Повеќе од половина студенти во Македонија не веруваат дека човекот придонесува кон климатските промени
- Студентите од Црна Гора покажуваат повисока свесност за важноста на пристап до природните ресурси, за разлика од студентите во Македонија.
- 55% од студентите од Македонија го потврдија тврдењето дека „човечките активности не влијаат на осиромашувањето на озонската обвивка“.
- Научницните, истражувачите, екоактивистите, екоинфлуенсерите со ист став – еколошката свест кај луѓето мора да се развива уште од најрана возраст.
Во светот на еколошките предизвици и глобалните климатски промени, разбирањето на свеста и ставовите на младите генерации е клучно за создавање долгорочни решенија. Сепак, кога се во прашање две држави со заедничка историска позадина и сличен социо-економски контекст како Црна Гора и Македонија, резултатите од една неодамна направена компаративна студија открива разлики во еколошката свест кај студентите.
Истражувањето на еколошката свест, знаење и безбедност направено помеѓу 200 студенти од Црна Гора и 200 студенти од Македонија се фокусира на нивната свест, знаења и ставови за еколошките прашања.
„Постојат разлики во однос на свеста од заштита на животна средина помеѓу студентите од Црна Гора и Македонија. Имено, на пример, студентите од Црна Гора демонстрираат повисока свесност за важноста на пристап до природни ресурси, за разлика од оние во Македонија. Тоа може да се толкува на различни начини. Еден од начините на толкување е специфичната положба на Црна Гора која меѓу другото се карактеризира и со пристап до отворено море, што не е случај со Македонија како континентална држава. Понатаму, студентите од Црна Гора покажуваат значително повисок просечен резултат поврзано со импактот на животната средина кон човековото здравје“ вели професорот Александар Иванов од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ кој е еден од авторите на компаративната студија.
83% согласност e забележанa во македонскиот примерок во споредба со 75% во црногорскиот примерок на прашањето дали опстанокот на човекот зависи од достапноста на природните ресурси. Од друга страна пак, двата примероци претежно не се согласуваа или изразија сомневање во однос на обновливоста на природните ресурси. Кога станува збор за отпадот, црногорските студенти ја препознаваат важноста од рециклирање повеќе во споредба со нивните колеги во Македонија.
Во изработка на студијата покрај професорот Иванов, учествуваа професорите од Македонија и Србија: Владимир М. Цветковиќ од Факултет за безбедносни студии во Белград, Срна Судар од Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и Тин Лукиќ при Универзитетот во Нови Сад.
Оваа компаративна студија има за цел да ги посочи разликите помеѓу популација која е исклучително важна за развој на општеството – студентите. Не е намерно што се одбрани овие две земји како две општества со слично минато, не толку големи географски разлики и социо-економски контекст ако се земе предвид заедничкото минато во форма на поранешна држава, Југославија.
„Би сакал да напоменам дека на добар дел од прашањата студентите покажа незначителни разлики во потребата од свеста за заштита на животна средина, што укажува на тоа дека двете држави имаат слични социо-економски предизвици и се соочуваат со слични образовни системи, како резултат на историски и геополитички културен контекст“, појаснува професорот Иванов.
55% од учесниците од Македонија го потврдија тврдењето дека „човечките активности не влијаат на осиромашувањето на озонската обвивка“, 14% покажаа несигурност, а 31% не се согласуваа. Спротивно на тоа, во црногорскиот примерок, 76% се согласиле, 10% биле несигурни, а 8% не се согласуваат. Ова може да се толкува како трик прашање поради неговата негативна рамка, каде што негативниот одговор парадоксално ја потврдува премисата – имено, дека човечките активности не влијаат на осиромашувањето на озонската обвивка.
Кај испитаниците од земјава има висок процент од 76% согласност дека зачувувањето на природата се постигнува преку закони и стратегии. А исто така oвие студенти во споредба со оние од Црна Гора им припишуваат поголема одговорност на владите во однос на владината одговорност за управување со ресурсите.
Студентите во Црна Гора пак, покажуваат повисока свест за важноста на пристапот до природни ресурси за опстанок на човештвото во споредба со нивните колеги од земјава. Понатаму, црногорските студенти се издвојуваат со значително повисоки просечни оценки кога станува збор за согледување на влијанието на условите на животната средина врз здравјето на луѓето. Дополнително, тие исто така покажуваат поголема свест за тоа како недостигот на ресурси ја загрозува националната безбедност. Покрај тоа, студентите од Црна Гора ги надминуваат своите врсници во Македонија со повисок просечен рејтинг во однос на верувањето дека законските прописи го регулираат зачувувањето на природата.
„Кога се однесува за третиот дел од истражувањето, поврзано со влијанието на заштита на животната средина и на безбедност, како отсутство на закани, бидејќи знаеме дека безбедноста е поврзана со отсутство на закани, студентите покажаа исто така високо ниво на свесност со незначитисока разлика во двете држави иако може да се забележи повисока свест кај студентите од Црна Гора, дека тие препознаваат дека подигнувањето на свеста за однесување поврзано со животната средина е нешто што е приоритет и неопходност. Ако речиси сите студенти од Црна Гора тоа го оцениле со 5, просечна оцена 4,65, во Македонија таа оцена е нешто пониска, 3,90. Тоа зборува за некоја разлика во контекст на поголема свесност кај студентите од Црна Гора“, вели професорот Александар Иванов.
Студентите од двете држави ги оценуваат следните три аспекти со најниски вредности: човечките постапки навистина имаат влијание врз озонската обвивка; отпадот кога ефикасно се управува може да биде вреден ресурс, водните ресурси, спротивно на општото верување, не се неисцрпни.
Студентите од земјава повисоко го оценуваат влијанието на заштитата на шумските ресурси врз квалитетот на воздухот за разлика од оние во Црна Гора.
Покрај тоа, емисиите на возилата и нивното влијание врз озонската обвивка добиваат повисоки оценки од црногорските студенти во споредба со оние во Македонија.
Ваквите истражувања ги покажуваат предизвиците со коишто се соочуваат општествата, а воедно и креираат пат до одговори и политики за подобар развој.
Но млади критични маси во Македонија постојат и тие ја преземаат работата во свои раце. Па така, еколошкото движење „За почиста Македонија“ организира „чистки“ на планините и излетничките места, а се фокусира и на градовите. Овие млади тргнуваат со идејата да ги мотивираат сите планинари и луѓе кои поминуваат време во природа да се грижат за неа и зад себе да не оставаат отпад.
„Нѐ радува што постојано има интерес и присуство на нашите акции и сме оптимистични дека во Македонија има мала критична маса која може да доживее раст и во иднина да има влијание кон позитивни промени. Најчесто присутните на акциите се млади луѓе, но неретко имаме учесници и од постари генерации. Сепак, имам забележано дека кај постарите генерации појавата на апатија и разочараност е почеста и помала е веројатноста да се вклучат во борби за промена, односно многу од нив имаат „кренато раце“.“ изјави Марко Гапо, дел од движењето „За почиста Македонија“.
Петар Стевановиќ, кој исто така е дел од движењето, вели дека предизвик е да се дојде до нови млади коишто претходно не биле еколошки свесни или не се ангажирале во еколошки активности.
„Во глобала на нашите настани и еко акции, најчесто доаѓаат млади кои веќе делуваат на некој начин во еко заедницата во нашето општество“ вели Стевановиќ.
Според него, неопходно е природните науки да се изучуваат уште од најмала возраст со настава во природа, бидејќи само на тој начин децата ќе можат да развијат чувство на одговорност кон природата, а со тоа ќе пораснат во еколошки свесни граѓани кои ќе носат промени во општеството.
Екоактивистите се согласни дека е лесно човек да се почувствува мал, безначаен и беспомошен во борбата против климатски промени покрај големите корпорации, моќници и милијардери кои масовно ја загадуваат планетата, но тоа не значи дека ширењето на еколошката свест кај обичните граѓани е без полза.
„Секој може да тргне од себе давајќи макар и мали придонеси дејствувајќи локално или пошироко, знаејќи дека се приклучува кон едно постојано растечко движење од истомисленици низ цел свет. Што повеќе еко свесни луѓе во едно општество, толку поголеми шанси во тоа општество да се ставаат правите луѓе на функции, да се донесуваат закони и покренуваат иницијативи во полза на спасување на планетата или делови од планетата од еколошка пропаст“ додава Гапо.
Екосвесни родители = екосвесни деца
За тоа дека едукацијата доаѓа од мали нозе потврдува и сертифицираниот психолог и гешталт психотерапевт, Тиана Ивановска. Свесноста на родителите за еколошките проблеми, загадувањето и климатските промени најмногу ја детерминира потенцијалната еколошка свест кај децата, вели таа.
„Најдобар начин да се влијае кај младите за развивање поголема свесност е преку воспитувањето, зошто токму еколошките проблеми се една од темите кои се опфатени во повисоката свесност. Личност која има развиено во себе емпатски капацитет, којашто сочувствува со средината, со пријателите, со семејството, со партнерите е исто така личност којашто не би чувствувала потреба да направи штетни последици врз животната средина.“ изјави Ивановска.
Младите развиваат поголема свесност од повозрасните бидејќи тежнеат кон пообјективен и научен пристап кон вредностите отколку од самите семејства од каде што доаѓаат, потенцира таа.
„Средината дефинтивно е фактор што влијае врз ставовите. Честопати еколошките проблеми се ставаат во кош со некои теории на заговор дека всушност ништо од тоа не се случува но сепак ефектите на загадената еколошка средина и те како се присутни и ги живееме секој ден. Така што сметам дека и покрај тоа што овие теми не се сфаќаат сериозно, младите се свесни и ги живеат, односно самата загадена средина кога зборуваме за Скопје, немањето на чист воздух, исклучително високите температури кои секоја година се поалармантни веќе потврдуваат дека она што ние сметаме дека е теорија на заговор всушност е секојдневие коешто ние го живееме.“ објаснува Ивановска.
„Зелени инфлуенсери“
76% од испитаниците во компаративната студија сметаат дека еколошката свест е всадена во семејствата. 13% изразиле сомневање, а 11% одговориле негативно.
Кога станува збор пак за влијанието на социјалните мрежи, екоактивистите велат дека тоа зависи од свеста на самите млади. Доколку некој не го интересира активизам, екологија, климатски промени, шансите да следи таква содржина е многу мала, а согласно тоа, веројатно е и дека алгоритамот на мрежите нема ни да пласира такви информации.
„Присуството на „зелени инфлуенсери“ кои можат еко-свеста да ја доближат до корисниците на социјални мрежи преку забавни и едукативни содржини е важно. Веќе постојат многу такви низ светот кај кои се гледа огромна популарност со стотици илјади следбеници. Во Македонија популарноста на таквите е мала, но значителна.“ – додава Гапо.
Наставата во природа создава емпатија кон животната средина
Настрана од домашното и училишното воспитување и знаење, Македонското еколошко друштво (МЕД) повеќе од две декади се занимава со воннаставна едукација на млади за еколошки теми. Во 2021 година, друштвото заедно со прекуграничната мрежа од организации за заштита на Преспа „ПреспаНет“ ја креираа друштвената игра „Преспа“. Идејата е покрај широката и генерална еколошка порака, оние коишто ќе ја играат играта, да се запознаат со локалниот биодеверзитет на Преспанскиот регион и со цената што би ја платиле доколку човекот не го прави сѐ она што е со најдобра намера за регионот.
„Во текот на целата игра, играчот мора да балансира помеѓу два ресурси, а тие ресурси се парите што го одбележуваат економскиот напредок, а другиот е вода, која е многу важен ресурс на Преспанското езеро. Пораката на играта е дека заштитата е многу комплицирана и може да биде многу скапа што на некој начин буди морална дилема но и желба и дискусија помеѓу играчите за тоа што значи да се биде чувар на природата, што е добро, а што лошо.“ појаснува еден од авторите на играта, д-р Драган Арсовски од МЕД.
Покрај друштвената игра, МЕД заедно со Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет Скопје, Националниот парк Галичица, ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, Народна техника Скопје и Едукативниот центар за заштита на природата, село Негрево ја водат Мрежата за искуствено учење (МИУ). Целта на оваа мрежа учениците во основното и средното образование да развијат поголема свесност за зачувување на природата и заштита на животната средина, како и повисока одговорност за она што човекот директно го предизвикува со секојдневното живеење кога станува збор за климатските промени. Истата е наменета и за наставниците по природни науки, биологија, хемија и физика и другите предметни и одделенски наставници.
„Преку едукативната програма, учениците и наставниците директно на терен или во лаборатории имаат можност да се запознаат со постоечкиот биодиверзитет, со специфичните живеалишта за одредени подрачја, да се запознаат со нивната важност и со тоа како климатските промени влијаат врз нивниот опстанок“ велат од Мрежата за искуствено учење (МИУ).
На работилниците преку воннаставни активности учествуваат максимум 30 ученици од иста или приближна возраст, каде преку групна или индивидуална работа, имаат можност да се запознаат со основните чекори на секое научно истражување, на начин прифатлив за нивната возраст.
„Директното учество во едно истражување или самостојното изведување одреден експеримент ги охрабрува учениците да прашуваат, со што се поттикнува љубопитноста кај нив.“ додаваат од МИУ.
Од 2023 година досега, 3.600 ученици биле дел вклучени во настаните кои се одржуваат во склоп на мрежата.
За развојот на еколошката свест треба престој во природа
Мнозинството од испитаниците во студијата (73%) потврдија позитивно влијание на изложеноста на природата врз еколошката свест, додека речиси една третина (27%) изрази скептицизам. Ова несовпаѓање покренува прашања за улогата на модерниот начин на живот во кој доминира технологијата.
Научницните, истражувачите, екоактивистите, екоинфлуенсерите стојат на ист став – еколошката свест кај луѓето мора да се развива уште од најрана возраст. Децата што повеќе време да поминуваат во природа за да сочувствуваат со живиот свет, а наставните предмети поврзани со екологија, животна средина, загадување, климатски промени итн. да бидат вклучени во основното, средното но и високото образование, прилагодени на возраста на учениците.
„Препораките во однос кои произлегуваат од ова истражување е дека треба уште повеќе да се зајакне вклучувањето на предметни содржини во предметните програми во сите години, во сите сегменти на образование, почнувајќи од најмалата, од градинките, основното, средното образование и на факултетите. Ваквиот пристап до знаење создава свесни луѓе и на тој начин единствено можеме да влијаеме за долгорочни промени поврзани со заштита на животната средина, која опфаќа многу политики, од управување со отпад до климатски промени, а тоа е сериозна и сложена активност и која истовремено е секогаш тесно поврзана со економската активност, затоа што меѓу зависноста и амбивалентноста во некои случаи помеѓу економскиот развој и заштита на животната средина, секогаш се прашање кое сериозно влијае на овие прашања“, вели професорот Александар Иванов од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ кој е еден од авторите на компаративната студија.
Компаративната студија помеѓу Црна Гора и Македонија дава светло на предизвиците на еколошката младинска свест во двете земји. Наодите сугерираат дека додека студентите поседуваат силна основна свест за биолошката разновидност и важноста на еколошко одговорно однесување, но постојат значителни разлики во нивното разбирање на другите клучни еколошки практики, како што се намалувањето на отпадот и управувањето со ресурсите. Студијата открива потреба од посеопфатни наставни програми кои не само што ги едуцираат, туку и ги подготвуваат студентите со практични вештини неопходни за поттикнување одржливи еколошки практики.
Заштитата на животната средина, одржливиот развој и намалувањето на ризиците од катастрофи се комплементарни концепти кои имаат специфичен национален и локален карактер и зависат од меѓусебна соработка. Токму затоа и свеста за заштита на животната средина игра огромна улога во идниот развој на општествата. Студентите како важна академска и интелектурална група се клучни во промовирање на еколошките вредности што директно ќе влијае на начините на кои ќе се справуваме со климатските промени и одржливо управување со природните ресурси на долг рок.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Бјанка Станковиќ
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Ристо Душковски
Фото: Дарко Андоновски
Поврзани стории
Еколошко образование и климатска писменост „новото нормално“ за нашите деца
Бурите и сушите ќе станат секојдневие, ни треба освестување за климатските промени
Само преку образование можеме да ги решиме светските предизвици
За заштитата на животната средина повеќе се зборува отколку што се учи