fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
dve decenii ziveeme vo kontaminirani podrachja naslovna

Две децении живееме во контаминирани подрачја со опасни материи

Две децении живееме во контаминирани подрачја со опасни материи

  • За овие речиси 20 години државата многу малку направила за да го заштити населението во близина на овие големи загадувачи, некогашни, но и сега активни фабрики, електрани и рудници.
  • Овие „жешки точки“ се мапирани и за нив се алармира уште од 2006 година во посебна студија финансирана од Европската унија.
  • Иако од денешна преспектива состојбата е променета и листата треба да се ревидира, ОХИС останува убедливо на врвот на списокот на големи загадувачи.
  • Потоа следуваат троската од Топилницата во Велес, депонијата во Југохром која е закана за Рашче, некогашниот рудник во Лојане и РЕК Битола.

Органско-хемиска индустрија Скопје (ОХИС)

Дваесет години институциите во земјава се свесни за огромната опасност што доаѓа од контаминираните подрачја од некогашните, но и сега активни фабрики, електрани и рудници. Овие „жешки точки“ се мапирани и за нив се алармира уште од 2006 година во посебна студија финансирана од Европската унија.

Овие високо контаминирани подрачја се настанати по декади индустријализација, засилено експлоатирање на природните ресурси и неконтролирано управување со опасен отпад од металуршката, хемиската индустрија и од термоцентралите, кои оставија загадени локалитети и депонии. Тие со децении ги трујат со отровни материи почвите, водите, воздухот, а преку тоа и храната и населението во близина на локалитетите, но и во поширок обем, со оглед дека отровните материи се шират и се транспортираат.

За овие речиси 20 години државата многу малку направила за да го заштити населението во близина на овие големи загадувачи. Единствено, активност има околу депонијата со тешки отрови во поранешната хемиска фабрика ОХИС. Од пред неколку години се работи на расчистување на малата депонија, но со оглед на количината на токсичните материи кои се собрани таму, оваа постапка е само „капка“ во океанот тешки метали, отрови и жива кои го загадуваат Скопје.

Еден од најголемите поборници за „жешките точки“ да добијат гласност и јавност, но и активен учесник детектирањето и мапирањето на точките, професорот од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов од денешна преспектива вели, состојбата е променета, листата треба да се ревидира и да се промени, но едно е јасно – ОХИС останува убедливо на врвот на списокот на големи загадувачи.

„На прво место беше рангиран ОХИС и сè уште јас би го оставил на прво место, особено и со Пеленица. Тоа доведе до зголемување на количеството на многу токсични супстанци, хемиски за речиси уште 50 проценти плус од она што го го имавме дефинирано, бидејќи за Пеленица немавме информации. Дополнително пред неколку години се направија истражувања. Треба да имаме предвид дека тоа се случувало во шеесеттите, седумдесетите години од минатиот век кога ние немавме ниту Министерство за животна средина, ниту служби во некое друго министерство, така што треба да гледаме од оваа дистанца за тоа време. Исто така, во тоа време и немало доволно сознанија за токсичноста и штетноста на овие хемиски супстанци за здравјето на човекот. Дополнителни студии се вршени во светот и утврдено е колку се тие токсични. Така што, некаде во 2005/06 година, имајќи го предвид и количеството, но пред сè токсичноста на овие супстанци коишто се таму депонирани, ОХИС е секако најкритична од сите, вели професорот Стафилов за „Само прашај“.

На трите депонии во ОХИС има околу 100 илјади тони опасни материи

Опасните хемиски супстанции се добиени како споредни, отпадни производи во процесот на производство на  пестицидот, линдан. Тој се користел за уништување на комарците, на вошки, во земјоделието, така што од тогашна перспектива бил корисен. Но, сознанијата од истражувањата покажале дека е многу токсичен и производството и користењето е забрането. Таму споредните производи се многу слични хемиски супстанции како и линданот, но други изомери, со други својства и кога се синтетизирал, кога се добивал линданот во реакторите, се добивале и овие хемиски супстанци коишто сега ги имаме како отпад. „Во депониите во ОХИС најмалку имаме линдан. Не знам зошто ја викаме депонија на линдан“, потенцира Стафилов.

Таму има други изомери на хексахлороциклохексаните. Гама измерот е линдан, а алфа, бета и делта се главните отпадни хемиски супстанци коишто кога се синтетизирале сите, со посебна технологија се екстрахирал само линданот и тој се продавал, а другите се депонирале во дворот на ОХИС или некои од нив во дупката во Пеленица.

Утврдено е дека на една од депониите се депонирале алфа и бета изомерите во коишто имало и делумно линдан, а на помалата депонија, делта изомерот. Во седумдесетите години од минатиот век производството било забрането и тие биле оставени така. Стафилов објаснува дека тие пестициди имаат многу непријатна миризба, па раковдството на ОХИС нашло решение „да ги покрие со земја“.

Сега на големата депонија има над 30 илјади тони најтоксични супстанци што ги има некаде депонирано во државава и покриени со 20 илјади тони земја. На малата депонија има околу две илјади тони хемикалии и околу 10 илјади тони земја и Пеленица се проценува дека има околу 40 илјади тони. Значи, има речиси 100 илјади тони опасни материи на трите депонии.

Подземните води во регионот на ОХИС, населбата Лисиче коишто комуницираат со Вардар се со стотици пати повисоки концентрации на овие хемикалии од максимално дозволените, а тие се користат преку бунарите и за наводнување. Областа на ОХИС не е загадена само со овие хемикалии туку испитувањата покажаа дека почвите особено, па и подземните води се загадени многу и со жива и со некои други тешки метали и со други хемикалии коишто биле користени во фабриката. И тој сегмент и тој аспект треба да го имаме предвид, посочува Стафилов.

Дополнителен проблем, во ОХИС, за кој многу помалку се зборува, е и некогашниот погон за производство на хлор. Тоа е погон кадешто се призведувал хлор, со електроди, со течна жива и целиот тој објект е со жива, предупредува професорот Стафилов.  Многу големи количини жива се изгубени, што значи се тука некаде, во почвите, исто така има жива дури и при чистењето на малата депонија, во отпадот со органските хемиски токсични супстанции и беше најдена жива. Во сите предлози, во сите студии кои досега се направени стои дека објектот треба да се демолира и како отпад некаде да се однесе. Почвите се таму многу загадени, ова се однесува за надвор од овие три депонии, во просторот на ОХИС, тоа треба да се ремедира.

Фотографија од ОХИС

Освен линданот, проблемот со ОХИС е некогашниот погон за хлор, каде во почвата се „изгубиле“ и многу големи количини жива

„Сите студии во меѓувреме коишто се изработени за состојбите на животната средина во ОХИС, со загаденоста на почвата, подземните води, во населбата Лисиче, па дури и во градот се детектирани честички коишто создржат линдан и знаејќи ја токсичноста на овие супстанции, мора да изнајдеме побрзи мерки. Се работи, чекор по чекор, одиме на покривање, заштитуваме да се пренесува во воздухот, па потоа бараме дополнителни средства за решавање. Значи, мора поинтензивно решавање па макар и да е чекор по чекор, ама прво, ударно да биде привремена заштита која според мене е најефикасна, а потоа да ги решаваме на овој начин којшто значи тотално уништување“, вели професорот Стафилов.

Тој признава дека процесот е многу скап, но кај нас се одвива и многу бавно и тоа на единственото место каде што нешто се работи.

„Во некои земји се преземаат и други мерки, се покриваат, се капсулираат на некој начин ако може така да речеме и под депониите заштитни мерки и над нив, да се спречи нивна емисија, да се спречи нивен пренос во подземните води. Има различни примери, тие се поевтини варијанти од оваа. Така што во кој правец ќе оди Министерството, ќе оди државата, тоа е отворено прашање. Овој начин очигледно е многу бавен, а успорувањето исто така зависи и од средствата. Ние чекаме на некои фондови, да собереме фонд, па да почнеме, па тендер да распишеме за тој фонд само што го имаме. Македонија е сиромашна држава, не може сама да ги реши сите проблеми одеднаш, треба време. Но, ние губиме време, бидејќи до сега малку сме вложувале, малку сме посветувале внимание, други теми нè преокупираат. Се појавуваат кризи, ковид, па сега да ги решаваме тие, а имаме мал буџет како држава, а многу средства се одлеваат, па ќе ги пренамениме, ќе почека другото. Но, некои, би рекол и ги запоставуваме “, вели тој.

Со оглед на опасноста на материите кои со децени биле таложени во ОХИС и во Пеленица, а дополнително неколку декади стојат одложени и загадуваат, државата, конечно, во 2021 година со странска помош, почна со расчистување на малата депонија во кругот на поранешната хемиска фабрика.

dve decenii ziveeme vo kontaminirani podrachja ohis 2

Во 2021 година со странска помош, почна со расчистување на малата депонија во ОХИС, но три години подоцна таа не е расчистена

Тогаш најавите беа дека малата депонија ќе биде исчистена за 18 месеци. По три години, Министерството за животна средина и просторно планирање, во октомври соопшти дека за завршување на проектот недостасуваат седум милиони евра. Со последниот ребаланс, државата ги префрли последните буџетски средства предвидени за оваа намена во Мултипартнерскиот фонд за 2024. Со оглед дека се појавува недостиг на средства, во чистењето има и по неколкумесечни застои како што беше оваа година.

Ридот на смртта

Во анализата на „жешките точки“ со професорот Стафилов прдолжуваме со дилемата која го зазема второто место по сите овие изминати години од дефинирањето на листата. Тој сепак вели дека поради количината на отпадот, содржината, високите содржини на многу токсични тешки метали, близината на градот како и досегашните сознанија за загадувањето на животната средина, Велес и депонијата од некогашната „Топилница“ се на второто место. Потоа следи „Југохром“, па депонијата во Лојане која со децении труе со арсен и антимон.

„Топилницата во Велес има работени без филтри. Таа ја загадувала со прашина околината, а при производството од печките, троската така ја нарекуваме, отпадот бил одлаган веднаш до топлницата и таму ние преку еден европски проект  во 2020 детално ја истраживме сосотјбата. Во 3Д ја имаме сосотјбата, содржината на тешките метали, количествата. Има околу 1,5 милион тони, отпад којшто е на отворено, без подлога со посебна заштита. Тоа е ровит материјал. Ветерот го разнесува тој материјал и токсичноста негова произлегува од многу високите созджини на многи токсични метали. Тие не се како метали присутни, туку одредени минерални форми, како оксиди, сулфиди најчесто, силикати. Меѓутоа кога зборуваме за многу високи концентрации, релативна е таа терминологија, поради тоа што, кога зборуваме за многу токсични материи и ниски концентрации, може да бидат многу штетни за човековото здравје. Но, сепак ако ви кажам дека има 2 проценти олово, ако има 10 проценти цинк, или ако има 0,2 проценти арсен или антимон 0,2 проценти или ако има педесетина милиграми на килограм кадмиум или талиум десетина милиграми, тоа се многу токсични елементи. Испитувањата што ги вршевме покажаа дека од оваа троска кога симулирате, на пример, раствор на хлороводордна киселина во желудник,  белодробен слуз, нивната растворливост е многу голема и кога тие преку желудникот или белите дробови се достапни до крвотокот како елементи,  тогаш крвотокот ги разнесува во различни органи каде што имаат многу токсично дејство. На пример на нервниот систем, на функционирањето на бубрезите. Колегите од медцинскиот сектор ги имаат утврдено меѓу населението во Велес овие негативни здравствени ефекти од тоа загадување, објаснува Стафилов.

dve decenii ziveeme vo kontaminirani podrachja veles 1

Во Велес околу 1,5 милион тони отпад е на отворено, без подлога со посебна заштита

Општината Велес и Министерството за економија дадоа концесија на странска фирма да ја транспортира троската бидејќи ваков вид на троска во светот се преработува и се извлекуваат метали кои се многу корисни, со хемиски третмани, во релативно евтини процеси.  Имаа договор со една таква фабрика во Малезија, да се транспортира таму, до Солун и потоа со брод во Малезија, да се преработува. Се оддолжи процесот на добивање на дозволата и во меѓувреме Малезија забрани увоз на таков опасен отпад.

Се обидоа со Турција и Турција забрани. Пробаа со Украина, почна војната. Потоа тие предложија, на местото каде што е топилницата и троската, тие да вршат сепарирање, па да добиваат различни компоненти од троската коишто потоа би ги продавале и на тој начин да се елиминира троската. Општината Велес не им даде дозвола.

Стафилов смета дека тоа е грешка со оглед дека како што објаснува, не е точно дека ќе се создаде „нова Топлиница“ како што им се објаснуваше на велешани.

„Јас бев консултиран од Општината Велес и им дадов мое мислење. Мислењето е дека тоа не е металуршки процес, нема топилници, нема печки, тоа е ладен процес, ако се врши мониторинг и ако се работи според планираната студија не би требало да има ризик по загадувањето на животната средина. Меѓутоа, Општина одлучи дека постои ризик и не им дадоа дозвола така што троската ќе ни остане. Сега за сега е статус кво. Во светот, вакви случаи се решаваат со ад хок покривање, имаме такви примери. Има такви примери, може да ги најдете и на интернет. Но, ние ја имаме депонијата 50 години, од затворањето на Топилницата во Велес во 2003 година, поминаа повеќе од 20 години. Се прашувам зошто до сега не ја покривме ако знаевме колку е таа опасна по градот, вели Стафилов.

Уште пред деценија и пол Стафилов и неговите соработници алармирале дека треба да се прекине со произвоство на храна во контаминираниот регион во велешко.

dve decenii ziveeme vo kontaminirani podrachja veles 2

Во светот, вакви случаи се решаваат со ад хок покривање, а кај нас депонијата постои 50 години

„Ние изготвивме геохемиски атлас на почвите во Велес, книга којашто во 2009 година доби награда ‘Гоце Делчев’, највисока награда за наука во државата. Таа е дистрибуирана до сите министерства, надлежни. Утврдивме дека почвите се загадени, дека земјоделските производи што се произведуваат се загадени и Министерството за земјоделие не најде за сходно, а и Агенцијата за храна, да забранат производство таму веќе на храна. И храната еве од тога, од кога имаме сознанија се консумира, се продава, објаснува тој.

Во целата оваа ситуација, Општина Велес веќе четири воопшто нема инспектор за животна средина така што на локално ниво воопшто нема ниту кој да врши контрола на состојбата со троската во депонијата од некогашна „Топилница“.

Европски пари за „чистење“ на Југохром

Според професорот Стафилов, „Југохром“ сепак како голема потенцијална закана во перспектива е во „жестока“ трка да и го преземе приматот на „Топилница“.

„Кога во металургијата произведувате метали од руда, сè што не се вашите метали, што вие ги добивате во печките кога ќе ја стопите рудата, се топи под голем напон со електроди и се додава кокс. Коксот е јаглерод, јаглен, ама многу чист, нема пепел и хемиските оксиди на вашите метали реагираат со јаглеродот, го одземааат кислородот како CO2 и металот тече односно паѓа во долниот дел од печката, а горе плива сето останато кое се вика шљака, троска или јаловина. Во печките, половина е течен метал, а горе исто така во течна состојба е таа троска. Во долниот дел се отвора една дупка која е убаво затворена со огноотпорен материјал и од време на време се отвора. Под неа има канал и истекува металот кој се слева во други казани. Од друга страна, во горниот дел, исто така, има отвор, канал и таа троска истекува во други казани и тие потоа во таква течна состојба се носат на депонија, се истураат и таа се стврднува“, го објаснува процесот професорот Стафилов.

„Југохром“ одлагал таква троска во дворот и тоа во помали количини не е проблем. Меѓутоа, бидејќи произведувале хром, а во тоа време, во педесеттите години во Југославија беше развиена кожарската индустирија и се бараа бихормати, во „Југохром“ решиле, бидејќи имаат хром да прават такви хемикалии. Хромни соли или хормати се произведувале до некаде 1968/69 година. Отпадот од тој процес кој се вика хроматна мил го одлагале исто во дворот, но потоа почнале да го истураат кај депонијата со троската.

dve decenii ziveeme vo kontaminirani podrachja jugohrom

Трошоците за ремедијација на загадувањето во Јегуновце и платите на вработените во пречистителната станица ги покрива МЖС од 2005 година

Понатаму сè што поизведувале, и хорматна мил и троска ги фрлале на исто место. Дождовните води раствораат делумно од хорматите и бихорматите и тие одат во подземните води, дури и во површинските, па во Вардар. Докажано е дека тие подземни води се во комуникација со подземното езеро што го снабдува изворот Рашче со вода и постои ризик од тој хром, шествалентен кој е многу токсичен, канцероген и во организмот предизвикува многу оштетувања на многу органи до карцином. Граничната вредност на хром 6 во водите за пиење е многу ниска , ако се појави таму, водата од изворот Рашче ќе треба да биде забранета за пиење и Скопје ќе нема вода за пиење. Од таму е ризикот, аламира Стафилов.

Од кога е дефинирана како жешка точка во 2006 година, Европската унија веднаш донираше средства за изработка на физибилити студии меѓукои и за „Југохром“. Со студијата е утврдена состојбата, дадени се предлог мерки, а ЕУ инвестираше уште еден милион евра за површинските води да се зафатат, да се направат канали, цевки и станица за пречистување на тие зафатени површински води каде што хромот 6 хемиски ќе преминува во хром 3 и потоа таквата вода да се испушта во Вардар. Тој хром е помалку токсичен . Секаде во светот тоа така се прави вели Стафилов. Со таа станица раководи Министерството за животна средина.

Трошоците за ремедијација на загадувањето во Јегуновце и платите на вработените во пречистителната станица ги покрива Министерството од 2005 година. Тоа е буџет од 15 милиони денари на годишно ниво.

Петнаесет тони арсенов концентрат стои на отворено

Почеток на декември, во Лојане животот се одвива сосема нормално. Жителите на селото ги извршуваат секојдневните работи, децата одат на училиште. Речиси сите од нив, во целиот нивен животен век живеат со остатоците од рудникот за арсен, затворен уште во далечната 1979 година. Но, заостанатот арсенов концентрат е полн со отрови кои повеќе од четири децении им го загрозуваат здравјето.

Само пред избори доаѓаат да ни ветуваат, потоа повторно ништо, никој ништо не презема, велат жителите на Лојане. Според нив, во речиси секое семејство во селото има по најмалку еден заболен од карцином, нивите во близина на остатоците од рудникот имаат лош род.

Кога се приближувате до токсичниот рударски отпад се чувствува миризба која навестува дека сте во близина на опасни материјали. Во непосредна близина на овие отровни остатоци се наоѓа училиштето „Рилиндја“ во кое има околу 400 деца.

Над патот стои огромната депонија од материјал во којшто се гледаат арсеновите и антимоновите минерали и се чувствува миризба која навестува дека сте во близина на опасни материјали

Во липковскиот регион во близина на селото Лојане до 1979 година работеше рудник за арсен, антимот и рудник за хром. Од рудата, со процес на флотација се извлекуваа минералите на арсен посебно, на антимон посебно и се добиваа концентрати на арсен и антимон коишто се продаваа, и се извезуваа. За таа цел, од Лојане до Табановце беше конструирана и железница. Се транспортираа до железничката станица и потоа со вагони се носеа на продажба. Во 1979 година беше утврдено дека тие концентрати се многу токсични и не можат веќе да се транспортираат, не се извезуваше и рудникот беше затворен. Меѓутоа, во тој момент, кога беше затворен рудникот остана непродаден арсенов концентрат од околу 15 илјади тони. Оставен на отворено и ден денес стои така.  Еден дел е на старата железничката станица во Табановце. И тоа така стои.

„Ветерот го разнесува тој арсенов концентрат, во него има меѓу 30 и 50 проценти арсен. Тоа е чист арсен суфид. Арсенот е меѓу првите хемиски елементи прогласен за канцероген, ставен на листата на канцерогени елементи. Утврдено беше со студија дека сите подземни води во голем простор се загадени со арсен па и со антимон. Во студијата се наведени екстремно високи концентрации. Од бунарите и водоводот. Не знам дале е спроведен  друг водовод во Ваксинце и Лојане, но хемиските анализи на арсен во водата надминуваа дваесетина пати од максимално дозволените. Храната беше е загадена многу. И сега е исто бидејќи почвите се загадени. Кога ќе појдете таму, ќе видите дека водата и врнежите тој материјал го транспортираат во реките. Нашите испитувања покажаа дека Кумановска река па и Пчиња е со реалтивно високи концентрации со арсен. И тоа е така оставено од 1979 година. Таму освен што ги имаме овие 15 милиони тони, сега е веројано намалено со разнесувањето, овој материјал е оставен врз депонијата на флотациона јаловина од сепарирањето на концентратите. Вие кога ќе ги извлечете концентратите, концентратите се околу 10 проценти, тоа што останува, 90 проценти јаловина во кои се уште има арсен и антимон и тие се исто така депонирани на отворено и таму имаме 450 илјади тони таква јаловина. Неа не ја спомнваме многу затоа што ова другото е покритично“, објаснува Стафилов.

Во Лојане над патот стои огромната депонија од материјал во којшто се гледаат арсеновите и антимоновите минерали. Правени се студии и анализи повеќе пати. Сите покажале дека таму е загаден воздухот, загадени се подземните води, почвите, храната.

Државата направи еден обид за расчистување на оваа отровна депонија. Додели концесија турската компанија „Калтун Мадденџилик“ во 2014 година,. Но, овој обид беше неуспешен, договорот е раскинат, а концесионерот успеа да исчисти само 60 од 15 илјади тони арсен сулфид.

dve decenii ziveeme vo kontaminirani podrachja lojane naslovna 1

Депонијата со арсенов концентрат е на стотина метри е основното училиште „Рилиндја“

Сега, државата повторно ќе бара концесионер. Претходно тоа го правеше преку Министерството за економија, сега новото Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини бара нов концесионер.

„Отпочната постапка за доделување на концесија за експлоатација на техногена минерална суровина и истата е во владина постапка за донесување на одлука за започнување на постапка, при што ќе следи објава на јавен повик за доделување на концесија на предметниот локалитет“, велат од Министерството.

Оваа депонија во Лојане чие чистење е мал зафат во однос на 1,5 милион тон троска во Велес или 100 илјади тони депонирани во ОХИС и Пеленица, е оставена на отворено и со децении ја контаминира околината. Решението и финасиската конструкција се напишани и дадени уште во студија во 2007 година. Опшината, со Министерството со Владата мора да бараат решение, ако не да бараат фондови и експерти коишто ќе подготват предлози и решенија, тендерска документација и да се избере фирма која треба да го реши тоа. Но, ад хок покривање, во најитен случај мора да се изведе, алармира професорот Стафилов.

Битолската рак-рана

РЕК Битола, најголемиот снабдувач со електрична енергија во земјава е меѓу мапираните жешки точки. Централата на која Македонија се потпира за струја работи на јаглен. За РЕК Битола долго време беше одложувано доделувањето А – интегрирана дозвола, со што беше овозможен своевиден , грејс период за да бидат исполнети еколошките стандарди кои се пропишани со ваквиот тип дозвола.

„РЕК Битола има обврска да ги реконструира оџаците, филтрите и да вгради големи системи за десулфуризација на оптадните гасови. Во отпадните гасови има големо количесто на силфур диоксид. Многу е логично зошто во нашите јаглени, во лигнитот од битолскиот регион имаме околу еден процент силфур. Сега помалку согоруваат, ама порано околу 10 милиони тони. На 10 милиони тони, 10 посто се еден тон, еден процент е 100 илјади тони сулфур. Како сулфур диоксид тоа се 200 илјади тони. 200 илјади тони, преведено како гас, тоа се милијарди кубни метри сулфур диоксид кој годишно се емитува во воздухот без  системот за десулфуризација. Тоа се случува од кога работи РЕК Битола. Филтрите не се функционални како што биле, се прават реконструкции, но не се многу ефикасни. Треба да се вложат многу пари“, објаснува Стафилов.

dve decenii ziveeme vo kontaminirani podrachja rek bitola 1

Од РЕК Битола има половина милион тони пепел годишно која е „богата“ со тешки метали и која ветерот ја разнесува

Другиот проблем кај РЕК Битола е со депонирање на пепелта. Кога согорува јаглен, 10 проценти од согореното е пепел. Со оглед дека јагленот сега е помалку квалитетен, има и до 15 порценти пепел. Пет милиони тони сега горат во РЕК Битола, 15 проценти се 450 илјади тони, тоа е половина милион тони пепел годишно и таа се депонира на одлагалиште за пепел. Во технологијата на одлагање има прописи, тоа е скап процес. Треба да се покрива одлагалиштето, да се пошумува. Стафилов се сомнева дека тоа се прави како што треба. Вели, веројатно од финансиски причини.

Поради ова се случува од  време на време, ветер да ја разнесува прашината која има зголемена создржина на тешки метали и има малку поголема радиоактивност од почвата што е во тој регион на Битола.

Во РЕК Битола рудникот уште се користи, но јагленот е посиромашен, помалку е квалитетен, има помала топлотна вредност, а повисока созджина на пепел. Македонија има обврска да ги затвори термоелектраните на јаглен. Првичниот термин за тоа беше 2025 година, сега рокот е до 2035 година. Но, со оглед дека земјава нема други извор на енергија, хироцентралите се мал потенцијал, РЕК Битола и во ваква состојба е основниот извор.

Приоритет без конкретен буџет

Дел од компаниите и рудниците кои се обележани како „жешки точки“ имаат приватни сопственици и тие работат со А – интегрирана дозвола.  И едните и другите „жешки точки“ ги контролира Државниот инспекторат за животна средина.

„Правиме контроли, не е тоа многу често, во принцип еднаш годишно и почесто ако има некоја итна ситуација. Инспекторатот нема ингеренции да дава препораки, прави извештаи и ги доставува до Министерството за животна средина кое треба да интервенира во ситуација кога се забележани неправилности или се случува нешто на што треба итно да се интервенира“, објаснува Дарко Блинков, Генерален инспектор за животна средина во Државниот инспекторат за животна средина.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Само прашај“ велат дека „жешките точки“ ќе бидат високо меѓу приоритетите, но не објаснуваат колкав буџет е одвоен за овие проблематични и затруени региони. Но, најавуваат измени во Законот за животна средина според кои ќе постои можност за ажурирање на листата жешки точки направена во 2006 година.

„Во  измените на Законот за животна средина од 2022 година (Службен Весник на РСМ бр. 89/2022), не биле предвидени одредби за веќе идентификуваните  жешки точки во разни документи (како во Студијата од 2006 и Националниот план за управување со отпад во Република Северна Македонија 2021-2031 и  разни физибилити студии, за што биле потребни големи финансиски средства), без да ја поминуваат целата постапка за идентификација согласно членот 28-a. Министерството направи измени на законот за животна средина, со цел  одребата за веќе идентификуваните жечки точки да не важи. Постапката за усвојување на измените е во владина постапка, која беше стопирана поради изборите. Со измените ќе бидеме во можност да изготвуваме и планови за ремедиација. Со измените на законот за животна средина, ќе се ажурира и листата на приоритените жечки точки од 2006 година“, велат од Министерството за животна средина.

Она што сепак е воочливо во плановите на Министерството е буџетот, кој навистина е зголемен во однос на претходната година, но во приритетните ставки кои се набројани „жешките точки“ ги нема. Министерството одвоило само 35 милиони денари или 500 илјади евра за чистење на малата депонија во ОХИС, а токму Министерството објави дека недостасуваат дури седум милиони евра за овој зафат да биде завршен. Вкупниот буџет на Министерството за 2025 година изнесува 5.296.418 илјади денари нешто над 86 милиони евра.

dve decenii ziveeme vo kontaminirani podrachja rek bitola 2

Од Министерството за животна средина велат дека „жешките точки“ ќе бидат високо меѓу приоритетите, но не објаснуваат колкав буџет е одвоен за овие проблематични и затруени региони

Планираните активности ќе бидат насочени кон: реконструкција и изградба на водоводни мрежи, фекални канализации, набавка на мониторинг станици за мерење на квалитетот на воздух, уредување и чистење на речни корита, чистење и затварање на диви депонии, изградба на пречистителна станица за отпадни води за Град Скопје согласно договорот за заем со Европска инвестициона банка; финансирање на проекти за подобрување на водната инфраструктура на општините во република Северна Македонија; набавка на возила за собирање и транспорт на отпад и набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад – Проект за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Југоисточен, Вардарски, Пелагониски, Југозападен и Полошки регион, согласно договорот за заем од Европска банка за обнова и развој; капитални дотации до единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на животната средина, се вели во објаснувањето на клучните приоритети на Министерството во објаснувањето за тоа како следната година ќе се трошат парите од планираниот буџет. Жешките точки не се споменуваат.

Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава нотира дека чистењто на малата депонија напредува. Но, во комплетното поглавје 27 кое се однесува на напредокот на земјава во однс на легислативата како и конкретнитеч чеори за заштита на животната средина веќе втора година по ред се вели дека Македонија нема направено напредок.

„Индустриското загадување и управувањето со ризици е во рана фаза на усогласување, а законот за индустриските емисии допрва треба да биде усвоен. Во другите области не е забележан напредок. Не е направен напредок во областа на хемикалиите и заштитата од бучава во земјата извештајниот период“, се вели во Извештајот на ЕК.

Исполнувањето на еколошките критериуми, намалувањето на загадувањето, чистењето на реките, но и чистење и ремедијација на контаминираните региони кои ние ги имаме на неколку локации се дел од критериумите од поглавјето 27 кое меѓу другите треба да биде исполнето за влез на земјава во Европската унија. Долготрајно решение е отстранување и одлагање на овој отпад на депонија за опасен отпад каква што Македонија нема. Со оглед на потешкотиите во формирањето на регионалните комунални депонии, депонија за хемиски опад е речиси неизводливо решение, па останува да се бараат начини  хемискиот отпад да се носи во други земји. Од Министерството инсистираат дека мерки како времено покривање и оградување, нема да го решат проблемот со загадувањето.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинари: Катерина Ѓуровски, Мартин Пушевски

Снимател: Наке Батев

Фотографии: Дарко Андоновски, архива на Дома

Поврзани стории:

Македонија, Србија и БиХ на пат да станат рударски колонии

Мртва река тече низ Пелагонија

Домаќинствата, сообраќајот и индустријата се трите најголеми загадувачи на воздухот