Македонија се претвора во рударско Ел Дорадо
- По нарачка на Министерството за економија во МАНУ се изработува долгорочна Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини.
- Досега вкупно се доделени 347 концесии за експлоатација, а во моментов во постапка се околу 50 иницијативи или барања за концесии.
- Власта уверува дека ќе даде поддршка само за проектите кои ќе ги запазат највисоките стандарди за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето, но досегашното искуство е дека се плаќаат само симболични суми во случај на хаварии.
Во време кога жителите на Струмичката котлина, на Пробиштип и на други населени места во земјава отворено порачуваат дека не сакаат отворање рудници во близина на нивните живеалишта, по нарачка на Министерството за економија во МАНУ се изработува долгорочна Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини. Тоа е сигнал дека Владата не планира лесно да се откаже од отворање нови рудници иако практиката во многу случаи покажа дека тие се погубни за здравјето на населението и за животната средина. И покрај тоа што власта уверува дека ќе даде поддршка само за проектите кои ќе ги запазат највисоките стандарди за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето, екологистите не се убедени дека ќе се држи до декларативната заложба, имајќи ги предвид досегашните искуства на прогледување низ прсти на загадувачите кои минуваат со лесни казни за непроценливите штети.
На жителите на Пробиштип им е доста од рудници
„Рудата си оди оттука, нас ни остануваат тешки метали и токсична вода“ – ова е еден од аргументите со кои еко-активистката Светлана Станојковска веќе 10 години се бори против отворањето на рудникот за злато и сребро „Плавица – Црн Врв“ во Пробиштип.
Нов рудник се планира на пет киломтри од домовите во Прoбиштип
Флотацијата од „Злетово“, отворено хидројаловиште, фабрика за акумулатори, леарница – во овој рударски град нема простор за уште еден капацитет од тешката и загадувачка индустрија, вели Станојковска, која бара одземање на концесијата оти навреме не била обезбедена дозвола за експлоатација, а законот не дозволува ваков тип индустрија на пет километри од населено место.
„Кога би се добила дозвола, прво ќе треба да се направи една сеча и Пробиштип ќе стане Сахара, тука имаме губење на дрвна маса, потоа губење на биодиверзитетот, секојдневни детонации и прашина, губење на релјефот, тоа е неподнослива состојба и тоа може да се спореди со екоцид“, вели Станојковска.
Инвеститорот во рудникот е „СИЛГЕН ресурсис“, фирма во доминантна сопственост на Генезис од Австралија во партнерство со домашната „Силекс“. Оттаму уверуваат дека ќе практикуваат најдобри рударски практики. Сепак, Нацрт – извештајот за стратегиска оценка на животната средина покажува дека проектот „Плавица“ ќе влијае на квалитетот на амбиенталниот воздух, водите и почвата, дотолку повеќе што планскиот опфат се наоѓа во потенцијална зона за појава на свлечишта.
Доделени 347 концесии, во постапка уште 50 барања
Додека екологистите во Стратегијата препознаваат чекор кон забрзано издавање концесии за нови рудници и капацитети од тешката индустрија, Министерството за економија уверува дека може да се постигне економски развој што ќе биде хармонизиран со животна средина. Оттаму информираат дека дваесетгодишната Стратегија сѐ уште не е стигната ниту до нацрт-верзија. Од МАНУ ни најавија повеќе детали во септември. Досега се одржани само две работилници со учество на засегнатите страни и невладини организации. Документот треба да ги дефинира и обемот и начинот на реализација на геолошките истражувања и експлоатацијата на минерални суровини.
„Стратегијата нема за цел доделување концесии туку одржливо искористување на минералните суровини во хармонија со животната средина и регионалниот развој.“, велат од Министерството.
Но, додека ресорот ја подготвува Стратегијата и уверува дека целта не е доделување нови концесии, бројките покажуваат нешто друго. Од Министерството за економија информираат дека досега вкупно се доделени 347 концесии за експлоатација, а во моментов во постапка се околу 50 иницијативи или барања за концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини.
Жешките еколошки точки сведочат за негрижата на државата
Загадени вода, воздух и почва – ова е резултатот на досегашната работа на рудниците и на другата тешка индустрија во земјава. ОХИС, велешка Топилница, Лојане, Пробиштип се живи докази за опасните и штетни последици по животната средина. Металите не се разградливи и се акумулираат во почвата и во водата и имаат токсично влијание врз храната што ја јадеме.
Според Студијата за загадени индустриски подрачја, уште во 2005 година во Македонија беа дефинирани 16 жешки еколошки точки, кои до ден денес претставуваат закана за населението на земјава. Прва на листата е депонијата во ОХИС. Последиците од работењето на некогашниот индустриски гигант и ден денес се чувствуваат во Скопје.
Во ОХИС се чисти линданот од малата депонија, отпадот и контаминираната земја се носат во Франција и Германија. Малата депонија е 10 илјади тони и претставува само капка во морето, имајќи предвид дека големата депонија е 50 илјади тони, а уште 30 до 40 илјади тони се појавија закопани во Пеленица. Досега се извадени и уништени околу 1 000 тони отпад и 127 тони контаминирана земја. По неколкумесечна пауза, на малата депонија во јуни почна чистењето на третиот лот, од каде што треба да се извадат 525 тони отпад и 210 тони земја.
Професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија при ПМФ вели дека недостигаат мерки за чистење на загадените средини
ОХИС всушност е и единствениот пример со кој властите можат да се пофалат дека барем нешто прават, вели професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија при ПМФ, според кого за разлика од приватните фирми кои беа принудени да преземат мерки за еколошка заштита, државата потфрлила.
„Оние фирми коишто се напуштени и не се активни, јаловишта, рудници или топилници, а работеле во времето кога биле во државна сопственост, државата нема преземено мерки, а таа е надлежна. Единствен пример е ОХИС, но другите примери се очигледни. Не гледам дека има некои активности, мерки, фондови да се формираат“, вели Стафилов.
Децата учат во близина на канцерогени супстанци
Посебно проблематичен е случајот со затворениот рудник за арсен и антимон во Лојане, каде што се останати 15 илјади тони канцерогена супстанца во непосредна близина на училиште. Студија од 2007 година покажа дека локацијата може да се заштити со 3,5 милиони долари, но, тоа се чини е премногу за властите кои со години ништо немаат преземено на терен.
„Студијата на УНДП уште во 2007 година покажа дека простор од 10 квадратни километри е екстремно загаден со арсен, подземните води се загадени, луѓето до скоро се снабдуваа со вода за пиење од бунарите, контаминирана со арсен. До депонијата има основно училиште со 400 деца кои учат таму, излегуваат надвор, прашината го разнесува тој концентрат“, вели Стафилов.
Слична е состојбата и со топилницата во Велес. Иако таа одамна не работи сѐ уште има големо присуство на тешки метали. На депонијата се проценува дека има до 2 милиони тони троска со огромни количини на цинк, олово, бакар, манган, арсен, жива. Ветрот го носи токсичниот прав и ги труе жителите на градот. На надлежните им требаа години за да организираат извоз на троската, но остануваат штетните влијанија врз почвата и подземните води. Ист е случајот со Југохром и со Пробиштип. Земени примероци од храна во Велес и Пробиштип покажаа присуство на токсични метали како што се кадмиум, арсен, олово.
Државата нема капацитет
Извештајот на Државниот завод за ревизија од пред две години покажа дека властите не се ефикасни во контролата над искористувањето на минералните суровини, ниту целосно ги наплаќаат предвидените надоместоци. Ова значи дека ем недоволно се внимава дали се почитуваат правилата на игра, ем не собираат сите пари од концесиските надоместоци. Документот на ДЗР откри и други системски пропусти.
„Вршењето инспекциски надзор без дефинирани критериуми за избор на субјекти, нецелосно реализирање на планираните редовни инспекциски надзори, делумно извршени контролни надзори по издадените решенија за отстранување на неправилности, отсуството на независна акредитирана лабораторија, недостатокот на финансиски средства и опрема не обезбедуваат услови за ефективен контролен механизам“, се вели во извештајот.
Ревизорот нотира дека од концесионерите не се бара да достават финансиска гаранција којашто ќе се активира во случај на штетни влијанија врз животната средина. Забележано е дека концесионерите прават различни пресметки за надоместоците, некои нецелосно ги прикажуваат податоците, ниту се задолжени да доставуваат пресметки на квартално ниво за продадените количини. При ревизијата е констатирано дека тројца концесионери копале надвор од утврдениот простор со дозволата, кај еден имало големо истекување во хидројаловиштето.
Системските дупки ја чинеле државата 32,5 милиони денари помалку наплатени пари, само во периодот од 2016 до 2020 година!
Казните за хаварии мали, штетите огромни
Иако рудниците се големи загадувачи, сепак, досегашното искуство покажа дека плаќаат само симболични суми во случај на хаварии. Речиси и да се не се води сметка дека најголем дел од непречистените отпадни води завршуваат во водотеците.
- Рудникот САСА во 2020 година имаше бруто-приходи од речиси 82 милиони долари и добивка пред оданочување од над 42 милиони. Ама, за хаваријата којашто се случи во септември таа година, кога јаловината од производството на олово-цинков концентрат заврши во Каменичка река, казната изнесуваше само 65 илјади евра. Причина за еколошката хаварија беше дефект на насипот на јаловиштето.
- Пред две години имаше еколошки инцидент и во Бучим, кога јаловина истече во Тополничка река. Компанијата на 10 февруари лани постигна спогодба и се договори да плати само 40 илјади евра на 4 рати.
- Еколошки инцидент имаше и со рудникот „Злетово“, каде што исто така имаше истекување јаловина. Предвидената казна за ова е 100 илјади евра ама по спогодбата беше одлучено да плати 33 илјади евра.
- Рудникот за бакар и злато Бучим беше казнет и во 2014 година со 110 илјади евра, бидејќи раководството на компанијата воопшто и не го пријавило истекувањето отпадни материи.
Неколку краишта „пикирани“ за рудници?
Граѓанскиот активист од „Зелениот Институт“ и поранешна претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска се сомнева дека дел од подрачјата се намерно оставени без заштита за да се овозможи отворање нови рудници. Таа смета дека подготовката на Стратегија за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини се коси со веќе донесените стратегии за животна средина и за зелен развој коишто се усогласени со светските и европските трендови за зелената агенда, а чиешто усогласување ќе оди тешко ако не е и невозможно.
„Земјоделие, рурален развој, туризам, еко-туризам, авантуристички туризам. Сето тоа подразбира чиста земја, чиста вода, чист воздух, тоа не е компатибилно за рударски дејствија. А, просторот во Македонија како што секогаш нагласувам е ограничен, не може едно врз друго да оди, каде што ги има овие зелени дејности не може да има црна рударска дејност“, вели Поповска.
Всушност, големиот број на издадени концесии за експлоатација на минерални суровини и на барања за нови дозволи сведочат дека во Македонија речиси на секој агол веќе има некаков ископ без оглед на тоа дали станува збор за експлоатација на руди, варовник, песок или некои други минерали. Неажурноста на државата односно недостигот од капацитет за соодветна контрола ја поткопа довербата на граѓаните во системот и тие сега оправдано со сомнеж гледаат на сите планирани проекти за рударството. Истовремено, попусто се фразите како „одржливо рударство“ односно „одржливо искористување на минералните суровини во хармонија со животната средина“ што зачестено ги користат политичарите од власта, кога практиката покажа дека такво нешто во Македонија е невозможно.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии