fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo featured

Бислимска клисура: Заборавено, па откриено природно богатство

Бислимската Клисура, низ која реката Пчиња го всекла своето корито, претставува дел од една поширока природна целина наречена карстна област Бислимска Клисура, во чиј склоп влегуваат и ридовите Краста и Голиќ. Целата област, која се протега на површина од околу 32,7 квадратни километри, претставува еден вид карстна оаза во јужниот дел на Кумановската Котлина, која според својата геоморфологија и геолошки состав се издвојува од околниот амбиент.

Гледано од геолошка, биолошка и археоантрополошка гледна точка, Бислимската клисура претставува исклучително значајно подрачје. Иако се простира на релативно мала површина, во неа може да се сретне богатство на надземни и подземни карстни форми, разновиден жив свет, но и остатоци од антропогено влијание, кои според досегашните проучувања датираат уште од IV век.

И покрај тоа, ова подрачје долги години било речиси непознато и недостапно за пошироката јавност, а клисурата се сметала за „мистична“ и била многу малку посетена. Во последните десетина години, пред сè како последица на ентузијазмот и посветеноста на професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно – математичкиот факултет на УКИМ, направени се обиди за популаризација на клисурата во насока на развој на рекреативен, излетнички и алтернативен туризам, а за таа цел во клисурата е поставена соодветна инфраструктура која е во согласност со принципите на ненарушување на општиот природен амбиент. Дополнително, постои иницијатива, ова подрачје, поради своите природни вредности, да добие соодветен степен на заштита. За жал, и покрај евидентно вложениот труд на терен, се чини дека отсуствува континуитет во грижата за овој навистина убав предел, а досега направеното е оставено на милост и немилост на времето, и на исчекување на некоја нова иницијатива или проект за ревитализација.

01/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 01Бислимската Клисура е лоцирана во јужниот дел од Кумановската Котлина, на само неколку километри од градот Куманово. Нејзиниот почеток е непосредно по вливот на Кумановска река во реката Пчиња, а крајот ѝ е кај селото Пчиња. Долга е околу 6,5 километри, мерено по течението на реката, а во воздушен правец оклу 5 километри. Во потесна смисла зафаќа површина од 17,5 квадратни километри, а како природна карстна целина заедно со ридовите Краста и Голиќ, 32,7 квадратни километри. Хипсометриски, клисурата се протега во дијапазон на надморска височина помеѓу 264 метри, мерено на коритото на реката кај село Пчиња и 722 метри на највисокиот врв Кукуљатица на ридот Голиќ.

02/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 02Називот на клисурата најверојатно потекнува од името на раселеното средновековно село Бислим, кое се простирало на десната страна на реката Пчиња, во средишниот дел од клисурата. Податоци за селото се среќаваат во разни пишувани документи, меѓу кои и во книгата на Ѓорче Петров „Материали по изучаванието на Македония“, издадена во Софија во 1896 година. Се смета дека селото е раселено некаде на почетокот на XX век.

03/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 03Геолошки, областа Бислимска Клисура е изградена од јурски варовници  стари околу 160 милиони години кои лежат врз уште постари карпи со палеозојско потекло. Варовниците се испресечени со длабоки раседи, кои се забележуваат во релјефот во вид на големи карпести отсеци. Во неоген, на просторот на Кумановска Котлина егзистирало езеро кое се протегало до денешната Демиркаписка Клисура, опфаќајќи го и просторот на Бислимска Клисура. Со повлекувањето на езерото во текот на раниот плеистоцен, пред околу 1-2 милиони години, реката Пчиња се всекувала во наталожените езерски седименти, еродирајќи ги и однесувајќи ги низводно, за пред околу 800 илјади години да започне да се всекува и во варовничките карпи на Краста и Голиќ со што започнува процесот на формирање на клисурата.

04/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 04Денес клисурата е длабоко всечена во карбонатните карпи, а нејзините страни на некои места се речиси вертикални што на клисурата ѝ дава карактеристики на кањон. Висината на одделни страни достигнува 250 метри, но општо земено, клисурските страни се длабоки околу 200 метри при што наклонот им е поголем од десната страна на течението. Поради раседите и промената на типот на карпите, Пчиња доста го менува правецот низ клисурата во вид на нагли свиоци – меандри.

05/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 05Во текот на геолошката еволуција, по откривањето на компактните варовнички карпи и нивното изложување на атмосферски влијанија, започнал процесот на создавање на бројни површински и подземни карстни форми кои денес го детерминираат амбиенталниот диверзитет на клисурата. Меѓу нив особено се атрактивни подземните карстни форми – пештерите и пропастите. Од досега откриените триесетина пештери, 9 се подолги од 10 метри, од кои 4 се наоѓаат на левата, а 5 на десната долинска страна на реката.

06/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 06Пештерите се кратки, со просечна должина од 26 метри, имаат тесни канали кои доста го менуваат правецот, при што често одделни канали се поврзани со споредни хоризонтални или вертикални врски, а некои од нив завршуваат со мала кружна сала. Најдолга е Студен Пештер со должина на каналите од 56 метри. Освен во извесна мерка Лишков Пештер, останатите се без хидрографска функција, а следствено на тоа, се сиромашни со пештерски украси. Карактеристично е што во некои пештери (како што се Градишачки и Лишков Пештер) се присутни траги од некогашно присуство на човекот во нив.

07/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 07Во Бислимска Клисура, констатирани се и неколку пропасти од кои се испитани само два: Големата и Малата Градишка Пропаст. Меѓу подземните карстни форми особено се интересни два специфични спелеолошки објекти кои содржат комбинација на пештерски елементи и пропасти, бидејќи освен доминантните вертикални канали, кај нив се присутни и подолги хоризонтални компоненти. Тоа се Маркова Куќа, чија вкупна должина е преку 100 метри и длабочина од околу 31 метар, и објектот Орловачка Пропаст, со должина од 24, односно длабочина од 15 метри.

08/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 08Не помалку значајна карактеристика на Бислимската Клисура е нејзиниот изразен биодиверзитет, со богатство на флорни и фаунистички видови, меѓу кои и некои ендемични и реликтни. Според податоците наведени на официјалната страница на Проектот за уредување, промоција и заштита на Бислимската Клисура, на просторот на клисурата егзистираат преку 1.100 растителни видови на виши растенија, сместени во повеќе од 90 фамилии и преку 400 рода, меѓу кои се наведени најмалку 16 видови кои се реликтни.

09/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 09Фауната во Бислимска Клисура досега не е доволно проучена, но на овој простор е забележан голем број од видовите ‘рбетници кои се регистрирани на територијата на Македонија. Од цицачите, покрај стандардниот дивеч карактеристичен за слични ридски предели, во некои од пештерите егзистираат и големи колонии на лилјаци кои допрва треба да се проучуваат за да се утврди на кои видови им припаѓаат. Рибниот фонд на Пчиња е во голема мерка деградиран поради лошиот квалитет на водата, а во подрачјето се присутни и голем број видови птици и претставници на херпетофауната.

10/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 10Во поширокиот реон на Бислимска Клисура постојат повеќе културно-историски споменици и археолошки наоѓалишта, додека во самата клисура, на локалитетот „Градиште“ откриени се остатоци од доцноантички и рановизантиски кастел – фортификација која имала три градежни фази од различни периоди и егзистирала од IV-VI век. Оваа тврдина се состоела од акропол или горен дел на локалитетот и долен град или подградие. Покрај делумно зачуваните бедеми, пронајдени се и основи на објекти, црква, две кули и други остатоци кои и денес се видливи на терен.

11/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 11Во состав на локалитетот особено значајна е ранохристијанската црквата која датира од V век, во која во 2023 година е пронајден фрагмент од фреска на кој е насликана рака од светец. Според археолозите ова открива нова димензија на ранохристијанскиот период во Македонија, бидејќи фигуралните, односно човечките претстави во ранохристијанското сликарство се исклучително ретки, а во Македонија најсочувани такви претстави има во Стоби, град кој бил еден од најголемите епископски центри во римска Македонија. Откривањето на вакви фрагменти во клисурата на Пчиња било огромно изненадување за научната јавност.

12/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 12Во последниве десетина години, во рамки на проекти поддржани од домашни и странски институции, направени се напори за афирмација на Бислимската Клисура, во правец на нејзино искористување како дестинација за рекреативен, излетнички и алтернативен туризам. За таа цел се изготвени студии за потенцијалите на клисурата, а на терен е поставена соодветна инфраструктура која покрај информативен карактер, има и функција да овозможи попријатен и побезбеден престој и движење низ клисурата.

13/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 13Како последица на овие активности во последните години е зголемен бројот на домашни и странски посетители кои во клисурата практикуваат различни видови активности, како од излетничко – рекреативен карактер, така и алтернативен туризам и екстремни спортови. Во клисурата постои прилагодена инфраструктура која овозможува услови за лесни прошетки, излети, трекинг тури, планински велосипедизам, спортско качување, кајакарење, спелеолошки туризам итн.

14/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 14Она што е охрабрувачки е тоа што е евидентно завидното ниво на култура на посетителите што како последица ја има чистата и зачувана околина и речиси и да не може да се најдат фрлени отпадоци долж клисурата, како ни траги од насилно оштетување на поставената опрема

15/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 15За жал, и во Бислимска Клисура може да се забележи нешто што е карактеристично за многу вакви слични проекти, а тоа е дека еднаш поставената инфраструктура, по завршување на проектот  (и заокружувањето на финансиската конструкција) е оставена на милост и немилост на времето и атмосферските влијанија и иако нејзиното одржување не бара големи средства, кај надлежните институции како да нема слух и одговорност кон она што е веќе направено.

16/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 16Како резултат на неодговорниот однос на заедницата е и парадоксалниот факт што токму реката Пчиња е најтемната страна во целокупниот амбиент на Бислимската Клисура. Неодговорното испуштање секаков вид отпад и фекалии во реката Кумановка, која во Пчиња се влева пред самиот влез во клисурата, како и неспособноста да се изгради функционална прочистителна станица или колекторски систем, придонесува квалитетот на водата во Пчиња да е во најлошата IV категорија или пак вон категорија, што катастрофално влијае врз живиот свет, а пред сè врз рибниот фонд на реката. На ова се надоврзуваат и некои други депонии возводно од клисурата од кои преку системот на подземни води штетните материи завршуваат во реката.

17/17

bislimska klisura zaboraveno pa otkrieno prirodno bogatstvo 17Бислимска Клисура несомнено претставува ретка природна оаза која заслужува ангажман на надлежните институции во правец на зачувување на нејзиниот амбиент и природни карактеристики. Во тој правец постои иницијатива за валоризација на нејзините вредности и нејзино прогласување за Споменик на природата. Но, во меѓувреме, тоа што може да се направи е да се сочува она што го има на терен, да се одржува она што е веќе направено и да се има повеќе почит кон оние што вложиле труд и средства за оваа мала клисура да добие поубав лик и поголема достапност за посетители.

Користена литература:

Природни потенцијали на Бислимска Клисура (кај Куманово) во функција на туристичкиот развој – Др. Ивица Милевски
Подземни карстни форми во Бислимска Клисура – Томе Андоновски, Ивица Милевски
Заштита од загадување на карстот во Кумановска Котлина – Томе Андоновски и Ивица Милевски
Карстна оаза Бислимска клисура – геоморфолошки одлики – Ивица Милевски
Риболовна основа за риболовна вода „Слив на Река Пчиња“ за период 2017 – 2022
Доцноантичка тврдина кај „Градиште“ – Бислимска Клисура Извештај од ископувањата во 2020 г – Дејан Ѓорѓиевски

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Текст и фото: Дарко Андоновски

Сподели