За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo

Природните убавини на планината Беласица

Неверојатната глетка која ја нуди Беласица од било кое населено место во областа на Струмичката котлина уште при првата посета ќе ве направи воодушевени. Веќе со години постои план македонската страна на планината Беласица да се прогласи за заштитено подрачје поточно да спаѓа во категоријата на Посебен Природен резерват. Беласица во Бугарија е парк на природата, а во Грција е национален парк, па од ова може да се воочи колку е значајна планината. Почнувајќи од самата морфологија која е доста изразена и се забележува и од Струмичката а и од Дојранската котлина, Беласица е значаен феномен кој може да биде од голема корист во многу области.

Големата раседнатост и пошуменост – глетка која е овозможена гледано од населеното место Робово / Извор: Приватна архива

Природни реткости на Беласица

Моноспитовското блато претставува последното мочуриште во Македонија кое се јавува како остаток од некогашното езеро пред околу 20 милиони години кога се формирало Егејското копно. Блатото е во непосредна близина во подножјето на Беласица но сепак е едно од најзначајните остатоци од минатото. Мочуриштето е прогласено за споменик на природата уште во далечната 1987 година  што е уште еден показател на уникатните карактеристики кои ги нуди Беласица.

Пространството на Моноспитовското блато / Извор: Приватна архива

Смоларските водопади се единствените постојани водопади во Македонија со пад на водата од 39,5 метри. Се наоѓаат во близина на селото Смоларе а тектонски се предиспонирани со раседна структура која лежи попречно на правецот на течењето на водата на Смоларска река. Водопадите од 2006 година се прогласени за споменик на природата.

Колешинските водопади всушност го преставуваат пресекот на реката Баба која извира од највисоките делови на Беласица и се влева како десна притока на реката Струмица. Во 1985 година водопадите се прогласени за Споменик на природата заштитен од државата.

Габровските водопади се нешто помали за разлика од Смоларските и Колешинските. Се наоѓаат во самото село Габрово, поточно на највисоката точка од селото. Овој водопад се состои од три помали водопади кои се наоѓаат на различни височини.

Трите водопади на Беласица од нејзиниот источен дел / Извор: Приватна архива

Бања Банско претставува појава на термална вода во близина на истоименото село која е ставена на првото место според температурата на водата. Има температура која достигнува до дури 72о C и како таква овозмжува загревање за оранжериско призводство на мештаните во селото. Самата вода е од големо значење бидејќи помага да биде искористена на еколошки начин.

Бања Банско / Извор: Македонска архитектура (marh.mk)

Додека пак во западниот дел на планината во близина на градот Валандово, Беласица изобилува со интересни денудациски форми кои настанале како резултат на разните хемиски и физички влијанија врз самите карпи. Како такви се Мокра карпа, Птичји гнезда, Змеј, Тигар и Камила.

Денудациски форми на западната страна на Беласица / Извор: ИГЕО – портал (igeografija.mk)

Биодиверзитетот на Беласица

Доколку се осврнеме на расителниот свет на Беласица неминовно е да се спомене костенот кој особено го има над селата Мокриево и Мокрино. Станува збор за костен од видот на Castanea sativa кој во своја непосредна близина е опколен со шуми од платан (Platanus orientalis) мешани со Carpinus orientalis, Ostrya carpinifolia и Fraxinus ornus. Освен големи пространства на костен во овој предел може да се сретнат и разни видови на габи. Според некои истражувања се смета дека на Беласица се пронајдени околу 120 видови на габи.

Костенот на Беласица (Castanea sativa) / Извор: Википедија

Биодиверзитет во поглед на животинскиот свет може да се каже дека е доста разновиден. Животинскиот свет којшто е забележан на Беласица до 1700 м.н.в е истражуван во целина за целата планина, така што се регистрирани следниве видови: од птиците-буковиот свиркач, меличарот, сината сипка, малотобелогушесто грмушарче, црноглавото грмушарче, шумската утка, блатната сипка, малиот орел; Од цицачите-медитеранската водна ријачка, малиот потковоносен лилјак, лајслеровиот лилјак, обичниот лилјак, кафеавиот долгоушест лилјак, шумскиот глушец; Од влечугите-сивата гуштерица, слепоокот, беоушката, ѕидната гуштерица, зелениот гуштер; Од водоземците-македонскиот голем мрморец, дождовникот, зелената крастава жаба, обичната крастава жаба. Ова е само дел од животинскиот свет кој е распространет на територијата на Беласица.

Дождовен гуштер (Salamandra Salamandra) / Извор: Off Road Macedonia

За жал како негитивности кои влијаат врз Беласица во најголем процент се сечата која ја врши локалното население. Големата пошуменост која ја има Беласица, поради голем број на несовесни граѓани секоја година се намалува. Општинските власти се почесто поставуваат нови мерки против дрвосечата но сепак тоа нема некое големо влијание за запирање на истата. Слична негативна карактеристика со која се справува планината е и ловот кој доведува до редуцирање на животинскиот биодиверзитет.

Ова се само дел од уникатности кои ги поседува планината Беласица. Во иднина се очекува да биде заштитен дел од државата и да се намалат негативните влијанија со цел поголема заштита на биодиверзитетот кој го поседува. Како една од средните планини (по височина), Беласица е погодна за искачување, посета или пак еднодневна прошетка низ нејзините најубави атракции.

 

Автор: Ивана Крстова, студент на Институтот за географија при ПМФ – Скопје


Овој текст е избрано дело од конкурсот за учество на јавноста во активностите на ДОМА како дел од кампањата „Разбистри сè!“– кампања за застапување и лобирање.
Сподели

samo-prasaj_gif-3