- Во Македонија, зелената транзиција се спроведува во услови на ограничена транспарентност и контроверзии околу субвенции, концесии и политички поврзани инвестиции.
- Иако случаите со субвенции, инвеститори и можни конфликти на интереси не се странско мешање сами по себе, тие често се користат во странски дезинформациски кампањи.
- Проруски и анти-ЕУ наративи ја претставуваат зелената транзиција како измама или средство за контрола, поради што неопходни се транспарентност, јавна дебата и јасна комуникација од институциите.
Додека зелената транзиција во Македонија формално се претставува како чекор кон европска иднина, во јавноста расте сомнежот дека зад „еколошките“ проекти се кријат политички и бизнис интереси. Овој јаз меѓу официјалната реторика и јавната перцепција создава простор подложен на организирано надворешно информациско влијание.
Токму во овој јаз меѓу официјалната реторика и јавната перцепција се развива зелената енергетска политика во Македонија – во средина со ниска доверба во институциите, ограничена транспарентност и долгогодишни контроверзии поврзани со субвенции, концесии и политички поврзани инвестиции.
„Зелената транзиција генерално се дефинира како процес на енергетска трансформација и преминување кон економија со ниски јаглеродни емисии. Овој поим, исто така, подразбира и низа структурни промени во енергетиката, индустријата, транспортот и во начинот на живеење. Злоупотребата најчесто започнува кога поимот се деконкретизира и апстрахира, односно се користи надвор од реален контекст, без проверени показатели и без јасна одговорност. На тој начин зелената транзиција престанува да биде реален процес и станува симболичка ознака што цели да креира позитивни интерпретации, но нема суштинско значење“, вели комуникологот Сеад Џигал.
Во таков контекст, ранливи на манипулации стануваат конкретните прашања поврзани со зелената енергетска политика – субвенциите и повластените тарифи, начинот на доделување концесии, идентитетот на инвеститорите и распределбата на јавните трошоци и приватните добивки. Тие теми, во отсуство на јасна и отворена комуникација, лесно се претвораат во алатка за поедноставени и дезинформациски наративи.
Зелената транзиција без јавна расправа
Енергетската транзиција во Македонија се спроведува преку одлуки на институции, регулаторни тела и владини програми, најчесто без широка јавна дебата за трошоците, ефектите и начинот на распределба на економските и социјалните придобивки. Критичките прашања за тоа кој добива субвенции, кој инвестира и под какви услови, сè почесто се отфрлаат како „анти-еколошки“.
Како што укажува професорката по комуникации Марина Тунева, институциите често не ја користат комуникацијата за вистинско информирање, туку за управување со перцепциите на јавноста. Наместо јасни податоци и објаснувања, се создава впечаток дека секое преиспитување е непотребно или штетно – што директно придонесува кон состојба на еко-доктрина.
„Институциите често не комуницираат за да информираат, туку за да управуваат со перцепциите на јавноста. Наместо објаснување на проблемите, се нудат пораки што треба да создадат чувство дека состојбата е под контрола“, вели Тунева.

И комуникологот Џигал смета дека еден поим станува празна флоскула кога не е поврзан со конкретни процеси и политики и се користи како средство за убедување. Односно, кога нема можност за јавна проверка и критичко анализирање, поимите се трошат побрзо и стануваат празноговор.
„На тој начин, поимот функционира повеќе како комуникациско средство за бранење или промовирање, а не како алатка за општествена трансформација“, вели тој.
Токму ваквиот комуникациски модел, во кој критиката се маргинализира, создава плодна почва за манипулации со информации поврзани со зелената енергетска политика – со субвенциите, концесиите, инвеститорите и распределбата на јавните средства – што потоа лесно се експлоатира од надворешни актери.
Каде се парите: Субвенции, тарифи и интереси
Регулаторната комисија за енергетика, уште во 2007 година воведе повластени тарифи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Со текот на времето, интересот за овие проекти експоненцијално порасна, особено кај соларните и ветерните централи.
Според Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетиказа 2024 година, обновливите извори сочинуваат 55,72% од вкупниот инсталиран енергетски капацитет во Македонија, каде соларните електрани имаат удел од 28,40 отсто.
Јавно достапните податоци и низа медиумски истражувања укажуваат дека зелениот енергетски сектор во Македонија не функционира целосно одвоено од политичката моќ. Во повеќе случаи, во инвеститорските структури се појавуваат актуелни или поранешни функционери, како и блиски роднини на политички актери. Ова природно го отвора прашањето за потенцијален конфликт на интереси и за степенот на транспарентност на зелената транзиција.
Случајот со пријавениот удел на сопругата на поранешниот премиер Димитар Ковачевски во фотоволтаична централа, како и примерите поврзани со хидроцентралите на Христијан Мицкоски, кои подоцна беа продадени, покажуваат дека политички експонирани личности и нивни блиски соработници биле дел од сектор што со години работи под повластени услови. Иако овие инвестиции се пријавени и формално законски, регулаторната рамка – особено субвенциите и гарантираните тарифи – се создава впечаток дека пристапот до профитабилни енергетски проекти не е подеднакво достапен за сите.
Слични прашања се отвораат и во случаите со малите хидроцентрали во кои учествувал поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, како и во примерите каде што во енергетскиот бизнис се појавуваат блиски роднини на функционери – меѓу нив и таткото на екс-министерот Благој Бочварски, како и синот на поранешниот премиер Зоран Заев, кој остварил значителна добивка од енергетски активности. Иако во ниту еден од овие случаи не е утврдена незаконитост, останува впечатокот дека политички поврзани актери имаат подобра стартна позиција во секторот.
Важно е да се направи јасна разлика: овие случаи не претставуваат доказ за странско мешање, туку укажуваат на домашни слабости во транспарентноста и отчетноста. Токму таквите слабости стануваат погодна основа за странски дезинформациски кампањи, кои овие примери ги искористуваат како аргумент дека зелената транзиција е „елитен проект“ или „шема зад која стојат политички интереси“, со што дополнително се нарушува довербата во процесите на енергетска реформа.
„Политичарите често го користат овој поим како дел од комуникациските стратегии за водење политичка борба на ниво на симболи и на спротивставени реторики. Тоа значи дека овој поим им помага да најавуваат ‘визии’ и ‘стратегии’, но без обврзувачки рокови, акциски планови и слично. Обично се нагласуваат мали или изолирани проекти во обид да се прикаже напредок. Со тоа се префрла фокусот од структурни процеси и проблеми кон комуникациски конструкции. На тој начин, зелената транзиција, како поим, се користи за креирање на јавната перцепција, а не со верно отсликување на реалноста“, објаснува Џигал.
Овие случаи не се СММИ, но се идеален материјал за тоа
Важно е да се направи јасна разлика: домашните контроверзии, сомнежите за корупција или конфликт на интереси не се странско мешање. Тие се прашања на владеење на правото на национално ниво, на транспарентност и на одговорност.
Но, токму ваквите случаи често стануваат материјал што го користат странски актери во рамки на координирани кампањи за манипулирање со информации.
„Како дел од СММИ- кампањите, зелената транзиција често се користи како поларизирачко средство. Наместо како техничка и економска политика од поширок јавен интерес, таа се прикажува како наметнат проект од надворешни центри на моќ, промоција на одредени бизнис интереси, средство за економска зависност или дури и деиндустријализација, односно губење на вработувања и економска дестабилизација. Ваквата реторика и употреба овозможува лесно поттикнување страв, емоции и отпор“, вели Џигл.
Европската служба за надворешни работи (EEAS) предупредува дека СММИ најчесто се „прикачува“ на реални проблеми и ги претставува како доказ за пошироки заговори – дека зелената транзиција е „измама“, „проект на елитите“ или „алатка за контрола“.
Проруски наративи и локална публика
Платформата EUvsDisinfo со години регистрира координирани дезинформациски кампањи во кои климатските политики се напаѓаат како западен проект наметнат врз посиромашните земји. Овие наративи се прилагодуваат на локалниот контекст и често се комбинираат со реални примери на корупција или нетранспарентност во земјите кандидати за ЕУ.
„Овие наративи се често присутни и ја прикажуваат зелената транзиција како наметната политика што ги штити интересите на западните елити и корпорации. Понекогаш се прикажува како закана за националните економии на помалите држави, и псевдо–аргумент дека ЕУ е оддалечена од реалните проблеми на граѓаните. Преку ова целта не е аргументирана критика, туку ерозија на довербата во институциите и експертското знаење, преку прикажување на некаква закана“, посочува Џигал.
Во пресрет на COP26 во 2021 година, платформата EUvsDisinfo регистрираше кампањи во кои климатските политики беа претставени како „глобален заговор“ на Западот. Наративот тврдеше дека зелената агенда е наметната врз земјите кандидати за ЕУ со цел да им се ограничи индустрискиот развој. За да изгледа убедливо, овие пораки беа комбинирани со локални приказни за корупција и злоупотреба на фондови.
За време на енергетската криза во 2022 година, се појави друг силен наратив: „Западот ја користи климата за контрола“. Според него, ЕУ ги користи климатските политики за да ја контролира енергијата и економијата на посиромашните земји. Овој дискурс беше засилен со реални примери на нетранспарентни тендери за енергетски проекти, што му даде дополнителна тежина.
Во 2023 година, во повеќе балкански медиуми се ширеше наративот за „лицемерието на ЕУ“. Се тврдеше дека Унијата бара строги стандарди од земјите кандидати, додека самите земји членки наводно не ги почитуваат. Овој наратив често се комбинираше со локални скандали за загадување или злоупотреба на европски фондови, создавајќи впечаток дека климатските мерки се неправедно наметнати врз сиромашните.
Во контекст на COP29 во 2024 година, се појавија кампањи кои климатските политики ги претставуваа како закана за националната безбедност. Според нив, следењето на ЕУ правилата ќе доведе до губење на сопствените извори и зависност од Западот. Овие пораки беа поврзани со реални проблеми во снабдувањето со енергија, со цел да предизвикаат страв и недоверба кај јавноста.
Истражувањата на Фондацијата „Метаморфозис“ и Institute for Strategic Dialogue покажуваат дека енергетиката е една од најексплоатираните теми во странските информациски операции на Западниот Балкан – токму затоа што ги спојува економијата, политиката и секојдневниот живот.
Кој губи кога нема дебата?
Кога зелената политика се претвора во догма, а секоја критика се дисквалификува, јавноста останува без механизми да разликува: реална еколошка политика од бизнис-интерес, законска инвестиција од конфликт на интереси и домашен проблем од странско манипулирање со информации.

„Дезинформациските актери користат емоционално врамување и ја прикажуваат зелената транзиција како закана за работните места во постоечката индустрија, удар врз националниот суверенитет преку наметнат надворешни регулативи, но и како напад врз идентитетот и начинот на живеење на обичниот човек. Ваквото врамување ја поедноставуваат сложената реалност и ја претвораат политиката во отворен конфликт, што особено се злоупотребува во дезинформациски кампањи“, објаснува комуникологот Џигал..
Во ваков контекст, недостигот од јасна и искрена институционална комуникација станува дополнителен ризик. Комуникациските експерти предупредуваат дека празнината што ја оставаат институциите не останува празна, туку таа се пополнува со шпекулации, поедноставени објаснувања и манипулативни наративи. Токму во таков комуникациски вакуум, веќе постоечките странски дезинформациски наративи поврзани со зелената транзиција полесно се вградуваат во домашниот јавен дискурс.
Сето ова укажува дека борбата против странското информациско влијание не може да се води без отворање на зелената политика за јавна расправа со јасни податоци и транспарентност.
И на крајот, зелената транзиција ќе биде кредибилна само ако јавноста има право да праша – без притоа да биде прогласена за „непријател на природата“.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фото: Наке Батев
Новинарка: Соња Петрушевска
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Поврзани стории:
Илузија на чист воздух: Како политичарите манипулираат со загадувањето
Кога природата станува бизнис, активистите се прва мета на напад









