Покана за почеток на кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“
Институтот за комуникациски студии Ве кани заедно да ја започнеме кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Претставувањето на кампањата ќе биде во вторник (5 март) во 11 часот во Клуб-ресторанот МКЦ во Скопје.
Целта на кампањата е да се зголеми притисокот кон јавните институции за поефикасно решавање на проблемите од животната средина и истовремено да се поттикне и насочи граѓанскиот активизам кон државните и локалните институции за прифаќање на концептот на одржлив развој. Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ ќе се реализира во текот на 2019 година и ќе биде поделена на три теми: (1) Одржливи градови, (2) Здрава околина и (3) Климатски промени.
На настанот ќе говорат дел од поддржувачите кои се вклучени во кампањата – проф. д-р Дивна Пенчиќ, професор по урбанизам, проф. д-р Дејан Мираковски, експерт во областа на аерозагадувањето и вон. проф. д-р Ана М. Лазаревска, експерт за енергетски менаџмент.
Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ се реализира како дел од проектот „Поддршка за добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.