Судејќи според состојбата во која се наоѓа нашата околина и она што е лесно забележливо и што секојдневно го сведочиме со основните сетила, многумина би се согласиле дека еколошката свесност на Македонците е ниска. Отпад во секое ќоше и на секоја ледина, загаден воздух, матни реки… Во ова истражување ќе се обидеме да дадеме одговор на прашањето: Дали можеме да ја судиме свесноста на цела нација само според она што го гледаме, со оглед на тоа што грижата за животната средина во голема мера може да биде оневозможенa од самата држава, политиките и законите кои (не)владеат?
Колку сме еколошки свесни?
Еколошката свесност се дефинира како способност на поединци да ги разберат природните системи што даваат живот на земјата, како и да ги препознаат и да реагираат на еколошките проблеми и предизвици. Таа претставува мултидимензионална структура обликувана од различни фактори, вклучувајќи образование, културни вредности, социоекономски статус и изложеност на еколошки информации од медиумите и заедниците од кои сме дел.
При мерење на еколошката свесност, типично се земаат предвид три главни аспекти:
- ставови и верувања
- однесувања
- знаење на поединците на теми како животната средина, климатски промени, одржливост и слично.
За да се види што покажуваат истражувањата за еколошката свесност на жителите во Македонија, особено онаа за климатските промени, разгледавме пет истражувања во кои учествувале испитаници од нашата земја и податоците се споредени со четири истражувања на кои своите мислења ги дале жители на земји-членки на Европската Унија.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) од 2014 година наваму, четири пати спровеле електронско Истражување за јавното мислење за климатски промени и тоа во 2014, 2016, 2019 и 2021 година. Три илјади осумдесет и девет граѓани на РСМ учествувале во последното истражување од 2021 год. за разлика од 2019 година, кога учествувале 1.158 и 583 испитаници во 2016 год., што спроведувачите на истражувањето го толкуваат како забележително зголемување за интересот на темата.
И во 2019 и во 2021 год., 98% од испитаниците изјавиле дека во последните 10 години забележале конкретни промени во животната средина или климата, како на пример екстремни температури, појава на топлински и студени бранови, зачестеност на сушни периоди и сл. Препознаена е и сериозноста на климатските промени и некои последици од нив, како на пример, недостигот на чиста вода за пиење и екстремните временски услови како можни закани, при што на анкетата од 2021 г.се гледа зголемување во загриженоста за нив, во споредба со онаа од 2019 година.

Поопсежно, но слично истражување со она од МЖСПП кое периодично се спроведува на ниво на сите 27 ЕУ – членки од 2008 год. наваму, е Евробарометарот за јавното мислење за климатските промени. Слично на податоците прикажани во Графиконот 1, во истражувањето од 2023 год. и жителите на 27-те земји од ЕУ се изјасниле дека климатските промени се еден од трите најсериозни проблеми во светот, според последните две истражувања. Проблемите кои се на врвот на оваа листа се поклопуваат со оние од македонското истражување, со исклучок на корупцијата и криминалот кои очигледно се повеќе локален проблем кај нас.

Во 2023 година е спроведена и глобална анкета на социјалната мрежа Facebook за истражување на верувањата, ставовите, знаењето и однесувањето во врска со климатските промени, со кое се опфатени 187 земји, меѓу кои и РСМ и 22 земји – членки на ЕУ. Анкетирани се 693 Македонци, од кои само 10% се самооцениле дека имаат големо знаење за климатските промени, а 52% дека имаат умерено знаење на темата. Дополнително, 42% од испитаниците изјавиле дека веруваат дека климатските промени се предизвикани главно од човекот, 36% дека тие се предизвикани подеднакво од човекот и од природни промени, 13% дека тие се претежно последица на природни промени, а 10% воопшто не веруваат во климатските промени или не одговориле на ова прашање.
За споредба, во истата анкета 19,1% од испитаниците од 22-те ЕУ членки се оцениле дека нивното познавање за климатските промени е големо, а 46,8% веруваат дека човекот е нивен главен причинител. Слични резултати кои покажуваат дека Македонците се поскептични за човековите активности како главен причинител за климатските промени во однос на испитаните жители од 16 ЕУ-земји, се изнесени и во извештајот од Европската социјална анкета рунда 10.

Петтото разгледано истражување дава слика за перцепциите за еколошката свест, знаење и безбедност на 200 студенти од „Универзитетот Свети Климент Охридски“ во Битола. Имено, 58% од студентите се согласиле дека човековите активности се главен катализатор на климатските промени, додека 21% рекле дека не се сигурни, а преостанатите 21% не веруваат во истото. Податоците од трите истражувања во поглед на истото прашање се споредени на Графиконот број 3.
Се чека на државата и на загадувачите да преземат мерки
На прашањето „Дали климатските промени треба да бидат приоритет на владата во државата каде што живеаат?’’ од второто истражување, 39% од испитаниците одговориле дека треба да бидат од многу висок приоритет, а 28% од висок приоритет. На слично прашање при истражувањето на МЖСПП – „Кои од следниве причини за непреземање активности против климатските промени важат за вас?’’, за приближно половина од испитаниците, причините за непреземање активности се поради тоа што се чека на Владата, институциите, компаниите и индустријата да создадат услови за граѓаните полесно да се вклучат. Другата половина или нема доволно информации или не знае како да се вклучи.
Од разгледаните истражувања можеме да заклучиме дека Македонците како и жителите на Европската Унија ги препознаваат климатските промени како сериозен проблем, но процентот на Европејци кои сметаат дека имаат големо знаење на темата и се согласуваат со научниот консензус во однос на причинителите на климатските промени е поголем. Иако изгледа дека јавноста ги препознава деградацијата на природата и климатските промени како сериозни проблеми кои веќе ги сведочиме и смета дека треба да се преземе нешто за истите, фактот дека околу половина од испитаниците не веруваат во она што е докажано од науката е загрижувачки.

Следствено, не може да се очекува населението да сака самоиницијативно да се доедуцира или да направи нешто, ако за почеток, не верува дека човековите активности се главниот причинител за климатските промени. Секојдневните навики кои ги поседува дел од претежно постарото македонско население и кои одат во прилог за заштита на животната средина (на пр. чување и грижа за предметите кои ги поседуваат за да траат долго, поправање наместо фрлање), се чини дека се останати од претходниот век поради други причини.
Вреден податок да се издвои од истражувањето Евробарометар во 27 ЕУ- членки е дека, колку подолго испитаникот останал во процес на образование, толку е поверојатно да ги избере климатските промени како најсериозен проблем на денешницата. На пример, 21% од оние кои завршиле со образованието на 20 или повеќе години сметаат дека климатските промени се најсериозниот проблем, во споредба со 10% од оние кои прекинале со образованието на 15 или помалку години.
Ова е најверојатно и едно од објаснувањата зошто процентот на македонски студенти кои веруваат дека човекот е главен причинител на климатските промени е поголем од испитаниците во другите истражувања, каде возрасната група е постара. Важноста на еколошкото образование и состојбата на истото во нашата земја е разгледана во вториот дел од ова истражување.
До каде сме со еколошко образование?
Разбирањето на проблемите од областа на животната средина и климатските промени и ублажувањето и адаптирањето на последиците предизвикани од нив, бараат свесно население кое, не само што ќе има знаење на темите, туку ќе знае и да го примени и да го преточи во акција. За вакви резултати, потребен е систематизиран пристап со кој ќе се осигураме дека населението ќе се стекне со потребното знаење и алатки. Додека на домашното воспитување и на културата кои неминовно влијаат врз формирањето и развивањето на еколошката свесност не може да се влијае на систематизиран начин, образованието е клучниот процес и можеби најважната алатка која може да обезбеди системска подготовка на идните генерации за справување со еколошките проблеми.
Важноста и потребата од присутност на еколошкото и климатското образование во формалните образовани програми е истакнато во бројни документи и конвенции како Парискиот договор, Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите Нации, Зелениот план за развој на Европската Унија, Зелената агенда на Западен Балкан итн. Иако Европската Унија дава рамка и насоки за воведување на еколошката едукација во наставните програми, во моментов таа не е задолжителна и секоја земја засебно одлучува како и до кој степен ќе ја воведе. Има добри примери на земји, како Италија, каде образованието за климатски промени за првпат стана задолжително во 2019 година.

Кога се зборува за еколошко образование во литературата, главно, се споменуваат три области за кои се смета дека се дел од главната едукација во ова поле – образование за животната средина, за климатските промени и за одржливиот развој. Едукацијата за животната средина е делумно присутна од поодамна во предмети како Природни науки, но климатските промени и одржливиот развој се концепти кои се популаризираа во поново време. Во последниве 10-15 години, образовните институции во РСМ имаат воведено одредени измени за поголема застапеност на еколошкото образование во образовниот систем, но во која мера и дали е тоа доволно?
Со пет анализи кои се направени во периодот од 2020-2024 година од страна на Здруженијата на граѓани „Еко Логик“, „Гоу Грин“, Џ„униор Ачивмент Македонија“ и професорот Радмил Поленаковиќ, се истражуваа и се донесоа заклучоци за степенот на застапеност на темите за климатски промени и за животна средина во предучилишното образование, основните и средните училишта во земјава.
Еколошкото образование е оставено на личното знаење на наставниот
Децата во градинките, според наставната програма, треба да истражуваат и да експериментираат со почвата, водата и живиот свет околу себе, активности кои одат во прилог на создавање основно знаење и свесност за живата природа/средина и нејзината заштита, но нема конкретни насоки како да се изведе таквата настава.
Во основното образование пак, темите за животната средина се малку застапени во задолжителните предмети како Природни науки, Биологија и Хемија, чии програми се последно ажурирани во 2021 и во 2016 год., а климатските промени речиси и да не се споменуваат како концепт. Слична е ситуацијата и со гимназиското средно образование во кое се запишале 29% од учениците во учебната 2024/2025.
Од спроведените анализи, еколошкото образование се покажало како најзастапено во средното стручно образование, каде во 2022 год. од вкупно 319 разгледани наставни програми од страна на „Еко Логик“, само 25 содржеле наставни единици (теми, содржини, активности) од областа на образованието за екологија, од кои дел се и задолжителни. Со промени во наставната програма, во 2024 год. додадени се нови предмети за животната средина и климатските промени, а можеби светла точка е и тоа што во последниве години се повеќе ученици се запишуваат во стручните училишта за разлика од гимназиите, каде воопшто нема задолжителни предмети посветени на овие теми.
Се чини дека единствената опција на илјадници ученици од основното и гимназиското средно образование да се стекнат со разбирање и знаења за најголемите предизвици на денешницата се сопствената волја да изберат изборен предмет на темите, желбата на наставниците доброволно да вметнуваат наставни содржини од засегнатите теми или пак вклучување во воннаставни активности.
Тоа го покажуваат и анкетите спроведени во рамки на истражувањата со дел од наставниот кадар.
Свесен наставен кадар, но без соодветни ресурси
Анализите од петте истражувања, како и одговорите на 39 воспитувачки од градинки, 207 наставници од основните, како и 89 наставници и 44 ученици од средните училишта, иако спроведени одделно во рамки на три различни истражувања, едногласно ја потврдуваат потребата од поголема застапеност на еколошкото образование во РСМ кое е оценето како недоволно опфатено во наставните програми, исто како и ресурсите потребни за сето тоа да се спроведе.

Речиси 76 отсто (поточно 75,9%) од наставниците од основните училишта одговориле дека предаваат за климатските промени, бидејќи сметаат дека тоа е важна тема, па затоа и споделуваат материјали и примери со учениците, иако тоа не е дел од наставната програма. Оние пак што не предаваат, се изјасниле дека не го прават тоа бидејќи темите не се застапени во наставната програма за нивниот предмет, а 36% бидејќи немаат материјали. Седумдесет отсто од испитаните ученици од средните училишта сметаат дека засегнатите теми треба да се изучуваат преку задолжителни предмети.

Во недостаток на соодветни ресурси, испитаниците и од градинките и од средните училишта одговориле дека Интернетот им е главен ресурс за создавање и организирање активности на тема животна средина и климатски промени, (74,4% и и 66,2% последователно), а како втор и трет извор ги навеле наставната програма (35,9% и 37% од испитаниците) и учебници/прирачници (23% и 34,8%). Прирачниците кои се користат најчесто се производ на проекти од граѓански здруженија и странски донатори како УНИЦЕФ и УНДП, и амбасади како Шведската, Швајцарската и Британската.
Генерациите учат со акции за чистење како пред 15-20 години
И во градинките и во основните училишта, анкетираниот воспитен и наставен кадар изјавил дека трите типа на активности кои најчесто се организираат во прилог на образованието во областите на климатските промени и заштитата на животната средина се акции за чистење и за собирање отпад, изработка на предмети и уметнички дела од отпадни материјали и одбележување на Денот на Планетата Земја.
Во новата Нацрт концепција за реформи во гимназиското образование едно од четирите главни начела е токму Промовирање и заштита на животната средина што дополнително би требало да ја зголеми свеста за вакви слики да станат минато.
Овие податоци не зачудуваат, со оглед на тоа што самите наставници се најчест извор на активностите, а истите изјавиле дека често се преоптоварени со воннаставни активности. Недостатокот на време, ресурси и конкретни насоки во наставната програма се најверојатно главните причини зошто македонските ученици не учат за темите преку покреативни и поефикасни активности кои би вродиле со плод на страна од само плитко и теоретско знаење.
Новитетите од 2022 до 2025
Од публикацијата на претходно споменатите анализи и истражувања од 2020-2022 год. за застапеноста на еколошкото образование, во формалното образование има неколку новитети кои се во позитивна насока и даваат решение на дел од проблемите воочени во истражувањата.
На средината на јануари 2025 година, МОН И БРО објавија Нацрт концепција за реформи во гимназиското образование со цел актуелизирање на програмата во средните училишта – гимназии, која не е променета повеќе од 20 години. Едно од четирите главни начела кои се предложени во концепцијата е токму Промовирање и заштита на животната средина. Во документот е наведено дека е планирано меѓупредметно учење, каде темите за одржлив развој се интегрираат и во предметите од општествените области. Овој пристап се очекува да им овозможи на учениците да ги поврзат еколошките теми со пошироки општествени и економски аспекти, што дополнително би требало да ја зголеми нивната свест и ангажираност. Усвојувањето на концепцијата би значело добар почеток за воведување на еколошкото образование и во гимназиите, како што веќе е почнато да се прави со стручните училишта.
Освен тоа, во претходните 3 години се направени некои позитивни промени:
- Воведување на неколку нови изборни предмети во основното образование како: Глобално затоплување и климатски промени, Енергијата и животната средина, Живите организми и животната средина, Заштита на животната средина и сл.
- Воведување на десет нови изборни предмети во средното стручно образование (прикажани на сликата подолу)
- Изработен е екстензивен Прирачник за искуствено учење за заштита на животна средина и климатски промени наменет за наставниот кадар од 5-9то одделение

Има и нови ресурси кои не се дел од формалното образование како Мрежата за искуствено учење и Прирачниците за интегрирање на искуствено учење за животна средина и климатски промени во програмата за рано учење и развој и во програмата по природни науки од прво до петто одделение. Истите се креирани од локални здруженија за да помогнат со недостатокот на ресурси, особено оние за искуствено учење. Не е јасно колку од овие ресурси стигнуваат до наставниот кадар, со оглед на тоа што нема единствено место каде што се собрани и се соодветно организирани.
Заклучоци и препораки
Додека времето изминува и секоја година урива рекорди како најтопла во споредба со претходната, останува прашањето: Колку еколошки неписмени генерации остануваат зад нас?

За да имаме нови генерации кои активно ќе се вклучат во заштита на животната средина и справување со климатските промени потребно е:
- Сериозен пристап кон истакнатите проблеми од главните чинители во образованието, пред сè МОН и БРО, како и нивна соработка со други засегнати страни.
Истражувањата покажуваат дека пристапот кон еколошката едукација во нашата земја сè уште е фрагментиран и зависи од иницијативи на поединечни институции и чинители. Новопредложената нацрт-концепција за измени во средното гимназиско образование е одличен пример за обид за холистичка интеграција на темите во образованието и на ист таков начин би требало да се пристапи и кон измени и во другите нивоа на формалното образование;
- За ефективно спроведување во пракса на предложените измени од овој тип и она што веќе постои како содржини, потребна е поголема подготвеност на наставниот кадар во однос на темите климатски промени и животна средина која би можела да да се зголеми преку соодветни обуки и пристап до ресурси.
На пример, од помош би била база каде би се собрале сите досегашни изработени прирачници, игри, мултимедијални содржини со теорија и експерименти и слично, но дефинитивно неопходни се и нови ресурси од страна на институциите кои би биле постандардизирани. Здруженијата повремено изработуваат вакви материјали и содржини, меѓутоа, според анкетите, изгледа дека не сите стигнуваат до наставниците или пак наставниците немаат време самите да ги најдат тие ресурси;
- Додека се случат реформи во формалното образование, сите граѓани кои имаат некаква допирна точка со младите, на свој начин треба да се вклучат во неформалното еколошко и климатско образование.
Дали како родители кои ќе ги поттикнуваат своите деца да се интересираат и да истражуваат за темите и ќе ги носат во природа, како членови и вработени во здруженија кои ќе иницираат едукативни проекти или како обични граѓани кои ќе изнајдат други начини да им влеат интерес и желба на младите да ги изучуваат овие теми.
Во однос на подигнување на еколошката свест на целокупното население, би требало да се применат различни стратегии за различни возрасни групи. Социјалните медиуми се одличен канал да се пласираат едукативни содржини за помладата публика, колку што може повеќе фокусирани кон акција. За допирање до пошироки кругови кои би вклучувале и повозрасни луѓе, еден можен начин е едукација на работните места, односно приватниот сектор да преземе одговорност да ги едуцира своите вработени барем во својата индустрија. Ова би можело да биде добар зачеток за понатамошен интерес и вклучување во еколошки активности и надвор од работните места.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Користена литература
Еколошка свесност
- https://climatecommunication.yale.edu/wp-content/uploads/2023/11/international-public-opinion-climate-change-2023.pdf
- https://www.researchgate.net/publication/380361398_Exploring_Environmental_Awareness_Knowledge_and_Safety_A_Comparative_Study_among_Students_in_Montenegro_and_North_Macedonia
- http://anketa2019.klimatskipromeni.mk/images/report-EN.pdf
- https://anketa2021.klimatskipromeni.mk/dokumenti/PercepcijanaKlimatskitePromeni-2021.pdf
- https://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S0038012124002374?ref=pdf_download&fr=RR-2&rr=8fa372ebbe622156
- https://europa.eu/eurobarometer/surveys/detail/2954
- https://publicpolicy.ie/downloads/papers/2023/Attitudes_to_Climate_Change_ESS.pdf
Еколошко образование
- https://doma.edu.mk/klimatski-promeni/povekje-od-polovina-studenti-vo-makedonija-ne-veruvaat-deka-chovekot-pridonesuva-kon-klimatskite-promeni/
- https://www.bro.gov.mk/wp-content/uploads/2024/05/NP_osnovno_2024-25_god.pdf
- https://doma.edu.mk/ekoucilnica/ekoloshko-obrazovanie-i-klimatska-pismenost-novoto-normalno-za-nashite-deca/
- https://ecologic.mk/analiza-zastapenost-na-temite
- https://ecologic.mk/analiza-zastapenost-na-temite-2
- https://jamacedonia.mk/web/blog/2024/12/22/%d0%b8%d0%b7%d0%b2%d0%b5%d1%88%d1%82%d0%b0%d1%98-%d0%ba%d0%b0%d1%82%d0%b0%d0%bb%d0%b8%d0%b7%d0%b0%d1%82%d0%be%d1%80%d0%b8-%d0%bd%d0%b0-%d0%b7%d0%b5%d0%bb%d0%b5%d0%bd%d0%b8%d0%be%d1%82/
- https://vlada.mk/node/4328
- https://vlada.mk/node/35752
- https://www.unicef.org/northmacedonia/mk/%D1%81%D0%BE%D0%BE%D0%BF%D1%88%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0/%D1%81%D0%BE-%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%B3%D1%80%D0%B0%D0%BC%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D0%BE%D0%B1%D1%80%D0%B0%D0%B7%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B5-%D0%B7%D0%B0-%D0%B6%D0%B8%D0%B2%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%BC%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%81%D1%82%D0%B0%D0%BF%D1%83%D0%B2%D0%B0%D0%B0%D1%82-%D0%B2%D0%BE-%D0%BF%D1%80%D0%B2%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%B2%D0%B8
Поврзани стории
- Повеќе од половина студенти во Македонија не веруваат дека човекот придонесува кон климатските промени
- Еколошко образование и климатска писменост „новото нормално“ за нашите деца
- Бурите и сушите ќе станат секојдневие, ни треба освестување за климатските промени
- Еколошка писменост
- Што е климатска писменост
- Само преку образование можеме да ги решиме светските предизвици
- Што е еколошка свест?
- За заштитата на животната средина повеќе се зборува отколку што се учи