За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

На „заштитеното“ Водно му треба заштита

Владината одлука за прогласување на Водно за заштитено подрачје од средината на август, годинава требаше да стави крај на девастацијата на планината. Министерот за животна средина Насер Нуредини тогаш преку социјалната мрежа „Фејсбук“ помпезно се пофали – Водно конечно доби статус на заштитено подрачје, работевме напорно и се потрудивме да ја обезбедиме максималната заштита согласно законот.

Извршната власт ја уверуваше јавноста дека одлуката, дополнета со забрана за изградба на нови објекти, доградби и надградби во рок од една година, и насоката за изработка на просторен план и на план за управување ќе значи стоп за градежното дивеење.

Душко Арсовски„Со оваа одлука се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на еко-системите, создавање на поволни услови за заштита“, изјави Душко Арсовски, портпарол на Владата на 18.08.2021.

Но, она што требаше да биде убава вест, донесе разочараност кај екологистите, кои велат дека заштитата на Водно не е целосна, особено кога станува збор за бруталната урбанизација што се случува изминативе години.

 

Легализација на „Шпанско село“ и „Сончев град“

Татјана Стојановска од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ укажува дека има намалување на зоната на заштита.

„Се исфрлија некои делови заштитени коишто беа во рамките и наместо да се казнат сторителите на прекршокот „градба во заштитена зона“, тие се исфрлија, тие добија можност да си ги легализираат градбите како „Шпанско село“, дел од „Сончев град“, сето тоа е исфрлено од зоната на заштита. Зошто? Тоа било девастирано. Па, ајде да продолжиме, сега ќе дадеме можност и понатаму со нова зона да се девастира, следното носење на одлука за заштита пак ќе ја намалиме зоната“, вели Стојановска.

Таа додава дека инсистирале надлежните да изработат просторен план во рамки на студијата за Водно за точно да се знае во кои делови ќе се забрани градба.

„Вака преку законот кој каде стигне, буквално кој каде стигне, а има сопствено земјиште и можност нели да е во таа зона на одржливо користење, ќе може да прави што сака и тоа да биде аминувано во рамки на сите државни институции со закон“, вели Стојановска.

Од иницијативата „Го сакам Водно“ сметаат дека всушност се отвора простор за урбаната мафија.

„Каква заштита постигнале со таа одлука? Наместо да разгледаат, да направат заштита да нема влез во тоа подрачје и да праќаат инспектори секој ден во контрола што се случува и како се случува или да ги ангажираат службите коишто веќе се за контрола во рамки на „Паркови и зеленило“, они велат ние донесовме одлука за заштита, да, сега е заштитено. Не, апсолутно, дури е многу помалку заштитено од тоа што беше. И тука е мала една игра, на којашто ние сугериравме многу долг период дека тоа е игра со зборот „заштита“ и дека напротив, се отвора патот за урбаната мафија, за едно страшно градење на Водно коешто понатаму ќе донесе проблеми во секој сегмент на живеењето на Водно“, вели Стојановска.

Поврзано  Ски-центрите се влог против природата

И професорот Иван Блинков од Шумарскиот факултет смета дека направеното зонирање не е соодветно, па затоа е потребен посебен Закон за Водно.

Иван Блинков„Во студијата има дека се дозволува градба во функција на земјоделството на земјоделско земјиште, што може лошо да се протолкува и да не е во насока на заштита на Водно. Затоа цела останата јавност беше против ова. Со ова се загрозува и безбедноста на граѓаните, градот и државата, затоа што по систем копи-пејст од едно на друго заштитено подрачје се ставени работи кои не се соодветни (на пример она за градби во ф-ја на земјоделство, па триста забрани или дозволени активности, а тоа е во колизија со Закон за заштита и спасување, Закон за кризи, Закон за води, Закон за пожарникарство, закон за шуми)“, вели Блинков.

Заштитата на Водно е под Град Скопје, а ЈП „Паркови и зеленило“ e должно да обезбеди 24-часовна чуварска служба. Но, владината одлука деновиве беше ставена на тест, кога сопственик на имот почна со рамнење земјиште, потег што го вклучи црвениот аларм, бидејќи станува збор за четири парцели коишто се надвор и од ДУП и од ГУП и се водат како лозја. Надлежните најавија казни, но случајот само ги потврди стравувањата на екологистите.

Простор за манипулации

На владината одлука и на Студијата за валоризација им претходеа серија забелешки од други државни органи, како Агенцијата за планирање на просторот, Секторот за шумарство и ловство, УХМР, Шумарскиот факултет, кои предупредуваа дека не се опфатени сите аспекти од заштитата. Забелешки имаа и дел од општините.

Забелешката на општина Карпош која е упатена до централната власт е дека не е прецизно дефинирано кој би бил дозволениот начин на користење на земјиштето по зони, и дали и каква градежна активност е дозволена во секоја од зоните.

„Освен тоа не е дефинирано, во случај на дозволена градежна активност кои типови на градба и кои намени, како и кои видови градежни материјали би биле дозволени, за подобро амбиентално вклопување на објектите“, велат од Општина Карпош.

Од Општина Центар велат дека дале позитивно мислење за одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје, со тоа што побарале да бидат задржани постоечките граници.

Поврзано  Лесново ја пропушти шансата за геопарк

На нашето прашање дали со поместувањето на граничната линија се остава опасноста да се наруши стабилноста на ридестиот предел на Водно со нови ископи и градби во долниот дел и дали има опасност од појава на свлечишта, оттаму повторуваат дека Општина Центар дала мислење за задржување на постоечките граници, а „нормално, останатиот дел да се прогласи за заштитено подрачје“.

Од Министерството за животна средина уверуваат дека секогаш има простор, ако се изработи нова идеја за подобра заштита и регулатива, таа дополнително да биде изгласана во Собранието, но прашање е дали предвид се земаат сите аспекти.

Желбата за брз профит носи опасност од поплави

Васко Стојов, раководител на секторот хидрологија при УХМР укажува дека во иднина треба да се размислува како Водно да го заштити Скопје од поплави, особено населбите во подножјето.

Васо Стојов„Населбите во Скопје кои се во подножјето се да речеме на кота од некаде 250 до 255 метри надморска висина и се одвоени од планината Водно со еден зелен појас на шума која се протега на просторот меѓу 255 и 275 метри надморска висина, која шума треба да ја заштитиме максимално добро, затоа што е во склоп на градот и никако на друг начин не може да се третира, освен да биде заштитена. Во овој случај таа не се третира никако, оставена е сама на себе и таа шума постепено исчезнува, се губи во урбанизацијата на градот“, вели Стојов.

Стравотната поплава во Стајковци треба да биде предупредување, но не се добива впечаток дека надлежните ја научија лекцијата.

„Во случајот со Скопје се забележува дека големи штети се прават на тој начин што се влијае врз природата со градбите и објектите кои едноставно немаат логика за некое хумано живеење. Значи, не се обидуваат со таа урбанизација да го заштитат Скопје, него едноставно гледаат некој брз профит, без да размислат што би се случило во иднина во врска со градењето на соодветен објект на одредено место. Копањето во подножјето на Водно, копањето на самото Водно се предизвикува разрушување на стабилноста на планината и на одредени места, покрај ерозијата којашто веќе ни е позната на одредени места, дополнително ќе предизвикаат несакани последици“, вели Стојов.

Последните обиди за градба на Водно и предупредувањата од екологистите и експертите треба да бидат сигнал до Владата дека итно се потребни посебен Закон за Водно и нулта толеранција за урбанистичкото дивеење на планината, во спротивно, на коцка се ставаат животите на илјадници луѓе.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски

Сподели

samo-prasaj_gif-3