Заштита на шумите наместо корпоративни фалби
- Банки, компании, невладини, граѓани се впуштија во акции за садење дрвја за да демонстираат општествена одговорност и развиена еколошка свест.
- Садењето честопати се прави со еднородни насади, без да се води сметка за ефектот, ниту да се побара стручна помош.
- Тоа не се вистински шуми зашто нивната еколошка вредност е многу ниска, вели унгарскиот експерт Ласло Ердош од Институтот за екологија и ботаника
- Според досегашните истражувања на светско ниво, се потврдува дека масовните кампањи не се најдобар начин на кој може да се справиме со уништување на шумите, и не треба да се сади секаде и во секое време.
Копаш дупка, ставаш расад, полеваш со вода и готово. Банки, компании, невладини, граѓани се впуштија во акции за садење дрвја за да демонстираат општествена одговорност и развиена еколошка свест. Со едно пребарување на интернет може да се забележат десетици кампањи и ПР-објави, спроведени изминативе години.
Садењето честопати се прави со еднородни насади, без да се води сметка за ефектот, ниту да се побара стручна помош. Парите фрлени, резултатот однапред осуден на неуспех.
Ниска еколошка вредност
Истражувајќи го значењето на ваквите насади за животната средина, патот нѐ однесе до трудот на Ласло Ердош од Институтот за екологија и ботаника при унгарската академија на науките. Во него, тој и други автори констатираат – додека природните шуми во светот забрзано исчезнуваат, еднородните плантажи забрзано се шират, иако претставуваат поедноставени и скудни екосистеми со ниска еколошка вредност. Побаравме појаснување од авторот кој се наоѓа во Чикаго.
„Во еколошка смисла, насадите или поточно, неавтохтоните насади не може да бидат сметани за вистински шуми зашто нивната еколошка вредност е многу ниска. Затоа, сметам дека регионот треба да ги преиспита своите активности за пошумување и доколку се садат дрва, најдобро е да се садат автохтони видови, а уште подобро е да се заштитат природните шуми зашто тие се еколошки највредни. Мојата порака е, доколку сакате да се борите против климатските промени, што е добро, и доколку сакате да ги заштитите вистинските природни вредности во вашата земја, тогаш треба да се разгледаат најмалку два аспекти истовремено. Пред сѐ треба да се заштитат постојните шуми затоа што подобро го врзуваат CO2 во однос на шумските насади, а доколку е апсолутно неопходно да се користат насади, тогаш најдобрата опција е да се посегне по автохтоните видови што се присутни во вашата земја и што се поврзани со богата флора и фауна“, вели Ердош.
Од Чикаго во Скопје. Разговаравме со Деканот на Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг. За професорот Кирил Сотировски, важно е да се зачуваат и постојните шуми и да се садат нови површини под шуми и зеленило, но и тој потврдува дека ваквите акции честопати се одвиваат стихијно, без да се обезбеди соодветна експертиза.
„Ни требаат и нови површини со шуми, ни треба и зачувување, обновување и подобрување на оние површини со шуми со коишто моментално располагаме. Значи, опасноста е голема ако продолжи овој тренд на обешумување, и кај нас и во светот. Овие акциите коишто се прават заклучивме дека треба да се прават, меѓутоа гледано според волумен, обем, површини се минијатурни. Тие се добри да се случуваат, меѓутоа не смее да се потпираме на доброто владеење на неколку корпорации коишто решиле да станат општествено одговорни. Значи, мора посистематски и државата со поголем број средства од тие што веќе ги наменува, истакнува Сотировски.
Се пошумува и каде треба и каде не треба
Компаниите бараат помош за садењето садници, но не и граѓанските здруженија и невладините кои тоа го прават на своја рака, велат од ЈП „Национални шуми“. Се пошумува и каде треба и каде не треба, со садници кои не одговараат на теренот, не се води сметка за видот, возраста, густината, периодот на садење, ниту за намената, па ефектот е минорен ако воопшто го има.
„При пошумувањето е многу важно да се пристапи стручно. Прво начинот на садење е многу важен, временскиот период, важни се типот на садници, начинот на производство на садниците, да се видат еколошките и биолошките карактеристики на садниците, и кога сите тие компоненти ќе бидат земени превид, тогаш успешноста на пошумувањето е неминовна. Меѓутоа, доколку се оди лаички, тогаш пошумувањата или озеленувањата се ставаат под знак прашање“, објаснува Маре Басова, помошник-директорка во ЈП „Национални шуми“.
Постои опасност да се садат и несоодветни видови за ова поднебје, кои наместо да донесат бенефит отвораат простор за инвазивни видови кои прават пустош.
„Веќе има список на инвазивни видови, тоа се повторно нововнесени видови кои на новите територии се пренамножуваат и можат да станат пречки, односно проблематични по однос на биодиверзитетот. Зафаќаат многу поголеми површини, ги загрозуваат домашните растителни видови, а со тоа можат да направат и поголема штета по однос на севкупниот биодиверзитет“, вели Сотировски.
Дополнително, кампањата за садење не смее да биде еднократна, а тука најчесто се потфрла.
„За нас, успешност на пошумување под 60% се смета за неуспешно и по правило би требало да пристапиме кон пополнување на таа површина и тие одгледни мерки не е лошо да траат три до пет години“, објаснува Басова од „Национални шуми“.
Чекори за зачувување на шумските екосистеми
Според досегашните истражувања на светско ниво, се потврдува дека масовните кампањи не се најдобар начин на кој може да се справиме со уништување на шумите, и не треба да се сади секаде и во секое време. Па така, секоја држава за да ги зачува шумските екосистеми на начин којшто е потврден од науката, треба да преземе еден или повеќе од следниве чекори.
- Да воведе забрана за сеча (мораториум) на неодредено време на дрвја во одредени делови на територијата.
- Реставрација, зачувување и унапредување на постоечките шуми, особено оние во заштитените подрачја како национални паркови.
- Да се обноват местата кои историски биле под шума, но со текот на времето таа шума исчезнала.
Кампањите за садење дрвја секако дека имаат благородна цел, но мора да се внимава да не бидат залудни за да се постигне посакуваниот ефект, односно, да не организираат стихијно и да се слуша мислењето на стручната јавност. А, приоритет мора да биде заштитата и обновата на старите шуми, процес во којшто државата мора да влезе многу поагилно.
Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Марјан Петковски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска