Вулкански бомби – геолошко наследство кое го губиме
Територијата на Македонија се одликува со големо богатство и диверзитет на геолошки и геоморфолошки појави, што укажува дека овој регион, низ геолошката историја, претрпел значајни и многу сложени измени. Хронолошки гледано, во Македонија можат да се сретнат од геолошки најстари, па сè до најмлади карпести маси, меѓу кои и метаморфни и магматските карпи со старост од 800 милиони до една милијарда години.
Во рамките на оваа геолошка еволуција, посебно место зазема периодот на изразена вулканска активност, која започнала уште во периодот на олигоцен, но најизразена била во периодите на миоцен и плиоцен, па до квартер, односно траела во период некаде од пред 35, па сè до пред околу две милиони години. Значајно е да се истакне дека сите вулкани не биле активни едновремено и на целата територија, туку со текот на времето, едни вулкани згаснувале, а нови се активирале. Воедно, се менувал и карактерот на ерупциите: од експлозивни и жестоки, со многу гасови и пепел, до помирни ерупции со значително количество на лава. Како последица на оваа вулканска активност, според научните проценки, на територијата на Македонија е исфрлена вулканска лава и пирокластичен материјал во количество од преку 1.000 кубни километри, што би значело дека кога тој материјал рамномерно би се распоредил би можел да ја покрие целата територија на нашата земја во висина од 40 метри.
Во рамките на сиот овој исфрлен материјал како карактеристична појава може да се издвојат таканаречените вулкански бомби, кои и денес можат да се сретнат во различни делови на нашата земја, секако, онаму каде што некогаш се одвивала вулканска активност. Овие бомби се исклучително значаен дел од геолошкото наследство на Македонија, затоа што помагаат во објаснување на одредени појави кои ја детерминираат геолошката еволуција на овие простори, но за жал, како и во многу други случаи од страна на институциите не се преземаат соодветни мерки за нивна заштита и конзервација. Па така, тие најчето се оставени на милост и немилост на природните процеси, а не е мал бројот на случаи на нивно оштетување, дислоцирање, па дури и изнесување надвор од државата.
01/14
Вулканските ерупции претставуваат еден од најспектакуларните геолошки феномени на Земјата. Меѓу различните производи исфрлени за време на вулканската активност, вулканските бомби се издвојуваат според нивната карактеристична морфологија, динамично однесување и значително влијание врз околината. Вулканските бомби претставуваат фрагменти од лава исфрлени при силна вулканска ерупција кои паѓаат на помала или поголема оддалеченост од кратерот. Поради својата полутечна агрегатна состојба за време на нивниот лет низ воздухот, тие добиваат најразлична форма, но истовремено се ладат и така обликувани паѓаат на површината на земјата.
02/14
Овие проектили се формираат преку експлозивно исфрлање на стопена лава за време на вулкански ерупции. Овој процес, обично, се јавува кај силни ерупции кои се карактеризираат со висока содржина на гас и вискозност на магмата. Концентрацијата на гас влијае врз јачината на ерупцијата на вулканот, додека вискозноста на магмата влијае врз обликот и големината на бомбите, но и ја спречува нивната фрагментација на помали честички за време на ерупцијата.
03/14
Како што вулканските бомби се исфрлаат во атмосферата, тие почнуваат брзо да се ладат поради пониската температура на поголемите височини. Притоа, надворешниот слој на бомбата се зацврстува, формирајќи кора, додека внатрешноста останува делумно стопена. Зацврстената надворешна кора на бомбата ѝ помага да ја задржи својата форма додека патува низ воздухот и слетува на земја.
04/14
Областа на дистрибуција на вулкански бомби може да варира во голема мерка во зависност од типот на ерупција, големината на вулканот, геометријата на кратерот, типот на магмата, атмосферските услови, топографијата на теренот и слично. Растојанието на кое можат да бидат исфрлени овие проектили варира од неколку десетици метри, па до неколку километри. Во зависност од големината, обликот и почетната брзина на бомбата, таа може да се закопа делумно или целосно во земјата или да создаде ударни кратери при слетувањето.
05/14
Вулканските бомби меѓу себе се разликуваат според својата големина, при што ги има од најмали, кои се со дијаметар од неколку сантиметри, па сè до оние кои се со дијаметар од неколку метри. За еден ваков проектил да се нарече вулканска бомба тој мора да има дијаметар од најмалку 6,4 сантиметри. Парчињата исфрлена лава со помал дијаметар од 6,4 сантиметри се нарекуваат лапили. Најголемите пак вулкански бомби кои досега се пронајдени во светот се со дијаметар од околу шест метри.
06/14
Покрај со големината вулканските бомби се разликуваат и според својата форма, боја, густина, хемиски состав, структура на надворешната обвивка, внатрешна текстура, присуство на везикули, односно внатрешни шуплини итн. Според формата, можат да бидат топчести, овални, бадемовидни, издолжени, со неправилна форма и слично. Значењето на вулканските бомби за науката е токму во проучувањето на овие карактеристики преку кои може да се добијат корисни информации за типот на вулканската активност од која што потекнуваат.
07/14
Во Македонија постојат повеќе локалитети на кои можат да се сретнат вулкански бомби меѓу кои позначајни се оние во околината на Злетово, Кратово, Страцин, на планината Манговица, на висорамнината Витачево итн, при што на некои места можат да се сретнат примероци со пречник и од над еден метар. Еден од тие локалитети е „Вулкански бомби – Неокази“ кој се наоѓа во близина на Пробиштип, во атарот на селото Неокази. Поради своето значење овој локалитет е ставен на Листата на издвоени локалитети на значајно геонаследство кое треба да се заштити како Природна реткост.
08/14
Несудената природната реткост „Вулкански бомби – Неокази“ како дел од кратовско-злетовскиот вулканизам е лоциран од левата долинска страна на реката Киселица (десна притока на Злетовска Река), на надморска височина од 440 метри. Локалитетот има геоморфолошко значење, бидејќи претставува класичен пример за појава на вулкански пирокластичен материјал, односно во конкретната ситуација појава на вулкански бомби. Вулканските бомби кои тука се среќаваат се исфрлени од некогашните вулкани во кратовско-злетовската вулканска област во височина и до 1.000 метри, а се паднати на растојание од 5 до 7 километри од кратерските отвори.
09/14
На околу три километри североисточно од Кратово, во атарот на селото Горно Кратово, е лоциран уште еден репрезентативен локалитет со вулкански бомби со олигоценска старост. Во околината на ова село, бомбите можат да се сретнат и поединечно, но и како една поголема оаза на овие микрорелјефни форми, на микролокалитетот кој локалното население го нарекува Орница, а кој се наоѓа на само стотина метри северно од селото.
10/14
Поради наклонот на теренот кој се движи од 15 – 20 степени се смета дека бомбите се откриени на површината под дејство на ерозивни процеси. Самата линија на распространетост на бомбите оди во должина од околу 200 – 250 m, а во широчина од 10 – 15 m. Наклонетиот терен има јужна експозиција и се спушта до долината на Табачка Река, која своето корито го врежала во вулкански карпи стари помеѓу 20 и 35 милиони години. Овој предел е поврзан со активноста на вулканскиот центар Уво – Буковец, пар вулкански купи кои се наоѓаат на 5, односно 4 километри југоисточно од градот Кратово.
11/14
Вулкански бомби можат да се сретнат речиси во сите подрачја во Македонија во кои некогаш имало процеси на силен еруптивен вулканизам. Она што е заедничко за сите е тоа што се оставени на милост и немилост на природните процеси, но и на нивна злоупотреба од страна на човекот. Исклучок од ова се неколкуте примероци кои се преместени во соодветни институции кои се грижат за овој тип на природно наследство.
12/14
На локалитетот кај селото Неокази повеќе вулкански бомби се оштетени или уништени при градежни работи на магистралниот пат што води кон Пробиштип, а голем дел од бомбите е дислоциран и служи како украс во домовите во околните населени места. Постојат и бомби кои се така лоцирани во просторот што при понатамошна ерозија на подлогата под нив, имаат тенденција да се стркалаат директно кон магистралниот пат и со огромна кинетичка енергија да предизвикаат сериозна несреќа. Сево ова укажува дека и после речиси 15 години од идентификацијата на локалитетот и негово номинирање за заштита, до ден денес никој не преземал никаков практичен чекор за тоа да се реализира на терен.
13/14
Во селото Горно Кратово, покрај тоа што голем дел од бомбите завршуваат како украс во нечии домови, според кажувањето на локалните жители се’ почесто се случува да доаѓаат луѓе од други земји кои ова наше природно наследство го изнесуваат надвор од границите на државата. Тоа го прават или самостојно, товарејќи ги бомбите во ранци и торби, или пак со помош на некои локални жители, кои со коњи или магариња им помагаат при транспортот. Сево ова придонело бројот на вулкански бомби на подрачјето на ова наше село драстично да се намали.
14/14
За жал, општиот заклучок и за овој сегмент од нашето природно наследство е дека и тука целосно отсуствува грижата на заедницата и дека не сме способни да го сочуваме она што ни го оставила природата, иако наша должност е тоа наследство да им го оставиме на идните генерации во неговата изворна форма.
Извори:
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Текст и фото: Дарко Андоновски