеќе видови на полжави, ендемични дијатомејски алги и богата макрофитна вегетација кои тука еволуирале со милениуми. Зачувувањето на овој кревок и незаменлив жив свет е можно само преку одржливо користење на природните ресурси, вклучително и контролиран риболов усогласен со биолошките циклуси на езерото.

Големиот корморан (Phalacrocorax carbo) е само еден од повеќе од 260 видови птици што можат да се сретнат во басенот на Преспанското Езеро. За околу 160 видови, Преспа е место за гнездење, а за многу други важна станица на нивниот миграциски пат. Ова езеро има глобално значење, бидејќи претставува привремено засолниште за илјадници водни птици, чиј опстанок зависи од чистата вода и стабилниот водостој. Поради оваа исклучителна вредност, Преспанското Езеро е заштитено со Рамсарската конвенција уште од 1995 година.

Кадроглавиот пеликан (Pelecanus crispus) е една од најретките и највпечатливите водни птици во Европа. Денес се смета за „речиси загрозен“ вид, а до пред само неколку децении, поради континуираното губење на живеалиштата, беше под закана од потполно исчезнување од европскиот континент. Неговото закрепнување во последните децении во најголема мера се должи токму на Преспанскиот регион, каде што Малото Преспанско Езеро претставува најзначајно светско гнездилиште на овој вид, додека Големото Преспанското Езеро е составен дел од овој единствен екосистем, во кој пеликаните редовно се хранат и егзистираат. Затоа, секој прелет на овие птици над Преспа претставува величенствено сведоштво за исклучителната природна вредност на езерото и потсетник за неопходноста од неговата заштита.

Плитките крајбрежни зони обраснати со трска претставуваат критично важни живеалишта за размножување и исхрана на голем број видови водни птици, риби, водоземци, влекачи и инсекти. Густите крајбрежни појаси со трска функционираат и како природен филтер што го апсорбира вишокот на хранливи материи и го забавува процесот на еутрофикација на водата. Истовремено, овие крајбрежни појаси претставуваат природна бариера која го штити брегот од ерозија и го стабилизира крајбрежниот седимент. Мочуришните биотопи на Преспа се дом на повеќе видови водни птици со заштитен статус, кои не можат да се адаптираат на други алтернативни типови на живеалишта. Овие биотопи се дел од мочуришниот систем заштитен според Рамсарската конвенција, а нивната деградација преку загадување, физичко уништување или промена на водостојот има директни последици врз целокупната биолошка разновидност на езерото.

Шумската желка (Testudo hermanni) е само еден од многубројните животински видови кои го населуваат крајбрежниот појас на Преспанското Езеро. Со својата специфична вегетација, микроклима и достапност до вода претставува критично важно живеалиште за голем број цицачи, влекачи, водоземци и инсекти. За овие животни, плитките барички, влажната почва и крајбрежната вегетација не се само попатна станица, туку клучен егзистенцијален ресурс неопходен за хидратација, исхрана и терморегулација.

Езерото, крајбрежните мочуришта и крајбрежниот копнен појас функционираат како еден интегриран екосистем во кој секој елемент зависи од состојбата на останатите, така што деградацијата на кој било од овие сегменти предизвикува значајни и често неповратни последици врз функционирањето на целиот систем. На пример, загадувањето на водата се одразува врз мочуришните биотопи, деградацијата на мочуриштата ги елиминира живеалиштата на крајбрежните видови, нарушувањето на крајбрежниот појас ги отстранува природните филтери и заштитни механизми кои го штитат самото езеро.

За жал, и покрај исклучително големото значење, Преспанското Езеро се соочува со низа притисоци кои се закануваат трајно да ги уништат неговите природни вредности. Најзагрижувачки меѓу нив е падот на нивото на водата, регистриран во текот на последните шеесет години. Иако климатските промени се доминантна причина за овој процес, воопшто не е за занемарување и антропогениот фактор, кој се манифестира преку перманентното зголемување на површините под јаболкови насади (речиси 3 пати повеќе во однос на шеесетите години од минатиот век), како и преку ископување на нови бунари. Дополнително, иако денес околу 96% од насадите се наводнуваат преку системот „капка по капка“, евидентирана е просечна потрошувачка на вода за наводнување на јаболковите насади од 8.649 m³/ha, што е повеќе од двојно над препорачаните вредности според методологијата на ФАО, кои изнесуваат од 3.500 до 4.000 m³/ha.

Значителен дел од населените места во преспанскиот слив не се поврзани на функционална канализациона инфраструктура, додека дел од индустриските капацитети испуштаат отпадните води директно во водните тела без претходен третман. Нетретираните отпадни води како од домаќинствата така и од индустријата внесуваат во езерото високи концентрации на органски материи, како и азот, фосфор и други загадувачки супстанци.

Еутрофикацијата, препознатлива по масовното и неприродно „цветање“ на алгите, е директна последица од слевањето на огромни количини азот и фосфор во езерото. Овие нутриенти, покрај потеклото од отпадните води, доаѓаат и од прекумерната употреба на вештачки ѓубрива во земјоделството. Неконтролираното размножување на алгите формира густа покривка која го блокира продирањето на сончевата светлина, а нивното подоцнежно распаѓање драстично го исцрпува растворениот кислород во водата. Овој процес создава анаеробни „мртви зони“ во кои рибите и другите водни организми буквално се задушуваат, што води кон трајно губење на живеалиштата и неповратно уништување на локалниот биодиверзитет.

Отфрлената амбалажа од разни хемикалии покрај притоките претставува континуирана хемиска закана за Преспанското Езеро. Често оваа амбалажа не е целосно испразнета, водените текови постојано ги измиваат токсичните остатоци и ги внесуваат директно во езерскиот екосистем. Ова постојано излевање на токсични супстанци покрај тоа што предизвикува труење на чувствителните водни организми, води кон опасна биоакумулација на отровите кои се таложат во ткивата на пониските организми, а потоа патуваат нагоре по прехранбениот синџир, акумулирајќи се во рибите, и на крајот во птиците кои се хранат со нив.

Дивите депонии лоцирани во близина на езерото претставуваат многу повеќе од естетска деградација на пејзажот, бидејќи претставуваат активни и долгорочни извори на загадување. Со секој дожд или топење на снегот, атмосферските води го измиваат натрупаниот отпад, создавајќи високотоксичен исцедок полн со хемикалии, тешки метали и распадната пластика. Овој отровен коктел не останува на површината, туку понира длабоко низ порозната почва, контаминирајќи ги подземните водни текови преку кои тивко и континуирано се влева директно во Преспанското Езеро, нанесувајќи му трајна штета на целиот екосистем.

Пластичниот отпад кој завршува во езерото или на неговите брегови никогаш вистински не се разградува, ниту пак исчезнува. Под континуирано влијание на УВ зрачењето од сонцето, температурните осцилации и механичкото триење од брановите, пластиката едноставно се фрагментира на сè помали парчиња, претворајќи се конечно во микропластика. Овие ситни, често невидливи честички, се таложат во водата и во езерскиот седимент, од каде што директно влегуваат во синџирот на исхрана на рибите и водните птици. Освен што предизвикуваат механички блокади во дигестивниот систем, микропластичните фрагменти делуваат и како сунѓери кои апсорбираат други токсини од водата, внесувајќи ги директно во ткивата на живиот свет .

Списокот на сцени во кои се гледа како Преспа неповратно се уништува е бесконечен. Иако природата со своите механизми се обидува да се одбрани, по се изгледа дека процесот, барем за сега, е еднонасочен. Понекогаш, на прв поглед, се добива впечаток дека живиот свет си го враќа својот простор назад, но реалноста е многу поразлична. Најчесто, како и на оваа фотографија, се работи за принуден биолошки опортунизам, како во случајов каде што птиците само се приспособуваат на деградираното живеалиште, приморани да ги користат остатоците од нашата неодговорност како сурогат за природните ресурси кои континуирано се намалуваат. Тоа не е хармонична коегзистенција, туку исцрпувачка борба на еден екосистем кој очајнички се обидува да го апсорбира и да ја преживее нашата неодговорност.

Во бескрајот на универзумот, Преспанското Езеро преставува само една незабележлива точка. Но, во нашиот свет, тоа е исклучително вреден, но и многу кревок екосистем. Неговата заштита не е повеќе работа на планирање, закони, конвенции и декларации, туку на итна акција и промена на востановените навики. Ова езеро нема кој друг да го спаси освен ние самите. А тоа мораме да го направиме пред сè заради себе, а потоа и заради одговорност кон остатокот од светот и кон идните генерации. Меѓу другото и заради тоа што ако го изгубиме езерото, ништо друго во Преспа нема да биде како што било.

Решение за Преспа постои и тоа не е утописко.
Првиот и најитен чекор е итна промена на секојдневните практики: намалување на неконтролираното одлагање на отпад, ограничување на прекумерната употреба на агрохемикалии и испуштање на нетретирани отпадни води… И овие мерки не бараат сложени инвестиции, туку промена на одлуки и навики.
Вториот чекор е посложен, но не и невозможен. Човештвото пробива тунели низ планини, гради мостови преку океански теснеци, пренасочува реки низ пустини, ја освојува вселената… Тврдењето дека падот на нивото на едно езеро е нерешлив проблем паѓа пред она што цивилизацијата веќе го направила. И тука прашањето воопшто не е техничко, туку е прашање на политички приоритети и општествена одговорност: Колку сме спремни да инвестираме и колку навистина ни е важна природата и иднината на овој крај?
Зашто Преспа без езеро не е Преспа. На оваа генерација е одлуката дали езерото ќе преживее или, во некоја не така далечна иднина, ќе стане дел од преданија кои дедовците и бабите ќе ги пренесуваат на своите внуци. А ќе започнуваат со: „ Си беше еднаш едно езеро…“
Сторијата ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата за управување со отпад во Преспанскиот регион „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која е поддржана од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“. Содржината е единствена одговорност на ИКС и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
Фотографија и текст: Дарко Андоновски

