По повод Меѓународниот ден на музеите, Природонаучниот музеј во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) ја реализираше изложбата „Македонската природа: низ витрини и екрани“.
Изложбата понуди современ и мултимедијален пристап кон едукацијата за природата, комбинирајќи музејски експонати со дигитални содржини што ги претставија природните вредности, заштитените подрачја и карактеристичните пејзажи низ Македонија.
Посетителите имаа можност да се запознаат со дел од природното наследство на земјата преку изложени примероци од флората, фауната, габите и минералите, како и преку видеоматеријали кои ги прикажаа богатата биолошка разновидност и природните убавини на Македонија.
Преку спојот на традиционалната музејска поставка и современите дигитални медиуми, изложбата овозможи пошироко и подинамично доживување на македонската природа, поттикнувајќи интерес за нејзиното проучување и зачувување.

