fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
rudarski kolonii na evropa

Македонија, Србија и БиХ на пат да станат рударски колонии

Македонија, Србија и БиХ на пат да станат рударски колонии

  • Земјите од Европската унија и светските економски сили водат своевидна битка да дојдат до извори на критични минерали како што се литиумот, бакарот и манганот за да обезбедат ресурси за теканаречената „зелена транзиција“ и да ја намалат зависноста за суровини од Кина.
  • Голема е опасноста жртви на оваа битка да станат Македонија, Србија и Босна и Херцеговина кои поради тоа што располагаат со резерви на рудни богатства се мета на големите играчи.
  • Карактеристично за трите земји е што домашните политички елити поддржуваат отворање нови рудници иако повеќе примери покажуваат дека надлежните државни институции немаат капацитет за контрола и спречување на загадувањето од рудниците.
  • Опасноста од загадување на животната средина ги тера ЕУ и другите големи велесили битката за нови рудници за критични минерали да ја водат на Балканот наместо во сопствените граници, каде што се свесни дека ќе наидат на отпор од граѓаните.

Пазар за литиумот од Србија

Горње Недељице е мало место во близина на Лозница, на западот од Србија. Според пописот од 2022 година таму живеат 561 лица. Пред неколку години, нивниот живот се сврте наопаку, кога властите најавија отворање рудник во долината на реката Јадар. Десетици илјади луѓе протестираа, блокираа мостови и автопати, па дури и спиеја на улиците, спротивставувајќи се на рудникот. Владата на Србија во 2022 година донесе одлука да го прекине проектот „Јадар“, но две години подоцна Уставниот суд оваа одлука ја прогласи за неуставна. Владата тогаш донесе нова регулатива и даде „зелено светло“ за ископ на литиум.

Експертите апелираат да се спречи уништувањето на природата

Компанијата „Рио Тинто“ планира да инвестира повеќе од 2,5 милијарди евра во проектот „Јадар“, додека, според нивните проценки, годишниот придонес во БДП би бил околу 695 милиони евра. Исто така, се проценува дека ќе се отворат речиси 5.000 работни места, а рудникот ќе привлече и други инвестиции.

rio tinto proekt jadar

Извор фото Nova.rs

Стручната јавност, но и „обичните“ граѓани не се сосема сигурни во ваквите оптимистички оценки. Група од осум српски научници, универзитетски професори, во магазин на групата „Nature“ (Природа) неодамна објавија истражување во кое меѓудругото се открива дека илјадници луѓе кои се потпираат на земјоделството би останале без работа доколку се отвори рудникот.

И не само тоа. Во истражувањето се укажува дека повеќе од 800 хектари земјиште би било уништено уште при самиот почеток на рударските активности. Плодната почва би била целосно уништена, а би било загрозено и водоснабдувањето на 2,5 милиони граѓани. Високото внесување на штетни материи би предизвикало сериозни заболувања на желудникот, црниот дроб, бубрезите и мозокот, кои би можеле да имаат фатален исход.

Водечки автор на ова истражување е проф. д-р Драгана Ѓорѓевиќ, научен соработник на Институтот за хемија, технологија и металургија при Универзитетот во Белград. Таа за Дома вели дека е спорно да се отвори рудник за литиум и бор затоа што долината Јадар е исклучително плодна област, богата со подземни води и реки, кои по природа се поројни, па годишно неколку пати ја поплавуваат долината. Од друга страна, благодарение на плитките подземни води, тој простор е исклучително плоден. Дури и кога има голема суша, поради која се сушат посевите во цела Србија, во долината Јадар сè цвета.

Таа ја смета планираната инвестиција за високоризичен потег и за животната средина и за здравјето на луѓето и нагласува дека ако овој рудник биде „најголем на светот“, како што често се најавува, тогаш тоа значи најмногу отпад.

И додека експертите признати на меѓународно ниво предупредуваат на катастрофалните последици што може да ги има рударството, претставници на Владата ги уверуваат граѓаните дека при отворањето на овој рудник ќе се користат најсовремени технологии за заштита на животната средина. Еден од најгласните заговорници на рудникот очекувано е министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, која резервите на литиум во западна Србија ги опишува како „дар од Бога“.

rudarski kolonii dubravka gedovik hadanovik

За министерката Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ резервите на литиум во западна Србија се „дар од Бога“ (Извор: ФБ-страница на Министерството за рударство и енергетика на Србија)

„Ние сме земја која е богата со минерални суровини, руди на литиум, борати, кобалт, никел, злато, сребро, јаглен, што е и стратешка суровина. Треба да ги искористиме овие суровини на најодржлив можен начин. Затоа што тоа ни носи пред се економски придобивки, а го зголемува нашиот бруто-домашен производ. Тоа ни ги зголемува платите, во крајна линија ги зголемува и пензиите на нашите граѓани, бидејќи секако дека можеме да го наполниме буџетот“, рече министерката.

Протести во повеќе од 40 градови

„Еколошко востание“, организација која има претставници и во српскиот парламент, е една од оние што се противат на отворање рудници во долината на реката Јадар. Нивната порака е дека нема да се ископува литиум, без разлика што велат владините претставници. Во прилог на тоа дека граѓаните не го поддржуваат рударството во Србија, говори и последното истражување на „Нова српска политичка мисла“, според кое 55,5 проценти од српските граѓани се против ископувањето на литиум, додека 52,1 проценти не поддржуваат отворање рудници дури и под услов Србија да добие гаранции од Германија и од Европската Унија дека ќе се почитуваат сите стандарди за заштита на животната средина.

Бидејќи институциите не се заинтересирани да ги слушнат аргументите на противниците на отворањето на рудникот „Јадар“, граѓаните решија своето незадоволство да го изнесат на улица. Протести беа организирани во Лозница, Ваљево, Грочка, Коцељева, Неготин, Ариље, Крупње, Нови Сад…

Фотографија од толпа граѓани која протестира против Рио Тинто.

Извор: Nova.rs

 

На 10 август во Белград се одржа голем протест, а проценките за бројот на демонстрантите варираат – од 40.000 до 120.000. Во секој случај, тоа беше најголемиот еколошки протест во главниот град. Демонстрантите, по говорот на спикерот, ја блокираа пругата на две различни железнички станици во градот. Тројца организатори на протестот се уапсени и осудени на затворски казни – оо два до 30 дена, а еден на 40 дена.

Небојша Петковиќ, еден од активистите на здружението „Недамо Јадар“, вели дека бранот протести започнал веднаш по изборите одржани на 2 јуни, кога фирмата „Рио Сава“, фирма ќерка на „Рио Тинто“ ја објавила нацрт-студијата за животната средина, која тој ја окарактеризира како „шуплив документ“ што српските научници го разоткриле.

„Закажавме протест на Видовден на 28 јуни во Лозница кој беше величенствен и од тоа почна се. Заврши со спектакл во Белград, на протест на кој присуствуваа повеќе од 100.000 луѓе. Потоа отидовме да блокираме две железнички станици, но тројца наши активисти беа уапсени“, вели Петковиќ.

Тој додава дека заплашувањето трае веќе извесно време.

„Се шири во режимските медиуми, се пишуваат лаги за нас и за сите што соработуваат со нас. Имаше 19 или 20 апсења од 5 до 10 август, односно за пет дена“, вели Петковиќ.

Надлежните се незаинтересирани за соочување на ставовите

Додека граѓаните протестираат, владините претставници имаат сосема поинаков став. Претставниците на владејачката партија и премиерот Милош Вучевиќ незадоволните граѓани ги нарекуваат „банда“. Се чини дека рудникот за литиум за нив е завршена работа. Тие ги демантираат водечките домашни експерти од областа на заштитата на животната средина и тврдат дека сулфурната киселина што ќе се користи за време на ископувањето на литиум нема да ја уништи земјата, туку по употребата повторно ќе се користи во производството на литиум карбонат.

Актуелната министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ на социјалната мрежа Инстаграм објави дека при ископ на литиум нема да се користи извор на вода, дека рудникот ќе се наоѓа на голема длабочина, изолиран од подземните води и дека по потреба ќе се користи вода од реката Дрина. Исто така, таа тврди дека повеќе од 70 проценти од водата за работа на рудникот ќе биде дождовница и индустриска вода, а две третини од водата што ќе се користи ќе се рециклира од претходно искористената вода.

Сите други владини претставници даваат слични изјави. Исто одговараат и операторите на контакт центарот за проектот „Јадар“ на кој сите граѓани можат да се јават и да прашаат што ги интересира за ископот на литиум. Така, на пример, велат дека рударската компанија „треба“ да го намали загадувањето на минимум.

Нема дебата за влијанието на рударството врз животната средина. Конкретно, претставниците на властите и релевантните министерства не се соочуваат со ставовите на експертите и активистите. На јавниот сервис со години, откако темата за литиум почна да се појавува во јавноста, нема спротивставени ставови. На повеќето телевизии, како и на интернет порталите и дневните весници се слушаат само поддржувачи на проектот „Јадар“.

Најголем рудник – или не?

Имаше гласини дека 10 проценти од светските резерви на литиум се наоѓаат во Србија. Со Јадар се поврзува и бројката од 58.000 тони литиум, што е доволно за да се задоволи 17 проценти од сегашното производство на електрични автомобили во Европа. Сепак, испадна дека концентрациите на литиум во рудите се многу повисоки во одредени области на Австрија, Германија, Шпанија или Франција отколку во Србија.

rudarski kolonii koncentracija na litium vo evropa

Мапа која ја отсликува концентрацијата на литиум во Европа (Favourability Map for Lithium Mineralization, извор: GeoERA FRAME Project, мапа само за Европа)

 

Ниски надоместоци за минерали

На прв поглед се чини дека има многу повеќе штета отколку корист од рударството во Србија. Концесијата односно надоместокот за ископ на рудата изнесува од 3,5 до 7 проценти, во зависност од видот на рудата и договорот. Што се однесува до „Рио Тинто“, во економската студија направена од британската компанија „Ерго стратеџи Груп“ (Ergo strategy group) е пресметано дека на државата ќе и плаќа околу 23 милиони евра годишно.

Меѓутоа, проблемот е што во Србија има нередовна наплата на приходите од концесиите за минерали. Државниот ревизор во извештајот за 2019 година посочи дека буџетските приходи од закупнината за минерални суровини би биле поголеми доколку има контроли. Како што појасни, системот е поставен така што компаниите кои експлоатираат руда сами пресметуваат колку треба да и платат на државата – дали процент од приходот или од профитот.

ЕУ и Србија станаа партнери

Меморандумот за разбирање за стратешко партнерство меѓу Србија и Европската унија во областа на одржливите суровини, синџирите на вредност на батерии и електричните возила беше потпишан на 19 јули годинава. Од српска страна овој документ го потпиша министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, а од европска страна потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчовиќ. Лични гаранции за спроведување на меморандумот дадоа српскиот претседател Александар Вучиќ и германскиот канцелар Олаф Шолц, кој го надгледуваше неговото потпишување. Меморандумот потпишан во Белград ќе обезбеди правна рамка по која Србија ќе испорачува литиум на ЕУ, особено на Германија. За возврат, Германија и ЕУ ќе донесат нови инвестиции во Србија, особено во областа на преработка на литиум.

rudarski kolonii potpisuvanje dogovor eu srbija

Србија и ЕУ потпишаа Меморандум за разбирање за стратешко партнерство во областа на одржливите суровини, синџирите на вредност на батерии и електричните возила (Извор: ФБ-страница на Владата на Р. Србија)

Државниот секретар во германското Министерство за економија, Франциска Брантнер, изјави за „Ројтерс“ дека договорот меѓу ЕУ и Србија е релевантен чекор за „искористување на европските ресурси на европски начин и намалување на зависноста на европската индустрија од Кина“, како и дека резервите на литиум во Србија може да дадат важен придонес кон оваа цел. Коментирајќи ги протестите во Србија против ископувањето на литиум, таа рече дека експлоатацијата на суровините никогаш не е без последици за природата, но додаде дека рударската компанија „Рио Тинто“ „под притисок на граѓанското општество“ направила подобрувања на своите еколошки планови. Рударството, според нејзините зборови, треба да се врши со минимално влијание врз животната средина и на начин кој ќе овозможи ревитализација на природата.

„Истовремено, мора да се развие рециклирање, за рударството да има што помал обем, додаде Брантнер.

Веќе се чувствуваат штетните ефекти

Иако во Србија сè уште нема рудници за литиум, има многу други рудници. Еден од рударските градови е Бор, во кој кинеската компанија „Зијин мајнинг“ отвори рудник за бакар – а државата Србија нема никаква сопственост или економска корист од него. Градот Бор се карактеризира со огромно индустриско загадување, бидејќи во самиот град и неговата околина има погони каде се топи рудата. Во пилот-студија за проценка на изложеноста на индустриско загадување беше забележано дека постои поголем ризик од смртност во Бор во речиси сите возрасни групи и кај мажите и кај жените. Поголем ризик од смртност кај двата пола е регистриран за сите болести и нарушувања (дијабетес мелитус, заболувања на циркулаторниот систем, болести на респираторниот систем, како и за вродени деформации, малформации и хромозомски аберации).

„За сите малигни тумори, освен за туморите на кожата, во Бор постои значително поголем ризик од заболување и кај мажите и кај жените. Овој модел е забележан за специфични места на локализација на ракот, вклучувајќи рак на дебелото црево и ректумот, панкреасот, бубрезите, мочниот меур, тироидната жлезда, лимфопоетското ткиво, Хочкинов и не-Хочкинов лимфом, леукемија и мезотелиом, а регистриран е и значително поголем ризик од рак на белите дробови во Бор и кај мажите и кај жените“, се наведува во публикацијата на Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ“.

Овој проблем е забележлив и во реалноста. Пред две години, Драгослав Станчуловиќ, поранешен претседател на месната заедница Оштрељ, кој ги води регистрите, изјави дека „не се сеќава дека некој умрел од нешто друго освен од рак“. Според него, на секои 400 жители, 30 од нив заболеле од рак.

„Намирисани“ суровините на Македонија

Наместо интензивно да се санираат индустриските жешки точки во Македонија кои со години ги загадуваат почвата, водата и воздухот се планира отворање на неколку нови рударски капацитети кои би можеле дополнително да ја влошат состојбата. Ваквите планови и неодамнешната најава на министерот за животна средина Изет Меџити дека наместо до 2030 година, целосното откажување од јагленот ќе го пролонгираме за две децении, односно до 2050 година, го вклучија алармот дека земјава ќе го темели економскиот развој на тешката загадувачка индустрија што го загрозува здравјето на граѓаните и ја загадува животната средина.

Економски развој темелен на нови рудници

Во изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, наречена „Платформа #1198“, во плановите за енергетиката е наведено и отворањето на неколку рудници. Прво, тука се инвестициите во нашиот најголем рударско-енергетски комбинат, односно во РЕК „Битола“. Предвидена е набавка на нова опрема за АД ЕСМ за експлоатација на лигнит од постојните „Суводол“ и „Гнеотино“, но и отворање на нов рудник „Живојно“ за продолжување на работниот век на РЕК „Битола“.  Ова е дијаметрално спротивна позиција од онаа на претходната влада, каде РЕК требаше да биде затворен до 2030 година. Всушност, Македонија требаше да ги затвори сите термоелектрани на фосилни горива: ТЕЦ „Осломеј“, ТЕЦ „Неготино“ и РЕК „Битола“ и да се префрли на обновливите извори на енергија што ќе испорачаат 1,7 гигавати електрична енергија.

rudarski kolonii sanja bozhinovska

Сања Божиновска: Плановите се да се рестартираат веќе постојни рудници и да се испитаат можностите за отворање на рудници за кои постојат геолошки истражувања

„Иако енергетската транзиција во Македонија е започната, сепак треба да се има предвид дека таа е сложена и доста скапа и потребен е долг временски период и сериозни финансиски средства за зелената транзиција да биде успешна. Нашата земја е сиромашна земја и вистинското прашање е тука дали Македонија може да си дозволи ваква енергетска транзиција за толку краток период без да добие поддршка од надвор“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Таа додава дека рударството секогаш било значаен сегмент на македонската економија, којшто креира 8.000 работни места и дека работите не можат да се сменат преку ноќ.

Владејачката партија нема намера да се откаже ниту од ТЕЦ „Осломеј“. Таму се предвидени три сценарија, едно со кое капацитетот ќе работи на гас, но и други две што се јаглен, едниот увезен, другиот од локалните наоѓалишта во Поповјани. Дополнително, плановите се да се вршат истражувања за оправданост за отворање и експлоатација на рудниците „Чукале“ и „Гуштерица“. Во програмата се предвидува и отворање на нови рудници за експоатација на металични минерални суровини: Стогово (рудник за манган), Тајмиште (железна руда), Плавица – Црн Врв (рудник за бакар, злато и сребро) за што веќе пишуваше „ДОМА“ и Лојане – Липково.

Министерката Божиновска вели дека плановите се да се рестартираат веќе постојни рудници и да се испитаат можностите за отворање на рудници за кои постојат геолошки истражувања.

„Тоа се рудниците за железна руда ‘Тајмиште’ и за манган ‘Стогово’, кои се постојни рудници кои во минатото егзистираа, но беа затворени, а со чие рестартирање може да дојде до бенефит, пред сè со можноста за нови вработувања и дополнителни приходи за општините од издадените концесии. Во програмата е и рудникот ‘Лојане’ за кој концесија беше издадена до август 2024 година, како и рудникот ‘Плавица’. За продолжување на животниот век на термоелектричните централи во РЕК ‘Битола’ се планира отворање на новите рудници ‘Живојно’, бидејќи со новите количини јаглен ќе се гарантира стабилно работење на ТЕЦ Битола во наредниот период со искористување на домашните ресурси како приоритет наместо зголемен увоз на јаглен од странство“, вели Божиновска.

Профитот за други, загадувањето за нас

Поранешната пратеничка и некогашна лидерка на зелената партија „ДОМ“, Лилјана Поповска, сега дел од здружението на граѓани „Зелен институт“, предупредува дека влегувањето во рударската приказна скапо ќе ја чини Македонија.

На европската листа на критични минерални суровини се наоѓа и бакарот, што може да се најде во Македонија. Во време кога се подготвува Стратегијата за рударство за следните две децении, екологистите предупредуваат дека документот мора да ги гарантира еколошките параметри. Економскиот развој на државата не смее да се темели единствено на отворање нови рудници зашто тоа ќе биде на сметка на други гранки, како земјоделството и туризмот.

rudarski kolonii indiustriski zeski tocki makedonija

Специјална студија за загадени индустриски подрачја – жешки точки

Поповска укажува и на неспорниот факт дека нашата земја е мала по површина, нема простор за тампон зони, па последиците во случај на рударска хаварија можат да бидат катастрофални.

Таа додава дека ние не можеме да си го решиме како што треба ниту комуналниот отпад, ниту проблемот со пречистителни станици на водите, ниту, пак, да ги решиме оние 16 еколошки точки, стари, од историско, старо еколошко загадување, а камо ли да си отвораме нови жешки точки.

Добар пример за тоа е рудникот во Лојане за хром, арсен и антимон кој не работи уште од 70-те години. Но, оваа жешка точка е опасност до денес, бидејќи на депонијата има 15.000 тони арсенски концентрат, арсен сулфид. Овој рудник, како и незаштитените стари јаловишта кај „Злетово“ кои се извор на прашина со висока содржина на тешки метали, треба бидат лекција какви може да бидат последиците од непромислени потези.

Трошки за државата

Додека концесионерите заработуваат милиони евра, а животната средина трпи неповратна штета, државата има минимален ќар. Ова го покажа последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Според податоците, за четири години од 2018 – 2022, од концесии за екслоатација на руда, Македонија наплатила само 45 милиони евра, од кои само 1,7 милиони се од мермер. Ревизорот предупреди дека висината на надоместоците не соодветствува со продажните цени кои ги остваруваат концесионерите. Уште повеќе загрижува тоа што отсуствува соодветна контрола.

„Со извршената ревизија и обезбедените докази стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор над реализацијата на склучените договори“, предупреди Државниот завод за ревизија.

rudarski kolonii rudnici vo s makedonija

Извор: Користење на рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани во Северна Македонија: Студија и методологија

Во отсуство на нови капацитети се игра со „старите диносауруси“

Очигледно е дека недостигот од нови капацитети за производство на базна енергија ќе ги држи „старите диносауруси“ и понатаму во игра. Власта сѐ уште не открива кои се плановите за „Чебрен“, проект што со децении се ветува и најавува, но, никако да ја види светлината на денот. Прашањето за „Чебрен“ летово се отворило и на средбата помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и поранешниот директор на за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел, кога Владата соопшти дека се разгледувало евентуално американско учество во „Чебрен“, проект од стратешко значење за енергетската независност на Македонија.

„РЕК Битола е наш стратешки капацитет, бидејќи од него доаѓаат 70 проценти од електричната енергија во државата наменета за граѓаните и малите компании. Ако се затворат тие производствени капацитети, прво ќе го изгубиме примарното производство, што е многу важно за нашиот систем и ќе се соочиме со огромен предизвик од енергетска криза, бидејќи без примарно производство, побарувачката ќе расте, а со обновливите извори, не може да имаме стабилно снабдување со електрична енергија. Бидејќи е потребно време за да се изградат сериозни нови енергетски капацитети планираме да се грижиме и да го чуваме  РЕК Битола, кој што во последните години беше заборавен и ставен на маргините како извор на криминални тендери“, вели Божиновска.

Професорот од Машинскиот факултет, Ристо Цицонков смета дека врвен приоритет треба да биде производството на чиста базна енергија. Кога тоа не се случува, јасно е зошто нема откажување од загадувачките капацитети.

risto ciconkov 300x300 1„Факт е дека последниве три години се изградија и се градат интензивно фото-напонски централи за производство на електрична енергија и тоа најмногу заради високите цени на електричната енергија на отворениот пазар, но има и други причини. Сето тоа е позитивно, но електричната енергија добиена од сонцето е моментална и ја нема во периодите кога нема сонце. Во таквите случаи потребно е стабилно производство за да ги задоволи потребите во тие периоди, а тоа најчесто се случува во текот на грејната сезона (во зима). Ако се затворат термоелектраните на јаглен, како базна енергија останува само онаа произведена во хидроелектраните, но таа не е доволна и не е константна, бидејќи зависи од хидролошките услови“, објаснува професорот Цицонков.

„Бенквоч“: ситуацијата се влошува

Наместо да се подобрува, ситуацијата се влошува – предупреди мрежата на невладини еколошки организации „Бенквоч“. Во последниот извештај од средината на септември е констатирано дека во државите од Западен Балкан е регистрирано зголемување на загадувањето од јаглен зашто властите го продолжуваат работниот век на застарените термоцентрали на јаглен, што е случај и со Македонија.

„Во Северна Македонија, затварањето на постројките на јаглен се одлага, а во меѓувреме не се преземаат никакви мерки за справување со загадувањето“, вели Давор Пехчевски од „Бенквоч“.

Брисел со предупредување до Скопје за преземените обврски

Продолжувањето на рокот за употреба на јагленот по 2030 година не е во согласност со Парискиот Договор – ова е реакцијата на ЕУ по најавата од македонската Влада. Од Делегацијата на ЕУ во одговорите на прашањата на ДОМА, повикуваат земјава да ја забрза енергетската транзиција и што поскоро да го исфрли јагленот од употреба, бидејќи Унијата за оваа цел на земјите од Западен Балкан им става на располагање 500 милиони евра за диверзификација на снабдувањето, инвестирање во обновливи извори и за поврзување преку интерконектори. Брисел потсетува и дека Македонија, заедно со земјите од Западен Балкан на самитот пред четири години во Софија ја прифати Зелената агенда за целосна јаглеродна неутралност, па ваквиот чекор на Скопје не оди во оваа насока.

„Северна Македонија, како страна во Енергетската заедница и кандидатка за членство во ЕУ се очекува да се усогласи со европската енергетска и климатска стратегија. Продолжувањето на рокот за исфрлање на јагленот од употреба до 2050 година ќе ги поткопа севкупните амбиции, бидејќи зависноста од енергија добиена од јаглен по 2030 година не е во согласност со поставените цели од Парискиот договор за намалување на емисиите на стакленички гасови“, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Брисел предупредува дека енергетската криза од пред две години само ја откри големата зависност од јаглен на земјава и ја наметна потребата од брза енергетска транзиција, што е клучно за да се добијат парите од пакетот за енергетска поддршка. Земјава веќе доби 103 милиони евра грантови што треба да поттикнат инвестиции од 277 милиони евра. Унијата предупредува да се води сметка за преземените обврски и околу проектите за отворање нови рудници, бидејќи регулативите опфатени со Поглавјето 27 се многу строги.

Северна Македонија може да се соочи со тешкотии во исполнувањето на високите еколошки стандарди на ЕУ поради трошоците и потребната експертиза, но мора да го зајакне еколошкото управувањеПриоритет на ЕУ е има да им помага на земјите-кандидати во преминот кон поеколошки практики. Отворањето нови рудници бара внимателност, со темелни еколошки оценки, строги стандарди и напредни технологии за минимизирање на штетата. Имајќи го предвид глобалниот премин кон декарбонизација, инвестициите во обновливи извори на енергија може подобро да се усогласат со долгорочните еколошки и економски цели“, велат од Делегацијата на ЕУ за ДОМА.

Емисиите на сулфур диоксид во регионот се 5,7 пати над дозволеното. Во извештајот за нашата држава е наведено дека, како резултат на отсуството на вложувања, емисиите на SO2 се двојно зголемени споредено со 2018 година, а не се преземаат чекори за нивно намалување.

„Планираниот рудник ‘Живојно’ сѐ уште нема оценка за влијанието врз животната средина, а компанијата спроведува тендери за изградба на инфраструктурата за носење на лигнитот од новиот рудник до електричната централа. Во исто време се разгледува отворање на нов рудник за лигнит во близина на ‘Осломеј’ на локацијата ‘Гуштерица’ и во март 2024 додели тендери на компанија за подготовка на студијата за оправданост“, стои во извештајот на „Бенквоч“.

Иако, мрежата проценува дека Македонија е најнапред отидена во плановите за енергетска транзиција, сепак, чекорите коишто ги преземаат власта и ЕСМ не се усогласени со стратешките документи кои земјава ги носи и ветувањата што ги дава за намалување на штетните емисии.

Босна и Херцеговина е загрозена

Во Босна и Херцеговина стана секојдневие јавниот медиумски сервис да ги прикажува граѓаните кои се противат на отворање нови рудници како државни непријатели. Во период кога државата доделува концесии за ископ на минерални суровини на странски компании, ваквото суптилно заплашување придонесува дел од нив да не сакаат да зборуваат пред камера, па дури и да ги менуваат ставовите во однос на отворањето на нови рудници. Сепак, голем дел од нив се подготвени со сопствените тела да ги запираат багерите.

Протести во Језеро

Во општина Језеро на западот на Босна и Херцеговина, компанијата „Лајкос Балкан“ (Lykos Balkan) наводно пронашла големи количини злато.

„Овој геолошки потенцијал на овој простор е и инвестициски потенцијал. Ова е од големо значење за развојот не само на оваа општина. Ова може да го подобри квалитетот на животот на жителите и да ги подобри економските услови на поширокото подрачје“, изјави директорот на компанијата Милош Бошњаковиќ.

„Лајкос Балкан“ минатата година истакна дека во текот на 2023 година ќе инвестира повеќе од 60 милиони конвертибилни марки само во општина Језеро. Овој град со само илјада жители и површина од 65 квадратни километри е дефинитивно една од најмалите општини во Босна и Херцеговина. Во исто време, таа е една од фокусните точки на отпорот на рударството.

Амела Шабиќ Ахмечковиќ е една од најгласните луѓе во Језеро против отворањето на рудникот. Токму таа ги организираше протестите во изминатите две години и се обиде да ги анимира своите сограѓани.

rudarski kolonii amela sabic ahmeckovic

Шабиќ Ахмечковиќ е една од најгласните луѓе во Језеро против отворањето на рудникот

„Тука сум цел живот и ниедно место не може да ја замени оваа убавина околу мене. Јас сум тука со моето срце. Сакам оваа природа да остане недопрена, во состојба сум да ја бранам со мојот живот. Затоа што не можеш да дојдеш и да ми го нарушиш животот. Има луѓе кои ми велат: ‚Само јавете ни се, ќе се браниме со живот, бидејќи ова е земја на нашите дедовци‘. Никој не може да ми каже дека рудниците не оставаат траги. И тоа како оставаат траги. Што и да се нуди, мене ми е само една нула, една нула. Затоа што ништо на светот не е повредно од мојата слобода да дојдам овде да седам и да уживам“, вели таа.

Нејзината единствена цел е да престане рударењето во нејзиното соседство. Поради јавни изјави против идниот рудник, компанијата „Лајкос Балкан“ поднесе тужба против неа.

„Дури ми рекоа дека треба да им платам 4.000 марки (2.000 евра) затоа што паднале на берзата, а потоа, после 15 дена, ми соопштија дека сум ослободена од тужбата“, вели Ахмечковиќ.

Нема јаловина што не загадува

Во Босна и Херцеговина со децении најмногу се ископува јаглен. Сепак, во последните години се повеќе се зборува за планови за екстракција на суровини од различен спектар: никел, кобалт, цинк, јадарит, литиум…

Професорот Муриз Спахиќ од ПМФ во Сараево нè потсетува дека секое ископување е всушност забрзување на природните процеси. Потребно е многу долго време за минералните суровини да стигнат до површината на земјата, а во овој случај човекот го забрзува тој процес со ископување. Во оваа прилика, покрај посакуваните ресурси, се вадат и количини јаловина која содржи тешки елементи кои се канцерогени.

muriz spahic 300x300 1„На пример, со екстракција на литиум, кадмиум, цинк, олово, жива и други тешки елементи кои ја загадуваат животната средина можат да излезат на површината на земјата. Постои еден закон или регуларност: колку е поретка минералната суровина што се извлекува од земјата, толку е поголема количината на јаловината на површината на земјата. За нас јаловината не е само проблем кога се вади на површината на земјата, туку дополнително се мие, еродира, соголува и заедно со тешките елементи влегува во водните патишта“, вели Спахиќ.

rudarski kolonii rudnik 1

Покрај посакуваните ресурси, со копањето се вадат и количини јаловина која содржи тешки елементи кои се канцерогени

Понатаму појаснува дека за извлекување литиум од земјата мора да се користи огромна количина сулфурна и борна киселина, што дополнително ја загадува животната средина. Повикувајќи се на голем број научни трудови на колеги од Србија, кои имаат искуство со истражување на вакви бушотини во нивната земја, предупредува дека за да се извади еден тон литиум се користат околу 10 тони сулфурна киселина.

„Истовремено, три проценти од сулфурната киселина не може да се зароби, не може активно да се депонира за да не се контаминира животната средина. Овде мора да имаме предвид, не е возможно да се користи сулфурна киселина без да дојде во допир со природната средина. На тој начин сулфурната киселина е во интеракција со водата, делува многу контаминирачки и на тој начин всушност би се загадиле сите подземни и површински води кои течат кон Дрина, Сава, Дунав итн. Од тие причини, ниту една придобивка не може да се надомести со губење на вредни површини околу тој рудник“, посочува тој.

Република Српска е подготвена да ја следи Србија

Во Босна и Херцеговина, литиумот се наоѓа во областа на планината Мајевица, општина Лопаре, на северо-источниот дел на ентитетот Република Српска. Локалната власт, како и граѓаните од оваа и од соседните општини се против отворањето на рудникот, што многу јасно го покажаа со протести и иницијативи упатени до Народното собрание на Република Српска. Истовремено, министерот за енергетика и рударство на Република Српска, Петар Ѓокиќ, тврди дека отворање на рудник не е планирано.

„Морам да повторам дека нема иницијатива или барање за експлоатација на литиум во Република Српска. Геолошките истражувања на подрачјето на Лопар се завршени и никој нема поднесено барање за експлоатација“, изјави тој во јули годинава за порталот „Капитал“.

Во исто време, претседателот на Република Српска Милорад Додик го поздравува потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу ЕУ и Србија за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила.

„Исто како Србија, Република Српска е подготвена да го следи истиот пат и со иста цел што води само до едно: економски просперитет и развој, отворање нови фабрики. И што е најважно, до отворање на нови работни места и вработување на луѓе, што им гарантира опстанок во Српска“, изјави Додик во јули годинава.

Професорот Спахиќ наведува дека претходните проценки покажуваат дека има литиум и во другите делови на Босна и Херцеговина, пред се во долината на реката Плива на северозапад.

„Во Босна и Херцеговина, овие истражни работи сè уште не се зафатени, како што направија во Србија. Во овој контекст, можеме да се надеваме дека со помош на здружението и научната заедница, доколку се разбуди, ќе спречиме понатамошни истражувања“, вели професорот.

Штети наспроти економски придобивки

Кога зборуваат за отворање нови рудници во Босна и Херцеговина, носителите на јавни функции редовно споменуваат економски придобивки за државата и подобри стандарди за граѓаните. Но, во јавноста не се споменува цената што треба да ја платат граѓаните.

„Внимавајте, тоа би било исто како да кажете: ‘Ако умреш, тогаш ќе имаш богатство зад себе‘ Знаеме што има земјата, знаеме кои ресурси може да се искористат, знаеме како може да се искористат. Ниту еден економски просперитет не може да ги замени штетите што ќе бидат предизвикани од експлоатацијата на овие минерални суровини. Тоа го прават странците, а на странците им е најважен профитот, не им е гајле за околината, а такви примери од светот ни се многу, многу познати“, истакнува професорот Спахиќ, додавајќи дека тој не е против рударството, туку дека тоа мора да се работи безбедно, за да се поништат тешките елементи кои со рудата стигнуваат до површината на земјата, како и да не се користат ресурси кои ги одвојуваат хемиските елементи од нејзиното рудно тело, како на пример сулфурна киселина.

Тој укажува дека за безбедно рударство и минимална штета на животната средина потребно е да се спроведат различни истражувања. Најпрво, да се утврди дали ресурсите се економски профитабилни, колкава штета би предизвикало рударството за животната средина и дали сè уште би можело да се живее во таа област односно луѓето да се занимаваат со истите активности како пред рударството. За да се реализира сето ова, државата мора да има капацитет, пред се знаење и волја да врши надзор над рударството и почитувањето на стандардите. Токму овој дел е сомнителен за професорот Спахиќ, бидејќи неговото претходно искуство не му дозволува да верува во правилните одлуки на системот.

„Знаете, ги интересира што има во земјата и како тоа ќе влијае на површината на земјата, велат дека е прашање на екологија. Но што велат геоекологијата и еколошката професија за тоа, не им е гајле. Сè што сум предложил досега, дека треба да се прави во врска со некои други дејствија што се случуваат во околината, никогаш не сум бил сослушан. Нашите лидери кога стануваат министри, премиери, претставници во парламенти и слично, мислат дека се најпаметни. Ниту еден момент не им пречи од тоа што го кажуваат експертите. Нив ги интересира само профитот и ништо друго. И уште еден факт, тие секогаш повеќе им веруваат на странските научници отколку на своите“, нагласува Спахиќ.

Не се почитуваат еколошките стандарди

За да се намали штетноста од рударството на минимум, неопходно е да се почитуваат еколошките стандарди во текот на целиот процес. Како што истакнуваат активистите, тоа не функционира во пракса во Босна и Херцеговина. Станува збор за тоа дека постојат пропишани количества на материи кои можат да се испуштаат во водата или воздухот при рударството, кои мора редовно да се контролираат за да се спречи загадување на животната средина.

„Она што денес се пласира како ново зелено рударство подразбира рудници со многу повисоки еколошки стандарди. Тоа се можеби некои стандарди кои се применуваат во Европската унија, но кај нас секако дека не можат да се користат. Затоа што веќе имаме показатели дека не се почитуваат постоечките еколошки стандарди“, смета Владимир Топиќ од Центарот за животна средина, невладина организација лоцирана во Бања Лука.

rudarski kolonii vladimir topic

Топиќ: Кај нас не се почитуваат постоечките еколошки стандарди

Тој како пример го наведува рудникот „Медна“ кај Мркоњиќ Град кој работи две години, а водата нема периметарски канал односно целата вода тече по јаловината и надолу по јагленот што се ископува таму.

„Околу целата вода оди до Грабовачкиот водотек, па Грабовац оди до Медљанка, Медљанка до Сан и така тече со километри. Кога инспекторите ќе дојдат на терен користат визуелна метода, што е навистина смешно, вршат увид и оценуваат дека со тој рудник е сè во ред. И тогаш имаме маѓепсан круг каде никој не одговара, никој не сноси последици, а не се почитуваат еколошката и водната дозвола“, вели Топиќ.

Еколошката и водната дозвола се всушност гаранција за основните еколошки стандарди, во кои стои дека рудникот мора да има канал, таложник и сепаратор и редовно да ги прочистува отпадните води. Сепак, напишаното често не се совпаѓа со ситуацијата на теренот.

„Во Медна има огромно загадување на голем број водотеци, ова го погоди и населението, кое не може да ја користи таа вода во земјоделството, не може ништо со таа вода, не може да ја произведе храната што ја произведувало со години. Во Бистрица кај Приједор имаме отворен рудник каде што течењето на водата е едноставно во цевка, селскиот извор е отсечен за локалното население. Имаме случај во Станари каде термоцентрала и рудник ја загадуваат реката Укрина. Имаме многу такви ситуации и едноставно со овие постоечки еколошки стандарди не можеме да бидеме оптимисти и да веруваме во нови еколошки стандарди и нови рудници. Посебно за рудници кои се пет, десет или сто пати поголеми од овие, кои веќе прават проблеми“, објаснува Топиќ.

За да се почитуваат еколошките стандарди, мора да постои систем на контрола врз нив. Република Српска има многу мал број инспектори кои можат да го контролираат работењето на рудниците.

„Втората работа е што излегуваат на терен и не ги користат сите расположливи средства за да прикажат одредена ситуација таква каква што е. Најдобар пример е рудникот Медна каде инспекцијата излезе во февруари годинава и оттогаш се‘ уште имаме загадување. Сè уште немаме мислење од инспекцијата барем да излеземе и да кажеме на локалното население дека водата е загадена и не е за употреба. Тоа не се случува. Значи, инспекциските тела не се сигурен фактор кога станува збор за рударството. Тие немаат доволно капацитет бидејќи ги има малку, а од друга страна не ја извршуваат адекватно својата работа. Инспекциските органи не можат да бидат доверлив партнер на населението, не можат адекватно да се грижат за природата“, нагласува Топиќ.

Митот за зеленото рударство

Како еден од аргументите за отворање нови рудници, често во јавноста се користи терминот „зелено рударство“. Сепак, како што објаснува Топиќ, во него нема ништо зелено, освен самото име.

„Тоа е мит кој е создаден за да ни звучи возможно на сите и да ни го покаже патот на рударството како нешто ново, помодерно и подобро во споредба со оној од минатиот век. Ова е една опасност што се покажа низ целиот свет. Тоа се претежно земји кои сè уште се во развој или земји кои сè уште имаат висок процент на сиромаштија или земји кои имаат високо ниво на корупција. Во многу земји, ова зелено рударство доведе до граѓански војни, бунтови на населението и загадување на животната средина. Зеленото рударство во БиХ во овој формат што ни се наметнува не може да биде гаранција за здрава животна средина во иднина. Ова рударство е наменето само за одредени корпорации да добијат одредени минерали и суровини кои ќе се користат во енергетската транзиција на повеќето западни земји, но на сметка на природата“, предупредува Топиќ.

rudarski kolonii rudnik 2

Во БиХ моментално најмногу се ископува јаглен, но во план е ископ на минерални суровини

Во Босна и Херцеговина моментално најмногу се ископува јаглен, но во план е ископ на минерални суровини кои се нарекуваат критични. Тоа име всушност и дава до знаење на јавноста дека тие се неопходни.

„Тие минерални суровини се од интерес за Европската унија и сосема оправдано Европската унија може да има своја потреба да ги бара овие ресурси, но ние треба да ја погледнеме нашата улога и да кажеме како сакаме да опстанеме во оваа област и дали тоа е за нас од примарен интерес “, предупредува Топиќ.

Колонизација на сиромашните земји

Странските компании сакаат да отворат рудници во Босна и Херцеговина, а рудите би ги извезувале во странство. Граѓаните се загрижени дека на овој начин нивната земја ќе стане колонија. Професорот Спахиќ смета дека стравот е оправдан и дека БиХ е веќе колонија.

Ратко Ристиќ, професор на Шумарскиот факултет во Белград, смета дека Балканот може да стане колонија на Европа, која бара критични минерални суровини.

rudarski kolonii ratko ristic

Ристиќ: Балканот може да стане колонија на Европа

„Сето тоа што наводно сакаат да го искористат овде го имаат во матичните земји и се поставува прашањето зошто не го прават тоа. Одговорот е многу едноставен. Тие не сакаат да го загадуваат нивниот простор, тие сакаат да ги задоволат сите нивни моментални потреби, да се ослободат од зависноста од Кина, Русија и Африка. И зачувувајќи ги своите минерални суровини, тие практично доаѓаат на Балканот и, како и во последните 30 години, продолжуваат да не третираат како земји и народи од втор ред. И тоа секако не треба да го дозволиме. Само земјите кои успеваат да го зачуваат здравјето на својата природа, примарните ресурси како што се шумите, почвата, водата, биодиверзитетот, се способни да произведат квалитетна здрава храна за својот народ и да го зачуваат јавното здравје на својот народ и да смислат паметни, добри економски проекти за да ги задржат младите во својот простор и да имаат некаква шанса за опстанок“, вели професорот Ристиќ.

Една од опасностите што ја носат со себе новите рудници се огромните површини кои потенцијално ќе се претворат во јаловина, но и потенцијално ќе го принудат локалното население да се исели. Босна и Херцеговина веќе има одреден број рудници кои не се одржливи, поради што постои реален страв како ќе се управува со новите рудници.

„За земја како Босна и Херцеговина, таа навистина не може да биде одржлива и сè води кон тоа само да станеме рударска колонија. Во голема мера имаме ископ на јаглен, но веќе имаме ситуација овој јаглен да се извезува од нашата земја. Овде се јавуваат одредени еколошки проблеми, како што е загадената вода, а тој јаглен се извезува, на пример, во Србија. Новите рудници кои се најавени се планира да ја продаваат рудата и на некои други пазари. На некој начин ќе бидеме во позиција да бидеме простор кој ќе ги обезбедува нашите суровини, ресурси, кои ќе се ископуваат, но не за наши потреби, туку за потребите на други земји и други корпорации. А потенцијално само ќе добиваме сè повеќе проблеми, а нема да добиваме ни соодветен надомест, иако не е толку важно ако заболиш од населението, ако добиеш нездрава животна средина. И во таква констелација на нешта, ние само се претвораме во постојано растечка рударска колонија, во област која доминантно ќе ги дава своите природни ресурси на други да управуваат“, предупредува Топиќ.

Концесиски надомест неспоредлив со профитот

Рударските компании плаќаат надомест за минерали на Босна и Херцеговина, но Топиќ потсетува дека таа е минимална, особено ако се спореди со профитот што го остваруваат овие компании.

„Странските компании ќе вршат зелено рударство на начин што ќе ја земат суровината, ќе плаќаат мизерен концесиски надоместок и ќе заработат милијарди со препродажба на таа суровина и ставање на одреден пазар. Според правилникот за концесиски надоместоци, цената за еден тон кафеав јаглен е 2,60 КМ (1,3 евра). Значи, инвеститор кој копа јаглен плаќа 2,60 км (1,3 евра) по тон, така што истата цена на пазарот за него би била 150-200 евра. Тој правилник е стар над 10 години, додека цената на јагленот во последните 10 години неколку пати се менуваше. Така е и со овие минерални суровини. Во Вареш беше отворен рудник, каде што првично беше планиран концесискиот надоместок да биде 1.500 KM (750 евра) по хектар, но на крајот беше намален на 150 KM (75 евра) по хектар. Тоа веќе не е репер, но сега некој заработува екстра профит додека општините, месните заедници и субјектите не заработуваат колку што треба“, потсетува Топиќ.

Додека најголем дел од вниманието е насочено кон потенцијалната заработка, последиците се занемарени. Уништување на биодиверзитетот, загадување на водите и земјиштето, штети на земјоделството и на крајот болест на населението.

„Денес се мавтаат со неколку милиони за ова зелено рударство, но планираниот профит на компанијата е во стотици милијарди. Другите ќе добијат огромен профит во милијарди, а ние нема да можеме да ја поправиме штетата што може индиректно да произлезе од работата на тие рудници ниту за тие милиони“, вели Топиќ.

Загрозено производство на храна

Областите кои се планирани за отворање нови рудници во Босна и Херцеговина се токму оние кои се значајни за земјоделството: долината на реката Плива, планините Озрен и Мајевица, регионот Семберија, кој во голема мера се спушта на реката Дрина.

rudarski kolonii dolina pliva

Долината на Плива е една од локациите за нови рудници

„Работите се поврзани и последиците можат да бидат катастрофални. Производството на храна е нешто што може и ќе биде загрозено, може да се очекуваат големи последици за нас како општество“, забележува Топиќ.

Со усвојувањето на Зелениот план на Европската унија, Босна и Херцеговина се обврза да го промени својот систем за производство на електрична енергија до 2050 година. Оваа земја мора да се декарбонизира, односно да ја намали емисијата на јаглерод диоксид, но и да се децентрализира, во смисла дека повеќе не може да претпочита големи капацитети како што се термоцентралите. Потоа, мора да го почитува принципот на демократизација, да им овозможи на граѓаните пристап до енергијата, самите да ја произведуваат и консумираат.

Фердинанд Коениг од Делегацијата на Европската Унија потсетува дека во март 2024 година Босна и Херцеговина доби зелено светло за отворање на пристапните преговори и дека „таа е обврзана да ги исполни високите стандарди на ЕУ во одржливиот развој на критичните синџири на вредности на суровини“.

Како дел од процесот на усогласување со законодавството и стандардите на ЕУ, Босна и Херцеговина, исто така, ќе мора да усвои и спроведе национални мерки за подобрување на собирањето отпад богат со критични суровини и да обезбеди негово рециклирање во секундарни критични суровини“, беше наведено во одговорот на нашите прашања.

Тој посочува дека критичните суровини се клучни за примена на технологии кои овозможуваат зелена и дигитална транзиција, додека „забрзувањето на зелената и дигиталната транзиција дополнително ќе ја зголеми глобалната побарувачка за критични суровини“.

„Подобрената безбедност и пристапноста на клучните резерви на суровини мора да оди рака под рака со зголемените напори за ублажување на сите негативни влијанија, како во ЕУ, така и во трети земји во однос на работничките права, човековите права и заштитата на животната средина“, рече тој.

Одземено правото на глас на локалните заедници

Коениг не го коментираше Законот за геолошки заводи на Република Српска, кој беше донесен во јули 2024 година и со кој на локалните заедници им се одзема правото на глас кога станува збор за геолошки истражувања на нивната површина. Според овој закон, одлуката за геолошки истражувања на територијата на Република Српска ја донесува Министерството за енергетика и рударство на РС. Покрај тоа што месната заедница остана без право на глас за активностите што треба да се спроведуваат на нејзината територија, Законот не го ограничи количеството на суровини што може да се извлечат од земјата при истражувањето.

„Република Српска со усвојување на Предлог-законот, во текстот подготвен од Министерството за енергетика и рударство, одлучи да врши геолошки истражувања без основните принципи на локалната демократија, без претходна оцена на влијанието за практично сите геолошки истражувања, без јасно дефинирани вкупни дозволено количина за метални минерални суровини, без дополнителни критериуми за концесионери“, предупредува Центарот за животна средина од Бања Лука, кој ја поднесе иницијативата за оцена на уставноста на овој закон.

Приказните од Србија, Македонија и БиХ само потврдуваат дека слично сценарио за експлоатација на рудните богатства се спроведува во трите земји и дека политичките елити се повеќе наклонети кон економските придобивки отколку кон заштита на животната средина, што е кратковидост што скапо може да ги чини граѓаните и идните генерации.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Мартин Пушевски, Ангела Рајчевска, Дуња Мариќ (Nova.rs), Вања Стокиќ и Ајдин Камбер (Е- Trafika, БиХ)

Сниматели: Ајдин Камбер, Дуња Мариќ

Фотографии: Ајдин Камбер

Монтажа: Ајдин Камбер, Ристо Душковски

 

Поврзани стории:

Македонија се претвора во рударско Ел Дорадо

Кој сè го нагрдува ликот на Кожуф?

Наместо модерен ски-центар рудници на планината Кожуф

Профитот поважен од луѓето и загрозените видови во прилепско

Судот на страна на Владата за „Иловица“, „Еуромакс“ се заканува со арбитража

Еколошко востание во Србија: Прва победа во битката против рудник на литиум