fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
mentalnoto zdravje na meta na klimatskite promeni featured

Менталното здравје на мета на климатските промени

Во новиот извештај од Светската здравствена организација, претставен на конференцијата Стокхолм+50, наведено е дека климатските промени предизвикуваат сериозен ризик врз менталното здравје на луѓето, што коинцидира и со извештајот од Меѓувладиниот панел за климатски промени, во којшто брзорастечките климатски промени се означени како закана кон менталното здравје и психосоцијалната благосостојба.

mentalnoto zdravje na meta na klimatskite promeni 4

Светската здравствена организација го дефинира менталното здравје како „состојба на благосостојба во којашто поединецот го остварува сопствениот потенцијал, може да се справува со животните стресови, работи продуктивно и придонесува за својата заедница“.

Последиците од климатските промени кон менталното здравје се изразуваат низ стрес и клинички нарушувања, како што се анксиозност, депресија, пост-трауматски стрес, и самоубиство. Во другите последици се опфатени ефекти кон секојдневниот живот, како што се перцепцијата и искуствата на поединци и заедници, при обид да ги разберат импликациите од климатските промени и да реагираат на нив. Меѓузависноста на климата, биодиверзитетот и човековите општества, како и блиската поврзаност помеѓу растот на температурата, здравјето на екосистемот, благосостојбата на заедницата и одржливиот развој, се битни фактори во разбирањето на вкупните последици што климатските промени ги имаат врз здравјето на луѓето.

Наместо планираното намалување на штетните емисии и ограничување на загревањето, кон кои што се стремат меѓународни договори, нивото на јаглерод диоксид е пораснато, па тие се за 149 насто поголеми во однос на прединдустриските рамништа, додека 3. јули од тековната година е прогласен за најтопол ден во историјата, земајќи ја предвид просечната глобална температура.

Штетните честички од воздухот предизвикуваат во нервниот систем оштетеност на инфламаторни клетки, го зголемуваат ризикот од аутизам, ги намалуваат когнитивните способности и предизвикуваат АДХД, го зголемуваат ризикот од деменција и од Паркинсонова болест. Високите температури, пак, може да предизвикуваат раздразливост, како што е илустрирано со низа лабораториски студии, во чиешто изведување учесниците во контролирани услови агресивно реагирале поради непријатно високи температури. Бројни студии на пресек што користат податоци за жештините и за насилството од реалниот свет, ги пружаат истите докази. Повеќе насилни злосторства се случуваат во градови и региони со повисоки температури одошто во студени региони, дури и по извршена контрола врз други социокултурни фактори коишто поттикнуваат насилство, како што се возраста, расата, сиромаштијата и културата на честа. Истражувачите процениле дека раст од 1 степен Целзиусов во просечната годишна температура, доведува до над 7,5 напади и убиства на 100 илјади граѓани. И покрај тоа што продолжените топлински бранови, особено во популации што се лошо подготвени за да управуваат со нив, може да предизвикаат и голем број смртни случаи, пациенти со психијатриски нарушувања се под зголемен ризик поради внес на лекови што спречуваат оптимален одговор на физиолошкиот топлински стрес.

Зголемувањето на глобалните температури влијае врз населението и во облик на локализирани катастрофи, но и по пат на долгорочни ефекти од повторливи катастрофи и нивните последици кон благосостојбата, економската стабилност и инфраструктурата на погодениот регион. Екстремните временски околности уништуваат домови и работни места и бараат значителни трошоци за закрепнување, водат и кон зголемен диспаритет во приходите меѓу населението, а поттикнуваат и огорченост и судири што се манифестираат низ разбојништва и одмазди, што понатаму придонесува за регрутација на населението и поттикнува тероризам. Како одговор на физичката, економската или политичката нестабилност предизвикани од еколошка катастрофа, се јавуваат и екомиграции, коишто подеднакво може да предизвикаат непријателства и судири поради нагло зголемената конкуренција за ресурси во едно подрачје и новосоздаденото незадоволство.

mentalnoto zdravje na meta na klimatskite promeni 2

Одредени групи луѓе се во поголем ризик од штетни последици за менталното здравје поради изложеност на климатски или временски непогоди, а тие опфаќаат деца, постари лица, жени, луѓе со веќе постојни ментални заболувања, економски загрозени, и бездомници.

Децата се повеќе погодени одошто возрасните, а веројатноста дека ќе имаат симптоми поврзани со траума долго по катастрофата е голема. Пореметувања во рутини, одвојување од старател како резултат од евакуација или раселување, како и родителски стрес по катастрофата, ги ставаат децата во ризик од последици кон менталното здравје, што опфаќа фобии, пореметувања во спиењето, пореметувња на поврзаностите, а води и до проблеми со регулацијата на емоциите, когницијата, учењето, однесувањето, развојот на јазикот и академскиот учинок. Заедно, ова создава предиспозиции за неповолни исходи кај менталното здравје на возрасните. Децата покажуваат и високо рамниште на загриженост поради климатските промени. Екстремната жештина е поврзана со пораст на агресивно однесување и семејно насилство, а изложеност на екстремна жештина може да води кон зголемена употреба на алкохол заради соочување со стрес.

Приближно половина од светската популација во моментов се соочува со недостиг на вода поради комбинација од климатски и неклиматски фактори, суши, поплави и промена на живеалиште поради климатски промени водат кон нето намалување на глобалното снабдување со храна, приближно 1 насто за 1 степен Целзиусов за зголемена средна температура. Иако изгладнувањето поврзано со недостиг од храна е проблем сам по себе, тоа создава дополнителна штета зашто придонесува за агресија на индивидуално рамниште. Студии покажаа дека потхранетоста му претходи на антисоцијално однесување, агресивност и насилство во возрасни години.

mentalnoto zdravje na meta na klimatskite promeni 1

И покрај моменталната состојба што предочува дека светот е на раб на климатска катастрофа, како и дека сегашните дејства и планови за решавање на кризи се недоволни за спречување интензивни топлински бранови, суши, поплави, шумски пожари, раст на морското рамниште и глад, анализа на 100 национални политики откри дека речиси половина не ги спомнува климатските промени. Истражување од Светската здравствена органзација, изведено во 95 земји во 2021. година, покажа дека само 9 држави го опфаќаат менталното здравје и психосоцијалната поддршка во своите национални планови во врска со здравјето и климатските промени.

Нов извештај за политиката на Светската здравствена организација содржи насоки за државите заради контрола над влијанието од климатските промени врз менталното здравје, што опфаќаат интегрирање на климатски политики со програми за ментално здравје и развивање пристапи втемелени врз интересите на заедниците заради намалување на нивната ранливост. Во иднина, интердисциплинарна соработка меѓу психолози, климатолози, политиколози и економисти би можела да доведе до повеќе примери за позитивни промени, како што претходно беше подобреното пружање услуги за зачувување на менталното здравје на Филипините по тајфунот Хаијан, или националниот проект во Индија, чијшто резултат беше подготвеноста на градовите да одговорат на климатски ризици и да се занимаваат со менталното здравје и психосоцијалните потреби.

 


Автор: Јелена Јеремиќ

Јелена Јеремиќ е дипломиран правник, моментално на мастер студии по еколошко право каде го истражува националното и меѓународното еколошко законодавство. Таа е еколошки активист што учествува во многу активности поврзани со решавање на еколошките проблеми на Балканот. Добитник е на награда од Министерството за европски интеграции на Република Србија, за својот пишан труд околу глобалните еколошки цели.

Сподели