fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
zapocnuva kampanjata za podobra zivotna sredina ne ignoriraj reagiraj intro

Започнува кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“

Zapocnuva kampanjata za podobra zivotna sredina Ne ignoriraj Reagiraj doma

Иако граѓаните се повеќе еколошки свесни, а јавните институции ги препознаваат еколошките прашања како актуелни, проблемите од животната средина не се решаваат стратешки. Додека граѓаните критикуваат и дискутираат главно на социјалните мрежи, институциите не носат ефикасни решенија за подобрување на животната средина и не се транспарентни во креирањето и спроведувањето на политиките.

Затоа, Институтот за комуникациски студии ја започнува кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Со кампањата ќе се зголеми притисокот кон властите за поефикасно решавање на проблемите од животната средина и истовремено ќе се поттикне и насочи граѓанскиот активизам кон државните и локалните институции. Преку различни активности, ќе се изложат проблемите со кои се соочуваме како заедница, ќе се насочат прашањата кон соодветните институции и ќе се провоцираат решенија за подобар квалитет на живеење.

„Сите заслужуваме да живееме во здрава животна средина. Но, за да го имаме тоа, треба да зборуваме и да бидеме слушнати. „Не игнорирај! Реагирај!“ е платформа за секој засегнат поединец, не обединува сите нас, за нашиот глас да се чуе. Ги охрабруваме сите кои се загрижени за животната средина да ни се приклучат на кампањата, да го кренат својот глас и да преземат акција за подобрување на условите во кои живееме. На јавните институции им порачуваме дека е време за промена. Имаат овластувањa да работат во насока на решавање на проблемите што не засегаат сите и немаат оправдувања“, вели Дејан Андонов, координатор на кампањата.

Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ ќе се реализира во текот на 2019 година и ќе биде поделена на три теми – одржливи градови, здрава околина и климатски промени. Активностите ќе се реализираат во соработка со факултети, средни училишта, невладини организации, граѓански иницијативи, експерти од различни области, креатори на јавно мислење и медиуми.

Професорката по урбанизам Дивна Пенчиќ, која е дел од експертската група вклучена во кампањата, смета дека урбанистичкото планирање во државата е проблематично, имајќи ја предвид сегашната хаотична состојба во градовите.

„Градовите мора да се разгледуваат како целина според принципите за одржливи градови на Обединетите нации во Агендата 2030. Градовите мора да се планираат визионерски и стратешки и во креирањето на политиките за нивниот развој мора да бидат вклучени граѓаните. Не е важно само каде да се гради, туку како луѓето ќе функционираат и ќе го користат просторот“, вели професорката Пенчиќ.

Професорот Дејан Мираковски, кое е експерт во областа на аерозагадувањето, вели дека во услови на преголема густина на населението, неразвиена инфраструктура (топловоди, гасоводи…) и несоодветни контролни механизми, концентрациите на суспендираните цврсти честички – РМ10 и РМ2.5 драматично се зголемуваат.

„Воздухот во градовите го претворивме во хомогена смеса од загадувачки материи. Ги рушиме вообичаените правила до таа мера што не постојат безбедни или чисти зони, па концентрациите покрај на фреквентните крстосници, се исти со концентрациите на мирни улици. И ова не е проблем само на Скопје, Битола или Тетово, туку и на Струмица, Прилеп, Кавадарци, речиси сите „котлински“ градови во Македонија. Дефинитивно, без комплексен пристап на решавање на проблемите, брзи и специфично насочени мерки на надлежните институции, но и заеднички напори од сите нас, нема да се симнеме од неславните светски листи во блиска иднина“, вели Мираковски.

Професорката Ана М. Лазаревска, која е експерт за енергетски менаџмент, препорачува и енергетските ресурси да се планираат стратешки и оптимално да се користат за да се намали загадувањето на животната средина и да се подобри животот на луѓето.

„Потребно е добра инфраструктура, да се комбинираат различните извори на енергија, но и да се користи енергијата од отпадот. На пример, ако некој индустриски капацитет има вишок отпадна енергија која не се користи во производствениот процес, таа може да служи за загревање на определена населба. Меѓутоа, државата треба да субвенционира во таква инфраструктура, особено на јавните институции, и да дава олеснувања за граѓаните. Инвестицијата е голема, ама има долг век на траење“, смета професорката Лазаревска.

Повеќе медиуми се приклучија кон кампањата и ќе известуваат за неа. На овој начин, ќе се информираат граѓаните за нивните права и каде можат да се обратат за проблемите, но и ќе се активираат за да влијаат на властите да најдат решенија и да бидат поодговорни во спроведувањето на политиките.

Повеќе информации за кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ може да се најдат на www.reagiraj.mk. Кампањата се реализира како дел од проектот „Поддршка на добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Фотографии од претставувањето на кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“

Сподели