Сторијата Аерозагадувањето во Македонија одзема 5.000 животи годишно како да сме во војна ја доби првата награда на конкурсот за најдобри новинарски стории и фотографија на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“, објавени во  периодот мај 2024/април 2025 година, што ги доделува Советот за етика во медиумите на Македонија.

Наградените новинарки Мирјана Мирчевска Јовановиќ, Сунчица Николоска и Пелагија Младеновска со посредство на ИКС учествуваа на летната школа за истражувачко новинарство што се одржа во август 2024 година во Рига, со фокус на климатските промени и загадувањето, по што го изработија ова истражување во Македонија, кое беше објавено на платформата ДОМА.

Втората награда ја доби сторијата „Моликата е во менопауза!? – Како да се спаси моликата?“, објавена на ТВ Тера изработена во рамки на работилницата за новинарство за животната средина што ја спроведе ИКС.

Пофалница доби и серијалот „Жедна Македонија“ објавен на платформата ДОМА, кој се состои од три видео стории за последиците од климатските промени во Струмичко поле, Преспа и Тиквешијата. Автори се новинарката Катерина Топалова Дејновска, снимателите Иван Поповиќ и Љубомир Домазаетов и монтажерката Мајда Бошњак Атанасовска.

Сите наградени стории се изработени во рамки на проектот „Користи факти“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.