fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
Кожуф планина

Кој сè го нагрдува ликот на Кожуф?

Кожуф е злато од планина, дури и во буквална смисла. Раскош од природни богатства, прекрасни пејсажи и предели во кои секој може да ужива. Континантално-медитеранската клима ја прави планината блага и умерена за разни форми на алтернативен туризам, од планинарење до планински велосипедизам, јавање коњи, скијање, насладување со сочни боровинки и дишење во навидум недопрена природа.

Но, природата сама по себе за жал никогаш не му е доволна на човекот, па Кожув е и мета на постојани удари кои прават непоправлива штета врз планината. Само благодарение на високата свест и перманентната ангажираност на граѓаните и активистите за заштита на природата, таа штета денес не е од катастрофални размери. Пред десетина години беше спречен обид да се отворат рудници за злато во срцето на Кожуф, а денес таа борба е насочена против обидите за изградба на мали хидроцентрали кои се закануваат да ја заматат бистрината на реката Дошница. Она кон што силно се стремат активистите е владата да започне постапка за прогласување на планината Кожуф за национален парк и да запре уништувањето на пејсажот на планината.

На Кожуф пропаѓа и она што е веќе направено, како што е случај со ски-центарот изграден пред петнаесетина години, а во меѓувреме, некои проекти кои трајно го менуваат планинскиот пејсаж сепак успеваат да се реализираат.

01/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 01Планинскиот масив Кожуф се простира долж јужната граница на Македонија, па поради близината со Егејското Море климата е контитнентално-медитеранска и е идеална во кој било ден од годината. Кожуф има осум двеилјадни врвови, а највисок е Зелен брег – висок 2.171 метар. Прекрасниот пејсаж на планината од непрегледни шуми и пасишта е облагороден со бистрите води на реките Дошница, Бошава, Блаштица, Конска Река и други помали водотеци.

02/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 02Шумскиот комплекс во кој доминираат борот, буката и елата е надополнет со уште многу растителни видови,  меѓу кои почесното место го држи зимзеленото дрво гол човек (Arbutus andrahne),  кое го има на само две места во Македонија. На Кожуф се идентификувани најмалку 20 видови растенија и животни кои се ретки, загрозени, ендемични, или видови во истребување.

03/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 03Длабочините на Кожуф кријат богатство од минерални суровини. Покрај познатиот рудник Алшар во кој е застапен реткиот минерал лорандит, како и затворениот рудник за фероникел ‘Ржаново, на Кожуф се детектирани и резерви на злато, бакар, но и на некои други минерали. Овие наоѓалишта, како и водниот потенцијал на планината се главна мета на бизнис интересите кои се закануваат со трајно уништување на природните вредности на планината.

04/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 04Еден од неколкуте локалитети на кои беше планирано да се отвори рудник за злато се наоѓа помеѓу викенд населбата Смрдлива Вода и ски центарот „Кожуф“. Познато е дека ваквите рудници се со отворен коп и при нивна експлоатација неповратно се уништува природниот амбиент. Особено е штетен самиот процес на одвојување на златото и бакарот од рудата поради употребата на цијанидот кој е  екстремно токсичен.

05/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 05Рудникот `Ржаново е добра илустрација како би изгледале локалитетите при нивна експлоатација. `Ржаново своевремено беше рудник за фероникел, кој беше отворен во 1982 година, а во 2013 години престана со работа. Со отварањето на рудниците на Кожуф би се уништила целата шума, неповратно би се девастирал целокупниот амбиент и трајно би се загубиле живеалиштата на бројни растителни и животински видови. Со нивната експлоатација на еден многу поширок простор би се загадила водата, воздухот и почвата.

06/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 06Малата хидроцентрала на Конска Река во викенд населбата Смрдлива Вода, како и многуте други такви ширум државата, произведува електрична енергија во процент што е занемарлив. Профит од минихидроцентралите имаат само нивните сопственици, а штетата ја чувствуваат сите, бидејќи природните ресурси и богатства се уништуваат неповратно.

07/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 07Низводно од минихидроцентралата во Смрдлива Вода, каде што според локалните жители некогаш имало риби, ракчиња и дрва стари по илјада години, сега нема буквално ништо. Има само црвеникава кал. Ваква судбина и се заканува и на една од најчистите реки во Македонија, реката Дошница. Изградбата на минихидроцентралите на Дошница е најактуелниот проблем против кој се борат активистите и поддржувачите на природните убавини на Кожуф.

08/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 08Браната Конско е најзначаен објект на планираниот Хидромелиоративен систем „Гевгелиско Поле“. Покрај придобивките изградбата и работењето на хидросистемот ќе имаат и негативни последици врз флората и фауната, изразени низ вознемирување на птиците и цицачите во нивните вообичаени животни активности, попречување на гнездење на птиците, уништување на автохтоната вегетација, односно живеалиштата. При процесот на изградба предизвикано е аерозагадување, како и загадување на површинските и подземните води, зголемување на матноста на водата, испуштање отпадни води од активноста, загадување на почвата и забрзување на ерозијата. Ќе биде потрбно многу време да се создаде хармонија помеѓу природата и новоизградениот објект.

09/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 09Еден од сериозните проблеми на Кожуф, како впрочем и на најголем број од македонските планини, е дивата сеча на шумите. Дрвократците успеваат да направат ненадоместливи штети на шумскиот појас при што заради личен профит се уништува богатство за чија обнова се потребни децении.

10/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 10Боровинките се карактеристични за Кожуф и се распослани низ целата планина. Иако се работи за диворастечко растение, за собирање на плодовите и листовите од боровинката е потребна дозвола од Шумското стопанство „Кожув“. Но податоците покажуваат дека собирањето се изведува неправилно и прекумерно, што негативно се одразува на популацијата. Македонското еколошко друштво направи проценка на ресурсниот потенцијал и на квалитетот на кожуфските боровинки, со одредување на количините за нивно одржливо собирање. Препораките за одржливо берење подразбираат берење на максимум 80% од плодовите (709.12 т) и 30% од листовите (1556 т). Против сите берачи кои ќе бидат затекнати во берба пред одреденото време и без дозвола ќе се поднесува прекршочна пријава.

11/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 11За потребите на тогаш новоизградениот ски центар „Кожуф“ во 2009 година се започна со изградба на регионален пат од Смрдлива вода до центарот. Потребно беше комплетно да се ископа предвидената траса, да се соголи планината, цели шуми да се соборат за да се изгради патот. Направена е огромна штета на шумскиот фонд, пејсажот на планината се смени, а патот, во кој беа вложени 9 милиони евра буџетски средства, остана незавршен и никогаш не профункционира, веројатно заради тоа што во меѓувреме се отворија нови бизнис можности со отворање на рудниците.

12/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 12Денес посетителите на Кожуф го користат техничкиот пат кој беше направен за потребите на градежната механизација во време на изградбата на ски центарот. Но, овој пат никој не го одржува и во зимските месеци е сосема непрооден. Полн со одрони, веќе сериозно оштетен од временските неприлики, патот е уште еден пример за ирационалниот однос дури и кон она што веќе е направено.

13/13

koj se go nagrduva likot na kozuf 13Природата е она што го богати Кожуф, што го разубавува, што го величи. Нејзините корени се пуштени насекаде, па каде и да најде простор таа успева да никне. Овие никулци даваат надеж дека природата е сепак таа која на крајот секогаш победува. Но, тој процес е бавен, а последиците од нашиот неодговорен однос кон неа за жал ќе го чувствуваат уште многу генерации по нас.

Извори:

Уништени реки Влијание на малите хидроцентрали поддржани од Европски финансии врз недопрената природа на Балканот“ – група автори

https://www.porta3.mk

МООЕП – Техничка документација за брана Конско со придружни објект

МЕД – МЕС – Проценка на состојбата на популациите на модра боровинка (Vaccinium myrtillus и Vaccinium uliginosum) и нивниот ресурсен и економски потенцијал на планината Кожуф

ЕКО ЖИВОТ – Мониторинг и заштита на биодиверзитетот на територија на општина Кавадарци со акцент на Кожуф планина

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски