Конопишки цуцки – фасцинантна природна реткост
Речиси на крајниот југ на Македонија, во пазувите на планината Кожуф, повеќе десетици камени скулптури немо сведочат за повеќемилениумски процес низ кој природата создала фасцинантни геолошки форми. Поединечно или во група, овие форми се среќаваат на повеќе локалитети на еден поширок простор во околината на селото Конопиште. Бидејќи претставуваат природна реткост, со одлука на Советот општина Кавадарци, во 1986 година се прогласени за споменик на природата. За жал, како и во многу други случаи, и ова подрачје е заштитено само на хартија, а во пракса не функционира. До сега не е направена негова ревалоризација според новиот Закон за заштита на природата, ниту пак постои институција која се грижи за зачувување на ова наше природно наследство. Единствената заштита всушност претставува тоа што ова подрачје е во голема мерка изолирано и нема голема фрекфенција на посетители, но само затоа што е лоцирано далеку од поголемите градски населби и од поважните патни правци.
01/12
Споменикот на природата „Конопиште“ опфаќа еден поширок предел околу истоименото село кое се наоѓа 22 километри јужно од Кавадарци. Статусот на заштитено подрачје го добил во 1986 година, поради присуството на ретки релјефни форми во облик на земјани или камени столбови и пирамиди, концентрирани во долината на горниот тек на реката Бошавица, на северните падини на планината Кожуф.
02/12
Поради специфичноста на условите во кои се создаваат, овие форми се прилично ретка појава во светот, особено кога станува збор за локации на кои се среќаваат групи од по неколку десетици столбови. Во светот постојат само неколку значајни локалитети од ваков тип, а во Македонија такви се Куклите кај Куклица, Кукуљето кај Делчево и „цуцките“ кај Конопиште. За жал, и покрај својата исклучителна важност, заштитениот статус на подрачјето на кое се наоѓаат цуцките кај Конопиште не е ревалоризиран, а дополнително, ниту една институција не фигурира како официјален управувач со овој споменик на природата.
03/12
За да се создадат овие природни скулптури, од суштинско значење е постоење на повеќе предуслови како што се: поволна карпеста и почвена подлога, терен со соодветен релјеф и експозиција, погодни климатско-вегетациски и хидрографски карактеристики и слично, а понекогаш и одредени антропогени влијанија во правец на создавање услови за одвивање на ерозивни процеси.
04/12
Овие пирамиди и столбови се формирале под дејство на водномеханичка ерозија која се одвивала во тек на голем временски период, мерен во стотици, па и илјадници години. Заедничка карактеристика на сите овие фигури е тоа што на нивниот врв има голем андезитски камен блок во вид на капа, кој има функција на чадор кој го штити долниот дел од влијанието на дождовите. Со текот на времето се создале форми со различна големина, од многу мали, па до оние со околу петнаесетина метри.
05/12
На околу еден километар јужно од селото Конопиште, на десната страна на реката Бошавица е лоцирана месноста Кањата или Цуцки на која се среќава група од дваесетина камени столбови кои според својот изглед и карактеристики се слични на куклите во Куклица.
06/12
Поголема група од околу триесетина столбови постои на левата страна од долината на реката Жарница, над месноста Лукар, на околу 6,3 километри јужно од Конопиште.
07/12
Овие столбови се оформиле во карпи, настанати со вулканска активност која се одвивала пред околу два милиони години, а кои според својот состав спаѓаат во групите на андезити, андезитски туфови и бречи. Самите форми пак, се создадени многу подоцна и се со старост од неколку илјади па до најмногу дваесет до педесет илјади години.
08/12
Не сите форми ја задржале својата карактеристична печуркеста форма. Кај некои, со тек на времето, камениот блок се урнал или распаднал, по што се забрзала ерозијата на долниот дел од столбот.
09/12
Процесот на создавање на камени столбови трае континуирано, така што на места со сличен геолошки состав, со парчиња од цврсти карпи и со услови за ерозија постепено се изградуваат нови слични форми.
10/12
Камените столбови настанале со дејство на ерозија на почвата составена од распуштен, но цврст материјал, во која има присуство на големи камења. Андезитскиот карпест блок на нејзиниот врв, поради цврстината ги штити туфовите под неа од еродирање и всушност овозможува формирање на столбот на тој начин што со својата големина ги заштитуваа подлабоките и помеките слоеви на земјата од ударот на капките дожд и миењето со вода. На тој начин, поради дожд и ерозија, почвата пропаѓа, освен под карпите, кои со својата тежина го спречуваат нејзиното натамошно пролевање.
11/12
За разлика од Куклите во Куклица и Кукуљето во Делчево, цуцките во Конопиште не се многу посетени. Основна причина за ова несомнено е нивната оддалеченост од поголемите населби и од поважните патни правци. За да се стигне до Конопиште, треба да се измине пат долг речиси четириесет километри колку што има од Кавадарци. Дополнително, за вредностите на овој споменик на природата не постојат промотивни материјали ниту пак на самите локации постои уредена пристапна инфраструктура.
12/12
Овој дел од Бошавијата е познат и како „Долина на плодноста“ поради распространетото верување дека камените столбови помагаат на двојки кои имаат проблеми, па така, тие се и најчести посетители. Според кажувањата на локалните жители, тука доаѓаат луѓе од цела Македонија, но и од соседните земји кои, практикувајќи рани ритуали, го бараат лекот за неплодност.
Фотографија и текст: Дарко Андоновски