Судот на страна на Владата за „Иловица“, „Еуромакс“ се заканува со арбитража
- ДОМА дојде до пресудата во којашто е јасно наведено дека Владата донела правилна одлука кога лани летото, на 27 јули реши да ја прекине важноста на одлуката за спојување на двете концесии за рудникот за бакар и злато.
- Очигледно е дека претстои нова пинг-понг партија меѓу Управниот и Вишиот Управен суд.
- Паралелно со правната постапка пред домашните судови, од „Еуромакс“ стануваат сè
погласни со заканите за меѓународна арбитража и бара конечна одлука до крајот на годинава. - Правници за ДОМА веќе коментираа дека компанијата нема доволно правни аргументи за арбитражна постапка и дека Владата има цврста основа да ги раскине доделените концесии за рудникот.
- Од Министерството за економија за ДОМА потврдуваат дека „Еуромакс“ поднел ново барање за спојување на двете концесии, што претставува клучен предуслов за инвеститорот да може да го реализира проектот за рудникот за бакар и злато.
Новата правна битка пред Управниот и Вишиот Управен суд и новите закани од „Еуромакс“ за покренување меѓународна арбитража што земјава наводно ќе ја чини милијарди долари, навестуваат дека далеку е крајот на сагата околу рудникот Иловица-Штука. Инвеститорот загуби уште една правна битка откако Управниот суд ја потврди владината одлука за повлекување на одобрението за спојување на концесиите (Иловица 6 и Иловица 11) и ја отфрли тужбата од компанијата којашто реши повторно да бара правда пред македонските судови.
ДОМА дојде до пресудата во којашто е јасно наведено дека Владата донела правилна одлука кога лани летото, на 27 јули реши да ја прекине важноста на одлуката за спојување на двете концесии за рудникот за бакар и злато.
Образложението на Управниот суд е дека кога Владата еден месец претходно, на 27.06.2023 година донела одлука за спојување на концесиите, било потребно да се склучи нов договор или анекс на договорот за концесија. Тоа не било направено. Оттука, Владата имала право да донесе поинаква одлука.
„Во текот на одлучувањето, судот ги ценеше тужбените наводи на тужителот изнесени во тужбата, но истите ги оцени како неосновани и без влијание за поинакво одлучување, од причина што Владата е највисок извршен орган на Република С.М. кој со Устав и закон е надлежен да менаџира со природните ресурси во интерес на државата, за што во рамките на своите надлежности донесува одлуки согласно одредбите од Законот за Владата“, се вели во пресудата на Управниот суд.
Владината одлука беше поздравена од активистите од Струмичката котлина, кои се решени да не дозволат отворање на рудникот, бидејќи сметаат дека ќе има големи негативни последици врз животната средина во овој земјоделски крај. Владата го повлече одобрението за спојување на концесиите откако дел од министрите јавно кажаа дека ги немале сите информации кога одлучувале, но, и по масовниот протест во Струмица против отворањето на рудникот.
„Еуромакс“, пак, се реши за нова жалба до Вишиот Управен суд, каде што досега му поминуваа поплаките, па предметите се враќаа повторно во понискиот суд.
„Длабоко сме разочарани од одлуката на Управниот суд, која уште еднаш покажува непочитување на важечките закони и неоправдано префрлање на надлежноста на предметот до Вишиот управен суд“, изјави извршниот претседавач на Бордот на директори на „Еуромакс“, Тим Морган-Вин.
Очигледно е дека претстои нова пинг-понг партија меѓу Управниот и Вишиот Управен суд. Активистите од Струмичката котлина изразија јавен сомнеж дека одлуките во повисоката судска инстанца се носат во корист на инвеститорот под партиско влијание на ДУИ, откако во сопственичката структура на „Еуромакс“ влезе компанија на бизнисмен кој во јавноста важи за близок на интегративците.
„Сите пресуди во нивна корист што ги добиле од Вишиот Управен суд се после купувањето на 25% од уделите на „Еуромакс Ресурси“ од страна на фирмата на главниот финансиер на ДУИ од Тетово, преку холандската ‘НД Груп’ која е во сопственост на фамилијата Дестани од Тетово. Секоја проба да го отворат рудникот ќе предизвика спирала на масовни тензии, протести и судари на локалното население со секој што ќе стапне на терен. Нема да дозволиме да се труеме заради профит на кој и да е“, велат од „Здрава котлина“.
Ем се заканува, ем повторно бара спојување на концесиите
Паралелно со правната постапка пред домашните судови, од „Еуромакс“ стануваат сè погласни со заканите за меѓународна арбитража. Компанијата бара конечна одлука до крајот на годинава.
„‚Еуромакс‘ веќе има доставено писмо со кое ја извести Владата за постоење на спор според билатералната спогодба на Федералниот совет на Швајцарија и Владата на Република Северна Македонија за заштита на инвестициите. Со поднесувањето на ова известување, ‚Еуромакс‘ формално го започна процесот на барање отштета, како последица на произволни и неконзистентни одлуки што ги носат државните институции“, соопшти неодамна компанијата.
Сепак, правници за ДОМА веќе коментираа дека компанијата нема доволно правни аргументи за арбитражна постапка и дека Владата има цврста основа да ги раскине доделените концесии за рудникот.
Но, наместо раскинување на договорите за концесии, од Министерството за економија за ДОМА потврдуваат дека „Еуромакс“ поднел ново барање за спојување на двете концесии, што претставува клучен предуслов за инвеститорот да може да го реализира проектот за рудникот за бакар и злато.
„Во Министерството за економија е пристигнато барање за спојување на концесии за што Министерството изготви Информација која е доставена до Владата на Република Северна Македонија“, велат од Министерството.
Од Владата потврдуваат дека го примиле дописот.
„Информацијата е доставена до Владата на Република Северна Македонија од Министерството за економија по барањето за спојување на концесиите доставено до ова Министерство. Владата на Република Северна Македонија досега нема донесено одлука за спојување на концесиите“, велат од Владата
Казандол се користи како страшило
„Еуромакс“ , отпочнувањето на процесот за барање отштета преку покренување меѓународна арбитража го поврзува и со она што се случува со рудникот „Казандол“ и компанијата „Сардич МЦ“. На фејсбук-страницата на компанијата се споделуваат медиумски написи дека земјава ја чека плаќање отштета од половина милијарда евра. Во написите се тврди дека државава наводно го загубила спорот и оти меѓународната арбитража во Вашингтон е во полза на концесионерот.
Сепак, од Владата за „ДОМА“ категорично ги отфрлаат овие информации.
„Не се точни тврдењата. Сѐ уште не е завршена арбитражната постапка, односно сѐ уште не е донесена Пресуда од страна на Арбитражниот трибунал“, велат од Владата.
Партиите сѐ погласни против рудникот
Додека „Еуромакс“ се заканува со арбитража, сѐ повеќе партии јасно го кажуваат нивниот став против рудникот Иловица – Штука. Последната јасна порака пристигна од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема да му дозволиме на Артан Груби и нему блиска фирма да копа во Беласица, да отвора рудник тука, за нивните камиони и багери да вртат. ДУИ нема да работи во Струмица и во Струмичко“, рече потпретседателот Александар Николоски на митингот во Струмица.
Претходно и СДСМ, Левица и ЗНАМ се изјаснија против отворањето на рудникот Иловица. ДОМА побара став и од партиите во албанскиот кампус, но, оттаму не добивме одговори.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Поврзани стории: