fbpx


За Дома
Дома е едукативна еколошка онлајн платформа на Институтот за комуникациски студии.
За ИКС
IKS
Мисијата на ИКС е да помогнеме во зајакнувањето на македонската демократија во работата со медиумите, граѓанското општество и јавните институции, едуцирајќи критична јавност која ќе бара поголема транспарентност и отчетност преку вклучување на граѓаните во креирањето јавни политики.
+389 2 3090 004
Поврзани страници
Samo Prasaj logo

ResPublica logo
dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija featured

Дојранско езеро – споменик на природата без научна валоризација

Дојранско Езеро е најмалото од трите тектонски езера во Македонија. При нормален водостој има површина од 43 квадратни километри, просечна длабочина од околу 6,7 метри и најголема длабочина од 10 метри. Со вода, покрај од атмосферските врнежи, природно се храни од неколку помали реки и од мал број сублакустрични извори, односно извори кои се наоѓаат под површината на езерото.

Во 2003 година пуштен е во функција вештачки хидросистем преку кој езерото допонително се снабдува со вода од изворите во околина на селото Ѓавато, а од грчка страна, преку системот Ѓол Ај, вишокот вода истекува во Егејското море. Од аспект на геолошката еволуција на Земјата, тоа претставува остаток од некогашното Пеонско езеро.

Поради високата концентрација на хранливи материи од органско потекло во водата, спаѓа во редот на еутрофни езера, што негативно се одразува врз езерскиот екосистем. Подложно е и на големи осцилации на нивото на водата што низ историјата предизвикало негативни последици и осиромашување на биолошката разновидност. Според македонската позитивна законска регулатива, Дојранското Езеро е заштитено подрачје во категоријата Споменик на природата.

Во меѓународни рамки, езерото претставува важно подрачје за растенија и птици, а во 2008 година е прогласено за Рамсарско подрачје. Дел e од Балканскиот зелен појас, но и од проектот CORINE за класификација на живеалиштата на европскиот континент кои се од големо значење за зачувување на природата. Карактеристично е според традиционалниот начин на риболов со помош на птици и огради од трска – мандри.

01/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 01Дојранското Езеро со својата површина од 43 квадратни километри е трето по големина природно езеро во Македонија. Лежи на надморска височина од 148 метри во најнискиот дел од топографската депресија која е ограничена со планината Беласица од север, планината Круша од исток и планината Мачек од запад. Воедно, Дојранското е  и најниското природно езеро во Македонија. Околу 64% од езерото е на македонска, а 36% на грчка територија.

02/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 02Поради природните убавини, хидролошките, хидробиолошките, геоморфолошките, пределските и други научни вредности, а особено вредностите на живиот свет во езерото, со одлука на Собранието на Република Македонија од 12 април 2011 година е донесен закон со кој Дојранското Езеро и неговото крајбрежје, се прогласени за споменик на природата. Според законот, надлежен орган за управување со ова заштитено подрачје е Општина Дојран.

03/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 03Создавањето на Дојранското Езеро се одвивало во време на преминот помеѓу геолошките периоди Неоген и Квартер, во периодот на епохите Плиоцен (пред 5,333 мил. години – 2,58 мил. години) и Плеистоцен (пред 2,58 мил – 11.700 години). На почетокот тоа било дел од големото Егејско Езеро од кое понатака се формирало Пеонското Езеро. Во тој период, Езерото зафаќало површина од 130 квадратни километри и имало длабочина од преку 110 м.

04/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 04Дојранското Езеро низ својата еволуција бележи континуирано опаѓање на максималното ниво на водата. Ова опаѓање е многу бавно (неколку метри за период од неколку милиони години) и се смета за природно стареење на езерото. Но, со прокопувањето на одводниот канал Ѓол Ај од грчка страна во 1808 година, овој процес е драстично забрзан, а нивото на водата во изминатите сто години беше подложно на големи осцилации.

05/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 05Во период од 1951 до 1994/95 нивото на водата во езерото осцилираше меѓу котите 148.04 и 142.01 м.н.в., што претставува висинска разлика од 6.03 метри. Овие флуктуации предизвикаа варирање на волуменот на водата за 226.4 милиони кубни метри вода што претставува дури 74 % од вкупниот волумен на езерската вода при максимално ниво на езерото.

06/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 06Во периодот помеѓу 1984 и 2003 година поради неконтролираното испуштање на водата, преголемото испарување, како и долготрајна суша, езерото бележи континуиран пад на нивото со просечна годишна загуба од 5,73 милиони кубни метри вода. Поради тоа, Дојранското Езеро во овој период се соочуваше со еколошка катастрофа од големи размери.

07/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 07Со проектот „Спас за Дојранското Езеро“ на Владата на Република Македонија , во 2003 година е пуштен во употреба хидросистем преку кој езерото се снабдува со дополнителни количини вода од алувијалниот издан во Ѓавачко поле, во околуната на Богданци. Со искористеност од 90% од својот капацитет системот доведува околу 28 милиони метри кубни вода годишно во Дојранското Езеро, што покрај некои други позитивни аспекти, придонесе за враќање на нивото на езерото во оптимални граници.

08/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 08Поради присуство на големи количества хранливи материи со биогено потекло меѓу кои доминираат фосфорни и азотни соединенија, Дојранското Езеро е изразито еутрофно со тенденција за хипертрофизација. Езерото се карактеризира со хиперпродукција на фитопланктон и алги чии количества повеќекратно ги надминуваат потребите на организмите кои со нив се хранат, а од друга страна водата е дефицитарна со кислород, што негативно се одразува врз условите за развој на живиот свет.

09/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 09Риболовот е значајна стопанска гранка за населението кое живее во околината на Дојранското Езеро, а карактеристичен е традиционалниот начин на ловење риби со помош на водни птици и огради изработени од трска наречени мандри (насеки, фунти) во кои рибите бегаат од птиците- нуркачи. На овој начин, годишно во една мандра може да се уловат помеѓу 20 и 30 тони риба. Еден од значајните проблеми е доминантноста на популацијата на инвазивниот вид сребрен карас и намалување на густината на популациите на благородните видови риби.

10/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 10Рибниот фонд на Дојранското Езеро брои 14 видови, од кои само еден е ендемичен, додека пак два вида се интродуцирани. Во минатото бројот на видови риба кои можеле да се сретнат во езерото изнесувал 21 вид од 7 фамилии. Но, некои видови како што се црна мрена, кркушка, клен, или златна штипалка многу ретко или воопшто не се сретнуваат, додека пак примерок од рибата камењар не е уловен повеќе од 40 години.

11/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 11Дојранското Езеро и околината е значајно место за растенија и птици. Од претставниците на орнитофауната значајно е присуството на видовите Кадрав пеликан (Pelecanus crispus), Мал корморан (Phalacrocorax pygmeus), Белоглава патка (Oxyura leucocephala), Голем корморан (Phalacrocorax carbo), Модронога сабјарка (Recurvirostra avosetta), Мал лебед (Cygnus columbianus), Блатна еја (Circus aeruginosus), Обичен пеликан (Pelecanus onocrotalus), Црвена чапја (Ardea purpurea), Нубиско свраче (Lanius nubicus).

12/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 12Популацијата на птици е особено голема во текот на зимските месеци кога птиците од посеверните краеви тука наоѓаат поволни климатски услови за презимување. Бројот на птици во зимските месеци редовно се мониторира од страна на Македонското еколошко друштво, при што може да се констатира дека во зими со многу ниски температури кога водата во езерото замрзнува нивниот број е значително помал.

13/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 13Долгогодишната криза со водостојот, брзата урбанизацијата, немањето функционален колекторски систем за прочистување на отпадните води, употребата на вештачки ѓубрива и пестициди на околните земјоделски површини, како и неодговорниот однос на луѓето кон природата придонеле за влошување на условите за развој на живиот свет во и околу Дојранското Езеро, што низ годините придонело за исчезнување на неколку значајни животински видови меѓу кои и локални ендемити, но и за намалување на популациите на риби и птици.

14/14

dojransko ezero spomenik na prirodata bez naucna valorizacija 14Иако Дојранското езеро е едно од најзначајните заштитени подрачја во нашата земја и по 12 години од неговото прогласување за Споменик на природата не е направена научна валоризација на неговата актуелна состојба па сите проценки се базираат врз податоци од спорадични истражувања од минатото. Дополнително, Општина Дојран нема формирано посебно тело кое ќе управува со ова наше природно богатство, а нема ни посебен сектор за заштита на природата туку оваа проблематика е третирана во склоп на Одделението за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина. Прочистителната станица е стара и работи со само еден од двата блока. Дополнително жителите се жалат дека поради заштедите на струја и овој блок повремено се исклучува. Ако на сето ова се додаде и забрзаната урбанизација и недоволната покриеност со канализациона мрежа… Сето ова влијае за поголемо загадување на Езерото. Надеж даваат најновите информации за изградба на сосема нова прочистителна станца за која се обезбедени финансиски средства.

Користени извори:

Национална стратегија за биолошка разновидност со акциски план за периодот 2018 – 2023 година, МЖСПП
Риболовна основа за риболовна вода „Дојранско Езеро“ за период 2017 – 2022 година, МЗШВ
Риболовна основа за риболовна вода „Дојранско Езеро“ за период 2011 – 2016 година, МЗШВ
Нацрт риболовна основа за Дојранското Езеро, ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид
Статистички годишник на Република Северна Македонија, 2020, Државен завод за статистика
Билтен на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Број 1271, УКИМ
Осврт на проектот „Спас на Дојранското Езеро“, Маргарита Матлиевска
„Information Sheet on DOJRAN LAKE  (RIS)“ – 2006-2008 version, Бранко Мицевски
Службен весник на Република Македонија бр. 51 од 2011 година
„Стратегиско предвидување и планирање за Дојранското Езеро“, Д-р Рената Петревска Нечкоска

Фотографија и текст: Дарко Андоновски