Црниот рид засега ќе остане, но фабрика на смртта во Велес нема да има
- Македонско-срспката компанија „Кејп Монт Груп“ уште еднаш се обиде да ги убеди советниците во Велес дека ако повторно добие дозвола за чистење на ридот на смртта над градот, нема да ја повтори грешката од првиот пат.
- За четири години ниту еден отсто од црната троска, остаток од некогашната Топилница, не замина за Малезија, како што ветија од оваа компанија.
- Пред околу еден месец компанијата не доби „зелено светло“ од граѓаните кои учествуваа на јавната расправа, а сега и градоначалникот и советниците на седницата на Советот им упатија иста порака.
На последниот ден од јануари, сопствениците на компанијата „Кепс Монт Груп“дојдоа во Советот на Општина Велес во уште еден обид да ги убедат советниците и градоначалникот да добијат нова Б интегрирана дозвола за да можат да ја транспортираат оставштината од Топилницата, огромниот црн рид од олово, кадмиум, цинк, железен оксид и арсен, но сега со директно одвојување на метали и неметали на самото место.
Фирмата која во 2019 година без никаков проблем ја доби истата дозвола, со ветување дека за четири години, со по 10 камиони на ден ќе ја исчисти троската и ќе ја пренесе Малезија, сега се соочува со проблем – велешани едноставно не им веруваат, бидејќи од околу 2 милиони тони, изнесени се само 500. Дополнително на тоа, планот 1,8 милиони тони олово, кадмиум, цинк, железен оксид и арсен да се „обработи“ на самото место, им ги врати стравувањата од нова „фабрика на смртта“.
„Да напоменам, дека никаде во технолошката линија, секој кој ја читал можел да види дека нема топилница, дека нема ништо што се топи, дека никаде во технолошката линија не постои користење на киселини. Значи, ова е една класична сепарација“, рече Милан Шчекиќ, косопственик на „Кепс Монт Груп“.
„Ова ќе се топи, да ќе се топи во Јужна Кореја, еве јавно ви кажуваме сега, значи ние имаме потпишано со втората најголема компанија во свет „Кореја Цинк“ и имаме потпишано со втората најголема топилница во Албанија. Значи, ние започнуваме и веднаш стартуваме. Во Велес нема да остане ниту еден грам од оваа техногена-минерална суровина“, истакна Бранко Радевски, косопственик на компанијата.
ДОМА објави дека пред околу еден месец компанијата не доби „зелено светло“ од граѓаните кои учествуваа на јавната расправа. Откако објавивме и дека се нејасни потписите од институции за микрокомпанија со десетина вработени чија концесија истекува во февруари 2026 година, советници од градот се активираа со статуси дека не сакаат да им се случи втора топилница.
И на седницата имаше своевиден политички перформанс, кога советниците на СДСМ се појавија облечени во маички на кои пишува: „Топилница никогаш повеќе!“ Натписот особено збунува ако се знае фактот дека зад барањето на македонско-српската компанија која бара втора шанса од велешани стојат осум министерства кои ставиле потпис за да стасаат до Општина Велес: Министерство за економија, за животна средина, за финансии, за култура, за земјоделие и шумарство, за транспорт и врски, за внатрешни работи и Министерство за здравство.
На ова претходел првиот документ од 26.06.2023 година со кој Владата се согласува компанијата „Кепс Монт Груп“ да отвори постројка во Велес во која ќе дроби и меле, покрај претходните активности.
Сепак, и покрај присуството на лекари, претставници од Министерството за животна средина и еко активисти, тие не добија збор,бидејќи оној кој треба да ја потпише дозволата, градоначалникот Марко Колев, по куса елаборација го даде одговорот.
„Врз основа на сите мои анализи и јас како градоначалник под никакви околности нема да потпишам Б интегрирана дозвола“, рече Марко Колев, градоначалник на Велес.
По оваа изјава на Колев јасно е дека „Кепс Монт Груп“, најверојатно нема да добие нова шанса да ја обработи, па да ја транспортира троската. Но, останува нејасно како во изминатите 19 месеци, тие добиле дозвола од министерства, државни факултети, експерти и политичари, кога барањето воопшто не се однесува на работа на жешка точка, што всушност е и официјалниот статус на велешката згура. Тоа значи дека треба да се работи во посебни околности, како што е случајот со линданот во ОХИС, бидејќи во спротивно може да се предизвикаат дополнителни загадувања на животната средина.
Со оваа одлука на градоначалникот Колев единственото прашање што се затвора е што компанијата нема да добие дозвола, но не и деценискиот проблем со ридот на смртта. Со ова не се решава ниту проблемот што четири години градот нема локален еколошки инспектор. Тоа само зборува дека институциите, ниту по една деценија од затворањето на Топилницата, не ја сфатија сериозно обврската дека се должни да ја отстранат оваа закана по здравјето на многу генерации велешани.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.