Лажна битка за враќање на урбаното зеленило
Во Македонија попусто се носат закони и правилници бидејќи практиката покажува дека државата и локалната самоуправа се неспособни да ја спроведат регулативата. Таков е Законот за урбано зеленило којшто беше усвоен во јануари 2018 година, а кој што меѓудругото предвидува 20 отсто од секоја градежна парцела да се обезбеди за зеленило.
Новите градби на улицата Козара во Капиштец пример за непочитување на обврската за урбано зеленило во рамките на градежните парцели
Изминуваат четири години откако е донесен новиот закон, а состојбата на терен покажува дека при изградбата на станбените и на деловните објекти се зграбува и се бетонира секоја можна педа за да се добие квадрат плус и да се оствари поголем профит. За таа сметка трпат зелените површини коишто од ден на ден ги снемува од главниот град.
Инвеститорите користејќи ги законските дупки, не ја исполнуваат обврската за обезбедување зеленило во рамките на градежните парцели. Имено, во Законот за градење по којшто се водат градежниците никаде не се спомнува терминот урбано зеленило. Уште еден проблем е што Законот за урбано зеленило остава можност за манипулации со таканаречените зелени кровови и тераси.
„На градежните парцели со веќе изградени објекти, каде што не постојат просторни можности за обезбедување на процентот за зелена површина, се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади. Исто така во Правилникот за урбанистичко планирање („Службен Весник на Република Северна Македонија“ бр.225/2020, бр.219/2021) уредена е глава 11 Зелени инфраструктури каде што се уредени целите и принципите на планирањето зелена инфраструктура, општи стандарди, видот и категоризацијата на зелената инфраструктура, процентот на озеленетост, паркови и зелени површини на градби, димензионирање на дрвореди и зеленило во уличен профил и заштитно зеленило.“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Сепак, доволно е човек да прошета по улица Козара во Капиштец, во Аеродром, Карпош, Дебар Маало и другите населби во Скопје за да се увери дека не се почитува ниту оваа обврска.
Аеродром порано беше пример за правилно урбанистичко планирање со соодветно застапено зеленило. Денес зелените површини ги јадат станбени блокови
Зелените кровови и тераси се фарса
Според дел од експертите со долгогодишно искуство во професијата навредувачка за жителите на Скопје е практиката да не се обезбедува простор за зеленило во градежните парцели и да се бара алтернатива во решение како кровно зеленило. Професор д-р. Стефанка Хаџи Пецова, пејзажен архитект вели дека зелените кровови и тераси не можат да бидат замена за урбаното зеленило во околината на станбените објекти.
Од Комората на архитекти и овластени инженери велат дека проблемите произлегуваат од нецелосно спроведување на самите планови, визиите на урбанистите и на општините, но и од недоречености во некои од споменатите правни акти што овозможува нивно различно толкување.
„Во овој момент, колку и да се силни заложбите на професионалните организации да наметнат целосно спроведување и почитување на легислативата врз локалните власти и инвеститорите, не постои доволно силен правен механизам и правна поткрепа за тоа. Покрај тоа, процесот на проектирање и градење опфаќа голем број на институции, компании и луѓе со различни професии и интереси и сето тоа дополнително го усложнува процесот на контрола. Од тука, моралните и етичките принципи на секоја индивидуа вклучена во процесот и спроведување на законите треба да бидат дополнителен контролен механизам за спречување на злоупотреба на таканаречените „дупки во законите“ поврзани со урбано зеленило.“, велат од Комората.
Особено во центарот на градот има објекти коишто веќе постојат, а за кои некој некогаш не водел сметка ниту за околното зеленило, а нема ниту обезбедено паркинг места. Тоа се поправа со промена на деталните урбанистички планови, но ефектите не се веднаш видливи, сметаат од Градежната комора при Сојузот на стопански комори.
Оттаму велат дека „дупки во законите“ има и вината ја лоцираат во луѓето кои еднократно влегуваат во градежниот бизнис.
За општините се е по закон
Општина Центар, Општина Карпош и Општина Аеродром важат за општини каде што градежната експанзија е најизразена. При изведбата на градежните објекти на хартија сè е законски, но на терен лесно може да се забележи дека новите градби буквално излегуваат на улица и дека нема никаков простор за урбано зеленило.
Општина Центар
„Општина Центар издава одобрение за градба врз основа на актуелен (важечки) Детален урбанистички план и законска регулатива која се однесува на таа проблематика: Закон за градење (и сите подзаконски акти поврзани со овој закон) и Закон за општа и управна постапка (постапките за добивање одобрение за градење се управни постапки). Во однос на постапката за добивање на одобрение за градење тие мораат да ја почитуваат законската обврска, во спротивно нема да биде одговорено позитивно на нивното барање за издавање одобрение за градење.“
Општина Карпош
„Согласно новата законска регулатива, инвеститорот е должен во рамки на градежната парцела да обезбеди 20 % зеленило. Во општина Карпош, спроведувањето на ова законско решение го контролираат комунални инспектори од Градот Скопје, затоа што општината нема свој комунален инспектор. Во процес сме на обука на комунален инспектор, кој на дневно ниво ќе може да работи на оваа проблематика. Се користат параметри исклучиво кои се пропишани во законската регулатива. Секако, општината има предвид и за јавното мислење и ставови, имајќи предвид дека урбанизацијата е една од главните теми овие години. Токму од таа причина, согласно новиот закон, општина Карпош формираше и Партиципативно тело во областа на урбанизмот. Тука учествуваат службеници од Секторот за урбанизам, претставници од Комисијата за урбанизам, како и претставници на граѓани од урбаните заедници и граѓански организации.“
Општина Аеродром
„Општина Аеродром издава одобрение согласно со Законот за градење и позитивната законска и подзаконска регулатива. Доколку не се испочитуваат сите услови од Законот и параметрите кои се во ДУП-от и се заобиколува обврската за урбано зеленило, Општина Аеродром не издава одобрение за градење, односно го одбива барателот.“Од Министерството за транспорт и врски велат дека обврската за зеленило уредена во законите и подзаконските акти, ја контролираат преку издавањето на согласност на урбанистичките планови во кои мора да биде испочитувана. По донесување на таков урбанистичкиот план со вградени одредби за зеленило, надлежност на општината е да го спроведува планот така како што е донесен.
Во Дебар Маало веќе нема место за зелени површини
Во сите овие општини во изминатиов период се организирале помали или поголеми протести против уништувањето на зелените површини за сметка на огромни станебно-деловни објекти и ништо не навестува дека ќе престане тоа да се случува во догледна иднина. Токму затоа јасно е дека проблемот е системски, а решенијата се кријат во одлуките на институциите.
Едно од главните ветувања на речиси сите локални избори, па и на годинешните, е дека ќе се стави крај на урбанистичкото дивеење. Практиката покажува дека политичарите не останаа доследни на дадените ветувања и дека носењето нова законска регулатива е недоволно доколку не се направат функционални механизми за нејзино спроведување.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Петар Догов
Снимател: Зоран Догов
Фотограф: Дарко Андоновски