fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
ludilo e da se gradi he cebren bez studii za klimatskite promeni featured

Лудило е да се гради ХЕ „Чебрен“ без студии за климатските промени

  • Во изминатите дваесетина година имаше 14 неуспешни тендери за изградба на ХЕ „Чебрен“ на Црна Река.
  • Последниот тендер бил неуспешен, бидејќи најповолниот понудувач избран со одлука на Владата не ја продолжил банкарската гаранција во предвидениот рок.
  • Освен што при настојувањето за реализација на „Чебрен“ се занемаруваат негативните влијанија од изградбата врз биодиверзитетот и ендемитите во ова подрачје, инвестицијата може многу лесно да стане неисплатлива поради надостиг од врнежи.
  • Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет – Битола вели дека неодамнешните детални пресметки на исплатливоста покажуваат дека проектот е технички и економски е остварлив, иако исплатливоста ќе се намалува.
  • Методија Велевски, заменик-директор на МЕД укажува дека локацијата каде што се планира изградба на ХЕ „Чебрен“ е дел од исклучително значајно подрачје по однос на биолошката разновидност.

Четиринаесет неуспешни тендери за дваесетина години е досегашниот резултат во обидите на различни власти во Македонија да ја реализираат идејата за изградба на хидроелектраната „Чебрен“ на Црна Река. Станува збор за проект кој датира од шеесетите години од минатиот век и кој се турка без да се земат ефектите од климатските промени и сценаријата за влошување на хидролошката состојба во земјава кои се очигледни и денеска.

Поради недостиг од врнежи и лошо менаџирање Мавровското и Дебарското езеро, како и Козјак многу често се повеќе празни наместо полни во поголемиот дел од годината (фото од јануари 2022).

Освен што при настојувањето за реализација на „Чебрен“ се занемаруваат негативните влијанија што би ги има изградбата врз биодиверзитетот и ендемитите во ова подрачје кои се заштитени со закон, се замижува и пред фактот дека инвестицијата во оваа хидреолектрана може многу лесно да стане неисплатлива поради надостиг од врнежи односно намален водостој на Црна Река.

Зошто не успеа последниот тендер за Чебрен?

Од Министерството за животна средина велат дека последниот тендер за хидроелектраната „Чебрен“ бил неуспешен, бидејќи најповолниот понудувач избран со одлука на Владата – конзорциумот „PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V.“ во рокот предвиден за продолжување на банкарската гаранција не пристапил кон нејзино продолжување.

„Со тоа понудата повеќе не претставуваше валидна понуда во согласност со законските одредби и согласно со тендерската документација, а со тоа не беа исполнети условите за пристапување кон потпишувањето на договорот за концесија и договорот за заедничко вложување“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека со оглед на тоа што во постапката немало друга прифатлива понуда од друг понудувач била донесена одлука со која престанала да важи одлуката за избор на најповолна понуда за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија за хидроелектрични централи на Црна Река.

На прашањето дали ќе има нов тендер и кога се планира да биде распишан, од Министерството топката ја префлаат кај Владата.

„Планирањето на стратешките проекти во државата, како национална политика, е во рамките на и согласно со владината програма за работа. Од таа причина, за распишување на нов тендер треба да одлучи Владата“, велат од Министерството.

Од Министерството побаравме и став за опасноста од загрозување на биолошката и геолошката разновидност во Мариово и ендемитите кои се заштитени со закон со евентуалната реализација на овој проект.

„Согласно Закон, по потпишување на договор, концесионерот има обврска да изработи Студија за оценка на влијание врз животната средина на овој инфраструктурен проект во кој ќе се опфатат сите влијанија и мерки за заштита“, велат од Министерството.

ludilo e da se gradi he cebren bez studii za klimatskite promeni 4

Изградбата на Чебрен ќе го загрози геолошкото и биолошкото богатство на Мариово

За прашањата колку се стари студиите за оправданост за изградба на хидроелектраната „Чебрен“ и дали се земени предвид ефектите од климатските промени при реализацијата на овој проект, од Министерството без конкретен одговор иако станува збор за институција која е носител на проектот.

„Сите студии и анализи кои се однесуваат на овој проект се на располагање на ЕСМ и за истото ќе треба да се обратите до нив“, одговорија од Министерството.

Идеен проект стар повеќе од половина век

Во документот за хидроелектраната „Чебрен“ изработен од Секторот за развој и инвестиции на ЕСМ детално се опишува историјата на овој проект.

Во него се вели дека преградното место „Чебрен“ се наоѓа во клисурниот дел на Црна Река, оддалечено 81 км спротиводно од нејзиното устие во р. Вардар. Во близина на с. Манастир, а околу 7 км спротиводно од Расимбегов Мост.

„На овој потег веќе е изградена ХЕ ‘Тиквеш’ со нормална кота на акумулацијата 265,00 м.н.в., додека за останатиот клисурен дел на Црна Река анализирани се повеќе решенија и варијанти за нејзино енергетско искористување. Наедно, во претходната студиска фаза на проектирање, усвоено е да се изградат две прибрански хидроелектрани со значаен акумулационен простор, и тоа: ХЕ ‘Галиште’ со нормална кота на акумулацијата 392,00 м.н.в., и ХЕ „Чебрен“ со кота на акумулацијата 565,00 м.н.в.“, се наведува во документот.

ludilo e da se gradi he cebren bez studii za klimatskite promeni 5

Фотографија од езерото Тиквеш од јануари 2022 година. Хидролошкатс состојба во Македонија се влошува од година во година.

Од ЕСМ посочуваат дека основниот проект за Црна Река е изработен во 1963 година од ХЕП – Скопје.

„Во периодот од 1965 – 1966 година е изработен идеен проект за ХЕ ‘Чебрен’, исто така од ХЕП – Скопје, а инвеститор на проектот е Електростопанство на Македонија. Во 1973 – 1974 година изработена е студија за преградното место „Чебрен“ на Црна Река од страна на Дирекцијата за координација на интегралниот развој на сливот на реката Вардар – АКСИОС (AXIOS). Студијата беше изработена од страна на ХЕП – Скопје, при што, земени се предвид дополнителните истражувања на самото преградното место“, пишува во документот.

Потоа, во 1974 година, изработен е основен проект со инвестициска програма за преградното место „Чебрен“ од ХЕП – Скопје, и од Градежниот факултет – Скопје и Институтот Јарослав Черни – Белград на барање на Дирекцијата за координација на интегралниот развој на сливот на реката Вардар – АКСИОС (AXIOS) – Скопје.

„Во 1984 година беа изработени техничко – економски анализи што се однесуват на изборот на тип на брана, од страна на ХЕЦП – Скопје и Градежниот факултет – Скопје, пришто, беше дефиниран оптималниот тип на брана односно ‘Чебрен’ да биде бетонска, лачна брана, како основа за понатамошно проектирање.  Во 1986 г. беше склучен договор за изработка на инвестициско-техничка документација (идеен проект и инвестициска програма) за ХЕ ‘Чебрен’ со четири проектантски компании: ХЕП – Скопје, ЕМО – Охрид, Градежен факултет – Скопје и ИЗИИС – Скопје“, се вели во документот.

Истовремено, бил склучен договор со Енергопројект – Белград како ревидент на документацијата, којшто ревизија ја изведуваше паралелно со изработката на техничката документација.

„Истата година беа изведени обемни инженерско-геолошки истражувања на преградното место ‘Чебрен’, коишто беа неопходни за подготовка на идејниот проект, а кои, пак, беа сосема доволни за изработка на главен проект заради обемот и квалитетот на истражувањата. До крајот на 1990 г. беше завршена изработката на идејниот проект со инвестициската програма и проектот беше ревидиран. По изработката на физибилити студијата за инвестициски можности во енергетскиот сектор „Оптимизација на системот Црна Река за производство на електрична енергија“, изработена од Ексергиа С.А. (Exergia S.А.) во 2003 година и ХЕ ‘Чебрен’ финансирана од програмата ФАРЕ (PHARE), препорачано е решение за оптимално искористување на каскадата на Црна Река“, пишува во документот.

Во таа насока, во февруари 2016 година, е објавен јавен повик во Фајненшл тајмс (Financial Times) и на веб-страницата на МЖСПП за пројавување интерес за проектирање, изградба и концесионирање на ХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Галиште“, при што се пристигнати 11 техничко-економски решенија од заинтересирани компании. Во февруари 2017 година изработена е Префизибилити студија за испитување на оптимално енергетско искористување на потегот на Црна река узводно од ХЕ Тиквеш.

Не се земени предвид сценаријата за климатските промени

Кога е во прашање енергетската исплатливост на ваков тип на хидроелектрана во услови на климатски промени кои носат суша и намален водостој, д-р Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет – Битола вели дека неодамнешните детални пресметки на исплатливоста покажуваат дека проектот е технички и економски физибилен односно остварлив, иако во светло на сѐ полошата хидролошка состојба во годините коишто доаѓаат, таа исплатливост секако ќе се намалува.

„Сепак, споредувајќи го ‘Чебрен’ со други енергетски објекти, на пример комбинираните гасни централи, проектот заостанува прилично во однос на профитабилноста“, вели Трајковски.

Професорот Трајковски меѓудругото објаснува дека „Чебрен“ би имал друга важна вредност, а тоа е складирањето на енергијата. Сепак, тој посочува дека има многу поевтини начини за складирање на енергијата со реверзибилни централи.

„Тоа се малите базенски акумулации на планините над постоечките акумулации од постоечките хидроцентрали. Имено, нема потреба ние да градиме таква една масивна бетонска брана од два и пол милиони кубни метри бетон, висока 190 метри како ‘Чебрен’ којашто би собирала 900 милиони кубни метри вода, кога нам нѝ е доволно да складираме вода само за едно дневно производство, значи еден циклус на полнење и празнење нѝ е доволно за 24 часа. Тоа го задоволува една мала базенска акумулација од два и пол милиони кубни метри. А, тоа е практично еден базен со дијаметар од 260 метри и бедем, значи кружен ѕид, со висина од околу 25 до 30 метри. Исто така, дебелината во основата на таква базенска акумулација е многу мала – сѐ на сѐ 5 на 6 метри наспроти 37 метри во случајот на ‘Чебрен’. И повеќе од десеткратно помалку вграден бетон“, вели Трајковски.

Трајковски се согласува дека климатските промени во иднина би можеле да бидат голем проблем во однос на исплатливоста на изградбата на ХЕ „Чебрен“.

„Сите наши пресметки ги базиравме на сегашните врнежи, сегашниот просечен годишен проток на вода во Црна Река. Меѓутоа има сериозни студии од агенции на Обединетите нации, а особено од Агенцијата за климатски промени, според кои во различни сценарија годишното количество на врнежи ќе се намали од 20% до 50%, а според некое средно сценарио околу 30% до 35%. При толку помали годишни врнежи односно помал годишен проток на реката Црна, исплатливоста на проектот ‘Чебрен’ навистина ќе биде сериозно доведена во прашање“, вели Трајковски.

Според него, постои можност Црна Река да биде извор на енергија доколку се изградат помали брани и на тој начин би добиле помали акумулации кои би се користеле и за наводнување, кое ќе биде повеќе од неопходно во услови на климатски промени.

Потребно е паметно енергетско планирање

Константин Цветков, димпломиран машински инженер вели дека за исплатливоста на изградбата ХЕ Чебрен се дебатира со децении. Според него, има простор за доразвивање на овој концепт.

„Лично би предложил комплетно започнување од сам почеток, со изработување на една прецизна физибилити студија која ќе опфати многу аспекти – не само од геологија, не само од енергетски аспект, туку и од еколошкиот аспект. И потоа да се направи една енергетска оптимизација на целото течение на Црна Река“, вели Цветков.

Ѓорѓи Митревски, проектен координатор во „ЕКО-СВЕСТ“ вели дека самиот факт што последниот тендер не помина можеби треба да е доволен знак за Владата дека треба да се сврти во друг правец и на друг начин да бара решение за енергетиката во нашава држава.

„Ние во таа насока, минатата година заедно со меѓународната The Nature Conservancy и Македонската академија на науките и уметностите спроведовме еден проект чиешто име е ‘Паметно енергетско планирање’ преку којшто ги мапиравме сите потенцијални локации за изградба на фотоволтаични централи, но изградба на деградирани и веќе руинирани земјишта, на начин на којшто нивната изградба нема да има штета врз животната средина, врз локалните заедници итн. Ова е со цел да дадеме еден регистар на локации и со тоа можност за некакво решение на енергетските прашања во нашата држава“, вели Митревски.

Исклучително значајно подрачје

Методија Велевски, заменик-директор на „Македонско еколошко друштво“ укажува дека локацијата каде што се планира изградба на ХЕ „Чебрен“ е дел од исклучително значајно подрачје по однос на биолошката разновидност.

„Тоа е целата Скочивирска клисура на којашто потоа се надоврзува остатокот од Црна Река на делот кај Галиште, строгиот природен резерват – Тиквеш. Целиот тој простор е препознаен како исклучително значаен по неговите биолошки вредности. Истиот претставува меѓународно значајно подрачје за птици, Емералд подрачје согласно Резолуцијата 6 на Конвенцијата за заштита на европскиот див свет, значајно подрачје за растенија. Значи неспорни се вредностите на овој простор“, вели Велевски.

Во однос на прашањето дали треба да се гради или не треба, Велевски вели дека сликата не е црно-бела и дека се потребни сериозни студии.

„Кога би го гледале само биодиверзитетот, само биолошката разновидност, тогаш одговорот би требало да биде само категорично: не. Меѓутоа не знаеме што ќе загубиме на долги патеки доколку не го изградиме. Сѐ уште нема соодветни анализи во светло на климатските промени. Сосема сигурно дека ненамалувањето на емисиите на јаглерод диоксид ќе резултираат со големи и долгорочни штети по биолошката разновидност. Тој баланс е нејасен, недоволно анализиран од тој аспект. Засега се разговара само за економските придобивки и општо се разговара за ризиците од климатските промени меѓутоа не во однос на релативното учество на ‘Чебрен’ во истите“, вели Велевски.

ludilo e da se gradi he cebren bez studii za klimatskite promeni 6

Скочивирската клисура меѓународно препознаена по биолошките вредности

Тој посочува дека климатските промени до периодот на ставање во функција на „Чебрен“, а тоа ќе бидат 10 до 15 години, веројатно ќе доведат до намалување на количеството на врнежи во сливот на Црна Река и дека понатаму можеби „Чебрен“ нема да одговори на економските очекувања коишто ги имаме.

„Имаме еден комплексен систем на наводнување и интензивно земјоделство во делови од Пелагонија каде што влегуваат многу органски, неоргански ѓубрива и пестициди и сето тоа ќе завршува во овој резервоар. И треба да се провери динамиката на вода за да не биде мртво езеро практично, мртва акумулација“, вели Велевски.

Тој исто така смета дека треба да се разгледаат повеќе алтернативи и дека можеби не треба да се оди со една огромна брана.

„Можеби една, две или три помали низ клисурата којашто ќе ја смали површината на водното огледало, а со тоа и површината од живеалиштата коишто ќе одат под вода. Можеби нема да биде апсолутно еднакво тоа во смисла на придобивка во електрична енергија меѓутоа ќе биде доволно блиску, а согласно некои анализи коишто беа објавени во медиумите – и поевтино. Тоа е некое вин-вин сценарио. И да добиеме зелена енергија, обновлива, но и да направиме минимум штета на природата“, смета Велевски.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Поврзани стории: