fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
gusta e mapata na rizici od korupcija featured

Густа е мапата на ризици од корупција во животната средина

Загаден воздух, токсични реки, намален квалитет на почвата. Ова се само дел од проблемите во животната средина и алармантен показател за сè понехуманото живеење во земјава. За тоа има повеќе причини. Бизнис-секторот со своето дејствување и бројните случаи кога приватниот интерес се става во преден план и пред јавниот интерес, потоа граѓаните со своите културолошки навики кои многу придонесуваат, но и институциите коишто се чини дека се главната нишка. Тие имаат механизми да контролираат што се прави, да прават инспекциски надзори, да даваат и одземаат ингеренции и овластувања, но и да креираат политики и да дадат насока во која ќе се движат процесите во иднина.

Поради системски недоследности и недостиг од контрола, кај нас поединци профитираат од неадекватно искористување на природните ресурси на различни начини – преку нелегална сеча на дрвја, нелегално искористување на минералните суровини, несоодветна употреба на водните ресурси, бесправно градење…
Од друга страна, бројни меѓународни институции нотираат дека судскиот систем затајува и не е ефикасен во борбата со корупцијата, па ваквите дејствија како наведените често минуваат неказнето, пред сè поради блиски врски со политичките елити или пак поради испреплетен заеднички интерес.

Граѓаните се свесни за корупцијата

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата направи истражување во кое системски се мапираат ризиците од корупција во областа на животната средина. Целта е да се помогне во развивањето на идни ефикасни политики, но и да се креираат мерки за намалување на ваквите коруптивни дејствија. Преку анкета се прибираа ставови од граѓани и од еко-активисти околу прашањето колку е распространета корупцијата во секторот и кои се најчестите ризици, а прашалник беше испратен и до институциите коишто се надлежни во делот на животната средина.

Запрашани за тоа која област од понудените во прашалникот ја сметаат за најкорумпирана, граѓаните ја издвоиле областа урбанизам и просторно планирање со средна оценка од 7,81 (на скала од 1 до 10 каде што 10 е најмногу корумпирана). Веднаш потоа следува правосудството како втора најкорумпирана област со средна оцена од 7,59, а на трето место е областа заштита на животната средина со средна оцена од 7,18.

Граѓаните се свесни за лошите урбанистички решенија

„Ако се има предвид дека трите најчести форми на корупција со кои што се соочиле граѓаните се злоупотреба на службената должност, непотизмот и конфликтот на интереси, коишто се поврзани со работењето на институциите и политичката власт, очигледно е дека при дефинирањето на мерките и одредувањето на приоритетите, треба да се тргне со справување со „високата“ политичка корупција. Имено, најчесто политичката елита на власт донесува закони коишто овозможуваат материјална корист на поединци, што граѓаните потешко можат да го препознаат како форма на корупција. Се укажува на проблемот со често менување на законските решенија и постоењето на огромна дискрециона моќ при одлучување за доделување на концесии, дозволи и документи.“, се вели во истражувањето.

Стратегии коишто не се спроведуваат

Македонија има Национална стратегија за спречување на корупцијата подготвена од страна на ДКСК преку инклузивен процес и соработка со граѓанскиот сектор и усвоена од Собранието. Таму се идентификуваат поспецифични проблеми кои треба во иднина да се надминат, потенцира Драган Малиновски, адвокат и поранешен антикорупционер.

„Првиот е несоодветното, односно неспроведувањето на Законот за управување со отпад, особено во делот на воспоставување на регионални центри за управување со отпад. Тоа е сериозен проблем бидејќи јавните претпријатија коишто сега функционираат во рамките на општините се недоволни и со недоволен капацитет, немаат доволно ресурси и не можат соодветно да го менаџираат отпадот онака како што е предвидено во самиот Закон. Од друга страна, се поставува прашањето зошто не се формираат овие регионални центри. Очигледно е дека постои одреден отпор посебно од единиците на локалната самоуправа бидејќи овие јавни претпријатија многу често се користат и за задоволување на свои партиски цели, вработувања. Тоа на некој начин го загрозува целиот проект за интегрирано управување со отпад.“, вели Малиновски.

Државата нема капацитет да се справи со дивите депониии

Недозволиви практики

Според него, проблемот со корупцијата е системски. Тој е најизразен токму преку функционирањето на општините и испреплетените ингеренции кај лица коишто се и даватели на дозволи и инспектори. Во тој случај најлесно е да се препознае ризикот од корупција. Особено затоа што бизнис-секторот сè би направил за полесно и покомфорно да ги извршува своите дејности.

„Треба да се има предвид дека единиците на локална самоуправа односно општините недоволно вложуваат во кадровските ресурси коишто се однесуваат на животната средина. Па така, многу често се случува кумулација на функции во одредени лица односно едно исто лице да постапува и по издавањето на еколошки дозволи што подразбира и мониторирање или оценка на елаборати кои се доставуваат до општината и истовремено тоа лице понатаму постапува во делот на инспектирањето на капацитетите – што е недозволиво. Тука постои судир на интерес и тоа не може така да функционира.“, вели Малиновски.

Кој го чува чуварот?

Граѓанскиот активист и советник во Град Скопје од „Зелен Хуман Град“, Горјан Јовановски смета дека државата и политичките партии дозволуваат да има корупција во секторот животна средина.

Горјан Јовановски

„Кога ќе видите процес кој се турка зад затворени врати, без консултација со пошироката јавност или со експерти, бидете сигурни дека тој и те како има големи шанси да подлежи на коруптивни дејствувања. За пример ќе го земам мониторингот на амбиенталниот воздух. Досега ако активистите се сомневаа дека од некој индустриски објект се загадува воздухот, треба да го пријават тоа во инспекциите, тие инспекции да го најдат мејлот (ако воопшто) и да пратат инспекција на терен (ако воопшто). Таа инспекција, патем почесто најавена отколку ненајавена, треба да дојде со рачни инструменти и да измери дали навистина има загадување на воздухот, да не прими мито од индустрискиот објект, и ако констатира пречекорување, да поднесе постапка со помош на МВР против тој индустриски објект. Потоа МВР треба да собере докази, да ја води постапката, да се ескивираат можностите за мито, затајување на докази, промена на докази, и тек на крај суд да пресуди казна за сторителот“, вели Јовановски.

Некој не сака да се имплементираат едностави решенија за следење на загадувачите

Тој додава дека наместо овој дисфукционален процес, треба да стапи на сила закон што бара на секој индустриски објект да има автоматски мониторинг систем за аерозагадувањето, кој ќе го следи тоа 24/7, јавно, и на секое пречекорување автоматски ќе пишува казна до објектот кој тој систем го надгледува.

„Едноставно, нели? Но секако од тоа не може секој да земе мито, и затоа и не се става таков систем во пракса.““, вели Јовановски

Прашањата за квалитетот на животната средина станаа акутелни особено во последните неколку години. Од ден на ден, и натаму се зголемува интересот на еко-активистите и граѓаните за заштита на околината во којашто живееме. Екологистите одамна истакнуваат одредени сомнежи за коруптивни дејствија во овој сектор, а истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики само го потврдува општото мислење. За санирање на овие состојби најважно е да се има политичка волја.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Петар Догов
Снимател: Зоран Догов
Монтажа: Ристе Душковски


Проектот „Набљудување во ризични области од корупција: здравство и животна средина“ е реализиран од Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата, финансиран од Фондација Отворено општество – Македонија. „Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондација Отворено општество – Македонија“.

Сподели