fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
za zastitata na zivotnata sredina poveke se zboruva otkolku sto se uci featured

За заштитата на животната средина повеќе се зборува отколку што се учи

  • Во предметот Биологија за седмо, осмо и деветто одделение и во програмите за гимназиско образование, само 14 проценти од содржините се од областа на животната средина.
  • Никој веќе не го споменува прирачникот „Зелен пакет – јуниор“ промовиран пред 10 години кој требаше да биде основа за подигање на свеста за екологијата кај најмладите.
  • Од Бирото за развој на образованието велат дека во 2021 година за првпат почнале да се имплементираат новите наставни програми во прво и во четврто одделение, а во 2022 година во второ и петто одделение.
  • На насоката Екологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје има само седум студенти.

Треба постојано да се зборува за животната средина, бидејќи кога ќе го научите детето од најмало дека треба да ја вреднува животната средина, тоа ќе го практикува наученото. Оваа неодамнешна изјава на министерката за животна средина Каја Шукова го поттикнува прашањето: Колку децата реално учат за тоа во образовниот процес?

„Зелениот пакет“ овена чекајќи

Во 2012 година тогашниот министер за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и заменик-министерот за образование и наука Сафет Незири го промовираа мултимедијалниот проект „Зелен пакет – јуниор“, изработен од Регионалниот центар за животна средина за Централна и источна Европа (РЕЦ), со финансиска поддршка на Австриската агенција за соработка и развој (АДЦ).

Се работи за прирачник за наставници со 12 тематски единици од областа на одржливиот развој и животната средина преку кој наставниците 700 наставници (по двајца од секое основно училиште) ќе се здобијат со знаење да одржат одредени тематски единици за ученици од прво до петто одделение.

„Изработката на овој проект ја задоволува потребата за оспособување кадар и програма со која ќе може да се пренесе тоа образование за уште од најмала возраст да се развијат позитивните навики кај децата. Со имплементација на ‘Зелен пакет –јуниор’, како дополнување на основниот ‘Зелен пакет’, Македонија ќе стане прва држава која го има изработено пакетот за најмладата популација и го користи во одделенска настава“, изјави тогаш Адеми.

Над 2.000 прирачници  бесплатно се дистрибуираа до сите основни училишта, а идејата беше, „Зелениот пакет-јуниор“ да може да го искористат наставниците по предметите по природа или на класните часови. Но, десет години подоцна, не само што тој прирачник не е надграден, туку ретко кој и го користи, иако станува збор за мултимедијална алатка. Дополнително, во државните институции воопшто не се контролираа спроведувањето на еколошката факултативна настава кај најмладите деца.

Само седум студенти на насоката Екологија

Насоката Екологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје е една од оние кои кубурат со запишани студенти. Во моментов таму има само седум студенти. Една од нив е Неда Рапоска, која е изненадена од немањето интерес кај младите за оваа област, која е многу актуелна последниве години.

„Мене ми е многу криво што ретко кој знае и ретко кој разбира што точно е екологија и сега, на пример, ние во мојот клас сме само седум студенти што е многу тажно, бидејќи останатите врсници мои не ни знаат дека постои ваков смер“, вели Рапоска.

Справување со климатските промени бара и нова генерација која преку образовниот систем ќе се стекне со висока свест и ќе прерасне во мотор на потребните промени за неопходни за промена на свеста во општеството за значењето на заштита на животната средина. Рапоска посочува дека тоа е сложен процес и затоа треба да се започне од училишните клупи. Таа се сеќава дека во основното и средното образование се среќавала само со апстрактни информации за климатските промени.

„Сите ние ученици кога ќе слушневме нешто за глобално затоплување, климатски проблеми, ние мислевме дека тоа е некој далечен, туѓ за нас проблем на којшто ние не можеме никако да влијаеме. Јас требаше да се запишам на екологија за да разберам дека ние всушност имаме вистински локален проблем со уништувањето на природата, а тоа секако е поврзано со климатските промени. Знам дека беше тоа многу, многу малку спомнувано и кога ќе дојдеше дел за тоа беше некако набрзина се поминуваше, не се пренесуваше многу голем фокус на тоа, и дури кога ќе беше спомнато нешто од аспект на климатските промени тоа беше многу сувопарно“, посочува студентката Рапоска.

Наставната програма допрва ќе се прилагодува на потребите

Истражувањето изработено од страна на професорката д-р Катерина Русевска и студентот магистрант Александар Алексоски, презентирано на шестиот конгрес на еколози со Меѓународно учество покажува дека во предметот Биологија за седмо, осмо и деветто одделение  и во програмите за гимназиско образование, само 14 проценти од содржините се од областа на екологијата.

Ѓубрето и садењето дрвја е најчеста тема во учебниците (Учебници по Природни науки за второ и петто одделение)

Професорката Катерина Русевска која предава на Институтот за биологија вели дека со оглед на тоа што последиците од нерационалното искористување со природните ресурси и односот кон природата не се видливи веднаш, во голема мерка е важно свеста да се развива од најмала возраст.

Професорката појаснува дека климатските промени отвораат безброј нови прашања и проблематики, а содржините од кои најмладите се градат како личности остануваат со базични информации за загадувањето и заштитата од загадувањето.

„Не е доволно учениците да бидат запознаени само со она што доведува до предизвикување на климатски промени, туку да знаат како да се спречи тоа и уште поважно како се овозможува одржлив развој“, вели Русевска.

Според неа учениците освен што треба да бидат запознаени со факторите кои предизвикуваат климатски промени, треба да знаат и како да се спречи тоа, а уште поважно на кој начин се овозможува одржлив развој.

Од Бирото за развој на образованието велат дека со новиот концепт којшто се изработува ќе се стави поголем акцент на заштита на животната средина и климатските промени.

„Ние ќе се потрудиме колку што е можно повеќе овие аспекти за образование, за животна средина да ги инкорпорираме во предметот Природни науки. Би сакала да кажам дека со новата концепција за основно образование, исто така, се нуди можност училиштата да креираат и свои наставни програми таканаречени слободни изборни предмети, значи програми за слободни изборни предмети кои понатаму ние како институција ги разгледуваме и доколку се коректно конципирани ги одобруваме за имплементирање да може да бидат тоа слободни изборни предмети од областа на животната средина“ вели м-р Иванка Мијиќ, советник во Бирото за развој на образованието.

Таа посочува дека постојат и прирачници кои им помагаат на наставниците при планирањето на содржини од областа на животната средина и климатските промени од предметот Природни науки. Но, нивното користење останува слободен избор на самите наставниците.

Создавањето нова генерација ќе трае со години

Новата концепција за основно образование беше усвоена во 2021 година. Од Бирото посочуваат дека во 2021 година за првпат почнале да се имплементираат новите наставни програми во прво и во четврто одделение за веќе во 2022 година да се продолжи во второ и петто одделение. Имплементацијата треба да продолжи од следната учебна 2023 /2024 година во трето и шесто одделение и откако овој период ќе биде комплетно затворен ќе продолжи процесот на имплементација и во осмо и деветто одделение.

Мијиќ признава дека тоа е долг временски период, но смета дека е позитивно што сепак започнува нешто да се движи.

И професорката д-р Бреда Мулец од Правниот факултет на Универзитетот во Љубљана, која во неколку наврати работела во Министерство за животна средина во Словенија, се согласува дека подигнувањето на свеста не може да биде од денеска за утре и дека тоа е долг процес низ кој морала да помине и Словенија, која денеска се смета за исклучително успешна во тоа. Според неа Македонија како земја со аспирации за влез во семејството на Европската Унија треба да се посвети и на многу други фактори.

„ЕУ во голема мера е врзана за заштита на животната средина, а тоа е видливо и во новите директиви, и за Северна Македонија која сака да стане дел од европската заедница, не е доволно само да усвои задоволителни прописи, туку е важно истите ефективно да бидат имплементирани, да ги реализира во самата пракса на сите полиња поврзани со заштита на животната средина, па и во самата настава, советува професорката од Словенија.

Во четвртиот Национален план за климатски промени кај нас се наведува дека истражувањата и анализите во формалното образование покажале дека е постигнат одреден степен на развој во однос на наставата за климатските промени во образовниот систем во Македонија, особено во основното и средното образование. Но и овој мал чекор напред всушност е незначителен ако се погледне заклучокот дека вклучувањето на оваа содржина во формалното образование е сегментирано по одделни предмети и без холистички пристап. Затоа, за да се постигнат резултати, се препорачува вклучување на образованието за климатски промени во клучните стратешки документи од Владата, како долгорочна цел исклучена од политичките дискусии и усогласување помеѓу образовните иницијативи и политиките за одржлив развој што ќе придонесе за подобрување на климатското образование и зголемување на климатската писменост.

Изјавата на министерката Шукова за тоа дека животната средина мора да биде поприсутна во образованието беше дадена на овогодишното одбележување на Денот на планетата Земја. Слични вакви изјави со заложби слушаме постојано на настани кои се поврзани со некакви еколошки акции. Резултатот од тоа е што нивото на знаењата за екологија се сведува на тоа дека е добро да се засади дрво или дека фрлањето ѓубре насекаде е несоодветно.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Симона Србиноска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Сподели